Тезеј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тезеј го убива Минотаурот (1843), бронзена скулптура од Антоан Луј Бари.

Тезеј (старогрчки: Θησεύς) бил јунак во старогрчката митологија. За разлика од Херакле кој бил дорски херој, Тезеј бил херојот-основач на Атињаните, кои го сметале за свој голем реформатор: неговото име потекнува од истиот корен како и θεσμός („thesmos“), грчкиот збор за „институција, закон“. Тој бил одговорен за synoikismos („живеење заедно“) - политичкото обединување на Атика под Атина, симболично претставено во неговото патување на подвизи, покорувајќи ги мошне ограничените дивјаци и монструозни ѕверови. Бидејќи тој бил обединувачкиот крал, Тезеј изградил и престојувал во палата на тврдината на Акропол која можеби била слична на палата што била откопана во Микена. Паузаниј изјавува дека по synoikismos-от, Тезеј основал култ на Афродита Пандема („Афродита на сите луѓе“) и Пејто на јужната страна на Акропол.

Плутарховата Vita (реалистична биографија) на Тезеј користи различни описи за смртта на Минотаурот, бегството на Тезеј и љубовта на Ариадна кон Тезеј. „Поради тоа, може ли да успеам во прочистувањето на бајката, правејќи ја достатна на разумот и да се прифати слична на историјата. Но, каде што таа презира да се направи веродостојна и одбива да признае каков било елемент на веројатност, ќе се молам за љубезните читатели, како такви да ги примат со попустливост приказните од антиката.[1] Плутарховите извори, од кои не сите текстови самостојно опстанале, ги вклучувале Ферекид (средина на V век п. н.е.), Демон (околу 400 г. п.н.е.), Филохор и Клидем (двајцата од IV век п.н.е.).[2]

Рани години[уреди | уреди извор]

Тезеј и Етра, од Лоран де ла Ир.

Егеј, еден од првобитните кралеви на Атина, нашол невеста, Етра, која била ќерка на кралот Питој од Трезена, мал град југозападно од Атина. На нивната прва брачна ноќ, Етра се пробила низ морето до островот Сферија кој лежи блиску до брегот и таму легнала со Посејдон (богот на морето и земјотресите). Тезеј добил комбинација од божественост како и смртни одлики во својата природа; двајца татковци, еден бесмртен и еден смртен била позната одлика на грчките херои. Ова кај некои истражувачи наметнало дури и тврдењето дека Тезеј морал да има близнак.[3][4] Откако Етра забременила, Егеј решил да се врати во Атина. Пред да замине, сепак, ги закопал сандалите и мечот под еден голем камен: Камен „кој имал дупка во него толку голема за да ги собере овие предмети“, вели Плутарх. И ѝ рекол на Етра кога нивниот син ќе порасне, да го помести каменот. Ако е доволно јунак да ги земе обележјата за себе како доказ за неговото кралско потекло. Во Атина, на Егеј му се придружила Медеја, која го напуштила Коринт откако ги убила децата што му ги родила на Јазон и го прифатила Егеј како нејзин нов маж. Свештеничка и крал заедно го претставувале стариот поредок во Атина.

Така, Тезеј бил одгледан во земјата на својата мајка. Кога Тезеј пораснал и станал храбар младич, го поместил каменот и ги земал обележјата на татка си. Мајка му тогаш му ја кажала вистината за идентитетот на татко му и му рекла дека мора да ги однесе мечот и сандалите кај кралот Егеј за да го побара своето право од раѓање. За да патува до Атина, Тезеј можел да избере да оди преку море (што било безбеден пат) или преку земја, следејќи го опасниот пат околу Саронскиот Залив, каде би наишол на низа од шест влезови во Подземниот свет [5], секој чуван од некој хтонски непријател. Млад, храбар и амбициозен, Тезеј одлучил да оди сам преку земја, при што поразил многу големи разбојници по патот. Присуството на Тезеј во старогрчката митологија е големо, но најчесто се зборува за неговите осум подвизи: ги убил Коринт, Питиокамп, Прокруст, Скирон, Керкион, вепарот Кремион, го убил маратонскиот бик и го убил Минотаур.[6]

Шестте влезови во Подземниот свет[уреди | уреди извор]

Подвизите на Тезеј, околу 440–430 г. п.н.е. (Британски музеј).
  • На првото место, кое било Епидаур, посветено на Аполон и исцелителот Асклепиј, Тезеј му ги променил плановите на хтонскиот разбојник Перифет, кој ги победувал своите противници на земјата, и му го земал боздоганот кој често го прикажува Тезеј во сликите на вазните.
  • Кај Истмискиот влез во Подземниот свет имало крадец наречен Синис, често нарекуван „Pityokamptes" (грчки: Πιτυοκάμπτης, „оној што се качува на борови“). Тој заробувал патници, ги врзувал меѓу два бора што биле навалени до земјата и потоа ги пуштал дрвјата да се исправат, растргнувајќи ги своите жртви. Тезеј го убил на истиот начин. Потоа спиел со ќерката на Синис, Перигуна, со која го добил синот Меланип.
  • Во друг подвиг, северно од Истм, во место наречено Кромион, тој убил огромна свиња, Кромионската свиња, одгледана од старица по име Фаеја. Некои верзии ја именуваат свињата Фаеја. Библиотека ја опишува Кромионската свиња како потомок на Тифон и Ехидна.
  • Во близина на Мегара, еден стар крадец по име Скирион ги терал патниците да одат по тесниот пат од страната на карпата за да му ги измијат стапалата. Додека тие клечеле, тој одзади ги туркал од карпата, при што морското чудовиште ги јадело (во некои верзии, тоа е огромна желка). Тезеј го турнал од карпата.
  • Друг негов непријател бил Керкион, кралот на светото место Елефсина, кој ги предизвикувал случајните минувачи во натпревар со борење. Кога ќе ги победел, ги убивал. Тезеј го победил Керкион во борењето и го убил.
  • Последниот разбојник бил Прокруст Растегнувачот, кој имал две постели, една која им ја нудел на минувачите во рамнината на Елефсина. Тогаш тој ја правел постелата соодветна, или преку растегнување на жртвите или преку пресекување на нивните стапала. Бидејќи имал две постели со различна големина, ниту една не била соодветна. Тезеј му го променил планот на Прокруст, пресекувајќи му ги нозете и отсекувајќи му ја главата со неговата секира.
Тезеј и Кромионската свиња со Фаеја.

Медеја и Маратонскиот бик, Андрогеј и Палантидите[уреди | уреди извор]

Тезеј го заробува Маратонскиот бик, (V век п.н.е.).

Кога Тезеј пристигнал во Атина, тој не го открил својот вистински идентитет веднаш. Егеј бил гостопримлив, но бил сомничав кон намерите на младиот, силен странец. Жената на Егеј, Медеја веднаш го препознала Тезеј како син на Егеј и се загрижила дека Тезеј ќе биде избран како наследник на Егејовото кралство наместо нејзиниот син Мед. Таа се обидела да нареди Тезеј да биде убиен, замолувајќи го да го зароби Маратонскиот бик, амблем на критската моќ.

На пат кон Маратон, Тезеј се засолнил од бурата во колибата на стара жена по име Хекала. Таа се заколнала дека ќе му посвети жртва на Зевс ако Тезеј успешно го зароби бикот. Тезеј го заробил бикот, но кога се вратил во колибата на Хекала, таа била мртва. Во нејзина чест, Тезеј го дал нејзиното име на еден од демовите на Атика, при тоа правејќи ги нејзините жители во една смисла посвоени деца на Хекала.

Кога Тезеј победнички се вратил во Атина, каде го жртвувал бикот, Медеја се обидела да го отруе. Во последен момент, Егеј ги препознал сандалите, штитот и мечот и го турнал пехарот со затруено вино од раката на Тезеј. Така, таткото и синот биле одново обединети, а Медеја, како што се зборувало, избегала во Азија.

Кога Тезеј се појавил во градот, му претходела неговата репутација, бидејќи патувал низ озлогласениот пат покрај брегот од Трозана и убил некои од најстрашните разбојници таму. Не поминало долго време пред надежите на Палантидите да бидат загубени за наследувањето на очигледно бездетниот Егеј ако не се ослободат од Тезеј (Палантидите биле синови на Палас и внуци на кралот Егеј, кои во тоа време живееле на кралскиот двор во светилиштето на Делфскиот Аполон) [7]). Па му поставиле стапица. Една група од нив ќе оди во градот од едната страна додека друга група ќе чека во заседа близу местото наречено Гаргет. Планот бил откако Тезеј, Егеј и стражарите од палатата ќе бидат насила извлечени однапред, другата половина ќе ги изненади одзади. Сепак, Тезеј не бил измамен. Информиран за планот од гласникот по име Лео, Тезеј на полноќ се искрадил надвор од градот и ги изненадил Палантидите. „Тогаш Тезеј одеднаш се нафрли врз групата која чекаше во заседа и ги уби сите. Потоа, групата со Палас се растури.“, кажал Плутарх.[8]

Митот за Тезеј и Минотаурот[уреди | уреди извор]

Тезеј и минотаурот (VI век).

Пасифаја, жената на кралот Миној од Крит, имала неколку деца пред да го роди Минотаурот. Најстарото од нив, Андрогеј, отпловил за Атина за да учествува во Пан-атинските игри, кои се одржувале на секои пет години. Силен и вешт, поминал добро, победувајќи веднаш на некои настани. Брзо станал миленик на публиката, на незадоволство на Палантидите, по што тие го убиле, навлекувајќи го на себе бесот на Миној.

Кога кралот Миној слушнал што го снашло син му, наредил критската флота да исплови за Атина. Миној го замолил Егеј да му бидат предадени убијците на син му и градот ќе биде поштеден. Сепак, не знаејќи кои се убијците, кралот Егеј го предал целиот град на милоста на Миној. Неговата одмазда била: на крајот од секоја Платонска година (седум сончеви години), седум најхрабри младичи и седум најубави девојки да се качат на брод и да бидат испратени како данок на Крит, никогаш повеќе да не бидат видени.

Во друга верзија, кралот Миној од Крит војувал со Атињаните и бил успешен. Тој барал, во интервали од девет години, да бидат испратени на Крит седум атински момчиња и седум атински девојки за да бидат изедени од Минотаурот, чудовише кое било получовек, полубик и кое живеело во лавиринтот создаден од Дедал.

На третата пригода, Тезеј доброволно се пријавил за да го убие чудовиштето. Тој го заземал местото на еден од младичите и испловил со црно едро, ветувајќи му на татка си Егеј дека ако биде успешен, ќе се врати со бело едро [9]. Како и другите, и на Тезеј му било одземено оружјето кога отпловиле. При доаѓањето на Крит, Ариадна, ќерката на кралот Миној, се заљубила во Тезеј и советувана од Дедал му дала клопче со конец, за да може да го најде патот надвор од лавиринтот.[10] Таа ноќ, Ариадна го испратила Тезеј до лавиринтот и Тезеј ветил дека ако се врати од лавиринтот ќе ја земе Ариадна со себе. Откако влегол во лавиринтот, Тезеј го заврзал едниот крај од клопчето за вратата и замавнал со својот меч кој го чувал под туниката, скриен од стражарите. Тезеј ги следел упатствата на Дедал дадени на Ариадна; оди напред, секогаш ниско и никогаш лево или десно. Тезеј стигнал до срцето на лавиринтот и веднаш до заспаниот Минотаур. Ѕверот се разбудил и се случила стравотна борба. Тезеј го совладал Минотаурот со својата сила и го прободил ѕверот во грлото со својот меч (според една схолија на Пиндаровата Петта немејска ода, Тезеј го задавил).[11]

Откако му ја отсекол главата на ѕверот, Тезеј го искористил конецот за да избега од лавиринтот и успеал во тоа заедно со сите млади Атињани, Ариадна и нејзината сестра Федра. Потоа тој и останатите од посадата заспале на плажата. Атена го разбудила Тезеј и му кажала да заминат рано наутро. Исто така му рекла и да ги остави Ариадна и Федра на плажата. Вознемирен, Тезеј заборавил да ги стави белите едра наместо црните и кралот се самоубил, во некои верзии фрлајќи се од карпа во морето. Дионис подоцна ја видел Ариадна како плаче за Тезеј, се сожалил и се оженил со неа.

Бродот на Тезеј[уреди | уреди извор]

Според Плутарховиот Животот на Тезеј, бродот на Тезеј кој бил користен за враќањето од Крит до Атина бил чуван неколку века во атинското пристаниште како потсетник.

Бродот со кој Тезеј и младината на Атина се вратиле имал 30 весла и бил зачуван од Атињаните до времето на Деметриј од Фалерон [12], ги ваделе старите штици како што се распаѓале, ставајќи нови и посилни греѓи на нивно место....[13]

Бродот требало да биде чуван во пловна состојба, бидејќи како возврат за успешната мисија на Тезеј, Атињаните ветиле да го почитуваат Аполон секоја година од тогаш па натаму. Поради тоа, Атињаните испратиле религиозна мисија на островот Дилос (едно од Аполоновите светилишта) на атинската државна галија -самиот брод - да ја платат својата верност на богот. За да се зачува чистотата на пригодата, не биле дозволени погубувања помеѓу времето кога религиозната церемонија почнувала и кога бродот се враќал од Дилос, при што поминувале неколку недели.[14]

За да се зачува бродот, секое дрво што било излижано или скапувало било заменето, поради тоа на филозофите им било нејасно колку останало од оригиналниот брод, поставувајќи го филозофското прашање дали треба да се смета дека тоа е „истиот“ брод или не. Такви филозофски прашања за природата на идентитетот понекогаш се познати како Парадоксот на бродот на Тезеј.

Без оглед на овие проблеми за оригиналноста на структурата на бродот, тоа што Атињаните го зачувале бродот, било задржано ново познавањето дека Тезеј бил вистински историски лик – во што никој тогаш не се сомневал – и им дало вистинска врска со нивното божествено предвидување.

Тезеј и Пиритој[уреди | уреди извор]

Тезеј го поразува кентаурот од Антонио Канова (1804–1819), Уметничкоисториски музеј, Виена.

Најдобриот пријател на Тезеј бил Пиритој, принцот од Лапит. Пиритој имал слушнато приказни за храброста и силата на Тезеј во битка, но сакал доказ, па така тој го украл стадото говеда на Тезеј и го однел надвор од Маратон, а Тезеј отишол во потрага. Пиритој го земал своето оружје и двајцата се сретнале да се борат, но биле толку импресионирани еден со друг што направиле завет на пријателство и се придружиле на ловот по Калдионскиот вепар. Во Илијада I, Нестор ги вбројува Пиритој и Тезеј меѓу пораните генерации на херои со „херојска слава“ од својата младост, „најсилните мажи што ги одгледала земјата, најсилните мажи против најсилните непријатели, дивјачко племе што живее на планината кое тие целосно го уништија.“ Нема трага од таква усна традиција, која Хомеровите слушатели би ја препознале во Несторовото наговестување, што преживеала во литературен еп. Подоцна, Пиритој се подготвувал да се ожени со Хиподамија. Кентаурите биле гости на свадбената гозба, но се опиле и се обиделе да ги грабнат жените, вклучувајќи ја и Хиподамија. Лапитите победиле во последователната борба.

Во Овидиевите Метаморфози Тезеј се бори со Еврит и го убива, „најсвирепиот од сите свирепи кентаури“ [15] на свадбата на Пиротој и Хиподамија.

Грабнувањето на Елена и средбата со Ад[уреди | уреди извор]

Тезеј ја одведува Елена, околу 510 г. п.н.е.

Тезеј, голем грабнувач на жени, и неговиот близок придружник Пиртој, бидејќи биле синови на Зевс и Посејдон, дале збор да се оженат со ќерки на Зевс.[16] Тезеј, во една стара традиција, ја избрал [17] Елена и заедно ја грабнале, со намера да ја чуваат сѐ додека не биде доволно возрасна да се омажи. Пиритој ја избрал Персефона. Тие ја оставиле Елена со мајката на Тезеј, Етра во Афидна, од каде таа била спасена од Диоскурите.

На барање на Пиритој, тие патувале до подземниот свет, територија на Персефона и нејзиниот маж Ад. Додека лутале низ околината на Тартар, Тезеј седнал на една карпа да се одмори. Како што седнал, почувстувал дека неговите раце и нозе се менуваат и се вкочануват. Се обидел да стане но не можел. Бил прицврстен за карпата на која седнал. Тогаш, како што се свртел да му се исплачи на својот пријател Пиритој, видел дека и тој плаче. Околу нив стоела ужасна група на фурии со змии на нивната коса, факли и долги камшици во своите раце. Пред овие чудовишта, храброста на херојот попуштила и бил одведен за вечна казна.

Многу месеци во полутемнина, Тезеј седел не поместувајќи се од карпата, жалејќи за себе и за својот пријател. На крајот, тој бил спасен од Херакле[18] кој дошол во подземниот свет за неговата дванаесетта задача. Таму ја натерал Персефона да му прости на Тезеј за улогата што ја имал во брзоплетата авантура на Пиритој. Така Тезеј бил вратен во горниот свет, но Пиритој никогаш не го напуштил кралството на мртвите, бидејќи кога се обидел да го ослободи Пиритој, Подземниот свет се тресел. Кога Тезеј се вратил во Атина, дознал дека Диоскурите ги однеле Елена и Етра во Спарта.

Хиполита[уреди | уреди извор]

Тезеј, се верува дека бил или во друштво на Херакле или своеволно, патувал до земјата на Амазонките, племе на женски воини кои имале секс со мажите само за размножување, но ги убивале или ги истерувале машките деца кога ќе се родат. Не чувстувајќи неволја или злонамерност од Тезеј, Амазонките одлучиле да го дочекаат испраќајќи ја кралицата Хиполита на неговиот брод носејќи подароци. Откако се качила на бродот, Тезеј испловил за Атина, тврдејќи дека Хиполита е негова невеста. Ова предизвикало војна меѓу Амазонките и Атињаните. Хиполита на крајот му родила син на Тезеј, кого го нарекле Хиполит (Ἱππόλυτος). Тезеј ја загубил својата љубов спрема Хиполита откако ја видел Федра.

Плутарховиот Живот ја сместува Антиопа, амазонската сестра на Хиполита, како Амазонката што ја грабнал Тезеј. Во овој опис, Антиопа е мајката на Хиполит (крстен по нејзината сестра).

Федра и Хиполит[уреди | уреди извор]

Федра, втората жена на Тезеј, му родила два сина, Демофонт и Акамант. Додека тие биле сѐ уште деца, Федра се заљубила во Хиполит, синот на Тезеј со Хиполита. Според некои верзии на приказната, Хиполит ја одбил Афродита за да стане следбеник на Артемида, па така Афродита направила Федра да се заљуби во него како казна.

Алтернативно, во верзијата на Еврипид, Хиполит, дадилката на Федра му кажала на Хиполит за љубовта на нејзината господарка и тој се заколнал дека нема да ја открие дадилката како негов извор на информации. За да се осигура дека ќе умре со достоинство, Федра му напишала на табла на Тезеј тврдејќи дека Хиполит ја силувал пред таа да се обеси. Тезеј ѝ поверувал и искористил една од трите желби што ги добил од Посејдон против својот син. Клетвата предизвикала коњите на Хиполит да бидат исплашени од морско чудовиште, обично бик, и да го одведат нивниот јавач во својата смрт. Артемида подоцна му ја кажала вистината на Тезеј, ветувајќи дека ќе го одмазди својот верен следбеник со друг следбеник на Афродита.

Во верзијата на римскиот драматург Сенека, насловена Федра, откако Федра му кажала на Тезеј дека Хиполит ја силувал, Тезеј самиот си го убил синот, а Федра се самоубила од вина бидејќи немала намера Хиполит да умре.

Во друга верзија, Федра едноставно му кажала на Тезеј дека Хиполит ја силувал и не се самоубила, а Дионис испратил див бик кој ги исплашил коњите на Хиполит.

Бил создаден култ околу Хиполит, поврзан со култот на Афродита. Девојките кои требало да се омажат, му нуделе прамени од косата. Култот верувал дека Асклепиј го воскреснал Хиполит и дека тој живеел во света шума во близина на Арича во Лацио.[19]

Други приказни и неговата смрт[уреди | уреди извор]

Според изворите, Тезеј исто така бил еден од Аргонаутите, иако Аполониј од Родос во Аргонаутика изјавува дека Тезеј сѐ уште бил во подземниот свет во тоа време. И двете изјави се противречни со тоа што Медеја му била жена на Егеј во времето кога Тезеј првпат дошол во Атина. Со Федра, Тезеј му бил татко на Акамант, кој бил еден од оние што се криеле во Тројанскиот коњ за време на Тројанската војна. Тезеј срдечно го пречекал залутаниот Едип и му помогнал на Адраст да ги закопа Седумтемина против Теба.

Ликомед од островот Скирос го фрлил Тезеј од карпа откако ја изгубил популарноста во Атина. Во 475 г. п.н.е., во одговор од пророштвото, Кимон од Атина, откако го освоил Скирос за Атињаните, го идентификувал како останките на Тезеј „еден ковчег со големо тело со бронзено копје покрај него и меч“. (Плутарх, Животот на Кимон, 1985, стр. 206). Останките најдени од Кимон биле одново закопани во Атина. Раното современо име Theseion (Храмот на Тезеј) погрешно се однесувало на Храмот на Хефест за кое се мислело дека било вистинското место на гробот на херојот.

Адаптации на митот за Тезеј[уреди | уреди извор]

Тезеј со главата на Минотаурот.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Федра (1677) на Жан Расин ги претставува Тезеј и Хиполит како главни ликови.
  • Тезеј е значаен лик како војводата од Атина во драмите на Вилијам Шекспир: Сон на летната ноќ и Двајца благородни земјаци. Хиполит исто така се појавува во двете драми. Тезеј исто така се појавува како главен лик во Приказната на витезот на Џефри Чосер.
  • Кралот мора да умре на Мери Рено (1958) е драматичко прераскажување на легендата за Тезеј преку враќањето од Крит во Атина. Иако измислена, главно е верна на духот и вкусот на најдобро познатите варијации на оригиналната приказна. Продолжението Бикот од морето (1962) е за подоцнежната кариера на херојот.
  • Атентат врз Тезеј (Покушение на Тезея) (1993) на Кир Булчев е за заговорот да го убијат за време на турнејата во виртуелната реалност во која тој живее низ животот на Тезеј.
  • Братот на Ариадна: Новела за падот на Крит од бронзената доба (1996) на Џон Демпси, ја раскажува минојско-критската верзија за овие настани засновани и на археологијата и на митот.
  • Новелата Страници за болката (1996) на Трој Денинг го претставува Тезеј кој страда од амнезија и се бори да си го врати минатото додека е во интеракција со некои од колоритните суштества на универзумот Planescape.
  • Новелата Последна од Амазонките (2002) на Стивен Пресфилд се обидува да го ги смести средбата и подоцнежниот брак на Тезеј со Антиопа, како и последователната војна во историски навидум вистинита околина.
  • Хорхе Луис Борхес прикажува интересна варијација на митот во расказот „La Casa de Asterión“ (Куќата на Астерион).
  • Британскиот комичар Тони Робинсон напишал верзија за приказната на Тезеј насловена „Тезеј: суперхерој“.
  • Писателката Трејси Барет напишала новела насловена Темната страна на месечината, изадена во 2011 година, која е преработка на митот за Тезеј.
  • Писателката Сузан Колинс била инспирирана од Тезеј да ја напише трилогијата Игри на гладот, издадена во 2008-2010 година.[20]

Филм и телевизија[уреди | уреди извор]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Plutarch, Life of Theseus.
  2. Edmund P. Cueva, „Plutarch's Ariadne in Chariton's Chaereas and Callirhoe“, American Journal of Philology 117(3), 1996, pp. 473–484.
  3. Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 1992, str. 95.
  4. Теоријата, изложена како природознание од Аристотел, била прифатена низ XIX век и докажано е дека е погрешна во модерната генетика: види Телегонија. Понекогаш во митовите, резултатот може да биде близнаци, едниот со божествен, а другиот со смртен татко: види Диоскури. За наводниот Парнас, основачот на Делфи, Паузаниј забележува: „Како и другите херои, како што се наречени, и тој имал двајца татковци; за едниот се вели дека бил богот Посејдон, а смртниот татко бил Клеопомп.“ (Description of Greece x.6.1).
  5. Споредено со Задачите на Херакле, „Тезеј е зафатен само со светите влезови кои се наоѓаат во околината на Атина.“(Ruck and Staples 1994:204).
  6. Хиган, Митови, Три, Скопје, 2016, стр. 46.
  7. „...каде што сега се наоѓа заградениот простор во Делфиниум, таму беше куќата на Егеј, а Хермес на истокот од светилиштето е наречен Хермес на Егејовата порта." (Plutarch, 12)
  8. Plutarch, 13.
  9. Плутарх го цитира Симонид и вели дека другото едро кое му го дал Егеј не бил бело, туку „црвено едро обоено со нежното цвеќе на богатиот „свет даб“.” (Plutarch, 17.5).
  10. Ариадна понекогаш е претставена на сликите од вазните со рана од вретено.
  11. Noted by Kerenyi 1959:232 note 532.
  12. Деметриј од Фалерон бил истакнат оратор и државник, кој 10 години управувал со Атина пред да биде протеран во 307 г.
  13. Plutarch. „Theseus“. The Internet Classics Archive. Архивирано од изворникот на 2011-07-28. Посетено на 2013-01-17.
  14. Cooper, John M., уред. (1997). Plato: Complete Works. Associate editor, D. S. Hutchinson. Indianapolis/Cambridge: Hackett. стр. 37. ISBN 0-87220-349-2.
  15. Ovid, Metamorphoses, XII:217-153
  16. Scholia on Iliad iii.144 and a fragment (#227) of Pindar, according to Kerenyi 1951:237, note 588.
  17. Reported at Athenaeus, Deipnosophistae 13.4 (557a); cf. Kerenyi 1959:234 and note.
  18. Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 54.
  19. Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 1992, str. 309 - 311.
  20. Zeitchik, Steven (March 24, 2012). „Which dystopian property does 'The Hunger Games' most resemble?“. Los Angeles Times via Boston Herald. Boston Herald and Herald Media. Посетено на March 24, 2012.

Наводи[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:
  • Burkert, Walter, Greek Religion (1985)
  • Kerényi, Karl, The Heroes of the Greeks (1959)
  • Price, Anne, The Quest for Theseus (London, 1970) examines the Theseus-Minotaur-Ariadne myth and its historical basis, and later treatments and adaptations of it in Western culture.
  • Ruck, Carl A.P. and Danny Staples, The World of Classical Myth: ch. IX "Theseus: making the new Athens" (1994), pp. 203–222.
  • Walker, Henry J., Theseus and Athens, Oxford University Press (US 1995). The most thorough scholarly examination of Theseus's archaic origins and classical myth and cult, and his place in classical literature.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Владејачки титули
Претходник
Егеј
Крал на Атина Наследник
Менестеј