Милетино
| Милетино | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°54′27″N 21°1′0″E / 41.90750°N 21.01667°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Долен Полог |
| Население | 1.674 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1227 |
| Повик. бр. | 044 |
| Шифра на КО | 28046, 28546 |
| Надм. вис. | 510 м |
Милетино — село во Општина Брвеница, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во средишниот дел на територијата на Општина Брвеница, од десната страна на реката Вардар.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 510 метри. Од градот Тетово, селото е оддалечено 19 километри.[2]
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2233.
Селото се наоѓа во подножјето на Сува Гора. Околни села се Челопек, Блаце и Теново. Во минатото, мештаните пиеле вода од бунари.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мачкини Дупки, Осој, Сува Гора, Гмечи Леб, Света Буналевска, Ораше, Карамајнца, Каменица, Средно Поле, Рупа, Вртача, Крушојца, Буџак, Реџика, Селиште, Куќишта, Горица, Трница, Под Габер, Блатечки Присој, Рамништа и Шамак.[3]
Селото има збиен тип и е поделено на шест маала наречени Палош, Топалоско, Шаракаш, Амедоско, Кнуш и Горно Маало. Според истражувањето на Јован Трифуноски во 1947 година, првите две маала се населени со православно население, вторите две маала имаат муслиманско население, додека останатите маала се со мешано население.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Денешното село е основано во XVIII век од доселени македонски родови. Претходно, на тоа место се наоѓала градска населба која била заштитена со две утврдувања: милетинско (Габер, 659 м.) на југ и челопечко на север. Не се знае кога била уништена оваа населба, но на селиштето се наоѓале мермерни столбови, ѕидови, железни садови, тули и стари пари.[3] Оваа населба може да се поврзе со Милин Град, каде е пронајден еден јонски капител.
Во некогашната населба се наоѓале повеќе храмови. Така, истражувачот Јован Трифуноски ја навел состојбата со храмовите во 1940-тите години кога посетил селото: На местото каде се наоѓало селото се наоѓал храмот „Св. Атанасиј“. Од него се познаваат остатоци од темели. Западно од селото постоел храмот „Св. Ѓорѓи“ и стари православни гробови. На тоа место во 1926 година била изградена црквичка посветена на светецот. Таму се наоѓаат и новите селски православни гробишта. Третата црква е на источната страна, на патот кон соседното Блаце. Мештаните на ова место пронашле остатоци од ѕидови со живопис. Северно покрај селото се наоѓал храмот „Св. Димитриј“. Во негова близина подоцна се подигнати муслимански куќи. Денешната висока и убава селска црква била изградена во периодот 1916-1919 и е посветена на Богородица, по стариот храм кој постоел.[3] Денес, во селото постојат црквите „Успение на Пресвета Богородица“, „Св. Димитриј“, „Св. Ѓорѓи“, „Св. Атанасиј“ и „Св. Петка“.
За време на отоманскиот период, но и претходно, југоисточно од Милетино се наоѓал главниот полошки пат наречен „Стамбол Џаде“. Поради ова мештаните често страдале од нападите на „Дебраните“, кои вршеле грабежи и убивале. На тој пат, се наоѓал и познатиот милетински ан, кој работел до 1878 година во посед на Кир Василко (кој бил Влав, но го викале Грк). Кир Василко го убиле Албанците во 1878 година, за што има и народна песна во Полог. Анот бил отворен повремено и по убиството на Кир Василко, односно повремено работел до 1917 година. Тогаш започнала со работа железницата на тесен колосек, поради што сообраќајот на стариот полошки пат опаднал.[3]
Од сите старини, најзанимлива е една надгробна плоча со запис пронајдена во Милетино, која сега се наоѓа пред обновениот храм „Св. Ѓорѓи“. Таа плоча била и откопана кај храмот. Во записот се говори за некој дотогаш непознат полошки епископ, кој веројатно живеел таму во XIII век или подоцна.[3]
Југозападно од селото се наоѓаат месностите Селиште и Куќиште, каде се говори дека некогаш имало село. На селиштето постоела и црква, чии слаби остатоци од руините може да се забележат.[3]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 22,1 километар квадратен. На него шумите заземаат површина од 856 хектар, на обработливите површини отпаѓаат 781 хектар, а на пасиштата 497 хектари.[2]
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Во минатото, во селото работела земјоделска задруга. Во него работат услужни објекти.[2]
За време на отоманскиот период, во еден дел од селото имало чифлиг, чии последни сопственици биле Куртиш-ага, Асим-ага, Абдил-ага, Ибраим-ага, Аџи Зенул-ага и Демир-ага. Во селото, посед имало и тетовското теќе. На чифлиците работеле православните Македонци, кои живееле во свои или во чифлигарски куќи. Ретко имало муслимански работници. Од 1878 година, чифлигарите постепено почнале да ја откупуваат земјата и до 1912 година целата земја била откупена. Најголем дел од земјата ја купиле доселените муслимански родови.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||

Според статистичките пребројувања од 1453 додина во Милетино живееле исклучиво Македонци и тоа 88 семејства, 8 вдовици и 10 неженети. Додека пак во следниот попис во 1468 година има нагло зголемување на македонското население и тоа на 145 семејства, 6 вдовици и 7 неженети.[4]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Милетино живееле 335 жители, од кои 200 Македонци и 135 Албанци.[5]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Милетино имало 240 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Рускиот филолог Афанасил Селишчев запишал дека во 1929 година селото имало 790 жители.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Македонци, 350 Албанци и 50 Турци.[8]
Милетино е големо село, со пораст на бројот на населението. Така, во 1961 година имало 1.498 жители, од кои 673 биле Албанци, 749 Македонци и 72 жители Турци, а во 1994 година имало 1.786 жители, од кои 1.142 биле Албанци, 638 Македонци, двајца Турци и четири жители останати.[2]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Милетино, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, селото имало 1.986 жители, од кои 642 Македонци, 1.336 Албанци, 2 Срби и 6 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.674 жители, од кои 501 Македонец, 1.105 Албанци, 1 Србин, 3 останати и 64 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Милетино:
| Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1948 | — | — | — | — | — | — | — | 1.310 |
| 1953 | 717 | 645 | 14 | 4 | 11 | 6 | — | 1.397 |
| 1961 | 749 | 673 | 72 | — | 0 | 4 | — | 1.498 |
| 1971 | 679 | 882 | 39 | 0 | 2 | 7 | — | 1.609 |
| 1981 | 658 | 1.113 | 31 | 0 | 0 | 18 | — | 1.820 |
| 1991 | 650 | 8 | 0 | 0 | 3 | 3 | — | 664 |
| 1994 | 638 | 1.142 | 2 | 0 | 2 | 2 | — | 1.786 |
| 2002 | 642 | 1.336 | 0 | 0 | 2 | 6 | — | 1.986 |
| 2021 | 501 | 1.105 | 0 | 0 | 1 | 3 | 64 | 1.674 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Милетино е македонско-албанско-турско село.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
- Македонски родови: Стаматовци (2 к.), најстар селски род. Имаат иселеници во Белград (едно семејство); Тасевци (3 к.), стар селски род. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Кнушој или Николовци (6 к.), стари доселеници од Порече. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Филиповци или Карадаг (14 к.), доселени се од некое село на планината Скопска Црна Гора. Имаат иселеници во Белград; Топаловци (19 к.), доселени се од некое село во Охридско. Овде дошол основачот на родот Топал околу 1780-тите, го знаат следното родословие: Паун (жив, 78 години во 1946 г.)-Аврам-Ѓоргија-Злате-Топал, основачот на родот кој се доселил. Пред да дојдат во ова село, пробале да се населат во околните села, но таму не ги сакале селаните. Имаат иселеници во Тетово (три семејства) и во Белград (две семејства); В’лкановци (3 к.), доселени се од некое албанско село на Шар Планина околу 1850-тите, го знаат следното родословие: Блаже (жив, 38 години во 1946 г.)-Петруш-Анѓеле-В’лкан, кој се доселил во селото. Имаат иселеници во Челопек; Станчевци (11 к.), доселени се однекаде. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство); Самарковци (1 к.), и тие се доселени се од некаде; Џамадај или Маковци (8 к.), доселени се однекаде околу 1840-тите, се доселил основачот на родот Мако, го знаат следното родословие: Вељан (жив, 50 години во 1946 г.)-Стојан-Аврам-Мако, кој се доселил. Имаат иселеници во Јабука во Војводина (тие биле колонизирани таму); Војној (5 к.), доселени се од некое село во Порече; Ѓорговци (6 к.), доселени се од некое село во Порече. Имаат иселеници во Белград (две семејства), Ќуприја (едно семејство) и во Војводина (едно семејство); Бацој (3 к.), доселени се од сега албанското село Горна Лешница. Имаат иселеници во Теново (едно семејство); Јаковчевци (5 к.), доселени се од Блаце, каде биле староседелци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Коруној (1 к.), и тие се од Блаце, потекнуваат од домазет; Јанкуловци (2 к.), и тие се од Блаце, таму припаѓале на родот Лукаревци, подалечно потекло од селото Лупште, Порече; Ѓонковци или Јовановци (1 к.), се доселил предокот Јован околу 1810-тите. Го знаат следниот родослов: Новак (жив, 44 години во 1947 г.)-Диме-Тодосија-Новак-Јован. Имаа иселеници во Брвеница (4 к.) и во Белград (1 к.); Ќулумовци или Цветковци (1 к.), доселени се од Порече. Имаат иселеници во Белград (едно семејство); Стојчевци (2 к.), доселени се од сега албанското село Горна Лешница; Шутковци (1 к.), доселени се од селото Блаце, каде биле дел од староседелскиот род Грнчаровци; Филип (1 к.), дошол од селото Томино Село, Порече; Иван или Дебранци (1 к.), доселени се од некое село на Црн Дрим и Вељан (1 к.), доселени се од селото Седларево, нивните роднини таму се албанизирани.
- Албански родови: Амедовци (34 к.), доселени се околу 1790-тите од некое место во Северна Албанија. Имаат иселеници во Темишвар (едно семејство); Ќемаловци (3 к.), стари доселеници, нивното потекло е непознато, можеби се од турско потекло; Таировци или Имеровци (14 к.), доселени се од Дебарско околу 1830-тите, го знаат следното родословие: Ајет (жив, 55 години во 1947 г.) Реџеп-Алија-Нуија, еден од нивните први доселеници. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Шаракат (8 к.), доселени се околу 1830-тите од селото Ѓурѓевиште на Шар Планина, го знаат следното родословие: Куртиш (жив, 80 години во 1946 г.)-Реџеп-Зибер, еден од браќата кој се доселил. Понатамошно потекло имаат од областа Љума. Имаат иселеници во Тетово (1 к.); Реџеповци (5 к.), доселени се околу 1830-тите од некое село западно од Дебар. Го знаат следното родословие: Азир (жив, 50 години во 1947 г.)-Амет-Рушан-Реџо, кој се доселил во селото; Османовци (3 к.), доселени се од селото Падалиште, подалечно потекло од Северна Албанија. Имаат иселеници во Долно Синичино; Миџаит (1 к.), скоро доселен, не го кажал потеклото и Азис (1 к.), исто така скоро доселен, по потекло од Дебарско.
- Турски родови: Агалари (5 к.), доселени се околу 1830-тите овде преку Тетово, подалечно потекло од Мала Азија, го знаат следното родословие: Арслан (жив, 60 години во 1946 г.)-Рушан-Мамут-Арслан-Ага, кој се доселил. Имаат иселеници во Тетово (три семејства) и Зенул-Агини (2 к.), доселени се од Врапчиште, викаат дека се од турско потекло. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство).
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Покрај наведените иселувања од поединечните родови се знае и за следниве иселувања забележани во 1947 година:[3]
- Иселени македонски родови: Дошљаковци или Николовци (4 к.), живеат во Теново; Милевци (15 к.), живеат во планинското село Брезно, тие биле старинци во Милетино и преку Брезно имаат иселеници и во Тетово (3 к.), Романија, Бугарија и други места; Ѓонковци (4 к.) и Руфатовци (5 к.), живеат во Брвеница; Игној (1 к.), живеат во Челопек; Катрановци (1 к.) и Мефтаровци (2 к.), живеат во Радиовце.
- Иселени албански родови: Незир (1 к.), живеат во Челопек.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]
- ПУ „7 Март“ - Милетино - подрачно основно училиште за ученици од прво до деветто одделение во состав на ОУ „7 Март“ - Челопек
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Блаце било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Брвеница, која била една од ретките општини во Македонија која останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од општината Брвеница.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Жеровјане во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Милетино, во која покрај селото Милетино, се наоѓале селата Блаце и Челопек. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Милетино, во која влегувале селата Блаце и Милетино.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постојат избирачките места бр. 2042 и 2043 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.919 гласачи.[12] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.933 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта
- Милин Град - археолошко наоѓалиште, каде е пронајден еден јонски капител;[14]
- Цркви[15]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Димитриј“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — стара гробишна црква;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — нова гробишна црква;
- Црква „Св. Атанасиј“ — мала селска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — мала селска црква.
- Манастири
- Милетински манастир — понов манастир во селото.
- Џамии[15]
- Џамија — главна селска џамија.
- Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
- Манастирската црква „Св. Димитриј“
- Новата и старата гробишна црква „Св. Ѓорѓи“
- Малата селска црква „Св. Атанасиј“
- Малата селска црква „Св. Петка“
- Манастирскиот двор со конакот
- Селската џамија
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Милетино
- Спиро Стоматовски (1913-1944) — жртва во логорот „Јасеновац“; и
- Борче Сибиновски — стопанственик и поранешен пратеник.[16]
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Во селото постоел ФК „Победа“, но денес работи фудбалскиот клуб „Руфеја“.
Галерија
[уреди | уреди извор]- Куќа во селото
- Поглед во селото
- Поглед во селото
- Воздушен поглед на селото со соседното Челопек
- Сретселото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 195-196. Посетено на 30 ноември 2025.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 410-414.
- ↑ „Составот на населението во Тетовската нахија во XV век“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2008-07-05.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.212.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.122-123.
- ↑ Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.24.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 ноември 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 3 декември 2025.
- ↑ Виктор Лилчиќ; Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, том прв, Скопје 2001, страници 293-295.
- 1 2 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Пратеничка група 1998-2002[мртва врска]
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||


