Западна Померанија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Западна Померанија (кафено) во Германија
Грб на областа
Знаме на областа

Западна Померанија или Предна Померанија (германски: Vorpommern) — западниот дел од историската област на војводството, подоцна Покраина Померанија, денес поделена помеѓу германската сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија и Полска. Името Померанија потекнува од словенското по море, што означувало земја на морето.[1]

Сместена на јужниот брег на Балтичкото Море, границите на Западна Померанија се менувале низ вековите и негови поседници биле Полска, Шведска, Данска и Прусија. Пред 1945 ја опфаќала целата област на Померанија западно од реката Одра. Во 1945, градовите на левиот брег Шчеќин (Штетин), Свиноујшќе (Свинеминде) и Полице (Пелиц) припаднале на Полска, додека остатокот на областа станал дел од Источна Германија. Германскиот дел на областа денес претставува околу една третина од денешната сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија.

Германската област има население од околу 470.000 жители во 2012 (окрузите Западна Померанија-Риген и Западна Померанија-Грајфсвалд заедно) — додека полските окрузи на областа имале население од околу 520.000 жители во 2012 (градовите Шчеќин, Свиноујшќе и Полице заедно). Вкупно, денес живеат околу еден милион луѓе во рамките на некогашната област, додека агломерацијата Шчеќин достигнува многу повеќе.

Областа е омилено туристичко одредиште во Германија и релативно слабо населена, па така поседува големи природни станишта. Во пејзажот преовладуваат заливите, рамните ридови, стрмните брегови (како на пример во Јазмунд или Аркона) и долги појаси на песочни плажи покрај морето.

Поголеми градови во Западна Померанија се Штралзунд и Грајфсвалд. Историски, исто така и градот Штетин, кој сега се нарекува Шчеќин е во рамките на Полска од 1945.

Помали градови во областа се Дамгартен, Берген (на островот Риген), Анклам, Волгаст, Демин, Пазевалк, Гримен, Засниц (на островот Риген), Икерминде, Торгелов и Барт.

Познати морски одморалишта во Западна Померанија се Албек (на островот Узедом), Аренсхоп, Банзин, Бинц (со Прора), Герен (на островот Риген) Херингсдорф (на островот Узедом), Козеров, Лубмин (близу Грајфсвалд), Преров, Зелин, Свинеминде (историски, денес во Полска), Трасенхајде, Икериц, Цемпин, Цингст и Циновиц.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Името Померанија потекнува од словенското по море, што означува „земја на море“.[2]

Низ македонската литература оваа област најмногу се сретнува под името Западна Померанија и германското име означува „пред Померанија“, иако многу ретко се сретнува и како „Предна Померанија“, што би било побуквален превод на германскиот назив. Областа на локалниот дијалект гласи долногермански: Vörpommern.

Полска има дел од историската и географската област Западна Померанија, а едно од нејзините војводства е наречено Западнопоморско или Западна Померанија, кое се протега на западниот дел од полскиот дел на Померанија.

Западна Померанија е позната по нејзините песочни плажи долж Балтичкото Море, нејзините острови Риген, Узедом и Хидензе и многуте заливи и лагуни, дел од нив заштитени со национален парк. Сликата прикажува стрмен брег кај Дарс, близу Аренсхоп.

Географија[уреди | уреди извор]

Главна особеност на Западна Померанија е нејзиниот долг брег, кој денеска претставува најголем дел од брегот на Мекленбург-Западна Померанија. Особено карактеристично е „двојниот брег“, при што островите ги одвојуваат заливите (т.н. bodden; залив со плитка вода) од отвореното море, создавајќи уникатен пејзаж. Двата најголеми германски острови, Риген и Узедом, припаѓаат на Западна Померанија.

Најголем град во Западна Померанија е Штралзунд, некогаш моќен ханзеатски град во текот на Ханзата. Денес е сè уште најважниот економски град во областа. Верски и судски центар, поради многуте покраинските судски институции и повеќевековниот Универзитет Ернст Мориц Арнт е ханзеатскиот град Грајфсвалд, околу 35 километри од Штралзунд.

Градовите Штралзунд и Грајфсвалд заедно, по Росток, се вторите најголеми центри по население во покраината. Дополнително, областа ја има втората најголема густина на населеност во четирите плански региони во покраината.

Западна Померанија има два национални паркови:

Друга област во Западна Померанија, која е под заштита, е долината на реката Пене.

Административна поделба[уреди | уреди извор]

Моменталната (сиво) и историската (со бои) административна поделба на Западна Померанија

Западната Померанија денес се протега на островите Риген и Узедом и блиското копно, приближно поклопувајќи се со административните окрузи Западна Померанија-Грајфсвалд и Западна Померанија-Риген, иако границите на овие окрузи со Мекленбург не се поклопуваат со демаркациската линија од пред 1945.

Областа е спомната во покраинскиот устав на Мекленбург-Западна Померанија како еден од двата уставотворни региони на покраината со право да создаде обласна служба (Landschaftsverband), која е административна поделба подредена единствено на покраината. Во текот на неуспешната реформа на окрузите во 1994 се размислувало да се вратат старите граници, но ова не било остварено. Рибниц од Северна Западна Померанија и Малхин од Демин порано биле дел од Мекленбург. Старата западна гранична линија е зачувана во поделбата помеѓу двете протестантски црковни тела на Евангелистичко-лутеранската црква на Мекленбург (Evangelisch-Lutherische Landeskirche Mecklenburgs) и Померанската евангелистичка црква (Pommersche Evangelische Kirche).

Поголеми градови во Западна Померанија се Штралзунд, Грајфсвалд, Берген на Риген, Демин, Анклам, Волгаст, Засниц, Херингсдорф и Барт. Со полското влегување во Европската Унија и отворањето на границите, Шчеќин го повратил неговото место како доминантен град за јужните делови на областа.

Економија[уреди | уреди извор]

Популарни туристички одморалишта можат да се најдат долж балтичките плажи на полуостровот Фишланд-Дарс-Цингст и островите Хидензе, Риген и Узедом. Старите ханзеатски градови се исто така омилени туристички одредишта поради нивната средновековна архитектура во готски стил со тули, центарот на Штралзунд е светско културно наследство на УНЕСКО. Штралзунд, Грајфсвалд и Волгаст исто така имаат бродоградбена индустрија. Во Мукран близу Засниц на Риген, се наоѓа меѓународен фериботски терминал кој ја поврзува Западна Померанија со Шведска, Данска, Литванија и други прекуморски земји. Во индустрискиот комплекс североисточно од Лубмин близу Грајфсвалд се наоѓа затворената атомска централа, која се очекува да биде срушена, а гасоводот Северен поток излегува на ова место. Во Грајфсвалд, Грајфсвалдскиот универзитет води неколку институции и големи болници во областа. Исто така, Грајфсвалд е место на научно истражување, како истражувачкиот центар Венделштајн и биотехнолошки претпријатија, повеќе нив најпознат е сојузниот Институт Фридрих Лефлер.

Историја[уреди | уреди извор]

Пред 1121[уреди | уреди извор]

Словенското култно место Јаромарсбург на ’ртот Аркона, на островот Риген.

Во праисториски времиња, областа била населена од мегалитски култури. Во првата половина на првиот милениум, источногерманските Руги[3] се забележани во областа, кои се познати по тоа што подоцна основале кралство далеку на југ во Панонија во V век.

До VI и VII век, Западните Словени ја населиле областа. Ако тие сретнале позначително население на Ругите и дали и/или како биле асимилирани од Словените не е познато. Словенските жители, исто така нарекувани и како дел од Вилцен/Велети, се поделиле на неколку мали племиња, подредени од северозапад кон југоисток: Рујани околу Риген, Цирципанес околу реката Пене, Љутичи околу храмот на Ретра, Волинци на островот Волин, Толензи околу реката Толензе и Украини околу реката Икер во Укермарк. Тие се обединиле кон крајот на X век за да го обезбедат нивниот суверенитет. Нивното седиште било кај Ретра, каде делегати од независните обединети племиња ги одржувале нивните состаноци. Дали Рујаните биле дел од Велетите или подоцна Љутичи не е целосно утврдено. Словенските племиња нарекувани како Поморци се населиле источно од реката Одра.

Во ова време, големи мешани словенско-скандинавски населби биле изградени кај природните пристаништа на брегот, од кои најважни биле Ралсвик (Риген), Алтес Лагер Менцлин на реката Пене и Волин, за која се претставува дека се работи за Винета и Јомсборг. Важни пагански храмови биле Аркона и Ретра. Други локални упоришта биле Димин (Dimin; Демин) и Штетин (Stetin, Шчеќин).

На почетокот на вториот милениум, западнопомеранските племиња биле опкружени од растечките сили: Данска на север, Пјаст Полска на југоисток и германското Свето римско царство на југозапад. Додека источната офанзива на царските сили можела да биде задржана некое време од словенските востанија на јужните (Хавелјани) и западните (Ободрити) соседи на западните померански племиња, тие источно од реката Одра биле освоени од Полјаците кон крајот X век и останале вазали на Пјастови до 1007, морале да плаќаат данок до 1042 и биле повторно освоени во 1121.

Померанското Кнежевство и Кнежевство Риген[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главни статии: „Поморско Кнежевство“ и „Кнежевство Риген.
Грб на Војводството Померанија, во текот на владеењето на Богислав X

Померанскиот војвода Вартислав I успешно започнал да ја освојува областа западно од неговиот бург во Штетин во годините по 1121. Овие земји биле значајно ослабени од претходните борби: брегот бил напаѓан од Данците, кои го уништиле Јомсборг во 1043, префрлајќи ја моќта кон југ, кон делтата на Одра, односно до померанскиот Штетин. Ретра била нападната и уништена од Германите во зимата 1068/69, сојузот на племињата се распаднал и наместо тоа тие започнале да се борат едно против друго.

Целта на Вартислав не била само проширување на неговото војводство, туку и ширење на христијанската вера. Во 1124 го поканил Ото Бамбершки на мисија во неговото војводство источно од реката Одра. До 1128 Вартислав I го проширил неговото војводство на запад до Грофството Гицков и Цирципанија и на југ до Укермарк. Го поканил Ото Бамбершки повторно на мисија во овие пагански области западно од реката Одра. Поранешните племенски кнежевства биле претворени во кастелани подредени на померанскиот војводат, кој ги назначувал кастеланите. Овие кастелани биле христијанизирани во Узедом во 1128. Освен Рујаните кои живееле на север од реката Рик и Демин, сите западнопомерански територии се обединиле и биле христијански. Зависноста на Вартислав од Полска ослабнала во наредните години и во 1135 со смртта на полскиот крал Болеслав III, војводството на Вартислав повторно стекнало независност. Околу десет години подоцна бил убиен од пагани близу Штолпе. Манастирот Штолпе бил изграден на тоа место од страна на наследникот на Вартислав, Ратибор I.

Вендските крстоносни војни во 1147 (германски: Wendenkreuzzug) започнати од Светото римско царство завршиле кога граѓаните на Демин и Штетин ги убедиле крстоносците дека тие веќе биле христијани.

До средината на XII век, Кнежевството Риген во северозападна Померанија останало последната паганска држава во Средна Европа. Во 1168, данска флота предводена од архиепископот на Роскилде Абсалон го опколиле Риген. Храмот Аркона бил заземен и уништен. По ова уништување на главниот храм, глацниот град на Риген Кореница (Venzer Burgwall) се предал и сите други храмови биле оставени на Данците да ги уништат, а Јаромар I станал дански вазал. Потоа, Рујаните станале христијани.

Од Риген, кој сè уште имал силна морнарица и армија, Данците вршеле притисок на Померанија. Војводата на Померанија, Богислав I, го внел своето војводство во Светото римско царство во 1181, откако се здружил со Хајнрих Лав од 1164. Така, Померанија станало првото словенско војводство во Светото римско царство. Но, новиот сојуз не ги одвратил Данците од успешно напаѓање и во 1186 ја покориле цела Померанија. Данското владеење завршило во 1227 кога данската морнарица била поразена во Борнхефед од Германите и Померанија освен Риген (до 1345 кога умрел последниот ригенски војвода) припаднала на Светото римско царство.

Колонизација и германско населување[уреди | уреди извор]

Војводите на Риген и Померанија повикале многу германски доселеници и благородници со цел повторно да ги населат уништените делови на нивните војводства во минатите војни и да населат нови области. Доселениците дошле од Долна Саксонија. Некои доселеници од Харц во средна Германија се населиле околу Штетин. Биле основани многу градови и манастири. Помеѓу XII век и XIII век, Западна Померанија се променила од паганска и словенска во христијанска и германска земја. Словените (Венди) биле најпрвин исфрлени од селата и им биле одземени нивните права. Подоцна биле асимилирани од германското мнозинство. Потоа, Западна Померанија била дел од Војводството Померанија, областите северно од Пене (Кнежевство Риген) се приклучиле на војводството во 1325.

Оттогаш, областа дели слична историја со Задна Померанија.

Шведска и пруска покраина[уреди | уреди извор]

Поранешното Војводство Померанија (во средина) поделено помеѓу Шведското царство и Бранденбург по Договорот од Штетин 1653. Шведска Померанија (Западна Померанија) е означена со сино, бранденбуршка Померанија (Источна Померанија) е прикажана со портокалово.
Историската пруска Покраина Померанија (означена со жолта линија и во голем дел на територијата на поранешното војводство) претставена помеѓу моменталните држави Германија (розово) и Полска (сино).

Померанија потпаднала под шведска воена контрола во 1630 во текот на Триесетгодишната војна. Шведскиот суверенитет над Западна Померанија, вклучувајќи го Штетин, бил потврден со Вестфалскиот мир (1648) и Шчеќинскиот договор во 1653 и од тоа време па натаму, најголем дел од областа ја создал Шведска Померанија. Поседувањето на оваа областа останала прашање на конфликт во европската политика и шведската власт го одбележала период на напади.

Дел од областа јужно од реката Пене (Стара Западна Померанија) потпаднала под пруски суверенитет по Стокхолмскиот договор. Со Килскиот договор, остатоците на Шведска Померанија (Нова Западна Померанија) биле префрлени во Данска во 1814, но овој договор не траел многу, бидејќи на Виенскиот конгрес во 1815 ја доделил територијата на Прусија.

Од 1815, цела Западна Померанија била приклучена во пруската Покраина Померанија, администрирана како административен округ Штралзунд (областа Нова Западна Померанија) и административниот округ Штетин (областа Стара Западна Померанија. Округот на Штралзунд бил припоен кон Штетин во 1932.

Мекленбург-Западна Померанија[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Мекленбург-Западна Померанија.

На крајот на Втората светска војна во 1945, мал дел од Западна Померанија, вклучувајќи го Шчеќин, главниот град во областа, и Свиноујшќе бил доделен заедно со Предна Померанија на Полска. Главниот дел на Западна Померанија станал дел од новосоздадената покраина Мекленбург-Западна Померанија. Зборот Западна Померанија бил избришан од името на покраината на инсистирање на советската воена администрација во 1947, [4] а целата покраина Мекленбург била укината од Источна Германија во 1952. Померанските окрузи биле дел од округот Росток (крајбрежна област) и округот Нојбранденбург, а мала област околу Гарц била дел од округот Франкфурт на Одра.

Покраината од 1945-1952 била повторно создадена, со одредени гранични промени, како Мекленбург-Западна Померанија при повторното обединување на Германија во 1990. Западна Померанија е уставотворен регион на покраината, но сепак не е административна целина.

По административните реформи во септември 2011, целината на Западна Померанија е во рамките на окрузите Западна Померанија-Риген и Западна Померанија-Грајфсвалд, додека некои области во Демин се останати во округот Мекленбуршка Езерска Област. Во 2012, Померанската Евангелистичка Црква ќе се спои со Мекленбуршката и Северноелпската Евангелистичка Цркви.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]