Прејди на содржината

Блаце (Тетовско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Блаце

Воздушен поглед на селото

Блаце во рамките на Македонија
Блаце
Местоположба на Блаце во Македонија
Блаце на карта

Карта

Координати 41°53′41″N 21°1′13″E / 41.89472°N 21.02028°E / 41.89472; 21.02028
Регион Полошки
Општина Брвеница
ОбластДолен Полог
Население272 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1227
Повик. бр.044
Шифра на КО28002
Надм. вис.620 м
СлаваЃурѓовден
Блаце на општинската карта

Атарот на Блаце во рамките на општината
Блаце на Ризницата

Блаце — село во Општина Брвеница, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Потекло и значење на селото

[уреди | уреди извор]

Името на селото како Блаче првпат е споменато во документи од XV век (1452 г.), додека понатаму се споменува и како Блатец и Блаце. Името на селото се поврзува со блато што има значење на застоена вода и поголемо место со кал.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Воздушен поглед на селото

Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во јужниот дел на територијата на Општина Брвеница, чиј атар делумно се издига на западната падина на Сува Гора.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 620 метри. Од градот Тетово, селото е оддалечено 23 километри.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2233 за селото Милетино.

Селото се наоѓа во подножјето на Сува Гора. Околни села се Стенче, Теново и Милетино. Во минатото, водата за пиење, мештаните ја добивале од неколку чешми. За овие чешми во 1939 година била спроведена вода од карстниот извор Горна Вода, кој се наоѓа над селото. На атарот на селото има и други извори, како Јалчинец и Црни Луг.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Опаљ, Змијанец, Пељ, Длабоки Дол, Голина, Коачоец, Тодоров Забел, Дабје, Горна Орница, Куќарица, Мусовмец, Вртешка, Студенец, Судник, Чашка, Венец, Чутуроа Дупка, Глава, Вардарка, Племњица, Навијалка, Круша, Петре Лаз, Стубал, Дабличе, Прекаче и Под Лозје.[4]

Селото има збиен тип и куќите му се поделени во две маала кои се наречено по нивната местоположба, односно Горно и Долно Маало. Меѓусебно маалата се раздвоени со главната улица.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]

Мештаните сметаат дека е многу старо село, а староста може да се забележи и во зачуваните староседелски родови и по остатоците од црковните храмови. Староседелци се Коруновци, Љочковци, Грнчаровци, Мартиноски и Лековци.[4]

Во минатото, селото било погодено од епидемија на чума, кога многу мештани умреле. Чумата ја преживеале само предците на денешните староседелски родови.[4]

Над селото, на падините на Сува Гора некогаш се наоѓала црква посветена на „Св. Константин“ и околу таа црква била зачувана елова шума. Кај црквата се собирал многу народ и тогаш за храна за гостите свештениците колеле уловени елени. Во 1947 година кога Јован Трифуноски го посетил селото, на местото на храмот имало остатоци од темелите.[4] Денес, црквата „Св. Константин и Елена“ е обновена.

Југоисточно од селото, исто така, на падините на Сува Гора се наоѓа Самовилска Вода, каде во 1920-тите години селаните подигнале капела.[4] На местото на капелата, денес се наоѓа црквата „Св. Троица“.

Во селото се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓи“, која поради нејзина дотраеност била срушена во 1938 година и тогаш мештаните започнале да градат нова црква, но таа не била довршена во 1940-тите и поради тоа за празниците мештаните оделе во црквата во соседното Милетино.[4] И оваа црква е завршена и обновена.

На 31 август 1944 година селото е нападнато од балисти со единствена цел да палат, пљачкосуваат и убиваат. До темели се изгорени 13 куќи и ѕверски се убиени 12 невини жители. Јован Трифуноски навел дека селото било нападнато од Албанци од соседното село и дека истите убиле околу 15 мажи.[4]

Во селото постојат два споменика на НОБ.[3]

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Поглед на гостилница во селото

Атарот на селото зафаќа простор од 7,7 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 366,1 хектар, на пасиштата отпаѓаат 229,2 хектари, а на обработливото земјиште 159,8 хектари.[3]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во минатото, во селото работела продавница.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948442    
1953471+6.6%
1961513+8.9%
1971493−3.9%
1981385−21.9%
ГодинаНас.±%
1991362−6.0%
1994375+3.6%
2002344−8.3%
2021272−20.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Блаце живееле 440 жители, сите Македонци.[5]

Според егзархискиот секретар („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Блаце имало 360 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, селото било дел од Милетинска општина и имало 62 куќи и 357 жители, Македонци.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]

Селото во 1961 година броело 513 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 375 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, селото имало 344 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 272 жители, од кои 259 Македонци и 13 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 440 360 442 471 513 493 385 362 375 344 272
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Блаце е македонско православно село.[4]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Староседелски родови: Коруновци (16 к.), имаат иселеници во Милетино (две семејства); Љочковци или Грујовци (15 к.), имаат иселеници во Стенче (домазет), Скопје (едно семејство) и во Ниш (едно семејство); Грнчаровци (8 к.), први селски грнчари и затоа го добиле своето име. Имаат иселеници во Челопек (шест семејства), Копанце, Милетино, Тетово (по едно семејство) и во Белград (едно семејство). Нивниот огранок во Челопек се иселил 1820-тите од Блаце; Мартиновци (11 к.), имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Романија (едно семејство) и Лековци (3 к.), немаат иселеници.
  • Доселеници: Николовци или Домазетовци (7 к.), потекнуваат од домазет кој се доселил од исчезнатото село Прошовце над Пожаране, го знаат следното родословие: Веселин (жив, 47 години во 1947 г.)-Трпче-Тодор-Петре-Тримче-Никола, основачот на родот кој се доселил. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Стенче (едно семејство); Лукаревци или Богојевци (8 к.), доселени се од поречкото село Лупште. Се доселиле доста рано поради сиромаштија. Имаат иселеници во Милетино (две семејства), Челопек (домазет), Скопје (две семејства) и во Романија (едно семејство); Тачеј или Шопевци (4 к.), рано се доселени однекаде. Името го добиле по некој нивен предок кој нападнал Турчин за да ослободи некоја робинка (Шопинка). Имаат иселеници во Челопек и Брвеница (по едно семејство).

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од Блаце се иселиле многу луѓе, односно многу семејства. Поради тоа, бројот на населението е помал за разлика од историските податоци.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Блаце било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Брвеница, која била една од ретките општини во Македонија која останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од општината Брвеница.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Жеровјане во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Милетино, во која покрај селото Блаце, се наоѓале селата Милетино и Челопек. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната општина Милетино, во која влегувале селата Блаце и Милетино.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2046 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 262 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 270 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви[19]

Црквата „Св. Петка“ на патот за соседното Стенче катастарски се смета за дел од атарот на Блаце, но црквата е подигната од мештаните на Стенче.

Манастири
Споменици
  • Споменици (два) на НОБ во селото.

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[4]

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Во Блаце на 4 јули 1969 година по турнир во соседното село Милетино се формирал фудбалски клуб. Клубот го добил името „4 Јули“ според датумот кога бил формиран. Натпреварите се играле на стадионот „Грбавица“ кој се наоѓа под селото.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 59. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 1 2 3 4 5 6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 31. Посетено на 17 ноември 2025.
  4. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 409-410.
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 212.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 122-123.
  7. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 23.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 17 ноември 2025.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 26 октомври 2025.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 417. ISBN 9989-649-28-6.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]