Челопек (Тетовско)
| Челопек | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°55′54″N 21°0′47″E / 41.93167°N 21.01306°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Долен Полог |
| Население | 4.459 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1227 |
| Повик. бр. | 044 |
| Шифра на КО | 28089, 28589 |
| Надм. вис. | 702 м |
Челопек — село во Општина Брвеница, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на село Челопек етимолошки означува „место каде што сонцето секогаш го удира твоето чело“ заради тоа што селото е секогаш изложено на сонце.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во источниот дел на територијата на Општина Брвеница.[2] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 500 до 600 метри. Од градот Тетово, селото е оддалечено 17 километри.[2]
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2233.
Селото е големо и се наоѓа северно од Милетино, а во подножјето на планината Сува Гора. Над селото на исток се издигнува возвишението Ќуќуљ, додека на запад се наоѓа земјиште со благ наклон, кое потоа се спушта кон реката Вардар. Во минатото, мештаните водата за пиење ја добивале од бунари и од чешми во селото. Чешмите се викале Наскоа, Школска, Ељезоа, Долно Маалска, Конакоа, Љоканоска, Циљоа, Џамиска и Три Чешми. Над селото избивал изворот Глава.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Горна Пржина, Коња Бара, Крушојца, Липјане, Леска, Граденица, Под Краста, Прок, Средно Поле, Камен, Карамајнца, Бобиште, Лаг, Крушоечки Ливада, Падине, Бразде, Поско Ливаде, Мртвика, Калдрма, Стари Брод, Коњоец, Чешмица, Голо Брдо, Попоа Шапка, Света, Демов Забел, Плоча, Дуракои Дупки, Орлов Камен, Лакароец, Црквица и Ораше.[3]
Селото има збиен тип со амфитеатрален изгледа. Куќите се свртени на запад. Според истражувањето на Јован Трифуноски во 1947 година, селото е поделено на 13 маала: Горно, Долно, Средно, Торба, Наско, Дурак, Биринци, Изеир, Чакр, Циле, Гале, Ѓураб и Љок Маало. Првите три маала имаат православно население, додека во останатите маала живее муслиманско население.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]

Во познатите пишани извори, Челопек се наведува за време на владеењето на царот Стефан Душан помеѓу 1337-1346 година, кога бил издаден хрисовул на тетовскиот манастир и биле наведени месности на планината Сува Гора. Друг пишан траг за Челопек се наоѓа во два турски документи од XV век (едниот 1461 г., а вториот 1470 г.). Во нив се наведуваат лозја на брдо западно од селото и еден Турчин Идриз, син на Абдула, од Челопек.[3]
Селото се споменува и во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) и имало 121 христијанско семејство, 17 неженети христијани и 9 вдовици христијани.[4]
За селото може да се каже дека е старо, бидејќи има остатоци од утврдена населба, стари храмови и зачувани староседелски македонски родови. Над Челопек на исток се издигнува возвишението Ќуќуљ, каде се наоѓа Кале или Градиште, што е населба и некропола од доцноантичкото време.[5] Таму се наоѓала утврдената населба Горен Челопек, а под него се наоѓала голема населба за живеење наречена Долен Челопек.[3]
По народната традиција, во утврдениот дел на Челопек (или Горен Челопек, денес Кале или Градиште) некогаш живеел војводата Јорго со дружината. Еднаш Јорго фрлил камен на местото денес викано Скачкоец. Во таа прилика, селото го напаѓале Турците со Амзи-паша. Изненаден, Јорго избегал по една долина во соседното милетинско утврдување, од каде се борел против Турците. Денес, во Челопек постои месност Јоргов Дол, по кој Јорго избегал. Постои и место Амзинец, од каде Амзи-паша дошол до селото. Кај постарите селани се пренесувало дека Војдодата припаѓал на род кој живеел во Челопек и дека нивни роднини има иселено во Романија. На утврдувањето кај Челопек сега се познаваат остатоци од ѕидови со камен.[3]
За староста на Челопек занимливи се и храмовите. Во средишниот дел се наоѓа црквата „Св. Никола“ (потекнува од XIV век), која била срушена за време на Турците. По ослободувањето на Грција, кога во селото се вратил Алил-ага (од родот Циле) со жена Гркинка, црквата повторно била изградена. За градењето на црквата своја заслуга имала Гркинката, која барала од агата да се обнови овој храм. На јужниот дел од селото се наоѓа втората црква посветена на Богородица. Таа била подигната во 1937 година на место на стара градба. Околу оваа црква се наоѓаат и денешните селски гробишта.[3]
Жителите Албанци (Арнаути) се доселуваат во селото од Гургурница и од Седларево уште во отоманскиот период по налог на пашата за контрола на христијанското македонско население кое живеело таму.
Алил-ага од родот Циле во првата половина на XIX век важел за многу силен муслиман во ова село. Тој изградил конак со камени ѕидови и убава чешма. Тој конак бил зачуван добро и во 1940-тите. За агата постои и пишан траг во кој се гледа дека доста му помагал на скипскиот Амзи-паша.[3]
Во кодиката на Бигорскиот манастир (препис од 1863 г.) се споменуваат некои жители на Челопек како приложници.[3]
Во средината на XIX век, селото имало 75 куќи, од кои 30 биле христијански, а останатите муслимански. Во овој период се појавила и епидемија на чума, поради што селаните привремено избегале од селото и живееле во колиби на месностите Лазој и Мечкини Дупки.[3]
Кон крајот на XIX век, селото имало 82 православни и 160 муслимански куќи. Селото растело со природен прираст и доселувања.[3] Во понов период турското население кое живеело сè уште таму се албанизирало.
Во конфликтот во 2001 година, албанските терористи го разнеле мотелот „Бриони“ во сопственост на Македонец и ги убиваат двајцата Македонци чувари на местото со поставување динамит врз нив.[6]
Во селото се наоѓа споменик на НОБ,[2] како и спомен-плочи на загинатите мештани Албанци.
- Споменикот на НОБ
- Спомен-плочи на загинатите мештани Албанци
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 27,7 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 1.315 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 1.105 хектари, а на пасиштата 176 хектари.[2]
Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото, во селото работела земјоделска задруга. Во него работат услужни објекти.[2]
Население
[уреди | уреди извор]Население во минатото | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
![]() | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Челопек живееле 1.520 жители, од кои 1.000 Албанци и 520 Македонци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 650 Македонци и 1.450 Албанци.[8]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Челопек имало 600 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Според рускиот филолог Афанасиј Селишчев во 1929 година, селото било дел од Милетинската општина и имало 309 куќи и 1.589 жители, Македонци и Албанци.[10]
Селото е мошне големо, коешто во 1961 година имало 3.196 жители, од кои 2.224 биле Албанци, 816 Македонци и 28 жители Турци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 4.876 жители, од кои 4.336 биле Албанци, а 532 жители Македонци.[2]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Челопек, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, селото имало 5.287 жители, од кои 463 Македонци, 4.803 Албанци, 2 Турци, 1 Србин и 18 останати.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4.459 жители, од кои 395 Македонци, 3.898 Албанци, 5 Бошњаци, 4 останати и 157 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Челопек:
| Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1948 | — | — | — | — | — | — | — | 2.733 |
| 1953 | 827 | 2.057 | 4 | 1 | — | 4 | — | 2.893 |
| 1961 | 816 | 2.324 | 28 | 1 | — | 27 | — | 3.196 |
| 1971 | 670 | 3.061 | 35 | 2 | — | 33 | — | 3.801 |
| 1981 | 629 | 4.061 | 8 | 3 | — | 30 | — | 4.731 |
| 1991 | 514 | 28 | 0 | 2 | — | 6 | — | 550 |
| 1994 | 532 | 4.336 | 0 | 2 | — | 6 | — | 4.876 |
| 2002 | 463 | 4.803 | 2 | 1 | — | 18 | — | 5.287 |
| 2021 | 395 | 3.898 | 0 | 0 | 5 | 4 | 157 | 4.459 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Извадок од приказна раскажана од стара жена од Челопек на долнополошки дијалект | |
| Проблеми со пуштањето? Помош. | |
Челопек е мешано село, населено со православно и муслиманско население.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
- Македонски православни родови: Попоќовци (15 к.), староседелци. Името го добиле по предок кој бил свештеник; Типицовци (20 к.), доселени се од Старо Село, кое сега е пусто и се наоѓа на Шар Планина. Во Челопек се доселиле тројца браќа во 1740-тите. Го знаат следното родословие: Косто (жив, 78 години во 1947 г.)-Ристо-Тодор-Здравко-Ѓоре-Јанко, еден од нивните први доселеници. Во Старо Село еден нивен роднина го примил исламот и останал таму, но овие не сакале да ја променат верата и затоа се иселиле. Планината над денешното Ново Село (во чиј атар влегол атарот на селиштето Старо Село) и по иселувањето на овој род долго време се водел на нивно име. Кога се доселиле во Челопек работеле на беговска земја, а подоцна купиле своја земја. Имаат иселеници во Теново (едно семејство), Тетово (четири семејство), Скопје (шест семејства), Бугарија (едно семејство) и во Романија (четири семејства); Љубевци (6 к.), имаат исто потекло и време на доселување како и претходниот род со кои се и подалечни роднини. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Пољовци (10 к.), стари доселеници. Доселени се од некое денешно албанско село на Шар Планина. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Веселковци (6 к.), доселени се доста рано. Доселени се од денешното раселено село Млаки, кое се наоѓало југоисточно од селото Челопек. Тие се иселиле од селото поради тоа што било мало село и поради честите напади. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Русиновци (4 к.), исто потекло како претходниот род. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Трајковци (8 к.), доселени се од селото Липјан, кое сега не постои и се наоѓало северно од Челопек. Го знаат следното родословие: Јоше (жив, 65 години во 1947 г.)-Димо-Кузман-?-Трајко, кој се доселил. Имаат иселеници во Скопје (три семејства); Гуној (4 к.), исто потекло како и претходниот род со кои се сметаат за подалечни роднини; Кукуриковци (3 к.), исто потекло како родовите Типицовци и Љубевци. Имаат иселеници во Бугарија (две семејства); Трлаќовци (12 к.), исто потекло како и претходниот род; Дервенцовци (3 к.), доселени се од селото Ларце во Скопски Дервен. Во Челопек рано дошол основачот на родот. Во Ларце имаат муслимански роднини, кои таму преминале на ислам; Поповци (5 к.), доселени се од селото Урвич. Го знаат следното родословие: Петре (жив, 45 години во 1947 г.)-Ристе-Димитрија-Илија, кој се доселил во 1840-тите. Илија во Челопек станал свештеник, а подоцна свештеници станале и неговиот син Димитрија и неговиот внук Ристе. Од Урвич побегнале зашто не сакале да бидат потурчени (исламизирани); Шуковци (3 к.), исто потекло како и родот Кукуриковци и другите три рода. Имаат иселеници во Романија (две семејства); Ташковци (5 к.), доселени се од Јанина во Епир, Грција. Основачот на родот е донесен како роб во првата половина на XIX век. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Романија (едно семејство); Паштрмовци (6 к.), доселени се од соседното село Горна Лешница. Се доселил дедото на Ефто (жив, 60 години во 1947 г.). Од Лешница се иселиле откако дошол некој полјак Албанец, кој им земал две жени. Кога дошле во Челопек донеле многу жива стока. Тие добиле бесплатно земја во горниот дел на селото. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Пупановци (5 к.), имаат исто потекло како и претходниот род. И тие добиле бесплатна земја од мештаните. Го знаат следното родословие: Гавро (жив, 70 години во 1947 г.)-Насте-Ѓоргија, еден од првите доселеници; Љушповци (1 к.), време и место на доселување како и претходните родови. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство); Ѓурчевци (4 к.), време и место на доселување како и претходните родови. Основачот на родот бил ковач. Тие добиле бесплатно земја во горниот дел на селото. Имаат иселеници во Белград (две семејства) и во Обреновац (едно семејство); Филовци (2 к.), имаат потекло како и претходните родови. Поточно овие родови по машка линија се изумрени, па сега во куќите живеат домазетовци од родот Паштрмовци и од селото Пожаране (од тамошниот род Томевци); Панчевци (1 к.), стари доселеници. Доселени се од некое околно полошко село каде што биле чифлигари; Коларовци (1 к.), доселени се од селото Ларце во Скопски Дервен заедно со родот Дервенцовци. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство); Грнчаровци (6 к.), доселени се од селото Блаце, каде биле староседелци и имаат истоимени роднини. Во селото дошле во 1820-тите. Имаат иселеници во Радиовце (едно семејство) и во Романија (две семејства); Игној (1 к.), рано се доселени од селото Милетино, каде биле чифлигари. И таму биле од некое околно полошко село. Во Челопек мештаните им дале земја за куќа. Имаат иселеници во Ратае (Тошески, 4 к.) и во Романија (едно семејство); Џаќеровци (1 к.), доселени се од денешното албанско село Жеровјане. Во Челопек ги довел некој Албанец да му бидат чифлигари; Чорбовци (2 к.), доселени се од селото Мерово во Скопски Дервен. Го знаат следното родословие: Онуфрија (жив, 60 години во 1947 г.)-Јоан-Илија, кој се доселил во 1850-тите; Влканој (1 к.), потекнуваат од истоимениот род во Милетино, а таму дошле во 1840-тите од некое село на Шар Планина; Лукаревци или Богојевци (1 к.), гранка се од истоимениот род во селото Блаце, каде дошле од поречкото село Лупште и Тачеј или Шоповци (1 к.), доселени се од Блаце, каде имаат истоимени роднини. Не го знаат подалечното потекло.
- Муслимански родови:
- Исламизирани и албанизирани словенски родови: Гале (5 к.), староседелци, живеат во истоименото маало. Кога биле православни, некој од родот Попоќовци им убил дете, поради што сакале да им се осветат неказнето и затоа преминале на ислам. Предокот кој прв се исламизирал се викал Гавро; Дурак (15 к.), староседелци, се исламизирале во исто време со родот Гале. Живеат во истоименото маало. Предокот кој преминал на ислам се викал Тодор и тој бил брат на Гавро, основачот на родот Гале; Торба (5 к.), куќите им се во истоименото маало. Тие дошле рано во Челопек од некое село во областа Средска на Косово. Имаат истоимена гранка во селото Вејце на Шар Планина и Црвенк (9 к.), куќите им се во маалото Бобар. Нивните предци во Челопек дошле како Торбеши, па подоцна го примиле албанскиот јазик и се албанизирале.
- Албански родови: Циле или Идризовци (14 к.), први муслимански доселеници во селото. Дошле од Северна Албанија на крајот на XVIII век. За време на тетовскиот Абдурахман-паша, од овој род бил познат и доста истакнат Алил-ага Циле, чии конаци и денес се зачувани во Челопек. Алил-ага за време на војната во Грција довел жена Гркинка. Куќите на овој род се наоѓаат во истоименото маало; Селман (17 к.), сега живеат во маалото Циле, а по потекло се од Северна Албанија. Името го добиле по основачот на родот; Осман (19 к.), по потекло од Северна Албанија, каде припаѓале на фисот Шаља. Куќите им се во маалото Чакр; Мет (16 к.), по потекло од Северна Албанија, каде припаѓале на фисот Шаља. Куќите им се во маалото Чакр; Бајрам Мусас (16 к.), по потекло се од Северна Албанија од фисот Шаља. Куќите им се во маалото Чакр. Родовите Осман, Мет и Бајрам Мусас потекнуваат од тројца браќа Осман, Сефер и Имер, кои се доселиле во 1780-тите. Го знаат следното родословие: Ќаил (жив, 45 години во 1947 г.)-Алил-Абаз-Зеќир-Ибраим-Сефер, еден од браќата кои се доселиле. Една нивна огранка дошла во селото Лисец на Шар Планина, каде се нарекуваат Шаља; Бобоџан (3 к.), Зеќир (7 к.), Бајрам Емин (1 к.) и Зимбо Река (3 к.), доселени се од областа Горна Река. Подалечно потекло од Северна Албанија; Деари (5 к.), дошле преку селото Градец, каде се роднини со родот Дерала. Подалечното потекло им е од Хас во Северна Албанија; Ајдар (3 к.), Селман (2 к.) и Курто (2 к.), доселени се, но не знаат од каде. Куќите им се наоѓаат во маалото Торба; Бобар (5 к.), доселени се од Љума во Северна Албанија. Имаат роднини Мујалар во Чегране и Бобари во Форино; Фета Љок (7 к.), Емуш Љок (5 к.) и Пиунче Љок (3 к.), доселени се од некаде во Северна Албанија во 1820-тите. Го знаат следното родословие: Сабри (жив, 58 години во 1947 г.)-Иљаз-Амет-Фета, основач на родот. Куќите им се наоѓаат во маалото Љок; Татар (3 к.), доселени се од Мала Азија. Кога дошле зборувале на турски, сега зборуваат на албански. Куќите им се во маалото Бобар; Кока (2 к.), Капуч (6 к.), Бутик (1 к.) и Парла (5 к.), доселени се, но не знаат од каде. Можно е да се од Северна Албанија. Куќите им се во маалото Бобар; Коач (24 к.), доселени се од селото Коџаџик во Дебарско во 1810-тите. Куќите им се во маалото Биринџи. Го знаат следното родословие: Дано (жив, 70 години во 1947 г.)-Асан-Зилбеар-Асан, еден од првите доселеници. Кога првин дошле во Челопек се населиле во христијанскиот дел и го основале маалото Ковач, но подоцна се преселиле во маалото Биринџи. Едно нивно семејство се отселило во Желино; Наско (5 к.), куќите им се во истоименото маало. Се сметаат за постари доселеници, но не го знаат потеклото; Метњан (2 к.), по потекло од областа Матија во Северна Албанија. Тука дошле преку селото Добарце во Скопски Дервен; Мечан (4 к.), куќите им се во маалото Наско, а нивното потекло е од областа Матија во Северна Албанија; Рамаданлар (3 к.) и Мустафа (5 к.), куќите им се во маалото Наско. Доселени се од некаде од Албанија; Бафто (4 к.), живеат во Биринџи Маало. Доселени се, но не го знаат потеклото. Веројатно се од Северна Албанија; Муса Салија (5 к.), куќите им се во маалото Торба. Доселени се, но не знаат од каде; Незир (1 к.), доселен од селото Милетино; Бектешовци (9 к.) и Скендер (9 к.), живеат во Биринџи Маало. Доселени се, но не знаат од каде; Шето (9 к.), доселени се од селото Шето во Албанија во 1810-тите. Живеат во маалото Дурак. Го знаат следното родословие: Шабан (жив, 70 години во 1947 г.)-Јаја-Оломан-Арслан, еден од нивните први доселеници; Тока (2 к.), живеат во маалото Дурак. Доселени се од селата Србиново и Трново кај Гостивар. Таму дошле од областа Булчица во Албанија. Во двете села имаат роднини. Во Србиново дошле на почетокот на XIX век; Гуро (6 к.), доселени се од истоимено село од областа Малесија во Албанија. Имаат роднини во Србиново. По едно кажување тие се албанизирани Словени, кои биле староседелци во Србиново; Бучко (2 к.) и Аљуш (2 к.), куќите им се во маалото Дурак. Доселени се, но не знаат од каде; Оле (2 к.), живеат во маалото Гале. Се сметаат за понови доселеници и Шукри (2 к.), живеат во маалото Љок. Потекнуваат од предок, кој дошол како слуга.
- Турски родови: Оџини (2 к.), дошле од Тетово и Рамадановци (1 к.) и Исмаиновци (1 к.), доселени се, но не знаат од каде.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Според состојба од 1947 година се знае и за следниве иселени родови:[3]
- Македонски родови: Тикишовци, сега живеат во Тетово и во Романија. Во Челопек биле староседелци; Лајчарои, изумреле, а во Челопек дошле од денешното албанско село Мерово и Мамикомадовци, и тие изумреле. Биле гранка на сараќински род, од каде се доселиле. Нивното подалечно потекло било денешното албанско село Лисец на Шар Планина.
- Албански родови: Аљиловци, се иселиле во Аџево, сега историско село во Скопско на почетокот на XIX век; Беџетој (4 к.), живеат во Радиовце, каде заминале во 1920-тите и Ајрединовци (1 к.), живеат во Теново.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- ОУ „7 Март“ - Челопек - централно основно училиште за ученици од прво до деветто одделение
- ПУ „7 Март“ - Долен Челопек - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „7 Март“ - Челопек
- Пошта (1227)
- Здравствена амбуланта
- Подрачното училиште во Долен Челопек
- Централното училиште
- Поштата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Челопек било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Брвеница, која била една од ретките општини во Македонија која останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од општината Брвеница.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Жеровјане во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Милетино, во која покрај селото Челопек, се наоѓале селата Блаце и Милетино. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Челопек, во која Челопек било единствено село.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постојат изборните место бр. 2037, 2037/1, 2038, 2038/1, 2039, 2039/1, 2040, 2040/1 и 2041 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 5.468 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 5.429 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[5]
- Градиште - Брежине — населба и некропола од доцноантичкото време.
- Цркви[16]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква и заштитено културно наследство на Македонија; и
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — гробишна црква.
- Џамии[16]
- Долна џамија — џамија во Долен Челопек;
- Средна џамија — џамија во Челопек; и
- Горна џамија — џамија во Челопек.
- Горната џамија
- Средната џамија
- Долната џамија
- Главната селска црква „Св. Никола“
- Гробишната црква „Успение на Пресвета Богородица
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Челопек
- Љубе Бошкоски — македонски политичар; и
- Гавро Настоски — член на МРО курир на четите на Питу Гули и на Коле Гостиварчето.
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Галерија
[уреди | уреди извор]- Куќа во селото
- Поглед на селото
- Воздушен поглед на Долен Челопек
- Воздушен поглед на Долен Челопек
- Селска чешма
- Селска чешма
- Селска чешма
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 317. Посетено на 9 декември 2025.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 414-420.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.332
- 1 2 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 427. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ „Разурнатиот мотел единствен сведок за убиените во „Бриони"“. Посетено на 2025-12-09.
- ↑ Божинов, Воин. Българската просвета в Македония и Одринска Тракия 1878-1913, София 1982, с. 155.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 122-123.
- ↑ Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 24.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 ноември 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 декември 2025.
- 1 2 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Челопек (Тетовско) на Ризницата ?- Историја и фотографии за Челопек Архивирано на 27 мај 2009 г.
| ||||||||||||




