Марат Сафин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Марат Сафин
Земја  Русија
Место на живеење Монте Карло, Монако
Москва, Русија
Дата на раѓање 27 јануари 1980
Место на раѓање Москва, Русија
Висина 1,93 m
Тежина 88,6 кг[1]
Професионалец 1997
Игра со • десна рака
• дворачен бекхенд
Заработка $ 14.350.709
Синглови
Резултат: 422–267
Титули во кариера: 15
Највисок дострел: 1 (20 ноември 2000)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан Опен П (2005)
Ролан Гарос ПФ (2002)
Вимблдон ПФ (2008)
УС Опен П (2000)
Двојки
Резултат: 96–120
Титули во кариера: 2
Највисок дострел: 71 (22 април 2002)

Инфокутијата е последен пат надоградена на:
13 јануари 2010.

Марат Михајлович Сафин (татарски: Марат Мөбин улы Сафин; руски: Мара́т Миха́йлович (Муби́нович) Са́фин; роден на 27 јануари 1980 во Москва) — поранешен руски тенисер. Сафин, во својата кариер освои 15 АТП турнири и 2 Гренд Слем турнири, а исто така во еден момент беше и светски рекет број 1. Тој е постар брат на моментно вторпласираната тенисерка во светот Динара Сафина. Тие се досега единствените брат и сестра, кои успеале да го достигнат првото место на АТП, односно ВТА листата.[2][3]

Сафин ја започна професионалната кариера во 1997. Во ноември 2000, тој го зазеде првото место на АТП ранг листата, на коешто се задржа 9 седмици. Првата Гренд Слем титула ја освои на отвореното првенство на САД во 2000 по победата над Пит Сампрас во финалето, а втората титула ја освои на отвореното првенство на Австралија, победувајќи го Лејтон Хјуит во финалето. Сафин, исто така има освоени и две титули како дел од репрезентацијата на Русија во Дејвис купот, прваат во 2002 и втората во 2006. И покрај неговата омраза кон тревнатите терени, во 2008, тој стана првиот руски тенисер кој успеал да се пласира во полуфиналето на Вимблдон. За време на учеството на последниот турнир во кариерата[4], на отвореното првенство на САД во 2009 Сафин беше 61. на официјалната АТП ранг листа.

Семејство и рани години[уреди | уреди извор]

Сафин е роден во Москва, СССР (денес Русија) во татарско семејство, како дете на Михаил Алексеевич (Мубин Алиамцевич) и Рауза Исланова. Сафин себеси се има опишано како муслиман, кој не е наклонет на верата.[5] Неговите родители се поранешни тенисери, а моментни тренери, а неговата помала сестра Динара (р. 1986)[6] е исто така тенисерка, поранешен светски рекет број 1 во жеснак конкуренција и освојувачка на сребрен медал на Летните олимписки игри во 2008, кои се одржаа во Пекинг. Марат започнал да игра тенис на 6 години, заедно со неговиот татко, кој раководел со локалниот тениски клуб Спартак, во кои имаат тренирано многу други врвни тенисери, како Ана Курникова, Елена Дементиева и Анастасија Мискина.

На 14 години, Сафин се преселил во Валенсија, Шпанија, со цел да се вклучи во понапредните програми на тренинг, кои во тоа време не биле достапни во Русија.[7] Сафин вели дека пораснал „многу брзо... без мускули“ и дека се преселил во Шпанија, поради тоа што земјените терени се „подобри за колената“.[7] Како резултат на неговиот престој во Шпанија, тој зборува течно шпански.[8]

Тениска кариера[уреди | уреди извор]

Професионалната кариер, Сафин ја започна во 1997. На отвореното првенство на Франција во 1998, тој успеа последователно да ги победи Андре Агаси и актуелниот првак Густаво Куертен, а потоа и Даниел Вацек, со што обезбеди учество во осминафиналето, во коешто загуби од Седрик Пиолин.[9]

Светски рекет број еден[уреди | уреди извор]

Сафин беше светски број 1 на АТП ранг листата 9 седмици во 2000. Со тоа, тој во тој момент стана најмладиот тенисер кој дотогаш успеал да го постигне тоа, рекорд кој го урна Лејтон Хјуит следната година. Тој, исто така е највисокиот тенисер, којшто некогаш бил светски рекет број 1.

Гренд Слем турнири[уреди | уреди извор]

Во 2000, Сафин победи на отвореното првенство на САД, со што стана првиот руски тенисер, којшто успеал да победи на овој турнир, совладувајќи го во финалето Пит Сампрас во три сета со 6-4, 6-3, 6-3.[6]

Сафин обезбеди место во финалето на отвореното првенство на Австралија на турнирите во 2002, 2004 и 2005. Тој демонстрираше голема нервоза по поразот на турнирот во 2002 и голема истрошеност по поразот во 2004.[10] Сепак, во 2005, тој успеа да победи на турнирот, откако во финалето го совлада Лејтон Хјуит со 1-6, 6-3, 6-4, 6-4, а претходно во полуфиналето и најдобриот тенисер во светот во тој момент Роџер Федерер[11]. Мечот против Федерер беше меч во 5 сета, со кој Сафин ја прекина серијата на противникот од 26 меча без пораз против тенисери кои се меѓу најдобрите 10 во светот и го опиша како „борба на умови“.[12]

Најдобриот резултат на Марат на Ролан Гарос е учеството во полуфиналето на турнирот во 2002, во коешто загуби против Хуан Карлос Фереро со 6-2, 6-3, 6-4. На Вимблдон, негов најдобар резултат, исто така е учеството во полуфиналето, но во 2008, кога загуби против Роџер Федерер со 6-3, 7-6 (3), 6-4.

Мастерс серија[уреди | уреди извор]

Во својата кариера, Сафин има освоено 5 турнири од АТП Мастерс серијата. Првиот го осови во 2000 на турнирот во Торонто, Канада. Со 3 титули (2000, 2002 и 2004), тој е рекордер по бројот на победи на турнирот во Париз, а исто така има и титула на турнирот во Мадрид во 2004.

Мастерс куп[уреди | уреди извор]

Најдобриот резултат на Сафин на тенискиот мастерс куп е учеството во полуфиналето, и тоа во 3 наврати (во 2000, 2002 и 2004). Во 2004, на тенискиот мастерс куп во Хјустон, САД, во полуфиналето тој загуби од Роџер Федерер со 6–3, 7–6 (18). Тај брејкот во вториот сет, кој заврши со резултат 20-18 беше третиот најдолг во историјата.

Дејвис куп[уреди | уреди извор]

Како дел од тениската репрезентација на Русија, Сафин го освои Дејвис купот во 2002, откако неговата репрезентација во финалето, ко се одигра во Париз, ја победи репрезентацијата на Франција со 3-2. Во победничката репрезентација, уште беа и Евгениј Кафелников, Михаил Јужни, Андреј Столјаров и капитенот Шамил Тарпишчев.[13] Репрезентацијата на Русија стана втората репрезентација, којашто успеала да победи во финалето со пораз во мечот во двојки и првата репрезентација, којашто успеала да победи по негатива од 2-0.

Марат беше дел и од репрезентацијата на Русија, која го освои Дејвис купот во 2006. Иако загуби во првиот меч против Давид Налбандијан, тој заедно со својот тимски другар Дмитриј Турсунов победи во мечот во двојки, како и во одлучувачкиот меч против Хосе Акасусо со 3-1 во сетови (6-3, 3-6, 6-3, 7-6 (5)).

Во 2009, фаворизираната репрезентација на Русија се сретна со репрезентацијата на Израел во четвртфиналето на Дејвис купот. Во пресрет на почетокот на мечот, Сафин изјави:

„Со целосна почит, Израел среќно се квалификуваше во четвртфиналето.“[14]

Израел поведе со 2-0[15], а следниот ден победи и во мечот во двојки.[16] Поради тоа што епилогот веќе беше познат, завршните два меча наместо во 3 добиени, се играа во 2 добиени сета.[17] Репрезентацијата на Израел победи во мечот со 4-1.[18]

2005[уреди | уреди извор]

Сафин го демонстрира својот силен бекхенд

Уште на крајот од 2004, Сафин благодарение на неговиот тренер Петар Лундгрен, забележа одлични резултати и се вбројуваше меѓу најголемите фаворити за освојување на титулата на отвореното првенство на Австралија во 2005. Според голем број на критичари, отвореното првенство на Австралија во 2005 беше еден од најинспиративните Гренд Слем турнири во историјата на тенисот, на кој Сафин во полуфиналето го победи најдобриот тенисер во светот во тој момент, Роџер Федерер со 3-2 во сетови (5-7, 6-4, 5-7, 7-6 (6), 9-7), спасувајќи меч топа на противникот во четвртиот сет. Потоа, Сафин во финалето го победи Лејтон Хјуит со 3-1 во сетови (1-6, 6-3, 6-4, 6-4). По завршувањето на турнирот и во чест на соработката со Петар Лундгрен, Сафин изјави:

„Не верував претходно во тоа, пред да започнам да работам со него.“

По победата на првиот Гренд Слем турнир во сезоната, Сафин загуби уште во раната фаза на следните 7 турнири, на кои играше, а кои се во распоредот меѓу отвореното првенство на Австралија и Ролан Гарос. На Ролан Гарос, Сафин стигна до осминафиналето, во коешто загуби со 3-2 во сетови (5-7, 6-1, 1-6, 6-4, 6-8) од Шпанецот Томи Робредо. Во јуни 2005, кратко по неуспешното учество на Ролан Гарос, Сафин се надмина себеси, стигнувајќи до финалето на турнирот во Хале, кој се игра на трева. Во финалето, тој загуби против Роџер Федерер.

2006[уреди | уреди извор]

Иако имаше сериозни проблеми со коленото, Сафин, на почетокот од 2006, сепак настапи на турнирите од АТП Мастерс серијата во Индијан Велс, Мајами, Монте Карло, Рим и Хамбург.

На 17 август 2006, по разочарувачката година во којашто Сафин постојано страдаше од повреди, на АТП ранг листата, тој се најде дури на 104. место, по што привремено се раздели со тренерот Лундгрен.[19]

Марат Сафин на сервис, отворено првенство на САД, 2006

На отвореното првенство на САД во 2006, Сафин го победи Давид Налбандијан (светски рекет број 4) во вториот круг во меч во 5 сета, но загуби во осминафиналето против Германецот Томи Хас, исто така во меч во 5 сета.

На 14 октомври 2006, Сафин обезбеди учество во финалето на Кремлин купот во Москва. Топа беше првото финале за Марат по пауза од една и пол година, во кое тој загуби против сонародникот Николај Давиденко.

Сафин ѝ помогна на својата репрезентација во полуфиналето до Дејвис купот во победата против САД со 3-2. На 3 декември, во последниот меч од финалето против репрезентацијата на Аргентина, Сафин го победи Хосе Акасусо со 3-1 во сетови (6-3, 3-6, 6-3, 7-6 (5)), со што по вторпат ја освои титулата во ова престижно натпреварување. Во првиот меч од финалето, тој загуби со 3-0 (6-4, 6-4, 6-4) по сетови против Давид Налбандијан, а во мечот во двојки, заедн со Дмитриј Турсунов извијува победа против аргентинската двојка, Налбандијан-Калери.

2007[уреди | уреди извор]

Сафин во 2007

Во пресрет на отвореното првенство на Австралија во 2007, Сафин не одигра ниту еден подготвителен турнир. Во 2006, тој не настапи на турнирот поради повреда, па ова беше неговиот прв турнир по освојувањето на титулата во 2005. Тој стинга до третиот круг, во кој загуби од Енди Родик со 3-1 во сетови (6-7, 6-2, 4-6, 6-7), во исцрпувачки меч, кој тѕраеше цели 3 часа. 2007 was his first Australian Open since he captured the title in 2005. По мечот, Родик изјави:

„Со Марат, којшто го знаете, Вие ќе добиете тобоган. Вие треба само да се обидете да се фокусирате, а јас бев способен да го направам тоа вечерва.“[20]

Во април, Сафин како дел од репрезентацијата на Русија во четвртфиналето на Дејвис купот го победи Пол Анри Матје во 3 сета во клучниот меч, со што и донесе победа на својата репрезентација против репрезентацијата на Франција.[21]

Сафин обезбеди учество во третиот круг на Вимблдон, во кој изгуби од бранителот на титулата Роџер Федерер.[22] Во јули, Сафин соопшти дека ја раскинува соработката со неговиот тренер Александар Волков и дека негов нов тренер е Херман Гуми.

Во октомври, на Кремлин купот во Москва, Сафин заедно со Дмитриј Турсунов го осови вториот АТП турнир во двојки во кариерата, што беше воедно и прв освоен турнир по победата на отвореното првенство на Австралија во 2005.[23]

2008[уреди | уреди извор]

Сафин се подготвуваше за престојниот Гренд Слем турнир во Австралија, учествувајќи на егзибициониот турнир Коојонг во Мелбурн. На турнирот учествуваа и Родик, Фернандо Гонсалес, Николај Давиденко, Маркос Багдатис, Иван Љубичиќ и Енди Мареј. Сафин победи во првиот меч против Мареј со 6–1, 6–4[24] пред да загуби во вториот круг против Енди Родик со 6–3, 6-3.[25] Во мечот за разигрување за третото место, Сафин го надмина поразот против Родик, победувајќи го Фернандо Гонсалес со 6–3, 6–3.[26] На отвореното првенство во Австралија, во првиот круг Марат го победи Ернестс Гулбис во 3 сета, со 6–0, 6–4, 7–6 (2). Во вториот круг, тој одигра исцрпувачки меч против Маркос Багдатис, во кој успеа да се врати од негатива од 2 сета, но сепак загуби со 3-2 (4-6, 4-6, 6-2, 6-3, 2-6).[27]

Во февруари, Сафин доби вајлд карти да настапи на турнирите во Мемфис и Лас Вегас. На турнирот во Мемфис, тој загуни уште во првиот круг против Томас Јохансон со 7–6, 7–6. На турнирот во Лас Вегас во 2007, Сафин загуби во полуфиналето од Лејтон Хјуит со 7–5, 6–1.[28][29] Во 2008, на истиот турнир, тие повторно се сретнаа, но во првиот круг, при што Хјуит повторно беше поуспешен, овој пат со 6-2, 6-1.[30]

Во март, Сафин загуби во првиот круг на турнирите во Индијан Велс и Мајами, против Јирген Мелцер, односно против квалификантот Боби Рејнолдс. Во мечот од Дејвис купот меѓу Русија и Чешка, Сафин го совлада светскиот рекет број 9, Томаш Бердих во 5 сета со 6-7, 4-6, 6-3, 6-2, 6-4. Ова беше првиот меч во неговата кариера кој го добил, откако бил во негатива од 2 сета. Тој истакна дека се надева дека ова ќе бида пресвртница во неговата форма.[31]

Сафин на АТП Мастерс турнирот во Канада во 2008

Следниот турнир на кој учествуваше беше во Валенсија. Тој го победи поранешниот светски рекет број 1 и 4. носител на турнирот Хуан Карлос Фереро со 6–3, 5–7, 6–4. Со оглед на фактот дек Фереро е од околината на Валенсија, Сафин беше попопуларен играч поради тоа што многу години има живеено во Валенсија, а тој исто така е и обожавател на фудбалскиот клуб Валенсија.[32]. Инаку Фереро е обожавател на ФК Реал Мадрид.[33] Во следниот круг, тој играше против младиот Холанѓанец Робин Хасе. Првиот сет, Марат го доби со 6–2, а во вториот имаше предност од 4-2. И покрај тоа, Хасе се цврати во игра, во тај брејк го доби вториот сет, а потоа и третиот сет, а со тоа и мечот.[се бара извор]

На Мастерс турнирот во Монте Карло, Сафин го победи Хавиер Малис со 6–3, 6–2, но потоа загуби од Давид Ферер со 6–2, 6–3. Тој учествуваше и на БМВ турнирот во Минхен, на кој во првиот круг го совлада Карлос Берлок со 6–3, 3–6, 6–4. Во вториот круг, тој го совлада и Михаил Берер со 7–6(4), 6–7(5), 6–3, но загуби од Фернандо Гонсалес со 7–5, 6–3 во своето прво четвртфинале по јуни 2007 и учеството на турнирот Лег Мејсон во Вашингтон.[34][35]

На Гренд Слем турнирот Ролан Гарос, Сафин стигна до вториот круг, во кој загуби од соародникот и 4. носител Николај Давиденко со 3-0 во сетови, односно 7–6, 6–2, 6–2.

Пред почетокот на Вимблдон, на АТП ранг листата, Сафин беше на 75. место. Во првиот круг на турнирот, тој го победи Фабио Фоњини со 6–1, 6–2, 7–6(3). Во вториот круг, Марат убедливо го совлада третиот носител и освојувачот на првиот Гренд Слем турнир во годината Новак Ѓоковиќ, со 6–4, 7–6(3), 6–2. Победата на Сафин претставуваше шок за сите, бидејќи Ѓоковиќ се сметаше како „сериозен кандидат“ за победа на турнирот.[36] Во третиот круг, тој го совлада Италијанецот Андреас Сепи со 7–6, 3–6, 7–6, 6–4. Во осминафиналето и во четвртфиналето, следуваа уште две победи на Сафин со по 3-1 и тоа, во осминафиналето против Станислас Вавринка со 6-4, 6-3, 5-7, 6-1 и против Фелисијано Лопес со 3-6, 7-5, 7-6 (1), 6-3. Во полуфиналето, Сафин се соочи со бранителот на титулата Роџер Федерер, од кого загуби со 3-0 во сетови, односно 6–3, 7–6(3), 6–4. Неговото учество во полуфиналето на турнирот беше најдобриот негов успех на турнирот, а со тоа стана и првиот русин, којшто играл полуфинале на Вимблдон.[37] Добрите игри, кои Сафин ги прикажа на Вимблдон се должеа на неговата соработка со Херман Гуми. По завршувањето на Гренд Слем турнирот, тој учествуваше на отвореното првенство на Шведска. На турнирот, кој се одигра на земјена подлога во Бастад, тој во првиот круг го совлада Марк Лопес со 7–6, 7–5, но загуби во вториот круг против Потито Стараче.

Сафин на отвореното првенство а САД во 2008

Сафин доби вајлд карта и настапи на Роџерс купот во Торонто. Тој го победи Сем Квери со 6–3, 6–3 во првиот круг, а поради врнежите од дожд, распоредот на турнирот се промени, па тој мораше својот меч против Станислас Вавринка да го игра истиот ден.[38] Сафин го загуби мечот со 6–3, 6–4. На турнирот во Лос Анџелес, Марат беше 5. носител. Тој ги елиминираше Американците Џон Изнер со 6–3, 6–4 и Вејн Одесник со 6–3, 6–2, но во четвртфиналето беше елиминиран од Денис Гремелмаер со 3–6, 6–3, 6–2.

На отвореното првенство на САД, Сафин загуби во вториот круг против Томи Робредо и тоа во 4 сета (6–4, 6–7, 4–6, 0–6).

На Кремлин купот во Москва, тој ги победи Ноам Окун, Жилиен Бенето, Николај Давиденко и Миша Зверев, со што обезбеди учество во финалето на турнирот. Во него, тој се соочи против Игор Куницин, против кого загуби со 7-6, 6-7, 6-3. Тоа беше првиот финален меч за Сафин по 2006, кога на истиот турнир го оствари истиот успех. По Кремлин купот, Сафин го откажа учеството на Мастерс турнирот во Мадрид поради болки во рамото.

Неговото следно учество беше на турнирот во Санкт Петербург, на кој загуби во вториот круг. По овој турнир, тој загуби уште во првиот круг на АТП Мастерс турнирот во Париз, против Хуан Монако со 6-0, 7-6. На конференцијата по мечот, Сафин произлезе со можноста за негово повлекување од спортот. Преку порака оставена на неговото официјално мрежно место, тој изјави дека ќе земе краток одмор, по што сериозно ќе размисли за неговите можности, сметајќи ја и тениската иднина.

На крајот на 2008, Марат беше на 29. место на АТП ранг листата.

2009[уреди | уреди извор]

Сафин враќа топка со дворачем бекхенд, отворено првенство на Австралија, 2009

Марат ја започна сезоната, играјќи на Хопман купот во Перт, заедно со својата сестра Динара. Тој допатува на турнирот со бандажиран десен палец, крваво лево око и исеченица над десното око. Сево ова беше резултат од една тепачка во ноќен клуб во Москва, неколку седмици преттоа.[39] На турнирот, двојката, претставувајќи ја Русија обезбеди учество во финалето, во коешто загуби од противниците од Словачка. Сафин изјави дека одлучил да игра и во 2009, поради големата понуда на неговиот менаџер Јон Тиријак, па и покрај тоа што нема тренер.

Тој се откажа од Коојонг турнирот, поради повреда на рамото, но успеа да се опорави за првиот Гренд Слем во годината. Во првиот круг на отвореното првенство на Австралија, тој го победи Шпанецот Иван Наваро, а во вториот круг победи уште еден шпански тенисер, Гиљермо Гарсија-Лопес. Во третиот круг, Сафин играше против Роџер Федерер, од кого загуби во 3 сета, при што Федерер истакна дека играта на Сафин во третиот сет, кој заврши со тај брејк, била навистина на многу високо ниво.

Следниот турнир, на кој учествуваше беше турнирот во Дубаи. Во поединечна конкуренција, Марат загуби уште во првиот круг од Ришар Гаске, а во конкуренција на двојки, заедно со Давид Ферер, стигна до полуфиналето.

Во март, тој ѝ помогна на репрезентацијата на Русија во победата против Романија во четвртфиналето на Дејвис купот, победувајќи го Виктор Кривоја во првиот натпревар.

Во годината, којашто ја започна на 29. место, Сафин се проби меѓу најдобрите 20 во светот, успех којшто го немаше постигнато од јануари 2006. Неговиот ранг во двојки, исто така се подобри, па од околу 300. место, тој се искачи на 195. место.[40]

Во првиот круг на Вимблдон, Сафин како 14. носител беше изненаден од младиот Џеси Левајн од САД во 4 сета, 6–2, 3–6, 7–6 (4), 6–4.

Тој играше на отвореното првенство на Шведска, кое традиционално се игра во Бастад, на кое загуби од Николас Алмагро од Шпанија.[41]

Марат Сафин во својот последен Гренд Слем натпревар во кариерата

Сезоната на тврда подлога, Сафин ја започна со учеството во четвртфиналето на турнирот во Лос Анџелес, на кој загуби од Томи Хас со 7-6(3), 6-2.[42]

На последниот Гренд Слем турнир во кариерата, отвореното првенство на САД, Сафин загуби уште во првиот круг, против Австриецот Јирген Мелцер со 3-1 во сетови, односно 6-1, 4-6, 3-6, 4-6. Тениските критичати, овој меч го оценија како отсликување на целата негова кариера, исполнета со големи ветувања, но подоцна вистински исполнета со повреди и недостиг на самодоверба и извршување.

По поразот во вториот круг на отвореното првенство на Тајланд, тој успеа некако да ја подобри својата моментна форма и на отвореното првенство на Кина, кое се одигра во Пекинг, тој во првиот круг го победи Хосе Акасусо со 6-4, 6-2. Во вториот круг, Марат се соочи со Фернандо Гонсалес, кого го победи со 6-3, 6-4. Марат стигна до четвртфиналето на турнирот, во кое загуби против првиот носител на турнирот, Рафаел Надал со 6-3, 6-1.

На Кремлин купот во Москва, релативно подобрата форма на Сафин продолжи и тој успе да го победи светскиот рекет број 6 Николај Давиденко со 4-6, 6-4, 6-2 во првиот круг. Сепак, тој загуби во вториот круг. По овој турнир, тој настапи и на турнирот во Санкт Петербург, на кој стигна до полуфиналето.

Повлекување[уреди | уреди извор]

Последниот турнир на Сафин како професионален тенисер беше АТП Мастерсот во Париз. Во првиот круг на турнирот, тој спаси три меч топки против Тиери Асионе и успеа да го победи со 2-1 во сетови, 6–4, 4–6, 7–6(3). На 11 ноември 2009, кариерата на Марат Сафин заврши, по поразот во вториот круг против Хуан Мартин дел Потро со 4–6, 7–5, 4–6 за еден час и 56 минути. По завршувањето на натпреварот, се одржа церемонија, на којашто и официјално Сафин се повлече од професионалното играње тенис.

Останати спортски активности[уреди | уреди извор]

Марат Сафин планираше да ја зазеде позицијата на потпретседател на Олимписки комитет на Русија[43], но не беше избран на таа позиција.[44]

Особености[уреди | уреди извор]

За време на својата кариер, Сафин беше познат по своите емоционални испади за време на натпреварите, како и по кршењето на рекети.[45][46][47] Се проценува дека Сафин има скршено 48 рекети, само во 1999.[47] Бројот на скршени рекети до 2005 се проценува на околу 300.[6] Во 2004, во мечот против Феликс Мантиља на турнирот Ролан Гарос, Сафин беше казнет со еден бод, поради тоа што ги соблече своите шорцеви под колковите.[48] Тој е познат и по тоа што беше еден од најотворените, најазабавни и искрени тенисери.

Стил на игра[уреди | уреди извор]

Марат беше опишан како еден од најголемите таленти на 1990-тите и 2000-тите, кој со својата способност и харизматична личност се вклучи во врвниот тенис за време на својата кариера. Неговиот делотворен сервис, неговите одлични удари на одбиени топки и неговиот бекхенд беа неговото најсилно оружје. Во 1999, Борис Бекер истакна дека никогаш претходно не видел некој толку силно да го удира топчето од двете страни, „толку долго време“. Карактеристични за играта на Сафин беа и неговите успешни излези на мрежа со неговите силни волеј удари. И покрај тоа, недостигот на истрајност се покажа како најголема слабост во играта на Сафин во 2005.[49][50][51][52] Сафин ја сметаше тревнатата како негова најнеомилена подлога, иако на други тенисери со стил на игра, сличен на неговиот ваквата подлога им е омилена.[7][53] Најдоброто учество на Сафин на Вимблдон беше учеството во полуфиналето на турнирот во 2008. Тој пропушти шанса за истиот успех на турнирот во 2001, на којшто стигна до четвртфиналето.[54] Со учеството во полуфиналто на Вимблдон во 2008, Марат стана четврти од вкупно петте активни тенисери, којшто обезбедил учество во полуфиналето на сите Гренд Слем турнири. Останатите четворица се Роџер Федерер, Давид Налбандијан, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Сафин има истакнато:

„Тешко е да се прекине сервис. Тешко е да се игра позади линијата поради големиот број на лоши втрчувања.“[54]

Опрема[уреди | уреди извор]

Од 1997 до 2001, Сафин играше со моделот на рекет Head Prestige classic 600 на компанијата Head Prestige classic. Во 2001, тој склучи договор со компанијата Dunlop и играше со моделот Dunlop 200MG, но во 2002 повторно продолжи да игра со моделот Head Prestige classic 600.[55] Моделот сокој играше во 2009 беше Head MicroGEL Prestige. Негов спонзор, кој го снабдуваше со облека и обувки беше компанијата Adidas, со која соработуваше цела декада.

Личен живот[уреди | уреди извор]

Сафин е познат по неговата привлечност и надвор од тениските терени. Тој имаше неколку љубовни врски со неколку познати руски жени. За време на неговата победа во Австралија во 2005, негова девојка беше модниот творец Дарја Жукова[56]. Тој подоцна имаше врска и со руската пејачка Настја Осипова од групата „Блестјаши“, но по едногодишната врска, во август 2009, тие се разделија.

Цитати[уреди | уреди извор]

  • „На 19 години, треба да се направат сопствените грешки, да се повредат, инаку не може да се биде силен.“[57]
  • „Првиот претседател на Русија никогаш да не играл тенис, тоа би бил несекојдневен спорт. Денес, лужето знаат премногу за тоа.“[57]
  • „Не можам да пцујам нешто, што е дел од мојот стил на живеење.“[57]
  • „Да имам можност да бидам светски број 1 во светот, јас ќе сакам тоа да го остварам.“[57]
  • „Во тенисот, едно нешто води кон друго; како круг е од којшто не може да излезете.“[57]
  • „Мора да играш додека можеш; не можеш да избегап од тоа.“[57]
  • „Може да најдете мани кај Агаси и Сампрас, но Федерер ги нема.“[57]
  • „Што ќе се случи со оние кои доаѓаат после нас е мистерија.“[57]
  • „Тенисот диктира стил на живеењ, којшто не можеш да го водиш, останувајќи на едно место. Не можам да замислам да бидам во ист град повеќе од три месеци. Морам да продолжам да се селам, инаку мислам дека пропуштам нешто.“[57]

Статистика[уреди | уреди извор]

Гренд Слем финални натпревари поединечно (4)[уреди | уреди извор]

Резултат Годна Турнир Подлога Противник во финалето Резултат во финалето
Победник 2000 Отворено првенство на САД тврда САД Пит Сампрас 6–4, 6–3, 6–3
2. место 2002 Отворено првенство на Австралија тврда Шведска Томас Јохансон 3–6, 6–4, 6–4, 7–6(4)
2. место 2004 Отворено првенство на Австралија тврда Швајцарија Роџер Федерер 7–6(3), 6–4, 6–2
Победник 2005 Отворено првенство на Австралија тврда Австралија Лејтон Хјуит 1–6, 6–3, 6–4, 6–4

Финални натпревари во Мастерс серијата поединечно (8)[уреди | уреди извор]

Резултат Годна Турнир Подлога Противник во финалето Резултат во финалето
2. место 2000 Хамбург земја Бразил Густаво Куертен 6–4, 5–7, 6–4, 5–7, 7–6(3)
Победник 2000 Торонто тврда Израел Харел Леви 6–2, 6–3
Победник 2000 Париз тепих Австралија Марк Филипусис 3–6, 7–6(7), 6–4, 3–6, 7–6(8)
2. место 2002 Хамбург земја Швајцарија Роџер Федерер 6–1, 6–3, 6–4
Победник 2002 Париз тепих Австралија Лејтон Хјуит 7–6(4), 6–0, 6–4
Победник 2004 Мадрид тврда Аргентина Давид Налбандијан 6–2, 6–4, 6–3
Победник 2004 Париз тепих Чешка Радек Штепанек 6–3, 7–6(5), 6–3

Вкупно финални натпревари поединечно (27)[уреди | уреди извор]

Победи (15)
Легенда
Гренд Слем турнири (2)
Мастерс куп /
Финале на АТП турнеја (0)
АТП Мастерс серија /
АТП Мастерс 1000 (5)
АТП Меѓународна серија 500 /
АТП Мастерс 500 (1)
АТП Меѓународна серија 250/
АТП турнеја 250 (7)
Титули по подлога
Тврда (10)
Земја (2)
Трева (0)
Тепих (3)
Број Датум Град на одржување на турнирот Подлога Противник во финалето Резултат во финалето
1. 23 август 1999 Бостон, САД тврда Обединето Кралство Грег Руседски 6–4, 7–6(11)
2. 24 април 2000 Барселона, Шпанија земја Шпанија Хуан Карлос Фереро 6–3, 6–3, 6–4
3. 1 мај 2000 Мајорка, Шпанија земја Шведска Микаел Тилстром 6–4, 6–3
4. 31 јули 2000 Торонто, Канада тврда Израел Харел Леви 6–2, 6–3
5. 28 август 2000 Њујорк, САД тврда САД Пит Сампрас 6–4, 6–3, 6–3
6. 11 септември 2000 Ташкент, Узбекистан тврда Италија Давиде Сангвинети 6–3, 6–4
7. 6 ноември 2000 Санкт Петербург, Русија тврда Словачка Доминик Хрбати 2–6, 6–4, 6–4
8. 13 ноември 2000 Париз, Франција тепих Австралија Марк Филипусис 3–6, 7–6(7), 6–4, 3–6, 7–6(8)
9. 10 септември 2001 Ташкент, Узбекистан тврда Русија Евгениј Кафелников 6–2, 6–2
10. 22 октомври 2001 Санкт Петербург, Русија тврда Германија Рајнер Шитлер 3–6, 6–3, 6–3
11. 28 октомври 2002 Париз, Франција тепих Австралија Лејтон Хјуит 7–6(4), 6–0, 6–4
12. 13 септември 2004 Пекинг, Кина тврда Русија Михаил Јужни 7–6(4), 7–5
13. 18 октомври 2004 Мадрид, Шпанија тврда Аргентина Давид Налбандијан 6–2, 6–4, 6–3
14. 1 ноември 2004 Париз, Франција тепих Чешка Радек Штепанек 6–3, 7–6(5), 6–3
15. 17 јануари 2005 Мелбурн, Австралија тврда Австралија Лејтон Хјуит 1–6, 6–3, 6–4, 6–4
Второ место (12)
Број Датум Град на одржување на турнирот Подлога Противник во финалето Резултат во финалето
1. 7 ноември 1999 Париз, Франција тепих САД Андре Агаси 7–6(1), 6–2, 4–6, 6–4
2. 21 мај 2000 Хамбург, Германија земја Бразил Густаво Куертен 6–4, 5–7, 6–4, 5–7, 7–6(3)
3. 20 август 2000 Индијанаполис, САД тврда Бразил Густаво Куертен 3–6, 7–6(2), 7–6(2)
4. 4 февруари 2001 Дубаи, ОАЕ тврда Шпанија Хуан Карлос Фереро 6–2, 6–3
5. 27 јануари 2002 Мелбурн, Австралија тврда Шведска Томас Јохансон 3–6, 6–4, 6–4, 7–6(4)
6. 19 мај 2002 Хамбург, Германија земја Швајцарија Роџер Федерер 6–1, 6–3, 6–4
7. 27 април 2003 Барселона, Шпанија земја Шпанија Карлос Моја 5–7, 6–2, 6–2, 3–0, предадена
8. 1 февруари 2004 Мелбурн, Австралија тврда Швајцарија Роџер Федерер 7–6(3), 6–4, 6–2
9. 18 април 2004 Есторил, Португалија земја Аргентина Хуан Игнасио Чела 6–7(2), 6–3, 6–3
10. 12 јуни 2005 Хале, Германија трева Швајцарија Роџер Федерер 6–4, 6–7(6), 6–4
11. 9 октомври 2006 Москва,Русија тврда Русија Николај Давиденко 6–4, 5–7, 6–4
12. 4 октомври 2008 Москва, Русија тврда Русија Игор Куницин 7–6(6), 6–7(4), 6–3

Вкупно финални натпревари во двојки (6)[уреди | уреди извор]

Победи (2)
Број Датум Место на одржување на турнирот Подлога Партнер Противници во финалето Резултат во финалето
1. 2001 Гштад, Швајцарија земја Швајцарија Роџер Федерер Австралија Мајкл Хил
САД Џеф Таранго
0–1, предадена
2. 2007 Москва, Русија тепих Русија Дмитриј Турсунов Чешка Томаш Цибулек
Хрватска Ловро Зовко
6–4, 6–2
Второ место (4)
Број Датум Турнир Подлога Партнер Противници во финалето Резултати во финалето
1. 1999 Москва, Русија тепих Украина Андреј Медведев САД Џастин Гимелстоб
Чешка Даниел Вацек
6–2, 6–1
2. 2001 Санкт Петербург, Русија тврда Грузија Ираклиј Лабадзе Русија Денис Голованов
Русија Евгениј Кафелников
7–5, 6–4
3. 2002 Санкт Петербург, Русија тврда Грузија Ираклиј Лабадзе ЈАР Дејвид Адамс
САД Џаред Палмер
7–6(8), 6–3
4. 2005 Хале, Германија трева Шведска Јоаким Јохансон Швајцарија Ив Алегро
Швајцарија Роџер Федерер
7–5, 6–7(6), 6–3

Резултати од учеството на Гренд Слем турнирите[уреди | уреди извор]

Сафин учествуваше на 40 Гренд Слем турнири во поединечна конкуренција и освои 2. Тој има одиграно 131 натпревар, од кој победил во 93, а загубил во 38.

Турнир 1998 1999 2000 2001 2002 2003 2004 2005 2006 2007 2008 2009 Резултат Победа-Пораз
во кариерата
Отворено првенство на Австралија - Ф Ф П - 1 / 10 31-9
Ролан Гарос ЧФ ПФ - 0 / 11 26-11
Вимблдон - ЧФ - ПФ 0 / 9 14-9
Отворено првенство на САД П ПФ - - 1 / 10 22-9

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Marat Safin“. ATP Profile. Посетено на 8 септември 2009.
  2. Christopher, Clarey (17 април 2009). „When Winning is All in the Family“. New York Times. Посетено на 8 септември 2009.
  3. „Dinara Safina Clinches Top Spot In Women's Tennis Rankings“. India Server. 21 април 2009. Архивирано од изворникот на 2010-12-13. Посетено на 8 септември 2009.
  4. Safin bows out of final US Open
  5. „An Interview With Marat Safin“. Future Tennis Stars. 12 март 2003. Архивирано од изворникот на 2010-01-17. Посетено на 2 март 2008.
  6. 6,0 6,1 6,2 Lieber, Jill (27 април 2005). „Safin tries to hold serve with emotions, career“. USA Today. Посетено на 2 март 2008.
  7. 7,0 7,1 7,2 Roberts, John (25 јуни 2001). „Why Safin looks green on grass“. The Independent. Посетено на 2 март 2008.
  8. Safin joins Spanish party
  9. U.S. OPEN: NOTEBOOK; After Teen-Agers Play, Talk Is of Top 10 Futures
  10. Federer toys with Safin in Australian Open final
  11. Williams, Daniel (11 јануари 2007). „Australian Open Preview“. Time. Архивирано од изворникот на 2013-08-24. Посетено на 2 март 2008.
  12. Safin wrecks Federer's 26-match win streak in semis
  13. Alvanipour, Sarah (11 јануари 2007). „Safin Gets Serious – Almost“. Tennis magazine. Посетено на 2 март 2008.
  14. Spungin, Simon, „Davis Cup win was a very Israeli triumph“, Haaretz, 11 јули 2009
  15. „Israel drops Russia 2-0 in Davis Cup“ Архивирано на 13 јули 2009 г., Russia Today, 11 јули 2009
  16. „Netanyahu: Davis Cup team has filled nation with pride“, The Jerusalem Post, 11 јули 2009
  17. Dimon, Ricky, „Singles rubbers dead as Israel finishes off Russia“ Архивирано на 6 февруари 2010 г., Tennis Talk, 11 јули 2009
  18. „Israel completes Davis Cup win over Russia“, Miami Herald, 12 јули 2009
  19. Safin to take a break from coach
  20. „Roddick pays tribute to Connors“. Reuters. Посетено на 12 март 2008.
  21. „Safin Beats France in Davis Cup Quaterfinals Despite Foot Injury“. Russianspy. Архивирано од изворникот на 2008-10-07. Посетено на 12 март 2008.
  22. „The Championships, Wimbledon 2007 draws“. IBM Corp. Архивирано од изворникот на 2011-07-17. Посетено на 12 март 2008.
  23. „2007 Doubles activity“. ATP Tennis. Посетено на 12 март 2008.[мртва врска]
  24. „Murray hit by surprise Safin loss“. BBC Sport. 9 јануари 2008. Посетено на 24 октомври 2008.
  25. John Pye (10 јануари 2008). „Roddick beats Safin, remains on track for third straight Kooyong title“. USA Today. Посетено на 24 октомври 2008.
  26. „Roddick captures third straight title at Kooyong Classic“. USA Today. 12 јануари 2008. Посетено на 24 октомври 2008.
  27. Newmanat, Paul (18 јануари 2008). „Baghdatis too lean and mean for Safin“. The Independent. Посетено на 18 март 2008.
  28. Drucker, Joel (15 март 2008). „Hewitt's talents underappreciated but effective“. ESPN. Посетено на 18 март 2008.
  29. Butler, Jordan (3 март 2008). „First-Rate First-Round: Hewitt, Safin meet in Vegas“. TENNIS Magazine. Посетено на 18 март 2008.
  30. Hewitt thrashes struggling Safin
  31. „Extraordinary win for Safin“. Davis Cup, International Tennis Federation. 11 април 2008. Архивирано од изворникот на 2008-06-15. Посетено на 24 октомври 2008.
  32. „Somosche.com“. Архивирано од изворникот на 2010-12-28. Посетено на 2010-01-14.
  33. Versatile Ferrero shows real class to reach the last eight[мртва врска], The Independent, 21 април 2000
  34. 2008 BMW Open Singles Draw[мртва врска]
  35. Association of Tennis Professionals and BMW Open (1 мај 2008). „El Aynaoui, Safin Find Form for QF Berths“. Архивирано од изворникот на 2008-05-05. Посетено на 2 мај 2008.
  36. Super Safin destroys Djokovic
  37. „Herald Tribune - Safin's game plan no good against Federer“. Herald Tribune. Посетено на 12 март 2008.
  38. „Nadal, Safin move on after nearly six-hour rain delay at Rogers Cup“. International Herald Tribune. 23 јули 2008. Посетено на 24 октомври 2008.
  39. Marat Safin's Bloody Good Show Архивирано на 1 август 2009 г., Herald Sun, 5 јануари 2009
  40. Marat Safin
  41. „Safin loses to Nicolas Almagro“. ATP. 4 август 2009. Посетено на 5 август 2009.
  42. „Safin loses to Tommy Haas at LA Tennis Open quarters“. GOTOTENNIS. 4 август 2009. Посетено на 5 август 2009.
  43. Марат Сафин будет баллотироваться на пост вице-президента ОКР
  44. ИМ ДОВЕРЕНО БУДУЩЕЕ РОССИЙСКОГО ОЛИМПИЗМА[мртва врска], 17 декември 2009
  45. „Safin on mooning crowd: 'What's bad about it?'. ESPN. 28 мај 2004. Посетено на 2 март 2008.
  46. Clarke, Liz (29 мај 2004). „Safin Drops a Shot, And Then His Pants“. The Washington Post. Посетено на 2 март 2008.
  47. 47,0 47,1 „Safin could be a Wimbledon smash“. BBC. 22 јуни 2000. Посетено на 2 март 2008.
  48. Safin defeats Mantilla in long match, Taipei Times, 30 мај 2004
  49. Roberts, Selena (31 мај 2004). „Sports of The Times; Safin Goes From Earth To the Moon“. The New York Times. Посетено на 2 март 2008.
  50. Bierley, Steve (30 јуни 2008). „Federer steps up a level to dismiss brittle Safin with ominous ease“. The Guardian. Посетено на 2 март 2008.
  51. Robbins, Liz (8 септември 2008). „U.S. OPEN; Recovery Slow, But Martin Gains Semis“. The New York Times. Посетено на 2 март 2008.
  52. ATP Tour - Ilie in the Desert
  53. Clarey, Christopher (22 јуни 2005). „Marat Safin Finally Finds His Feet on Grass at Wimbledon“. The New York Times. Посетено на 2 март 2008.
  54. 54,0 54,1 Safin Finds Splendor on the Grass
  55. „Head Microgel Prestige Mid Racquets“. Архивирано од изворникот на 2010-01-26. Посетено на 2010-01-14.
  56. Yoyo from Moscow, 13 јануари 2007
  57. 57,0 57,1 57,2 57,3 57,4 57,5 57,6 57,7 57,8 „Marat Safin QUOTES / QUOTATIONS“. Архивирано од изворникот на 2008-11-23. Посетено на 2010-01-14.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Марат Сафин“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).