Ана Болејн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ана Болејн
Anneboleyn2.jpg
Ана Болејн насликана околу 1534 г.
Кралска придружничка на Англија
На престол 28 мај 153317 мај 1536
Крунисување 1 јуни 1533
Сопружник Хенри VIII
Деца
Елизабета I
Династија Тјудори
Татко Томас Болејн
Мајка Елизабета Болејн
Потпис
Вероисповед англиканство; порано католицизам [1]

Ана Болејн (1501 или 150719 мај 1536) — кралица на Англија од 1533 до 1536 година како втора сопруга на кралот Хенри VIII, како и Маркиза од Пембрук.[2] Поради нејзиниот брак со Хенри и подоцна нејзиното погубување, таа станува една од клучните фигури во политичките и религиските промени кои довеле до англиската реформација. Како ќерка на Томас Болејн и Елизабета Ховард, Ана имала повисок статус од Катерина Прат, подоцнежната сопруга на Хенри VIII, но понизок од претходната — Катерина Арагонска. Била школувана во Европа како придружничка на кралицата Клаудија. Во 1522 г. Ана се вратила во Англија.

Во 1525 г., Хенри VIII се заинтересирал за Ана и се обидувал да ја заведе, но таа постојано го одбивала, не сакајќи да биде негова љубовница како сестра ѝ, Марија Болејн. Поради тоа, тој сакал да го поништи неговиот брак со Катерина Арагонска, за да може да се ожени со Ана. Кога станало јасно дека папата Климент VII нема да го поништи тој брак, започнал распадот на римокатоличка црква во Англија.

Кардиналот на Јорк, Томас Волсеј, бил отсранет од својата должност, наводно поради инсистирањата на Ана Болејн, за подоцна Томас Кранмер, капланот на семејствотто Болејн, да стане Кантербериски архиепископ. Хенри и Ана се венчале на 25 јануари 1533. Кранмер го поништил бракот на Хенри и Катерина, a 5 дена подоцна бракот меѓу Хенри и Ана го прогласил за важечки. По ова, папата ги казнил Хенри и Кранмер со исклучување (екскомуникација) од црквата. Поради исклучувањето и бракот, црквата на Англија се разделила од Рим, а контролата ја презел кралот.

На 1 јуни 1533 година Ана била прогласена за кралица на Англија. На 7 септември ја родила идната кралица, Елизабета I. Хенри ја обожувал Елизабет, но копнеел по син, надевајќи се дека следното дете ќе биде момче. Меѓутоа Ана доживеала три абортуса, по што Хенри изгубил интерес, а околу март 1536 година Хенри започнал да ѝ се додворува на Џејн Симор. Во периодот од април-мај 1536 година, Хенри започнал истрага против Ана за велепредавство. Таа била осудена и погубена на 19 мај. Многу историчари веруваат дека обвинувањата, кои вклучувале прељуба и инцест, биле неосновани. По крунисувањето на нејзината ќерка Елизабет, Ана станала симбол за маченик и хероина на англиската реформација, особено преку делата на Џон Фокс.[3] Во подоцнежните години, таа станала инспирација и била споменувана во многубројни уметнички и културни дела.[4] Таа важи за највлијателната и најважната сопруга на англиски крал, земајќи предвид дека поради нејзе Хенри VIII се развел од Катерина Арагонска и се разделил од Римската црква, нешта што целосно го промениле текот на англиската историја.

Детство (до 1522 г.)[уреди]

Ана била ќерка на Томас Болејн, подоцна Гроф на Вилтшир и Гроф на Ормонд, и неговата сопруга, Елизабета Ховард, ќерката на вториот Војвода на Норфолк. Томас Болејн бил почитуван дипломат со особена дарба за јазици. Бил една од омилените личности на Хенри VII, кој многу често го испраќал на дипломатски мисии во странство. Датата на раѓањето на Ана тешко се утврдува поради недостиг од некои париски записи. Современите докази се контрадикторни. Според записите на некој италјанец од 1600 година, таа е родена во 1499, но зетот на Томас Мор, Вилијам Ропер, тврди дека годината на раѓање е 1512. Меѓутоа, најголема е претпоставката дека годината на раѓање се движи од 1501 до 1507 година. Како и кај Ана, така и кај нејзиниот брат и сестра, годината на раѓање е несигурна, но се смета дека Марија е таа која е постара од Ана[5]. Јасно е прикажано дека децата на Марија верувале дека нивната мајка е постарата. Голем број на историчари се согласуваат дека Марија е родена во 1499 година. Внукот на Марија ја барал титулата Ормонд врз основа на тоа што неговата баба била постарата ќерка, а со тоа се согласила и Елизабета I.[6][7] Исто така, Марија се омажила прва, што најчесто било обичај со постарата ќерка. Нивниот брат Џорџ Болејн се родил околу 1504 година.[8][9]

Сестрата на Ана, Марија Болејн.

Академската дебата за роденденот на Ана се фокусира на две години: 1501 и 1507 година. Ерик Ајвс, британски историчар и правен експерт, вели дека тоа е 1501 година, додека пак Рета Варник, американски научник која издала биографија за Ана, повеќе се залага за 1507. Клучниот доказ е едно писмо кое Ана го напишала околу 1514. Тоа писмо е напишано на француски и е наменето за нејзиниот татко кој во тоа време бил во Англија, а Ана пак, ги привршувала студиите во Холандија. Според Ајвс, стилот на писмото и зрелиот ракопис докажуваат дека Ана имала околу 13 години кога го напишала писмото, додека пак, Варник тврди дека граматичките грешки укажуваат дека писмото е напишано од дете. Ајвс вели дека ова е околу минимумот на години кои едно девојче требало да ги има за да биде придружничка на кралица, како што била и Ана на Маргарет од Австрија. Оваа теорија е подржана од тврдењата на еден хроничар од крајот на 16 век, кој напишал дека Ана имала 20 години, кога се вратила од Франција[10]. Варник ги оспори овие наоди во неколку нејзини книги и статии. Ниедна од овие години не е целосно подржана од доказите.

Предците на Ана вклучувале градоначалник на Лондон, војвода, гроф, две аристократски дами и витез.[11][12] Еден од тие предци, Џефри Болејн, пред да стане градоначалник бил трговец на свилени ткаенини и волна. Семејството Болејн потекнува од Бликлинг, Норфолк, 15 милји северно од Норич. Во времето на раѓањето на Ана, семејството Болејн била една од најпочитуваните во Англија. Од нејзините роднини поистакнати биле семејството Ховард. Таа имала поблагородна титула и од Џејн Симор и од Катерина Прат, подоцнежните сопруги на Хенри VIII.[13]

Холандија и Франција[уреди]

Таткото на Ана продолжил со својата дипломатска кариера и за време на владеењето на Хенри VIII. Томас Болејн успеал да шармира многу влијателни личности, вклучувајќи ја и надвојводката Маргарет од Австрија, ќерката на Максимилијан I, Светиот римски император. Во овој период, таа владеела со Холандија на местото на нејзиниот татко и била толку многу импресионирана од Болејн што ѝ понудила на ќерка му Ана место во нејзиниот дворец. Во тоа време, девојките морале да имаат барем дванаесет години за да имаат таква привилегија, но се претпоставува дека Ана била и помлада бидејќи надвојводката често и се обраќала со la pettite Boulain (малечката Болејн).[15] Ана оставила добар впечаток со нејзините манири и сериозност. Маргарет велела дека таа зборува многу добро за нејзини години и му кажала на Томас Болејн дека неговата ќерка е „многу претставителна и пријатна, земајќи ги предвид нејзините години, „па затоа јас треба да Ви сум благодарна што ми ја испративте, а не Вие мене“. Ана останала кај Маргарет до пролетта 1513 г. Во октомври, 1514 година нејзиниот татко ја пратил да присуствува на свадбата на Марија Тјудор, сестрата на Хенри VIII, со Луј XII.

Во Франција, Ана била придружничка на кралицата Марија а потоа на 15 годишната кралица Клаудија, со која останала скоро седум години.[16][17] Во дворецот на Клаудија, таа продолжила со усовршување на францускиот јазик и пројавила интерес за мода и религиозна философија. Исто така, се здобила со знаење за француската култура и францускиот бонтон.[18] Поголемиот број докази за животот на Ана во францускиот двор се несигурни. Ерик Ајвс во неговата последна статија за целосната биографија на Ана, претпоставува дека таа се запознала со сестрата на кралот Франсоа I, Маргарет, заштитничката на хуманистите и реформистите. Маргарет била и писател, најчесто пишувала за христијански мистицизам и реформи. Поради неа, Ана почнала да се интересира за реформите, поезијата и литературата.[19] Во последната верзија за биографијата на Ана, Ерик Ајвс мисли дека таа имала евангелистичко верување и богат духовен живот.

Таа имала голема шармантност, но сепак постојат различни мислења во однос на нејзината привлечност. Венецијанскиот писател Марино Сануто, кој ја запознал Ана во 1532 година, кога Хенри VIII се сретнал со Франсоа I, ја опишал како „не многу убава, со средна висина, темен тен, долг врат, широка уста, мали гради... црни и убави очи“[20]. Во септември 1531, Симон Грине му напишал на Мартин Буцер дека Ана е „млада, згодна, со темен тен“. Ланселот де Карлес ја нарекол „убава и елегантна“. Во 1528 година еден венецијанец во Париз исто така кажал дека е многу убава. Во 1586 година, половина век по смртта на Ана, Николас Сандерс, католички пропагандист и полемичар, го дал најважниот опис но истовремено и најневеродостојниот: „Ана Болејн беше висока со црна коса, овално лице и темен тен како да има жолтица. Имаше испакнат заб во горната усна, а на десната рака имаше шест прста“ (денес, историчарите знаат дека овој податок е лажен), „...голем израсток под нејзината брада па за да ја скрие својата грдотија носеше фустани кои ѝ го покриваа вратот... Имаше убава уста и беше убава за гледање“. Сандерс ја сметал Ана одговорна за одделувањето на Хенри VIII од католичката црква, па затоа педесет години подоцна пишувал текстови во кои ја омаложува. Иако овој опис е измислен, тој е основа која се користи во денешните текстови за опишување на Ана[21].

Искуството кое Ана го стекнала во Франција ја направило посветен христијанин во новата епоха, Ренесансен хуманизам. Нејзиното европско образование завршило во 1521 година кога нејзиниот татко ја повикал назад во Англија. Во јануари 1522 година таа заминува од Кале.

Во дворецот на Хенри VIII (1522 – 1533)[уреди]

Ана со кралот Хенри.

Ана била повикана да се омажи со нејзиниот ирски роднина, Џејмс Батлер, млад човек кој живеел во англискиот двор и кој бил само неколку години постар од неа.[22] Бракот бил начин на разрешување некои расправии за сопственоста и имотите на грофството Ормонд. Во 1515 година седмиот гроф на Ормонд починал со што своето наследство им го оставил на ќерките, Маргарет Болејн и Ана Ст. Легер. Во Ирска, далечениот роднина Пјер Батлер, го оспорил тестаментот и тврдел дека титулата гроф е негова. Томас Болејн, како син на најстарата ќерка, сметал дека титулата му припаѓа нему. Поради тоа, се жалел кај неговиот зет, војводата од Норфолк, кој зборувал со крал Хенри за ситуацијата. Хенри, од страв да не започне граѓанска војна во Ирска поради расправијата, решил да ги венча синот на Пјер, Џејмс, и Ана Болејн. Нејзиното наследство од Ормонд требало да биде нејзиниот мираз со што би завршила караницата. Овој план не успеал веројатно затоа што Томас сакал да ја омажи неговата ќерка во подобро семејство. Која и да била причината, преговорите за бракот прекинале. Подоцна, Џејмс Батлер се венчал со Леди Џоан Фицгералд, ќерката и наследичка на Џејмс Фицгералд, десеттиот гроф на Десмонд и на Ејми О’Брајан.

Кон крајот на 1519 година, Марија Болејн, постарата сестра на Ана, наводно била повикана поради нејзините афери со францускиот крал и неговите дворјани. Во февруари 1520 година во Гринвич, таа се омажила за Вилијам Кери, млад благородник. На таа свадба присуствувал и Хенри VIII, кој подоцна ја зел Марија за негова љубовница. За време на нејзиниот брак таа имала две деца. Историчарите сè уште дебатираат за татковството на Хенри врз тие деца. Во книгата Хенри VIII: Кралот и неговиот дворец, од Алисон Веир, се расправа за татковството на Хенри врз Хенри Кери. Во книгите Реформацијата на кралот од др. Г. В. Бернард и Ана Болејн: Нов живот за трагичната кралица на Англија од Џоана Дени, се тврди дека Хенри VIII бил таткото на двете деца. Хенри не ги признал како што направил со неговиот син Хенри Фицроу, вонбрачното дете со Елизабета Блонт, Леди Талбојс.

На 4 март 1522 година, Ана за прв пат се појавила во јавност во Chateau Vert (Зелен замок) играјќи во Трпеливост (Perseverance) во чест на кралските амбасадори.[23] Придружувана од помладата сестра на Хенри, Марија, неколку други дами во дворот и нејзината сестра, таа извела комплициран танц. Сите тие носеле фустани од бел сатен извезани со златен конец. Набрзо, Ана станала една од најмодерните жени во дворот и многу мажи започнале да ѝ се додворуваат.[24]

Американската историчарка, Рета М. Варник, пишува дека Ана била: „совршена дворска дама... нејзината кочија била грациозна и нејзините француски алишта биле модерни. Таа танцувала со леснотија, имала певлив глас, свирела флејта и уште неколку други инструменти, а и течно зборувача француски... Извонредна, интелегентна, остроумна млада благородничка.. Прво успевала да ги натера да започнат разговор со неа, а потоа ги забавувала. Накратко, нејзината енергија и виталност ја направиле центар на внимание на секој собир”.

За ова време, на Ана ѝ се додворувал Хенри Перси, синот на грофот од Нортхумберланд, со кој тајно се верила. Придружувачот на Томас Волси, Џорџ Кавендиш, тврдел дека тие двајца не биле љубовници. Со тоа се претпоставува дека нивната врска не била сексуална. Веридбата се раскинала кога таткото на Перси не ја поддржал таа свршувачка. Според Кавендиш, Ана била испратена на имотот на село, но не се знае колку долго останала таму. Кога повторно се вратила во дворецот се вратила во служба на Катерина Арагонска. Еминентниот дворски поет Томас Вајат пораснал во Алингтон, имот во близина на имотот на семејството Болејн, замокот Хевер. Вајат бил отуѓен од сопругата и се ширеле неверодостојни приказни за љубовна врска меѓу него и Ана. За таа врска пишувал и внукот на Вајат. Се претпоставува дека дел од поезијата на Вајат е инспирирана од врската со Ана и дека многу често таа е онаа која е опишувана во неговите песни. Во 1526 година кралот Хенри се заинтересирал за Ана и почнал да ѝ се додворува.

Ана го одбивала кралот бидејќи не сакала да стане негова љубовница и често се повлекувала во замокот Хевер. За една година тој и предложил брак, а таа прифатила. И двајцата мислеле дека можат да добијат поништување на неговиот претходен брак за рок од неколку месеци. Не постојат докази дека тие имале сексуален однос пред брак, а доколку имале тоа било краток период пред свадбата. Всушност, според писмата кои Хенри ѝ ги праќал на Ана се покажува дека нивната врска не била сексуална иако имале седумгодишно додворување. На доказите кои покажуваат дека сепак имале односи, се гледа како клеветње, создадено за да се уништи угледот на Ана по нејзината смрт.

Поништувањето на бракот на Хенри[уреди]

Шестте сопруги на
Хенри VIII
Catherine aragon.jpg Катерина Арагонска
Anne boleyn.jpg Ана Болејн
Hans Holbein d. J. 032b.jpg Џејн Сејмор
AnneCleves.jpg Ана Клевска
HowardCatherine02.jpeg Катерина Хауард
Catherine Parr from NPG cropped.jpg Катерина Пар

Се претпоставува дека Хенри сакал да го поништи (не да се разведе, како што често се мисли) бракот многу порано од неговото запознавање со Ана, со цел да обезбеди машки наследник. На тој начин, династија Тјудор ќе продолжи со владеењето. Пред да го наследи тронот таткото на Хенри, Хенри VII, постоела граѓанска војна за престолот. Хенри VIII не сакал повторно да се случи тоа. Тој и Катерина немале живи деца: само Марија успеала да го преживее детството. Катерина Арагонск најпрво пристигнала во Англија за да му биде жена на братот на Хенри, Артур, кој умрел кратко време по нивната свадба. Но и покрај ова, Шпанија и Англија сѐ уште сакале сојуз, па така во 1509, Хенри и Катерина се венчале. Но свадбата не можела да се случи доколку папата не отфрли контроверзен дел во една од книгите на Библијата. Во таа книга, Трета книга Мојсеева, се забранува брак на маж со вдовицата на својот брат бидејќи ќе бидат проколнати. На крај, папата издејствувал во полза на засегнатите династии. Но, по многу години и со нов папа, Хенри повторно размислувал за овие работи. Поттикнат од неможноста Катерина да добие машко дете, а можеби и под влијание на Ана, Хенри решил дека ниеден папа не може да оди против Библијата. Ова значело дека тој живеел во грев со Катерина сите тие години, иако Катерина го одрекувала тоа и тврдела дека нејзиниот прв брак не бил конзумиран. Исто така, ова значело дека неговата ќерка Марија е копиле и дека новиот папа Климент VII мора да ја признае грешката на предходниот и да го поништи бракот. Ана забележала можност за напредок со заљубеноста на Хенри и неговата морална дилема. Таа одлучила дека ќе му се препушти само како признаена кралица. Започнала да го зазема своето место покрај него во политиката и државата, но не, барем не сеуште, во неговиот кревет.

Во 1528, се појавила епидемија од големи размери. Во Лондон, стапката на смрт била висока па поради тоа, дворот се разделил на различни страни. Хенри го напуштил Лондон и често го менувал својот престој. Ана се повлекла во Хевер, но сепак се заразила. Нејзиниот зет, Вилијам Кери, починал. Хенри го пратил својот доктор да се грижи за Ана, па набрзо таа закрепнала. Тогаш единствената грижа на Хенри била да добие поништување на неговиот брак со Катерина. Тој пратил молба до Светиот трон, независно од кардиналот Волси, кој не го ни известил за своите планови со Ана. Кралот го испратил Вилијам Најт, неговиот секретар, кај папата Клемент VII да тужи за да го поништи неговиот брак.

Најт не можел лесно да стигне до папата затоа што тогаш тој бил затвореник на Чарлс V, Светиот римски император. На крајот, тој морал да се врати со техничко ослободување кое според Волси не било доволно. Хенри немал многу избор. Морал да ја остави оваа работа во рацете на Волси, кој направил се што може за да ја реши ситуацијата во полза на Хенри. Волси дури и повика црковен суд во Англија, со специјален делегат пратен од папата. Сепак, тој никогаш не го овласти својот пратеник да донесе решение во негово име. Папата сѐ уште бил заложник на Чарлс V кој пак бил внукот на кралицата Катерина. Папата му забранил на Хенри да стапи во нов брак сè додека не се донесе одлука во Рим, а не во Англија. Ана и многубројните непријатели на Волси, мислеле дека тој е на страната на папата, па така во 1529 г. Хенри го отпуштил од неговата должност и го уапсил. Доколку не умрел од болест во 1530 г. тој би бил погубен поради предавство. Една година подоцна, кралицата Катерина била протерана од дворецот, а нејзините соби им биле дадени на Ана.

Меѓутоа, народот продолжил да ја подржува кралицата Катерина. Во 1531 една есенска вечер, додека Ана вечерала во куќата покрај реката Темза, била нападната од група лути жени. Успеала да се извлечи со брод. Кога во 1532 архиепископот од Кантербури, Вилијам Вархам, починал, со одобрување од папата бил назначен капланот на семејството Болејн, Томас Кранмер. Процесот на раскинувањето со римската црква се одвивал постепено. Во 1532 г. Томас Кромвел во Парламентот донел многубројни акти со кои се прикажала кралската моќ во црквата со што завршил процесот на одделување од Рим. По овие акти, Томас Мор дал оставка од својата должност како канцелар, со што Кромвел станал главен министер.

Брак[уреди]

Многу често, Ана дејствувала независно од нејзиниот сопруг. Можела да одобрува петиции, да прима дипломати, да претседава со различни состаноци и да ја надгледува надворешната политика. Во 1531 година, амбасадорот на Милано напишал дека мора да се има нејзино одобрување доколку некој сака да влијае на некој начин во англиската влада. Ова тврдење било поткрепено и предходно, во 1529 година, од францускиот амбасадор.

Во овој период, Ана Болејн навистина играла важна улога во меѓународната позиција на Англија преку зајакнување на сојузот со Франција. Таа воспоставила одлична врска со францускиот амбасадор. Во зимата 1532 година во Кале, Ана и Хенри присуствувале на состанок со францускиот крал, со што Хенри се надевал дека ќе ја добие подршката од Франсоа I од Франција за неговиот иден брак. На 1 септември 1532 година, Ана ја добила титулата Маркизата од Пембрук, со што станала најпрестижната дама во кралството која не е дел од кралското семејство. Оваа титула била важна за семејството Тјудор бидејќи пра-чичкото на Хенри, Џаспер Тјудор, бил гроф на Пембрук. Именувањето на оваа титула го извел самиот Хенри.

И семејството на Ана се стекнало со придобивки од оваа врска. Нејзиниот татко, кој веќе бил висконт Рошфорд, станал грофот на Вилтшир. Исто така, Хенри постигнал договор со ирскиот роднина на Ана и го назначил за гроф на Ормонд. На големиот банкет во чест на унапредувањето на нејзиниот татко, Ана седнала на почесното место до кралот, кое било наменето за кралицата. На тој банкет таа била на попрестижно место и од војводката на Суфолк и Норфолк. Благодарение на интервенцијата на Ана, нејзината сестра Марија, која беше вдовица, добивала годишен надоместок од 100 фунти, а синот на Марија, Хенри Кери, бил образован во престижниот Цистериански манастир. Конференцијата во Кале била еден вид политички триумф. Но иако француската влада дала јасна подршка за бракот на Хенри, а и самиот Френсис I одржал приватна конференција со Ана, францускиот крал продолжил да го одржува својот сојуз со папата, нешто што ни тој самиот не можел јасно да го дефинира. Набрзо по нивното враќање во Довер, Хенри и Ана тајно се венчале. Потоа таа останала бремена, па како што бил обичајот кај кралските семејства во тоа време, на 25 јануари 1533 година, во Лондон, се одржала втора тајна венчавка. По ова, работите почнале да се одвиваат побрзо. На 23 мај 1533год, Кранмер (кој за многу кратко време, во согласност со папата, станал архиепископ на Кантербури, место кое предходно било испразнето со смртта на Вархам) започнал судски процес за утврдување на валидноста на бракот меѓу Хенри и Катерина Арагонска. Набрзо, бракот бил поништен. Пет дена подоцна, на 28 мај 1533 година, Кранмер го прогласил бракот меѓу Хенри и Ана за валиден.

Кралицата на Англија (1533 – 1536)[уреди]

На 1 јануари 1533 година, Катерина формално ја предала титулата кралица на Ана. Церемонијата на крунисување се одржала во Вестминистерската катедрала по што следел раскошен банкет. Таа била последната сопруга на крал која ќе биде крунисана во различен период од својот сопруг. Предходниот ден, Ана предводела процесија по улиците на Лондон сместена во носилка од ,,бела покривка со злато” која се наоѓала на два коња покриени со бел дамаск, а бароните пак, на нивните глави носеле покривка од злато. Во согласност со традицијата, таа била облечена во бело, а на главата носела златна круна под која раскошно паѓала нејзината коса. Публиката останала рамнодушна на нејзиниот изглед. За разлика од некои предходни сопруги на кралевите, Ана била крунисана со круната на Св. Едвард, нешто што се случувало само доколку кралицата има потекло од кралска династија. Хант претпоставува дека тоа се случило затоа што бременоста на Ана веќе била видлива, а голема била веројатноста таа да носи машки наследник.

Во меѓувреме, Куќата на Народот ги забранила сите жалби до Рим и ги зголемила казните за сите они кои ќе донесат папски повелби во Англија. Тогаш, папата Климент ја изрекол казната екскомуникација против кралот и Кранмер. Во март 1534 година. го осудил бракот со Ана, го прогласил за валиден бракот со Катерина и му наредил на Хенри да се врати кај неа. Хенри побарал од своите поданици да кажат заклетва за да се одбие папското мешање во правни работи и да се признае Ана Болејн за кралица. Оние кои одбиле, како Томас Мор, кој дал оставка како канцелар, и Џон Фишер, епископот на Рочестер, биле сместени во Кулата. Кон крајот на 1534 година Парламентот го пргласи Хенри за ,,врховник на црквата во Англија”. Со тоа, црквата во Англија била под контрола на Хенри, а не на Рим.

Битката за син[уреди]

По крунисувањето, Ана се повлекла во палатата Гринвич за да се подготви за раѓањето на нивното бебе. Тоа се родило на 7 септември 1533 година помеѓу три и четири часот попладне, Ана родила девојче кое го нарекла Елизабет, веројатно во чест на мајката на Хенри, Елизабета Јоршка.

Малата принцеза добила раскошна крштевка, но Ана почнала да се плаши од ќерката на Катерина, Марија. Неа ѝ била одземена титулата прицеза и била наречена копиле, но Ана сепак стравувала дека таа претставува можна закана за позицијата на нејзината ќерка. Хенри ја смирил својата сопруга со тоа што ѝ ги одзел слугите на Марија, а Елизабета ја испратил во Хатфилд, каде принцезата ќе има многу слуги и ќе диши здрав воздух, погоден за бебе. Ана често ја посетувала ќерка си во Хатфилд.

Новата кралица имала поголема послуга од Катерина. За нејзините лични потреби се грижеле 250 слуги, почнувајќи од свештеници до коњушарници. Имала 60 придружнички кои ѝ служеле и ја придружувале на јавни настани. Исто така, имала и неколку свештеници кои ѝ биле доверители, каплани и религиозни советници. Еден од нив бил и Метју Паркер, подоцна еден од главните архитекти на Агликан, за време на влдеењето на ќерката на Ана, Елизабета I.

Караници со кралот[уреди]

Кралот и новата кралица имале хармоничен брак. Интелегенцијата на Ана Болејн, политичката вештина и добрите манири, иако се посакувале кај љубовниците, биле неприфатливи за сопругите. Се вели дека еднаш му се обратила на својот чичко со такви зборови што не смееле да се користат ни за да се обратиш кон куче. По абортусот на второто дете, околу Божиќ 1534 година Хенри почнал да се распрашува кај Кромвел за можноста да ја напушти Ана, а да не мора да се врати кај Катерина . Но ништо од ова не се случило бидејќи двојката се смирила. Во октомври, Ана повторно била бремена.

Ана Болејн го надгледувала прекрасниот дворец. Потрошила огромна сума пари за фустани, накит, пафлкала од пердуви, опрема за јавање, мебел и тапациран мебел, одржувајќи го претенциозниот изглед кој од неа се барал поради нејзиниот статус. Многубројни палати биле реновирани за да се задоволи нејзиниот екстравагантен вкус. Нејзиниот слоган бил: ,,Најсреќна”, и избрала бел сокол како нејзин заштитен знак.

Ана била обвинувана за тиранијата која ја извршувала владата на нејзиниот сопруг, и често била нарекувана ,,курвата на кралот” или ,,проститутка”. Лошото мислење за неа се зголемувало и поради тоа што не можела да роди машки наследник. Најлошо било кога биле погубени нејзините непријатели Томас Мор и епископот Џон Фишер. Меѓутоа, откако била уапсена, осудена и погубена, јавното мислење за неа се подобрило и дури ја засакале, а почнале да го осудуваат Хенри.

Пад и погубување[уреди]

На 8 јануари 1536 година, стигнале вести дека Катерина Арагонска починала. Со тие вести, кралот и Ана биле пресреќни. Наредниот ден, Хенри бил облечен цел во жолто и ја прославувал нејзината смрт со забава. Од друга страна, пак, Ана се потрудила да се смири со принцезата Марија.

Повторно бремена, кралицата се палашела за нејзиниот живот доколку не роди машко. Со смртта на Катерина, Хенри би бил слободен повторно да се ожени без проблеми. Марија ги одбивала напорите на Ана за помирување, можеби поради гласините дека Катерина умрела затоа што Ана и Хенри ја отруле. Тие гласини започнале по балсамирањето на телото на Катерина, кога се открило дека нејзиното срце било оцрнето. Модернните медицински експерти, кажуваат дека тоа не се случило од труење туку од рак на срцето, нешто што во тоа време не било познато.

Истиот тој месец, кралот паднал од коњ и бил во безсознание два часа. Поради тој инцидент Ана верувала дека го изгубила бебето пет дена подоцна. Дента кога ја погребаа Катерина Арагон, Ана повторно имала спонтан абортус. Според амбасадорот Шапуис, Ана го носела бебето три и пол месеци и изгледало како да е машко. Според Шапуис, оваа загуба била почетокот на крајот за кралскиот брак. Бременостите на Ана привлекле големо внимание, особено поради очајната желба на Хенри да добие син. Авторот Мајк Ешли, претпоставува дека Ана имала две мртвороденчиња по раѓањето на Елизабета и пред абортусот на машкото дете во 1536 година Изворите покажуваат дека во септември 1533 година се родила Елизабет, Ана имала и можен абортус во летото 1534 година, а во јануари 1534 година имала абортус на машко дете. За време на нејзиното опоравување од овие загуби, Хенри изјавил дека таа го измамила за да се ожени со неа со помош на ,,'sortilage'” – француски збор што значи ,,измама” или ,,магија”. Неговата нова љубовница, Џејн Симор, ја сместиле во кралските одаи. Ова се случило откако братот на Ана бил одбиен за престижна кралска титула, која му била доделена на Николас Керу.

Обвинувања за прељуба, инцест и предавство[уреди]

Според авторот и историчарот за семејството Тјудор, Алисон Веир, околу 20-21 август 1536 година, Томас Кромвел се преправал дека е болен а всушност ковал заговори против Ана. Дури и Ерик Ајвс, биографот на Ана, верува дека зад нејзиниот пад и погубување се наоѓа Томас Кромвел. Разговорите меѓу Шапуис и Кромвел укажуваат дека Кромвел бил креаторот на заверата против Ана. Вакви докази се пронајдени и во Шпанската хроника како и во писмата кои Шапуис му ги испраќал на Чарлс V. Ана и Кромвел имале различни мислења во врска со распределувањето на црковните приходи и за надворешната политика. Таа сакала приходите да одат во хуманитарни и образовни институции и сакала сојуз со Франција. Од друга страна, Кромвел сакал да ја наполни испразнетата каса на кралот, а истовремено да земи поголем дел од неа и сакал империјален сојуз. Според Ајвс, поради ова Ана Болејн станала голема закана за Кромвел. Од друга страна, биографот на Кромвел, Џон Скофилд, тврди дека немало никакви препирања меѓу Кромвел и Ана и ,,не постојат докази дека Кромвел ковал заговори против Ана. Кромвел се вплеткал во драмата на кралскиот брак откако Хенри го повикал за да го разреши случајот”. Кромвел не реагирал на обвинувањата за прељуба, иако тој и некои други службеници ги користеле за да го зајакнат случајот на Хенри против Ана. Историчарката Рета Варник, се сомнева во способноста на Кромвел дека успеал да го натера Хенри да стори такво нешто. Хенри бил оној кој ги издавал наредбите, а неговите службеници, меѓу кои и Кромвел, ги извршувале. За да успее во својата намера, главниот секретар Кромвел ќе морал да собери доволно докази за нејзино осудување или во спротивно би ја изгубил својата работа, а можеби и својот живот.

Кон крајот на април, еден музичар во служба на Ана, Марк Сметон, бил уапсен, веројатно бил мачен или пак му била ветена слобода. Од почетокот тој одрекувал дека му бил љубовник на кралицата, но подоцна потврдил. Друг дворјанин, Хенри Норис, бил уапсен на Денот на трудот, но бидејќи бил аристократ, не смееле да го измачуваат. Пред неговото апсење, кралот се однесувал љубезно кон него, дури и му го понудил својот коњ за време на забавата за Денот на трудот. Изгледа дека, за време на тие забави, кралот бил известен за признанијата на Сметон. По некое време, сите наводни заговорници биле уапсени по наредба на кралот. Норис бил уапсен за време на забавата. Тој ги одрекувал обвиненијата и тврдел дека кралицата Ана е невина. Еден од најважните докази против Норис бил прислушкуван разговор меѓу него и Ана кон крајот на април. За време на тој разговор, таа го обвинила дека тој доаѓа многу често во нејзините одаи за да ја посети неа, а не нејзината придружничка Маргарет Шелтон. Два дена подоцна, Франсис Вестон бил уапсен поради истите обвинувања. Исто така, Вилијам Бреретон, придружник на кралот, бил уапсен поради прељуба. Последната личност која била уапсена, бил братот на Ана, поради инцест и предавство, обвинет дека имал сексуални односи со сестра си. Џорџ Болејн, наводно извршил инцест два пати: еднаш во ноември 1535 г. во Вајтхал и уште еднаш наредниот месец во Елтам.

На 2 мај 1536 година, Ана била уапсена и однесена во Кулата на Лондон. Во Кулата, таа колабирала и барала да ѝ кажат каде се наоѓаат нејзиниот татко и брат, и сакала да ги знае обвинувањата против неа. На 12 мај 1536 г. во Вестминистер, четворица од обвинетите мажи биле осудени. Вестон, Бреретон и Норис ја тврделе својата невиност до крај. Само измачуваниот Сметон ја потврдил вината и застанал на страна на кралството. Три дена подоцна, Ана и Џорџ биле одделно судени во Кулата. Таа била обвинета за прељуба, инцест и велепредавство. Со актот за предавство на Едвард III, прељубата од страна на кралица била предавство (веројатно поради можните проблеми при наследувањето на тронот). Казната за тоа била бесење и влечење за мажите, а палење живи за жените. Обвинувањата, особено оние за прељуба со инцест, биле направени за да го оспорат и нејзиот морален карактер. Друга форма на предавство за која била обвинета била ковање заговор заедно со нејзините ,,љубовници” за убиство на Хенри, за подоцна да може да се омажи со Хенри Норис.

Ниедна од датите за наводните средби со нејзините љубовници не се совпаѓале со нејзиниот тогашен престој. Дури и некои од тие средби наводно се случиле кога таа била бремена во последните месеци.

Последните часови[уреди]

Иако обвинувањата не биле поткрепени со доволно докази, обвинетите биле осудени на смрт од благородниците, кои пак најверојатно биле под притисок од кралот. Џорџ Болејн и останатите биле погубени на 17 мај 1536 година. Лорд Кингстон, чуварот на Кулата, кажал дека Ана изгледала многу среќно и била подготвена да заврши со својот живот. Кралот ја сменил казната на Ана. Наместо да ја запали тој сакал да ја обезглави, а за да го направи тоа повикал џелат од Св. Омер, бидејќи не сакал кралица да биде погубена со обична секира. На 19 мај, ја одвеле Ана во Зелената Кула.

Пред изгрејсонце, таа го повикала Кингстон да слуша миса заедно со неа, и се заколнала врз Библијата дека никогаш не му била неверна на кралот. Таа постојано ја повторувала таа заклетвата. Утрото на 19 мај, петок, Ана била погубена во Белата кула, а не во Зелената, на подигнато губилиште од северната страна, на денешно Ватерло Баракс. Носела црвено подздолниште под темно сивиот фустан од дамаск украсен со крзно и наметка од ермелин. Придружувана од две дворски дами, Ана тргнала од Куќата на кралицата до губилиштето и изгледала ,,среќна како воопшто да не умира”. Ана се искачила на губилиштето и кажала краток говор во кој избегнала да го критикува кралот, можеби за да ја спаси ќерка си и нејзината семејството од понатамошни последици. Сепак, и покрај големиот притисок не ја признала вината, напротив, ја навестила својата невиност и пратила порака до историчарите кои ,,ќе ја измешаат мојата приказна“.

Смрт и закоп[уреди]

Тогаш, таа клекнала во француски стил за да биде погубена. Нејзините придружнички ги тргнале украсите од нејзината глава и врат, и ставиле превез на нејзините очи. Според Ајвс, нејзиниот џелат бил толку многу обземен од Ана што почнал цел да се треси и не можел да го изведе погубувањето. За да и го оттргне вниманието, пред самиот чин извикал ,,Каде ми е мечот?” за Ана да помисли дека има уште некоја минута живот.

Погубувањето било брзо, со еден замав. Се вели дека Кранмер, кој во тој момент бил во палатата Ламбет, кога разбрал за нејзината смрт почнал да плаче и му рекол на Александар Алес: ,,Онаа која беше кралица на Англија сега ќе биде кралица на рајот“. Кога Кранмер за прв пат ги слушнал обвинувањата против Ана бил запрепастен и му рекол на Хенри дека ,,не би требало да биде виновна”. Сепак, Кранмер се чуствувал ранливо бидејќи бил близок со кралицата. Ноќта пред погубувањето, изјавил дека бракот меѓу Хенри и Ана бил законски како и со Катерина пред неа. Не се потрудил да ја спаси Ана, но сепак ја ислушал нејзината последна исповед во која кажала дека е невина пред Бога. На денот на нејзината смрт, еден шкотски пријател го видел Кранмер како плачи и велел дека Ана сега сигурно е во рајот.

И покрај напорите за свечено погубување на Ана, Хенри не успеал да организира достоен погреб за неа, дури не ни обезбедил соодветен ковчег. Нејзниото тело некое време лежело на губилиштето. На крајот, некој човек (се претпоставува дека работел во Кулата) нашол празен сандак и внатре го сместил нејзиното тело и нејзината глава. Потоа била закопана во необележан гроб, кај капелата Св. Петар Винкула. Нејзиниот скелет бил идентификуван за време на реновациите на капелата, кога владеела кралицата Викторија. Денес, гробот на Ана е од мемрмер.

Признавање и наследство[уреди]

По нејзината смрт, се појавиле многубројни митови. Многу од нив потекнувале од делата на римокатолиците. Николас Сандер, римокатолик, роден 1530 година, бил посветен на отргнувањето на Елизабета I од престолот и воведување римокатолицизмот во Англија. Во неговото дело, De Origine ac Progressu schismatis Anglicani (Издигнувањето и зајакнувањето на агликанската расколна вера), издадено 1585 година бил првиот кој напишал дека Ана имала шест прсти на нејзината рака. Во тоа време, такви физички деформации се сметале за знак на зло. Поради тоа, би било тешко Хенри да ја забележи. Современиците ја опишувале Ана, како жена надарена за музика и со голема желба за наука. Исто така, била многу тврдоглава и горда, и многу често се осмелувала да се кара со Хенри.

Врз основа на едни испитувања од 1876 година кај неа не биле пронајдени никакви абнормалности: нејзиното тело било опишано како кревко, околу 160 см, со убаво оформени прсти. Со сигурност, Елизабета I го наследила телото на мајка си, нејзнината висина, лице и раце. Современи портрети од Ана Болејн не се зачувани: едниствениот зачуван портрет е од 1534 година насликан на медал за да се обележи нејзината втора бременост. Сепак, тој медал е многу оштетен.

По крунисувањето на нејзината ќерка, Ана била прогласена за маченик и хероина на англиската реформација, особено преку делата на Џон Фокс, според кој, Ана ја спасила Англија од лошиот римски католицизам, а Бог донел доказ за нејзината невиност со тоа што ѝ дозволи на нејзината ќерка, Елизабета I, да стане кралица. Низ вековите, Ана била инспирација и била често споменувана во уметничките и културните дела. Поради тоа, таа била запаметена како ,,највлијателната и најважната кралица која Англија некогаш ја имала”.

Митови и легенди за Ана Болејн[уреди]

Низ вековите имало многубројни митови и легенди за Ана Болејн. Еден од тие митови е дека тајно била закопана во црква Сал во Норфолк под една црна плоча, во близина на гробовите на нејзините предци. Се вели дека, на патот до Норфолк нејзиното тело кратко време било и во црквата Есекс. Друг мит вели дека нејзиниот чичко, Филип Паркер, го закопал нејзиното срце во црквата Арвартон, Шуфолк.

Наводно, духот на Ана бил забележан во замокот Хевер, Бликлинг Хол, црквата Сал, Кулата на Лондон и холот Марвел. Нејзиното најпознато појавување било прикажано во паранормалните истражувања на Ханс Холзер во книгата Духови кои сум ги сретнал. Во 1864 г. генералот Џ. Д. Дундас, член на кралската гарда, бил сместен во Кулата на Лондон. Додека гледал низ прозорецот од својата одаја, забележал еден стражар кој се наоѓал во истата соба во која Ана била заробена и се однесувал чудно. Изгледал како да предизвикува нешто, што според генералот, изгледало како избледена женска фигура која се движела накај стражарот. Тогаш стражарот се онесвестил. Единсвено, сведочењето на генералот и неговата подршка во воениот суд го спасило од затвор под обвинение дека се онесвестил за време на извршувањето на својата должност.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Ives, page 230
  2. Ives, pp. 158–59, p. 388 n32, p. 389 n53; Warnicke, p. 116. Anne is also sometimes called "marchioness".
  3. http://www.copperfieldreview.com/reviews/life_and_death_of_anne_boleyn.htm
  4. Ives, p. xv.
  5. The argument that Mary might have been the younger sister is refuted by firm evidence from the reign of Queen Elizabeth I that the surviving Boleyns knew Mary had been born before Anne, not after. See Ives, pp. 16–17 and Fraser, p. 119.
  6. Ives, pp. 16-17
  7. Fraser, p.119
  8. Warnicke, p. 9;
  9. Ives, p. 15
  10. Ives, pp.18–20.
  11. Ives, p. 3.
  12. Fraser, pp. 116-17.
  13. Strickland, p. 273.
  14. Ives, pp. 42–43; Strong, pp. 6–7.
  15. Fraser and Ives argue that this appointment proves Anne was probably born in 1501; but Warnicke disagrees, partly on the evidence of Anne's being described as "pettite." See Ives, p. 19; Warnicke, pp. 12–3.
  16. Starkey, pp. 261–63.
  17. Fraser, p. 121.
  18. Starkey, p. 263.
  19. Fraser, p.121.
  20. Strong, p. 6.
  21. Warnicke, p. 247.
  22. Fraser, p. 122.
  23. Ives, pp. 37–39.
  24. Starkey, p. 271; Ives, 45



Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Ана Болејн“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).