Прејди на содржината

Задачите на Херакле

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Задачите на Херкул)
Римски релјеф (III век) кој прикажува дел од Задачите на Херакле. Од лево кон десно: Немејскиот лав, Лернејската хидра, Еримантскиот вепар, Керинејската срна, Стимфалиските птици, Појасот на Хиполита, Аугиевите штали, Критскиот бик и Кобилите на Диомед.

Дванаесетте задачи на Херакле или додекатлон (грчки: δωδέκαθλον, dodekathlon) се серија настани што се однесуваат на покајанието на Херакле, најголемиот од сите грчки херои, чие име подоцна било романизирано во Херкулес. Тие подоцна биле поврзани во континуирано раскажување. Воспоставувањето на определен циклус од дванаесет задачи било припишано на Грците во еден еп кој денес е изгубен, а е напишан од Пеисандер и потекнува од 600 г. п.н.е.[1]

Објаснување

[уреди | уреди извор]

Полуден од Хера, Херакле ги убил своите шест синови. Откако оздравел, Херакле длабоко жалел за неговите дела; тој бил ослободен од кралот Теспиј, потоа отпатувал во Делфи за да дознае како да се покае за своите дела. Таму, пророштвото Питон го советувало да живее во Тиринт и да му служи 12 години на кралот Евристеј, извршувајќи ја која било задача со која ќе се соочи, а за возврат, ќе биде награден со бесмртност. Херакле разочаран од советот, згрозен од помислата да му служи на човек за кој знаел дека е многу послаб од него, а сепак исплашен да му се спротивстави на својот татко Зевс, на крајот се решил да се стави на располагање на Евристеј.

Евристеј му наредил на Херакле да изврши десет задачи. Херакле го направил тоа, но Евристеј одбил да признае две од нив: чистењето на Аугиевите штали, бидејќи Херакле сакал да прифати плата за работата; и убивањето на Лернејската хидра, бидејќи Јолај, внукот на Херакле и негов колар му помогнал. Евристеј додал уште две задачи (да ги донесе Хесперидиевите златни јаболка и да го зароби Кербер), кои Херакле успешно ги извршил, со што вкупниот број на задачи бил дванаесет.

Задачите

[уреди | уреди извор]
Папирусот на Херакле, дел од ракопис на поема од III век за Задачите на Херакле.

Како што опстанале, задачите на Херакле не се раскажани на едно место, туку мора да бидат собрани од многу извори. Рак и Стејплс[2] тврдат дека не постои еден начин да се толкуваат задачите, туку дека шест од нив биле сместени на Пелопонез, кулминирајќи со ново осветување на Олимпија. Шестте други го одвеле херојот подалеку. Во секој случај, начинот бил ист: Херакле бил испратен да убие или да покори, или пак да му донесе некое магично животно или растение на Евристеј, пратеникот на Хера. „Одбраните места претходно биле тврдини на Хера или на „Божицата“ и биле Влезови во Подземјето“.[2]

Познато претставување на задачите на Херакле на грчка скулптура е најдено на метопите на Храмот на Зевс во Олимпија, кои потекнуваат од 50-тите години на V век п.н.е.

Според Ликимниј, во своите задачи, Херакле понекогаш бил придружуван од машки сопатник (ероменос) каков што бил Јолај, неговиот внук. Иако тој требало да изврши само десет задачи, ова помагање довело до тоа да изврши уште две задачи. Евристеј не ја признавал хидрата бидејќи Јолај му помогнал, исто така и Аугиевите штали, бидејќи примил плата за својата работа, или бидејќи реките ја извршиле работата. Некои од задачите ги вклучувале децата (според различни извори) на Тифон и неговата жена Ехидна, кои сите биле поразени од Херакле.

Традиционалниот редослед на задачите, пронајден во Библиотека е:

  1. Убивањето на Немејскиот лав.
  2. Убивањето на деветглавата Лернејска хидра.
  3. Заробувањето на Керинејската срна.
  4. Заробувањето на Еримантскиот вепар.
  5. Чистењето на Аугиевите штали во еден ден.
  6. Убивањето на Стимфалиските птици.
  7. Заробувањето на Критскиот бик.
  8. Крадењето на Диомедовите кобили.
  9. Освојувањето на појасот на Хиполита, кралицата на Амазонките.
  10. Освојувањето на Герионовото стадо.
  11. Крадењето на Хесперидиевите јаболка (Со помош на Атлас ги земал јаболката откако го заклал Ладон.).
  12. Заробувањето и доведувањето на Кербер.

Првата задача: Немејскиот лав

[уреди | уреди извор]

Првата од дванаесетте задачи на Херакле, дадени од неговиот братучед, кралот Евристеј, била да го убие Немејскиот лав.

Херакле и Немејскиот лав. 520 г. - 500 г. п.н.е.

Според една верзија на митот, Немејскиот лав земал жени како заложнички во своето дувло во една пештера близу Немеја, мамејќи ги воините од градовите во близина да ги спасат дамите во неволја. Откако ќе влезел во пештерата, воинот ќе ја видел жената (обично преправајќи се дека е повредена) и ќе побрзал до неа. Кога ќе бил блиску, жената ќе се претворела во лав и ќе го убиела воинот, јадејќи ги неговите остатоци, а потоа коските му ги давала на Ад.

Херакле талкал низ областа сѐ додека не дошол до градот Клеона. Таму сретнал едно момче кое му рекло дека ако тој го убие Немејскиот лав и се врати жив за 30 дена, градот ќе му жртвува лав на Зевс, но ако не се врати за 30 дена или умре, момчето ќе се жртвува на Зевс. Друга верзија на митот тврди дека тој го сретнал Молорх, овчар чиј син бил изеден од лавот, велејќи му дека ако се врати за 30 дена, ќе му биде жртвуван овен на Зевс. Ако не се врати за 30 дена, овенот ќе му биде жртвуван на мртвиот Херакле како жртва при оплакувањето.

Додека го барал лавот, Херакле обезбедил неколку стрели за да ги искористи против него, не знаејќи дека златното крзно на лавот е непробојно; кога го нашол лавот и стрелал во него со својата стрела, тој го открил заштитното својство на крзното кога стрелата излетала безопасно од бутот на суштеството. По некое време, Херакле го натерал лавот да се врати во својата пештера. Пештерата имала два влезови, од кои еден го блокирал Херакле; а потоа тој влегол од другиот влез. Во тие темни и затворени живеалишта, Херакле го вчудовидел ѕверот со својот боздоган и користејќи ја својата неизмерна сила, го задавил до смрт. За време на борбата, лавот му гризнал еден од прстите. Откако го убил лавот, се обидел да му ја извади кожата со ножот од својот појас, но не успеал. Потоа се обидел да го наостри ножот со камен, дури се обидел и со каменот да ја извади кожата. На крајот, Атена забележувајќи ја маката на херојот, му кажала на Херакле да искористи една од канџите на лавот за да ја отстрани кожата.

Кога на 30-тиот ден се вратил носејќи ја мршата на лавот на своите рамена, кралот Евристеј бил зачуден и престрашен. Евристеј му забранил на Херакле да влегува во градот; во иднина, плодовите на своите задачи требало да ги остава пред портите на градот. Понатаму, Евристеј му ги кажувал на Херакле задачите преку гласник, а не лично тој. Евристеј имал големо бронзено грне каде можел да се крие од Херакле ако имало таква потреба. Тогаш тој го предупредил Херакле дека задачите кои му се доделени ќе бидат сѐ потешки. Потоа тој го испратил Херакле да ја изврши следната потрага, да ја уништи Лернејската хидра.

Втората задача: Лернејската хидра

[уреди | уреди извор]
„Херакле и хидрата“, од Антонио Полајуло.

Откако го убил Немејскиот лав, Евристеј го испратил Херакле да ја убие хидрата, која Хера ја одгледала за да го убие Херакле. Кога стигнал до мочуриштето близу до езерото Лерна, каде хидрата живеела, Херакле ги покрил устата и носот со платно за да се заштити од отровните гасови. Истрелал огнени стрели во дувлото на хидрата, изворот на Амимона, длабока пештера која се појавила за да ги тероризира соседните села.[3] Тој потоа се соочил со хидрата со жетварски срп (според некои рани слики на вазни), меч или неговиот славен боздоган. Рак и Стејплс (1994: 170) укажале дека реакцијата на хтонското суштество била ботаничка: откако ќе ги исечел сите глави, дознал дека повторно израстувале по две нови. Израз на безнадежност на таква борба за секој, но не и за херојот. Слабоста на хидрата била таа што само една од нејзините глави била бесмртна.

Деталите за борбата се опширни во Библиотека (2.5.2): сфаќајќи дека на овој начин не може да ја порази хидрата, Херакле го повикал внук му Јолај на помош. Неговиот внук добил идеја (веројатно иснпириран од Атена) да користат запалена гламна да го изгорат отсечокот на вратот откако ќе биде исечена секоја глава. Херакле ги пресекол главите и Јолај ги изгорел отворените рани. Гледајќи дека Херакле победува во борбата, Хера испратила голем рак за да му го одвлече вниманието. Тој го згазил со своето моќно стапало. Едната бесмртна глава на хидрата била отсечена со златен меч кој Атена му го дала. Херакле го ставил под голем камен на светиот пат меѓу Лерна и Елеј (Керењи 1959: 144), и ги потопил своите стрели во отровната крв на хидрата и така втората задача била извршена. Другата верзија на митот е дека откако пресекол една глава, го потопил мечот внатре и го искористил отровот за да ја изгори секоја глава за да не порасне пак. Хера, вознемирена што Херакле го убил ѕверот кој таа го одгледала за да го убие него, го ставила во темносин лак на небото како соѕвездието Хидра. Потоа го претворила ракот во соѕвездието Рак.

Подоцна, Херакле искористил една стрела потопена во отровната крв на хидрата за да го убие кентаурот Нес; а загадената крв била намачкана на Несовата кошула, со која кентаурот ја добил својата посмртна одмазда. И Страбон и Павзаниј изјавуваат дека смрдеата од реката Анигрус во Елис, која предизвикувала сите риби во реката да не се јадат, се верувало дека е поради отровот на хидрата, измиен од стрелите што Херакле ги искористил за кентаурот.[4]

Третата задача: Керинејската срна

[уреди | уреди извор]
Херакле и срната, Атена и Артемида гледаат. 540 г. - 530 г. п.н.е.

Евристеј и Хера биле многу лути кога дознале дека Херакле успеале да побегне од канџите на Немејскиот лав и од отровните заби на Лернејската хидра, и затоа одлучиле да смислат трета задача која ќе донесе пропаст за херојот. Третата задача не вклучувала убивање на ѕвер, бидејќи веќе се докажало дека Хекрале ќе ги убие дури и најстрашните соперници. Така Евристеј одлучлил да го натера да ја зароби Керинејската срна, бидејќи била толку брза што би наттрчала и стрела.

По почетокот на потрагата, Херакле се разбудил од сонот и можел да ја види срната од одблесокот на нејзините рогови. Херакле пеш ја бркал срната цела година низ Грција, Тракија, Истра и земјата на Хиперборејците. Во некои верзии, тој ја заробил срната додека спиела со мрежа за стапици, правејќи таа да куца. Во други верзии, тој ја сретнал Артемида во нејзиниот храм и таа му рекла да ја остави срната и да му каже на Евристеј што се случило и неговата трета задача ќе се смета за исполнета. Сепак, друга верзија тврди дека Херакле ја фатил во стапица срната со стрела меѓу предните нозе на суштеството.

Херакле и Керинејската срна. Слика од XIX век на Адолф Шмит.

Евристеј му ја дал оваа задача на Херакле со надеж дека ќе предизвика лутина кај Артемида кон Херакле за ова сквернавење на нејзиното свето животно. Како што се враќал со срната, Херакле ги сретнал Артемида и нејзиниот брат Аполон. Тој ја молел божицата за прошка, објаснувајќи дека тој морал да ја фати срната како дел од неговата казна, но ветил дека ќе ја врати. Артемида му простила, расипувајќи го планот на Евристеј за таа да го казни Херакле.

Кога му ја однел срната на Евристеј, му било кажано дека таа ќе стане дел од менажеријата (колекција диви животни) на кралот. Херакле знаел дека морал да ја врати срната како што ветил, па се согласил да ја предаде под услов ако Евристеј излезе и самиот ја земе од него. Кралот излегол, но во моментот кога Херакле ја пуштил срната да оди, таа истрчала кај својата господарка, а Херакле му рекол на Евристеј дека не бил доволно брз. Евристеј, вознемирен што Херакле успеал да победи уште едно суштество, му рекол да му го донесе жив страшниот Еримантски вепар.

Четвртата задача: Еримантскиот вепар

[уреди | уреди извор]

Четвртата задача на Херакле –според некои сметања, бидејќи нема единствено дефинитивно кажување- била да го зароби вепарот. На патот до таму, Херакле го посетил Фол („дивјакот“), љубезен и гостопримлив кентаур и негов стар пријател. Херакле јадел со него во неговата пештера-иако кентаурот го јадел своето месо сурово- и побарал вино. Фол имал само еден бокал со вино, подарок од Дионис за сите кентаури на планината Еримантос. Херакле го убедил да го отвори, а мирисот ги привлекол и другите кентаури. Тие не сфатиле дека виното треба да биде разредено со вода, се опиле и нападнале. Херакле стрелал во нив со своите отровни стрели, а кентаурите се повлекле до пештерата на Хирон.

Херакле му го покажува вепарот на исплашениот Евристеј. Околу 510 г. п.н.е.

Фол бил љубопитен зошто стрелите предизвикале толку многу смрт и земал една, но ја испуштил и стрелата се забодила во неговото стапало, отрувајќи го. Една верзија вели дека залутана стрела го погодила и Хирон, но Хирон бил бесмртен, иако сепак почувствувал болка. Болката на Хирон била толку голема што тој доброволно сакал да се откаже од својата бесмртност и да го заземе местото на Прометеј, кој бил закован на врвот од планината каде секој ден еден орел доаѓал и му го јадел црниот дроб, иако тој бил бесмртен титан. Мачителот на Прометеј, орелот, го продолжил своето измачување на Хирон, а Херакле го убил со стрела. Општоприфатено е дека приказната требало да го прикаже Херакле како примач на предадената бесмртност на Хирон. Сепак, оваа приказна противречи на фактот дека Хирон подоцна го учел Ахил. Приказната за кентаурите понекогаш се појавува во други делови на дванаесетте задачи, како и ослободувањето на Прометеј.

Херакле го посетил Хирон за да биде посоветуван како да го фати вепарот, а Хирон му кажал да го намами во дебел снег, што оваа задача ја лоцира на сред зима. Откако успешно го фатил вепарот, Херакле го врзал и го однел кај Евристеј, кој преплашен од него клекнал во својот полузакопан склад питос, преколнувајќи го Херакле да се ослободи од ѕверот, една од омилените теми на сликарите на вазни. Херакле се обврзал да го направи тоа. Роџер Ланселин Грин во своите Приказни за грчките херои вели дека Херакле го фрлил во морето. Телото пловело до Италија, каде неговите заби биле зачувани во Храмот на Аполон во Кума. Три дена подоцна, Евристеј, сѐ уште треперејќи од страв, го испратил Херакле да ги исчисти Аугиевите штали.

Петтата задача: Аугиевите штали

[уреди | уреди извор]
Херакле ги чисти Аугиевите штали (Мозаик од Хиспанија, 201 г. - 250 г.).

Петтата задача на Херакле била да ги исчисти Аугиевите штали. Оваа должност била со намера да биде и понижувачка и невозможна, бидејќи добитокот бил божествено здрав (бесмртен) и поради тоа произведувал огромно количество измет. Овие штали не биле исчистени повеќе од 30 години, а во нив живееле повеќе од 1000 говеда. Сепак, Херакле успеал преку пренасочување на реките Алфеј и Пинеј да ја измие нечистотијата.

Аугиј бил гневен бидејќи му ветил на Херакле една десетина од својот добиток ако работата ја изврши за еден ден. Тој одбил да го почитува договорот и Херакле го убил откако ги извршил задачите. Херакле му го дал кралството на синот на Аугиј, Филеј, кој бил избркан бидејќи го поддржувал Херакле против својот татко. Според одите на поетот Пиндар, Херакле тогаш ги основал Олимписките игри:

Игрите кои покрај античкиот гроб на Пелопс ги основа моќниот Херакле, после тоа го уби Клеат, божествениот син на Посејдон и исто така го уби Еврит за да може да ја грабне наградата за извршената работа против волјата на тиранот Аугиј.[5]

Успехот на неговата задача на крајот бил отфрлен бидејќи брзите води ја завршиле работата со чистењето на шталите и бидејќи на Херакле му било платено. Евристеј, изјавувајќи дека Херакле сѐ уште има преостанатото седум задачи да ги изврши, го пратил Херакле да ги победи Стимфалиските птици.

Шестата задача: Стимфалиските птици

[уреди | уреди извор]
Херакле и Стимфалиските птици (Мозаик од Хиспанија, 201 г. - 250 г.).

Откако ги исчистил Аугиевите штали, Евристеј го испратил Херакле да ги победи Стимфалиските птици, човекојадни птици со клунови од бронза и остри метални пердуви кои можеле да ги исфрлат кон своите жртви; тие му биле посветени на Арес, богот на војната. Покрај тоа, нивниот измет бил многу отровен. Тие дошле од езерото Стимфалија во Аркадија, каде се размножувале брзо и го преземале местото, уништувајќи ги тамошните жетви, овошки и граѓани. Херакле не можел да оди толку далеку во мочуриштето, бидејќи неговата тежина не би издржала. Атена, забележувајќи ја маката на херојот, му дала тропалка која Хефест ја направил специјално за таа причина. Херакле тропал со неа и ги исплашил птиците во воздухот. Потоа убил многу од нив со своите стрели. Останатите одлетале и никогаш не се вратиле. Аргонаутите подоцна се сретнале со нив.

Седмата задача: Критскиот бик

[уреди | уреди извор]
Херакле во борба со бикот (Бакрорез од Б. Пикарт, 1731 г.).

Свиркајќи весело поради својот досегашен успех, Херакле бил испратен да го зароби бикот како негова седма задача дадена од Евристеј. Тој отпловил до Крит, при што кралот Миној му дал дозвола да го однесе бикот и му понудил помош (која Херакле ја одбил од гордост) [6] бидејќи опустошувал на Крит корнејќи ги жетвите и рамнејќи ги расадниците. Херакле се прикрадил зад бикот и ги искористил своите раце да го задави (запирајќи пред да го убие), и потоа го истоварил назад во Атина. Евристеј, кој се скрил во својот питос при првиот поглед на суштеството, сакал да го жртвува бикот на Хера, која го мразела Херакле. Таа го одбила жртвувањето бидејќи ја отсликувала славата на Херакле. Бикот бил пуштен и залутал во Маратон, каде станал познат како Маратонскиот бик.[6] Тезеј подоцна го жртвувал бикот на Атена и/или Аполон. Евристеј го испратил Херакле да ги донесе човекојадните кобили на Диомед.

Осмата задача: Кобилите на Диомед

[уреди | уреди извор]

Откако го заробил Критскиот бик, Херакле требало да ги украде кобилите. Во една верзија на приказната, Херакле довел неколку младичи да му помогнат. Тие ги земале кобилите, а Диомед и неговите луѓе ги бркале. Херакле не знаел дека коњите, наречени Подрагос (Брзиот), Лампон (Сјајниот), Ксантос (Рускосиот) и Дејнос (Ужасниот), биле чувани заврзани за бронзени јасли бидејќи биле диви; нивното лудило било припишано на неприродната исхрана со човечко месо.[7] Некои верзии велат дека тие испуштале оган кога дишеле. Тие биле човекојадни и нескротливи, а Херакле го оставил својот омилен придружник Абдер да ги чува додека тој се бори со Диомед, но дознал дека момчето било изедено. Како одмазда, Херакле ги нахранил коњите со телото на Диомед, а потоа ја основал Абдера веднаш до гробот на момчето.

Херакле и Кобилите на Диомед (теракотен релјеф од Јохан Готфрид Шадов, околу 1790 г.).

Во друга верзија, Херакле останал буден за Диомед да не му го пресече грлото ноќта и ги пресекол оковите со кои биле заврзани коњите. Откако ги избркал коњите на висорамнината на полуостровот, брзо ископал бразда низ полуостровот која ја исполнил со вода, правејќи остров. Кога Диомед дошол, Херакле го убил со секира (истата со која ја ископал браздата) и го фрлил телото на коњите за да ги смири. Во двете верзии јадењето ги смирува коњите и Херакле ја искористил можноста да им ги врзи муцките и лесно да ги однесе кај кралот Евристеј, кој ѝ ги посветил коњите на Хера. Во некои верзии, им било дозволено слободно да скитаат низ Аргос, при што станале трајно мирни, но во други верзии, Евристеј наредил коњите да бидат однесени на Олимп и да му бидат жртвувани на Зевс, но Зевс ги одбил и испратил волци, лавови и мечки да ги убијат. Роџер Ланселин Грин во своите Приказни за грчките херои вели дека нивните потомци биле користени во Тројанската војна. По инцидентот, Евристеј го испратил Херакле да го донесе појасот на Хиполита.

Деветтата задача: Појасот на Хиполита

[уреди | уреди извор]
Херакле го зема Појасот на Хиполита.

Ќерката на Евристеј, Адмета, го сакала појасот на Хиполита, подарок за кралицата на Амазонките од богот на војната, Арес. За да ја задоволи својата ќерка, Евристеј му наредил на Херакле да го донесе појасот како негова деветта задача.

Земајќи група пријатели со себе, Херакле испловил, запирајќи на островот Парос, кој бил населен со некои од синовите на Миној. Тие убиле двајца од придружниците на Херакле, чин што го разбеснил Херакле. Тој убил двајца од синовите на Миној и им се заканувал на другите жители сѐ додека не му биле понудени двајца мажи за да ги заменат неговите паднати придружници. Херакле се согласил и земал двајца од внуците на Миној, Алкај и Стенел. Тие продолжиле со своето патување и пристигнале на дворот на Лик, кого Херакле го одбранил во борбата против кралот на Бебриките, Мигдон. Откако го убил кралот Мигдон, Херакле му дал голем дел од земјата на својот пријател Лик. Лик ја нарекол земјата Хераклеја. Посадата потоа отпловила до Темискира каде живеела Хиполита.

И сѐ ќе завршело добро за Херакле, ако не била Хера. Хиполита, импресионирана од Херакле и неговите подвизи, се согласила да му го даде појасот, а така и ќе направела ако Хера не се преправела и не одела меѓу Амазонките предизвикувајќи недоверба. Таа тврдела дека странците заговарале за да ја однесат кралицата на Амазонките. Вознемирени, жените се качиле на коњите за да се соочат со Херакле. Кога тој ги видел, помислил дека Хиполита заговарала такво предавство цело време и никогаш не ни сакала да го даде појасот, па ја убил и го земал појасот, враќајќи се кај Евристеј. Евристеј, зачуден што Херакле ја преживеал својата средба со Амазонките, веднаш го пратил да го зароби Герионовото стадо.

Десеттата задача: Герионовото стадо

[уреди | уреди извор]
Херакле се бори со Герион (540 г.).

Во најцелосниот извор во Библиотека на Псевдо-Аполодориј,[8] од Херакле било побарано да патува до далечниот западносредоземен остров Еритеја, за да дојде до Герионовото стадо како негова десетта задача. На патот до таму, ја поминал Либијската пустина [9] и бил толку фрустриран од жештината што истрелал стрела кон Хелиос, сонцето. Хелиос „од восхит за неговата храброст“ му дал на Херакле златен пехар кој тој го користел за да плови низ морето од запад на исток секоја ноќ. Херакле го искористил за да пристигне до Еритеја, омилен мотив на сликарите на вазни.

Ортер убиен од Херакле за време на десеттата задача.

Само што пристигнал на Еритеја, Херакле се соочил со двоглавото куче Ортер. Со еден голем удар од својот боздоган од маслиново дрво, Херакле го убил кучето-чувар. Евритеј, овчарот, дошол да му помогне на Ортер, но Херакле се справил со него на истиот начин.

Слушајќи го бунтот, Герион отрчал во борба носејќи три штитови, три копја и три шлемови. Го прогонувал Херакле до реката Антема, но станал жртва на стрелата што била потопена во отровната крв на Лернејската хидра, која Херакле ја истрелал толку силно што го прободила челото на Герион, „и Герион го навали вратот на едната страна, како булка што ги расипува своите сложени форми, отфрлајќи ги сите свои ливчиња одеднаш“.[10]

Херакле потоа морал да го однесе добитокот кај Евристеј. Во римските верзии на раскажувањето, на Авентинскиот рид во Италија, Како украл дел од добитокот додека Херакле спиел, правејќи добитокот да оди наназад за да не остави трага, повторување на трикот на младиот Хермес. Според некои верзии, Херакле го донел остатокот од добитокот до една пештера каде Како ги скрил украдените животни и тие почнале да се довикуваат. Во други верзии, Кака, сестрата на Како, му кажала на Херакле каде е тој. Потоа Херакле го убил Како и според Римјаните, го основал олтарот каде подоцна се наоѓал добиточниот пазар, Forum Boarium.

За да го налути Херакле, Хера испратила муви да го касаат, да го налутат и да го растурат добитокот. Херојот успеал да ги пронајде за една година. Хера потоа испратила поплава што го зголемила нивото на реката толку многу што Херакле не можел да помине со добитокот. Тој ставил куп камења во реката за да ја направи поплитка. Кога конечно пристигнал на дворот на Евристеј, добитокот ѝ бил жртвуван на Хера.

Единаесеттата задача: Хесперидиевите јаболка

[уреди | уреди извор]
Херакле ги кради Хесперидиевите јаболка (Мозаик од Хиспанија, III век).

Откако Херакле ги извршил првите десет задачи, Евристеј му дал уште две велејќи дека не важела ниту хидрата (бидејќи Јолај му помогнал на Херакле) ниту Аугиевите штали (или бидејќи добил плата за работата или бидејќи реките ја завршиле работата). Првата од овие две додатни задачи била да ги украде јаболката од градината на Хесперидите. Херакле прво го фатил старецот од морето,[11] морскиот бог кој ја менува формата, за да дознае каде се наоѓа Градината на Хесперидите.[12]

Во некои верзии, Херакле, или на почетокот или на крајот од својата задача, го сретнал Антеј, кој бил невидлив сѐ додека ја допирал мајка си Геа, земјата. Херакле го убил Антеј држејќи го во воздух и го задушил со рацете.[13]

Херодот вели дека Херакле застанал во Египет каде кралот Бусирис одлучил тој да биде годишната жртва, но Херакле се извлекол од своите окови.

Конечно пристигнувајќи до Градината на Хесперидите, Херакле го измамил Атлас да земе неколку златни јаболка за него, понудувајќи му дека ќе го држи небото за тоа време (Атлас ги земал јаболката, според оваа верзија, бидејќи бил таткото на Хесперидите или пак поинаку бил поврзан со нив). Ова би ја направило задачата-како хидрата и Аугиевите штали-неважечка бидејќи имал помош. Кога се вратил, Атлас решил дека не сака да го земе небото пак и наместо тоа се понудил да ги однесе јаболката самиот, но Херакле го измамил повторно согласувајќи се да го заземе неговото место под услов Атлас да го ослободи привремено за Херакле да ја намести наметката поудобно. Атлас се согласил, но Херакле го излажал и си заминал, носејќи ги јаболката. Според друга верзија, Херакле всушност го убил Ладон, чуварот на јаболката со лик на змеј. Бесен што Херакле успеал во нешто за што Евристеј мислел дека не е возможно да се направи, го испратил Херакле на неговата последна задача, да го зароби Кербер, триглавото куче-чувар на портите на Подземниот свет.

Дванаесеттата задача: Кербер

[уреди | уреди извор]
Херакле го заробува Кербер (1545 г.), од Ханс Зебалд Бехам.

Заробување на Кербер жив, без користење на оружје била последната задача што Евристеј му ја доделил на Херакле, како обесштетување за убивањето на сопствените деца кои ги имал со Мегара откако бил полуден од Хера, а со тоа и најопасната и најтешката задача.

Откако му била дадена задачата, Херакле отишол во Елефсина да биде воведен во Елевсинејските мистерии за да може да научи како да влезе и да излезе од подземниот свет жив и во минување да се разреши од гревот за убивањето на кентаурите. Тој го нашол влезот во подземјето во Тенар, а Атена и Хермес му помогнале да го помине влезот во секој правец. Тој го одминал Харон со помош на Хестија и сопственото тешко и диво муртење.

Додека бил во подземјето, Херакле ги сретнал Тезеј и Пиритој. Двајцата сопатници биле затворени од Ад поради обидот да ја киднапираат Персефона. Една традиција раскажува за змии што се мотале околу нивните нозе а потоа се претвориле во камен; друга традиција раскажува дека Ад се преправал со гостопримството и подготвил гозба поканувајќи ги да седнат. Тие не знаејќи седнале на столовите на заборавот и биле трајно намамени. Кога Херакле го извадил прво Тезеј од неговиот стол, дел од неговото бедро се заглавило(ова ги објаснува наводно витките бедра на атињаните), но земјата се тресела при обидот да го ослободи Пиритој, чија желба да ја има жената на богот за себе била толку навредлива што бил осуден на пропаст да остане.

Херакле го нашол Ад и побарал дозвола да го однесе Кербер на површината, на што Ад се согласил ако Херакле може да го совлада ѕверот без да користи оружје. Херакле можел да го совлада Кербер и продолжил да го префрла ѕверот преку својот грб, влечејќи го од подземниот свет низ влезот на една пештера на Пелопонез и носејќи му го на Евристеј. Кралот бил толку исплашен од ѕверот што скокнал во питос и му рекол на Херакле да го врати во подземниот свет, а за возврат ќе го ослободи од неговите задачи. Откако ги извршил задачите, Херакле им се придружил на Аргонаутите во потрагата по Златното руно.

  1. According to Walter Burkert.[се бара извор]
  2. 2,0 2,1 Ruck, Carl; Danny Staples (1994). The World of Classical Myth. Durham, NC, USA: Carolina Academic Press. стр. 169.
  3. Kerenyi, The Heroes of the Greeks(angelo) 1959:144.
  4. Strabo, viii.3.19, Pausanias, v.5.9; Grimal 1987:219.
  5. Pindar. The Extant Odes of Pindar, Project Gutenberg.
  6. 6,0 6,1 Bibliotheca 2.5.7
  7. Horse madness (hippomania) and hippophobia, Yiannis G. Papakostas, Michael D. Daras, Ioannis A. Liappas and Manolis Markianos, History of Psychiatry 2005; 16; 467
  8. Pseudo-Apollodorus. Bibliotheke, 2.5.10.
  9. Libya was the generic name for North Africa to the Greeks.
  10. Stesichorus, fragment, translated by Denys Page.
  11. Kerenyi, The Heroes of the Greeks, 1959, p.172, identifies him in this context as Nereus; as a shape-shifter he is often identified as Proteus.
  12. In some versions of the tale, Hercules was directed to ask Prometheus. As payment, he freed Prometheus from his daily torture. This tale is more usually found in the position of the Erymanthian Boar, since it is associated with Chiron choosing to forgo immortality and taking Prometheus' place.
  13. Apollodorus ii. 5; Hyginus, Fab. 31
  • Burkert, Walter (1985). Greek Religion. Cambridge, MA, USA: Harvard University Press.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]