Прејди на содржината

Гургурница

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гургурница

Воздушен поглед на селото

Гургурница во рамките на Македонија
Гургурница
Местоположба на Гургурница во Македонија
Гургурница на карта

Карта

Координати 41°50′44″N 21°06′10″E / 41.84556°N 21.10278°E / 41.84556; 21.10278
Регион Полошки
Општина Брвеница
ОбластГорен Полог
Население во атар1954 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1213
Повик. бр.044
Шифра на КО28020
Надм. вис.1.250 м
Гургурница на општинската карта

Атарот на Гургурница во рамките на општината
Гургурница на Ризницата
Објаснувања за населението

1 Државниот завод за статистика го пресметува населението врз основа на бројот на жители кои живеат во рамки на атарот на населеното место
2 Податокот го содржи населението што живее во пописниот круг за населеното место, исклучувајќи ги или додавајќи ги бројот на жители кон други населени места.

Гургурница — село во Општина Брвеница, во околината на градот Тетово.

Сместено е во сливот на реката Треска. Географски, Гургурница припаѓа на областа Порече, но историски се води како дел од Полог.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Точното значење на името не се знае, но некои произволно го поврзуваат со албанскиот збор ѓур што означува „камен“.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед кон селото од земјениот пат за соседното Седларево

Ова високо село се наоѓа во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Брвеница, помеѓу источната падина на планината Сува Гора и долината на реката Треска, а чиј атар се допира со териториите на општините Македонски Брод и Желино.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 1.300 метри. Од градот Тетово е оддалечено околу 35 километри.[3]

До селото се стигнува преку асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2233 кај селото Стенче.

Селото се наоѓа на многу незгодна местоположба, бидејќи е сместено на падина на тесна варовнична косина, под која настанува долината на Гургурничка Река. Во минатото, мештаните добивале вода за пиење од пет бунари во селото.[2]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Осој, Лака, Крушевица, Кодра Наљт (Високо Брдо), Кафелница, Чардак, Падишта (од Подишта), Склепа, Честак, Корија, Велковица, Штрунга, Равша, Букурци, Ми Корија (Под Корија) и Лом.[2]

Селото има многу збиен тип и неговите куќи се групирани во две маала: Касамоско и Кацаноско. Имињата на маалата се по најстарите родови.[2]

Од работ на западната страна на висорамнината на атарот на селото се гледа Полошката Котлина, а од самото село на источната страна од висорамнината се гледа текот на реката Треска со езерото Козјак.

За него македонскиот револуционер Ѓорче Петров, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, забележал дека се наоѓа на 1 ¼ час од Седларево и како и тоа село сместено е во Сува Гора.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]

Селото најпрвин било населено со православно македонско население. Но, староседелските македонски родови сега не се зачувани, поради што не се знае кога селото било основано. Денес, во Гургурница живеат доселени муслимани, кои по потекло се од Горна Река. По денешните родови, селото потекнува од 1800-тите години.[2]

Во селото не постојат видливи траги на старини, но по кажување на селани од другите села се знае дека црквата на иселените македонски родови се наоѓала на стрмно земјиште над селото. Таму порано се познавале темелите. Од староседелците останале два бунари јужно од селото (Гоедарски Бунари).[2]

Помеѓу староседелците и доселениците имало континуитет, што може да се види помеѓу зачуваното име и по некои македонски топоними.[2]

Најголемиот дел на населението во селото дошло по природен прираст. Во неговата историја, тоа двапати изгорело од случајни пожари, па било пак обновувано на истото место.[2]

Во рамки на атарот на селото, лево покрај Треска, се наоѓа месноста Букурци, што е селиште на истоименото средновековно село, кое било приложено на манастирот „Св. Андреја“ кај Матка. Селото се раселило и земјата ја зел Касам-ќаја од Гургурница во средината на XIX век.[2]

На почетокот од Втората светска војна (1941 г.), селото било под италијанска окупација. Подоцна било поделено помеѓу бугарскиот и италијанскиот окупатор. Броело околу 100 куќи од кои осумдесетина биле под италијанска управа, а дваесетина под бугарска управа. Месното население било постојано тероризирано од страна на окупаторските власти.

Во атарот на селото делувал и Џемо Хаса со своите соработници Ариф Капетани, Сабри Саларева и Шехип Љаља. Многу селани доброволно се придружиле на одредите формирани од страна на Џемо.

Партизанските сили исто така делувале во атарот на селото, пред сè одредите од Поречкиот и Тетовскиот крај. По завршувањето на војната во овој крај се воделе интензивни борби заради разбивање на одредите на Џемо Хаса.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 48,1 километар квадратен. На него шумите заземаат површина од 1.210,9 хектари, на пасиштата отпаѓаат 771,3 хектари, а на обработливото земјиште 554,4 хектари.[3]

Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Во селото работат продавници.[3]

Мештаните главно саделе компир и планински жита на ниви јужно од селото.[2]

Население

[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Гургурница живееле 276 жители, сите Албанци.[5]

Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година Гургурница — село во Седларевска општина во Долнополошкиот срез и има 73 куќи со 300 жители, Македонци.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Албанци.[7]

Во 1961 година селото броело 1.030 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 1.428 жители, албанско население.[3]

Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Гургурница, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 1.556 жители, од кои 1 Македонец, 1.549 Албанци и 6 останати.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 954 жители, од кои 1 Македонец, 863 Албанци и 90 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 276 758 889 1.030 1.242 1.159 0 1.428 1.556 954
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Гургурница е населено со албанско муслиманско население. Сите родови се доселени.[2]

Според истражувањата од 1949 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Кацан (11 к.), доселени се од селото Рибница во Горна Река. Предците им биле качари и по тоа го добиле родовското име. Го знаат следното родословие: Ризван (жив, 85 години во 1949 г.)-Ариф-Абаз-Мето, предокот кој се доселил во 1800-тите; Касамовци (17 к.) и Реџалар (19 к.), исто така потекнуваат од селото Рибница во Горна Река. Овде живеат од почетокот на XIX век. Потекнуваат од ист предок, Таир. Таир имал двајца синови Реџо и Касам, по кои ги носат имињата овие два рода. Нивниот родослов по една линија е следна: Јусуф (жив, 25 години во 1949 г.)-Имер-Садик-Мето-Реџо-Таир. Се говори дека на Таир му било нудено да се пресели во скопските села, но тој останал поради стоката и пасиштата околу селото. Особено познат бил синот Касим, кој во 1876 година имал 12.000 овци, 1.000 кози, 114 крави, 400 коњи, 101 овчарско куче и друго. Исто така, Касам-ќаја имал чифлици и воденици во македонските села Букурци на Треска (раселено), Длабочица (раселено село кај Луковица) и во Баровска Сушица кај Скопје; Шенделар (16 к.), Лашкалар (7 к.), Омзалар (13 к.) и Бералар (13 к.), и тие потекнуваат од Рибница во Горна Река и дошле по претходните родови; Ајкалар (9 к.), потекнуваат од Горна Река, но не го знаат времето кога дошле и Бибалар (4 к.), доселени се од селото Бибање во Горна Река во втората половина на XIX век.

Жителите на Гургурница имаат носија, говор и обичаи исти како Албанците од Горна Река и двете соседни сувогорски села Корито и Седларево.[2]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Се знае само за родот Вајитовци (1 к.) кои заминале во Теново (Полог).[2]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Гургурница било село во Тетовската Каза на Отоманското Царство.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Групчин, во која покрај селото Седларево, се наоѓале и селата Групчин, Гургурница, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Луковица, Мерово, Ново Село, Рогле, Церово и Чифлик. Во периодот 1950-1952 година селото претставувало седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Гургурница, Луковица и Седларево.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Сараќино во периодот од 1955 до 1965 година.

Селото влегува во рамките на Општина Брвеница, која била една од ретките општини во Македонија која останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од општината Брвеница.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 2036 и 2036/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.522 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.500 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Црква — црква со некропола од доцен среден век.
Цркви[2]
  • Во минатото во селото постоела црква.
Џамии[18]
Споменици
  • Споменик на влезот во селото за изградениот пат.
Пештери

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Во околината на селото се наоѓаат бројни бачила, од каде почнувал планинарскиот марш Гургурница-Требовље

Во минатото, во мај месец, од кај Гургурничките бачила започнувал планинарскиот марш кон месноста Живкови Рупи и врвот Луковец од каде има прекрасен поглед на Поречието и поречките села. Од месноста Живкови Рупи маршот продолжувал до блиските поречки села: Требовље, Здуње и др. Учесници на маршот биле членови на планинарски спортски друштва од Општина Брвеница и Тетово. Збирно место на учесниците на маршот било малото Јурија во селото Брвеница од каде со моторни возила преку Радиовце и Стенче се пристигнувало до Гургурница и Гургурничките бачила.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 Трифуноски, Јован (1951). Села на Сува Гора. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 6-8.
  3. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 90. Посетено на 8 август 2022.
  4. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 307. ISBN 978-608-245-113-8.
  5. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 212. ISBN 954430424X.
  6. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.24.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 ноември 2025.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 29 ноември 2025.[мртва врска]
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 419. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Забелешки
  1. Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]