Македонски претседателски избори (2019)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонски претседателски избори (2019)
Македонија
2014 ←
21 април (прв круг)
5 мај (втор круг)
→ 2024

 
Stevo Pendarovski (29-10-2023).jpg
GordanaSiljanovskaDavkovka1.jpg
Кандидат Стево Пендаровски Гордана Силјановска
Партија СДСМ ВМРО-ДПМНЕ
Добиени гласови Прв круг
322.581
Втор круг
435.656
Прв круг
318.341
Втор круг
377.446
Удел Прв круг
42.81%
Втор круг
51.65%
Прв круг
42.25%
Втор круг
44.75%


претседател пред изборите

Ѓорге Иванов
ВМРО-ДПМНЕ

Избран за претседател

Стево Пендаровски
СДСМ

Македонски претседателски избори (2019) — шести претседателски избори во Македонија кои се одржале на 21 април и 5 мај 2019 година, на кои победил Стево Пендаровски и станал петтиот претседател на Македонија.[1] Ова биле првите избори по стапување на сила на Преспанскиот договор со кој бил решен спорот за името помеѓу Македонија и Грција и земјата го добила името Северна Македонија. Претседателот во заминување Ѓорге Иванов, кој се противел на договорот, повеќе не можел да се кандидира поради уставното ограничување од најмногу два претседателски мандати.

Според македонските закони, кандидатот за претседател можел да победи во прв круг доколку освоел над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Бидејќи ова не се случило, се одржал втор круг на 5 мај во кој се натпреварувале Пендаровски и Гордана Силјановска како двајца кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг требало да биде над 40% за гласањето да се смета за важечко. Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години.

Заедно со претседателските се одржале и локални избори во општините Дебар, Ново Село, и Охрид за нови градоначалници бидејќи таа функција ја обавувале вршители на должност. Во Ново Село причина било апсењето на градоначалникот Боро Стојчев поради шверц со цигари, а во Дебар и Охрид причина била ненадејната смрт на градоначалниците Ружди Љата и Јован Стојаноски.[2] Во Охрид и Ново Село победиле кандидатите на СДСМ во втор круг, додека во Дебар победил кандидатот на ДУИ во првиот изборен круг.

Кандидати[уреди | уреди извор]

ВМРО-ДПМНЕ на партиската конвенција во Струга за свој претседателски кандидат ја избра професорката Гордана Силјановска. Таа ја добила довербата на 408 од присутните 553 делегати, додека втор завршил пратеникот Владимир Ѓорчев со освоени 80 гласови.[3] Поранешениот амбасадор Блерим Река бил вториот кој објавил дека ќе се кандидира за претседател како независнен кандидат со поддршка од партиите Алијанса за Албанците и Движење Беса.[4] СДСМ го предложил Стево Пендаровски за консензуален кандидат за претседател со поддршка од коалицискиот партнер ДУИ. Пендаровски бил кандидат на СДСМ и на претседателските избори во 2014 кога освоил близу 400 илјади гласови, но во вториот круг загубил од Ѓорге Иванов.[5]

Услов за официјализирање на претседателската кандидатура биле 10 илјади граѓански потписи или поддршка од најмалку 30 пратеници. Државната изборна комисија (ДИК) соопштила дека тројца од девет кандидати ги собрале потребните потписи. Пендаровски го поддржале 31.729 граѓани, Силјановска собрала 15.926 потписи, додека Река имал 11.128 потписи. Пендаровски и Силјановска имале поддршка и од најмалку 30 пратеници.[6] Меѓу кандидатите кои не собрале доволно граѓански потписи биле Филип Петровски и Амди Бајрам. Според извршената ждрепка на ДИК, Река бил под реден број еден на гласачкото ливче, Силјановска под број два, додека Пендаровски бил под број три.[7]

Кампања[уреди | уреди извор]

Кампањата на Река била насловена „Река за Републиката“, концепт кој според Река бил спротивен на тој на СДСМ кој гласел „едно општество за сите“. Река се залагал за поголема вклученост на етничките Албанци во највисоките државни структури и владеење на правната држава.[8] Силјановска настапила под слоганот „Правда за Македонија: Татковината повикува!“. На партиските собири таа најавила ревидирање на Преспанскиот договор доколку стане претседател.[9] Пендаровски водел кампања под името „Заедно напред“ која опфаќала помали граѓански трибини со интерактивно учество на публиката. Тој се залагал за побрз приклучок на Македонија во ЕУ и НАТО.[10] За време на претседателската кампања имало четири телевизиски соочувања помеѓу кандидатите во првиот круг и уште четири во вториот.[11]

По поднесените приговори за првиот изборен круг, ДИК го поништила гласањето во седум избирачки места, и тоа на две места во Кавадарци, и по едно во општините Центар, Куманово, Охрид, Аеродром, и Зајас. Причина за најголем дел од поништувањата било тоа што во гласачките кутии имало повеќе ливчиња од бројот на запишани избирачи кои гласале и се потпишале во избирачките списоци.[12] Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР изборите ги оцениле како мирни и добро спроведени, но имале забелешки околу изборните закони, водење и финансирање на кампањата, медиумското рекламирање, и изборниот список.[13]

Резултати[уреди | уреди извор]

Кандидат Партија Прв круг Втор круг
Бр. на гласови % Бр. на гласови %
Стево Пендаровски СДСМ 322.581 42.81 435.656 51.65
Гордана Силјановска ВМРО-ДПМНЕ 318.341 42.25 377.446 44.75
Блерим Река АА & БЕСА 79.888 10.60
Неважечки ливчиња 32.696 4.34 30.407 3.60
Излезност 753.520 41.67 843.508 46.65
Право на глас/излезност 1.808.131 100 1.808.131 100
Извор:[14]

Реакции[уреди | уреди извор]

Политичар Изјава
Стево Пендаровски „Благодарам на сите кои ми ја доверија обврската и честа да бидам претседател. Ќе бидам претседател на сите. Ќе бидам сојузник во остварување на интересите на граѓаните. Ќе бидам претседател од кој нема да се срамите и тука и во странство.“
Гордана Силјановска „Бројките говорат за пораз, обично поразените не се чувстваат добро, но јас се чувствувам смирено, исполнето, и продуховено. Да добиете 370.000 гласови е голема благодарност и да станете позната по улиците како Гога, е многу во политиката во Македонија.“
Блерим Река „Во сите општини со доминантно албанско гласање победив со размер од 3:1, а освоив гласови и во сите општини каде има македонско мнозинство. Овие 80 илјади гласови ја делегитимираат политиката на албанските партии кои се во власта и покажаа со кого и за кого е народот.“

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Џафери распиша претседателски избори за 21 април, Макфакс (08.02.2019)
  2. Претседателските избори на 21 април, локални ќе има во 3 општини[мртва врска], А1он (15.01.2019)
  3. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја кандидира Силјановска-Давкова на претседателските избори, Нова Македонија (16.02.2019)
  4. Беса и Алијансата го поддржаа Блерим Река за претседател[мртва врска], Независен (28.02.2019)
  5. Стево Пендаровски е консензуален претседателски кандидат на СДСМ и ДУИ, Точка.мк (01.03.2019)
  6. Тројца кандидати ги собраа потписите за претседателските избори, Нова Македонија (11.03.2019)
  7. Распоред на гласачкото ливче: 1 за Река, 2 за Силјановска и 3 за Пендаровски, Фокус (22.03.2019)
  8. Река: Концептот „За Република“ значи правна дава еднаква за сите, 24 Вести (12.04.2019)
  9. Силјановска Давкова: Преспанскиот договор е надвор од задолжителното меѓународно право, но и од националното право Архивирано на 1 април 2019 г., ТВ Алфа (01.04.2019)
  10. Пендаровски: Концептот Заедно напред ќе ја заокружи победата во вториот круг, Слободен Печат (22.04.2019)
  11. Засега договорени четири ТВ двобои Силјановска-Пендаровски, Канал 5 (30.03.2019)
  12. ДИК го поништи гласањето на 7 избирачки места, Сител (25.04.2019)
  13. ОБСЕ/ОДИХР: Изборите успешни, потребни реформи на изборните закони, Радио Слободна Европа (06.05.2019)
  14. Претседателски избори 2019, Државна изборна комисија (05.05.2019)

Поврзано[уреди | уреди извор]