Никола Младенов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Никола Младенов
Роден 10 март 1964
Скопје
Починал 26 март 2013
Скопје
сообраќајна несреќа
Националност Македонец
Познат главен уредник на неделникот „Фокус“, афера „Швајцарски сметки“
Занимање новинар
Сопружник Билјана Младенова
Деца 2[1]

Никола Младенов (10 март 196426 март 2013) — македoнски новинар, актер, сопственик и главен уредник на неделникот „Фокус“, кој се смета за еден од најугледните новинари во Македонија, а заедно со своите колеги од весникот „Млад борец“ и за еден од основоположниците на плуралистичките правила во македонското новинарство.[2] Познат е по неговата вмешаност во аферата „Швајцарски сметки“ и судските процеси со поранешниот премиер на Македонија Хари Костов и поранешниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски. Во негова чест е именувана наградата за најдобра истражувачка сторија на годината што секоја година ја доделува македонскиот институт за медиуми.

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Никола Младенов е роден во Скопје на 10 март 1964 година. Кариерата ја започнал како глумец, но веќе кон средината на 1980-тите се вработил како новинар во весникот „Млад борец“, орган на Сојузот на социјалистичка младина на Македонија, каде што се стекнал со углед и се афирмирал како предводник на демократските процеси во СР Македонија. Во него, тој отворил теми за луѓето коишто биле на т.н. „црни листи“ во македонското новинарство, а преовладува и автоцензурата и се критикува работата на комунистичката номенклатура. По работата во „Млад борец“, Младенов го основал радиото „Либертас“, а во 1995 година неделникот „Фокус“, којшто претставува прв слободен и независен седмичен весник во Македонија. Основното мото на неделникот било „Неделник на внатрешниот, а богами и надворешниот непријател“ и тој набргу прераснал во медиум на слободниот говор.[2] Летото 1998 година, Младенов бил претепан од непознати лица, а извршителите никогаш не биле пронајдени од полицијата.[3]

Афера „Швајцарски сметки“[уреди | уреди извор]

Во декември 2005 година, во неколку изданија од неделникот „Фокус“ биле обелоденети информации во врска со поседувањето на тајни сметки во швајцарски банки од страна на тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски и поранешниот премиер Хари Костов.[4] Ваквите написи довеле до неколку судски процеси во врска со аферата, при што Младенов бил прогласен за виновен и соодветно му биле изречени парични казни во висина од 30.000 и 20.000 евра.[5]

Имено, Младенов добил обвинение од поранешниот премиер на Македонија Хари Костов, за кого во „Фокус“ било објавено дека поседува сметки во швајцарски банки, коишто не ги пријавил во анкетниот лист додека бил премиер и министер за внатрешни работи. Пресудата била во корист на тужителот Костов, а на Младенов му била изречена парична казна по основ на 150 дневни глоби во вкупна вредност од 155.158 денари. Покрај тоа, делумно било прифатено и барањето за оштета од страна на Костов и обвнитетиот бил должен да му исплати уште 950.000 денари заради нанесена душевна болка и нарушена чест и углед. На донесувањето на пресудата не присуствувале ниту Младенов ниту неговиот адвокат, а адвокатот најавил дека истата е донесена под политички притисок.[6]

Освен тоа, Младенов во неделникот „Фокус“ објавил и дека претседателот на државата Бранко Црвенковски поседува тајни сметки во швајцарски банки, за што добил обвинение со приватна тужба од страна на наклеветениот. Сепак, за време на судењето, тој тврдел дека се сомнева дека претседателот поседува сметка во швајцарската банка „American Express“ и дека основен мотив за тужбата е повредената претседателска суета. Младенов, исто така, ги отфрлил обвиненијата против него дека е создавач на фарсата и посочил дека се советувал со други лица пред текстовите да бидат објавени. Со изречената пресуда, Младенов бил осуден да плати 360 глоби од 15 евра, т.е. 335.000 денари, како и 25.000 евра на име нематеријална штета, коишто требал да ги уплати на лична сметка на лицето Бранко Црвенковски. Но, адвокатот на Младенов изјавил дека обвинението понатаму ќе биде поднесено и до Врховниот суд, а во краен случај доколку не биде прифатено и до Судот за човекви права во Стразбур.[7]

Како одговор на тужбите поднесени против него, Младенов побарал 100.000 евра отштета од Хари Костов за клевета изречена против него во весникот „Неделно време“ во врска со случајот, како и отштета во ист износ од Бранко Црвенковски поради неговата изјава дека весникот „Фокус“ фалсификувал документи во врска со аферата со швајцарските сметки. Но, за време на двете судски рочишта, Младенов не се појавил во судницата.[8][9]

Други тужби против Младенов[уреди | уреди извор]

Никола Младенов бил противник на промените во македонското законодавство според кои и сопствениците на медиуми се вовлечени во судски спорови за навреда и клевета заедно со новинарите и уредниците, и присилени да плаќаат огромни казни. Според изјавата на неговата сопруга и директор на „Фокус“, Билјана Младенова, во моментот на неговата смрт против весникот, а со тоа и против Младенов како издавач, биле активни „три тужби од по 25.000 евра“.[10] Во јавноста постојат податоци дека подносител на една од тие тужби е Сашо Мијалков,[11] а на друга Срѓан Керим.[12]

Смрт и реакции[уреди | уреди извор]

Младенов загинал во сообраќајна несреќа на влезот од Скопје, ноќта на 26 март 2013 година. Несреќата се случила во близина на клучката кај скопската населба Хиподром, каде што на последниот свиок пред влезот во Скопје, управувајќи со своето возило од марката Мерцедес-Бенц излетал од патот и по неколку превртувања загинал на местото на настанот.[13][14][15]

Имено, тој се враќал од Велес кон Скопје и управувал сам со возилото, а неколку часа пред случувањето на несреќата телефонски разговрал со своите најблиски. Но, некаде по 22 часот веќе не можеле да се воспостават никакви повици со него и оттогаш му се изгубила секаква трага.[14] Следното утро случајот бил пријавен во полиција од страна на неговата сопруга и по два часа истрага, полицијата го пронашла автомобилот со помош на сигналот што пристигнувал од мобилниот телефон на настраданиот.[1] Според некои сознанија, превртениот автомобил надвор од патот бил забележан уште за време на ноќта од страна на случаен минувач, кој забележал дека од возилото доаѓаат слаби светла.[13] По извршената обдукција, како причина за смртта се наведува внатрешно крварење коешто настанало откако настраданиот имал силен удар со градите во воланот.[16][17][18]

Реакции со сочувство за смртта на Младенов биле упатени од страна на Здружението на новинари на Македонија, поединечно од неговите колеги-новинари, а сочувство до семејството на загинатиот било изразено и од страна на Амбасадата на САД во Македонија. Соопштението објавено од страна на Здружението на новинари го содржел следниов текст:

Прераното заминување на Младенов не е само голема загуба за неговото семејство и неговите пријатели, туку претставува огромна загуба и за сите македонски новинари. Изгубивме колега, кој остана верен на неговите читатели и критичен на секоја власт. Вакви новинари се ретки и затоа загубата е огромна. Никола беше и останува светла точка на македонското новинарство, од кого ќе можат да учат иднините генерации новинари.[13][19]

Во соопштението, пак, упатено од страна на Амбасадата на САД било наведено следново:

Со жалење ја примивме веста за смртта на Никола Младенов во сообраќајна несреќа вчера. Го упатуваме нашето најдлабоко сочувство до семејството и многуте негови пријатели во Македонија. Ироничните, духовитите и понекогаш саркастични опсервации на Никола, беа важен дел на неговата искрена проверка на општеството, што е толку важно за постоење на еден отворен и динамичен јавен дијалог. Тој глас многу ќе недостасува.[20][21]

Некои од реакциите упатени од страна на неговите колеги биле следниве:

Немам зборови да ја опишам болката од веста за трагичното загинување на нашиот драг колега Никола Младенов. Тоа е голема загуба за неговото семејство, за колегите од дневниот и неделниот весник „Фокус“, но и за целото новинарство и општество. Тој знаеше да внесе хумор и дозиран новинарски цинизам, кој ги засмеваше дури и неговите најлути непријатели. „Утрински-весник“ изразува најдлабоко сочувство на семејството и на сите вработени во „Фокус“ и ве охрабруваме да издржите во големата болка. Никола остави длабоки траги во новинарскиот став, во новинарскиот израз и даде пример за тоа како треба да се биде жилав борец во секакви невремиња. Го охрабруваме и „Фокус“ да продолжи со своето работење, затоа што Никола тоа ќе го сака, но и затоа што „Фокус“ му е потребен на новинарството и на општеството. Сочувство до сите колеги од „Фокус“![22]

- Соња Крамарска - „Утрински весник“.

Не постојат зборови за оваа шокантна вест. Никола Младенов е великан на македонското новинарство, великан и борец за слободата на медиумите. Тој ја напиша историјата на Македонија, на новинарството, тој ја пишуваше иднината. Ми беше учител и драг колега. Шармантен, духовит. Генијалец. Чекај ме таму, Никола.[22]

- Биљана Секуловска - „ТВ Нова“.

Почивај во мир, мое другарче од Детската радиодрама. Последен поздрав за човекот кој сакаше општествено одговорни луѓе, а не збирштина од безрбетници. Сè е празно, сè е малку, сè е штуро и студено, што и да се каже не може со зборови да се докаже, празнината на човекот и новинарот, за другарот и колегата кој буквално од дете леташе во висините и со змејовите се бореше за слободата. Ќе ми треба време да се соземам дека големиот фајтер за слободата не остави сами да трагаме по вистината. Сакам да ја сакаме неговата Македонија во која народот ја контролира власта. Само така нема да прашуваме колку чини слободата.[22]

- Катерина Цаневска - „А1 Он“.

На 28 март 2013 година, во Скопје била одржана спомен-седница во чест на загинатиот, на којашто присустввувале членови на семејството на Младенов, соработници, новинари, јавни личности од општествениот живот и странски дипломати, а говор со сочувство одржале неговата сопруга Билјана Младенова, претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани и уште неколку други новинари од Македонија.[23] Младенов бил погребан истиот ден на градските гробишта Бутел во Скопје.[24]

Посмртни признанија[уреди | уреди извор]

Македонскиот институт за медиуми одлучил во чест на Никола Младенов да ја именува наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, која се доделува од 2001 година, да го носи името Награда за најдобра истражувачка сторија на годината „Никола Младенов“.[25]

Изјави на Никола Младенов[уреди | уреди извор]

За време на својата работа во „Фокус“, Младенов напишал 910 уводници, во кои дал голем број антологиски изјави, како:[26]

„...не можеме ни да сонуваме за власт, која го нема благословот од меѓународната заедница.“ (мај 2003)

„Америка на усните, Русија на срцето... Евра во џебовите!“ (октомври 2003)

„...тоа не значи дека секој наш став бил единствено исправен или безгрешен, меѓутоа, неспорно е дека тој став бил НАШ и дека до него сме дошле со помош на сопствениот ум, а не по налог на кој било моќник...“ (мај 2006)

„Се разбира дека ќе ја платам цената што ми е одредена како услов за мојата слобода. Прашање е, само, дали Македонија и натаму ќе може да ја плаќа цената задоволување на суетите на моќниците, кои цели шест децении не дозволуваат таа да стане нешто повеќе од темен балкански вилает?“ (мај 2006)

„Не бива така. „Фокус“ не е драгстор, па секој да си го зема само тоа што сака од него“ (септември 2009)

„... од дното не може да нè вади оној што нè донесе до него“. (јули 2009)

„Значи, работава е врвка. Со земјава владее гарнитура, која во нормални држави не би имала право ниту да бира, а камо ли да биде бирана.“ (септември 2010)

„Ние сакаме општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите, тие сакаат збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарение на слепата послушност на партиското племе. И тука - нема компромис!“ (16 ноември 2011)

„Зар навистина има потреба од објаснување дека „Фокус“ бил и останал критички расположен кон секоја власт, која порано или подоцна губела контакт со реалноста?“ (јули 2012)

„Тешко на државата чиј Претседател служи само за фаќање врски на граѓаните кои сакаат прием кај Премиерот!“ (октомври 1999)

„Кај не може пропагандата, презема пендрекот, доколку парите претходно не завршиле работа. Навидум, сè е доведено до перфекција. Власта гази сè пред себе како машина која има лек за секоја пречка на патот. Со тоа практично е постигната целта на секоја авторитарна власт.“ (22 март 2013)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Новинарот Никола Младенов загина во превртен мерцедес, Нова Македонија, 28 март 2013.
  2. 2,0 2,1 Биографија на Никола Младенов Архивирано на 30 март 2013 г., Дневник, 27 март 2013.
  3. Зоран Димитровски, „Фокус беше слободен и за непријателите на слободата“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 14.
  4. „Фокус“ со нов напис за тајните конта, Deutsche Welle, 9 декември 2005.
  5. Јадранка Костова, „Од Никола до Никола... Има разлика!“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 6.
  6. Никола Младенов осуден за клевета во спорот со Хари Костов, Дневник, 28 април 2006.
  7. Црвенковски ќе лапне 25.000 илјади евра од Младенов, Вечер, 19 октомври 2006.
  8. И Младенов бара 100.000 евра оштета од Костов за клевета, Дневник, 6 април 2006.
  9. Младенов бара 100.000 евра отштета од Бранко Црвенковски, Вечер, 5 октомври 2006.
  10. И новите тужби ги вежбаа на Никола Архивирано на 3 април 2013 г., ""Вест", 28.03.2013.
  11. Мега тужба за „Фокус“: Мијалков бара 27.000 евра Архивирано на 14 март 2013 г., ""Плус инфо", 11.01.2013.
  12. Срѓан Керим го тужи “Фокус” заради пренесен текст Архивирано на 27 март 2013 г., ""Нова ТВ", 25.03.2013.
  13. 13,0 13,1 13,2 Загина Никола Младенов Архивирано на 29 март 2013 г., Утрински Весник, 27 март 2013.
  14. 14,0 14,1 Загина Никола Младенов Архивирано на 29 март 2013 г., Вест, 27 март 2013.
  15. Загина Никола Младенов, Телма, 27 март 2013.
  16. Внатрешно крварење од силниот удар во воланот - причина за смртта на Младенов?, 24 Вести, 28 март 2013.
  17. Причина за смртта на Младенов е внатрешно крварење Архивирано на 29 март 2013 г., Сител, 28 март 2013.
  18. Младенов починал од силниот удар на воланот во градите Архивирано на 31 март 2013 г., Нова, 28 март 2013.
  19. ЗНМ изрази сочувство за смртта на Никола Младенов, Сител, 27 март 2013.
  20. Сочувство од Амбасадата на САД до семејството и пријателите на Младенов, МИА, 28 март 2013.
  21. Сочувство од Амбасадата на САД до семејството и пријателите на Младенов, Сител, 28 март 2013.
  22. 22,0 22,1 22,2 Дневен весник „Фокус“ - бр. 410, стр. 7.
  23. Едноминутен аплауз за новинарот Никола Младенов Архивирано на 31 март 2013 г., Нова Македонија, 28 март 2013.
  24. Погребан Никола Младенов Архивирано на 31 март 2013 г., Денешен Весник, 28 март 2013.
  25. Наградата на МИМ ќе го носи името на Никола Младенов Архивирано на 13 април 2013 г., Нова Македонија, 28 март 2013.
  26. Александар Димитров, „Со Никола Младенов - 925“, Фокус, број 1000, 5 декември 2014, стр. 16-18.