Фокус (списание)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Фокус е македонско списание, кое излегува неделно, а претежно обработува политички теми. Списанието го издава трговското друштво Д.Н.И.Д „Медиа Плус Фокус“ од Скопје.

Историја[уреди | уреди извор]

Иницијативата за издавање на неделникот „Фокус“ датира од пролетта 1995 година, но излегувањето се одложило за јуни поради финансиските проблеми. Имено, и покрај договорот парите за печатење на првиот број на „Фокус“ да ги обезбеди Фондацијата „Институт Отворено Општество - Македонија“, таа ја откажала поддршката, така што неделникот започнал да излегува со помош на донацијата на Шведската кралска фондација во износ од 100.000 германски марки.[1] Првиот број на неделникот „Фокус“ излегол на 23 јуни 1995 година, а под водство на сопственикот Никола Младенов излегле 925 броја. По смртта на основачот и сопственикот „Фокус“, Никола Младенов, списанието не излегувало речиси четири месеци, но потоа продолжило неговото редовно издавање. На 5 декември 2014 година излегол 1.000-тиот број на „Фокус“.[2] [3] [4]

За своите критички напади кон власта, новинарите на „Фокус“ неколкупати биле осудуван и казнувани. Првата тужба дошла од министерот Јане Миљовски, поради текстот за неговата вила покрај црквата Св. Софија во Охрид, при што новинарот Војо Додевски бил осуден на глоба од 30.000 денари.[5] Подоцна, за клевета против Бранко Црвенковски и Хари Костов, Никола Младенов бил осуден на глоба во висина од 30.000 и 20.000 евра, соодветно.[6] Летото 1998 година, сопственикот и главен уредник на „Фокус“, Никола Младенов бил претепан од непознати лица, кои никогаш не биле откриени од полицијата.[7]

Во „Фокус“ работеле или пишувале голем број познати новинари во Македонија, како: Исо Руси, Антонио Спасев, Дарко Јаневски, Никола Тасев, Жанета Трајкоска, Миленко Неделковски, Мирка Велиновска, Бранко Героски, Драган Павловиќ - Латас итн.[8]
На 27 март 2013 година, во сообраќајна несреќа загинал основачот и сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов.[9]

Менаџмент и организација[уреди | уреди извор]

Од 1995 до 1998 година, функцијата уредник на „Фокус“ ја извршувал Зоран Димитровски, а од 1998 до 2002 година - Теофил Блажевски, додека во 2003 година оваа функција ја презела Јадранка Костова.[10] Есента 2016 година, дотогашниот директор Младен Чадиковски го напуштил списанието, така што, наместо него, за директор била поставена Јадранка Костова, додека главен и одговорен уредник станал Зоран Димитровски, кој на таа функција ја замеил Костова.[11] [12]

Во 2014 година, адресата на списанието „Фокус“ била на булеварот „Климент Охридски“ бр. 54/2-1, 1000 Скопје,[13] додека во 2016 година, седиштето се наоѓало на следнава адреса: „Васил Главинов“ бр. 14-1/13, 1000 Скопје.[14]

Мото на списанието[уреди | уреди извор]

Долго време, „Фокус“ излегувал под мотото „неделник на внатрешниот, а богами и на надворешниот непријател“.[15] По смртта на сопственикот, Никола Младенов, како мото на „Фокус“ е ставена една негова изјава, насловена како „Колку чини слободата“, а која гласи:[16]

Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници. И тука нема компромис.“

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Зоран Димитровски, „Фокус беше слободен и за непријателите на слободата“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 10.
  2. Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 3.
  3. Александар Димитров, „Со Никола Младенов - 925“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 16-17.
  4. Александар Димитров, „Нема бегање од нова истрага“, Фокус, број 1016, 27 март 2015, стр. 10-13.
  5. Зоран Димитровски, „Фокус беше слободен и за непријателите на слободата“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 11.
  6. Јадранка Костова, „Од Никола до Никола... Има разлика!“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 6.
  7. Зоран Димитровски, „Фокус беше слободен и за непријателите на слободата“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 14.
  8. Зоран Димитровски, „Фокус беше слободен и за непријателите на слободата“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 11.
  9. Александар Димитров, „Со Никола Младенов - 925“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 16.
  10. Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 5.
  11. Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 3.
  12. Фокус, број 1104, 2 декември 2016, стр. 5.
  13. Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 3.
  14. Фокус, број 1104, 2 декември 2016, стр. 5.
  15. Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 10.
  16. Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 3.