Прејди на содржината

Природонаука

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Природознание)
Илустрација на статијата за природонаука од „Циклопедија“ (1728)

Природонауката (природознание) — дициплината што се занимава со изучување на организмите како растенијата и животните во нивната средина, со особена задршка на набљудувањето наспроти опитот како метод на работа. Меѓу другото, таа опфаќа и научно истражување, макар што тие имаат помало влијание од оние што се спроведуваат во поконкретните науки во дадени области. Во разни земји, оваа наука се нарекува „природна историја“ (од лат. historia naturalis), но во оваа смисла нејзиниот делокруг е малку потесен.

Природонауката се вбројува во природните науки и претставува систематско изучување на секоја категорија на организми и предмети во природата.[1] Како една наука, природознанието вистински постоело во антиката и средновековниот арапски свет, и во делата на научниците од ренесансните научници расејани низ Европа, кои работеле речиси во целосна изолација. Природонауката е меѓудисциплински приод што опфаќа активности на многу науки. Таков пример е и геобиологијата, која има изразит повеќедисциплинарен карактер, здружувајќи ги научниците и нивните сознанија од најразлични потесни науки.

Лицето што се занимава со природонаука се нарекува природонаучник.[2]

Делокруг на природонауката во минатото

[уреди | уреди извор]

Низ вековите, делокругот на природонауката сè повеќе се стеснувал. Во антиката опфаќала сè што е поврзано со природата и сè што користи материјали земени од природата. За тоа сведочат дела како „Природознание“ од Плиниј Постариот (I век н.е.)

Сè до средината на XIX век, сознанијата за светот во Европа се делеле на два рода: хуманитарни науки (вклуч. теологијата) и природни науки. Природните науки потоа се делеле на разни гранки, при што природознанието важело за описен пандан на природната филозофија, која ја изучувала природата аналитички. Од денешно гледиште, природната филозофија го опфаќала она што е денеска физика и хемија, додека пак природонауката се однесувала на биолошките и геолошките науки, при што двете биле во потесна врска. Во двете дисциплини голема улога одиграле аматерските научници-љубители, чии трудови станале доста застапени како стручни материјали во професионалните научни друштва (академии) како Кралското друштво во Британија и Француската академија на науките — обете основани во XVII век.

Во природонауката имала улога и Индустриската револуција, која го поттикнала нејзиниот развој со потребата од анализирање на слоеви во потрегата по лежишта на минерални суровини.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Во антиката

[уреди | уреди извор]
Страница од делото „За лековитите средства“ од Диоскорид

Природонауката почнува со дејци како Аристотел и други филозофи-научници кои ја набљудувале природата околу нив и давале свои теории. Како дисциплина таа постои уште од антиката, кога се напишани важни дела од долготрајно значење, како Плиниевото „Природознание“. Од антиката, па сè до делата на Карл Лине (како и другите природонаучници од XVIII век, природата научно се поимувала како „голем ланец на битисувањето“ (scala naturae), во кој се распоредени минералите, растенијата, попримитивните животни, вишите животни, и сè така до човекот, кој се наоѓал на врвот на системот.

Делото „За лековитите средства“ (De Materia Medica) од Диоскорид (I век н.е.) се смета за најстарото и највредното дело во историјата на ботаниката.[4] Најстариот ракопис опстанат до денес е збирката од „биолошки дела“ на Аристотел, напишана во Цариград кон средината на IX век.[5]

Во средновековието

[уреди | уреди извор]
Споменик на Ибн ел-Бејтар во Беналмадена, Шпанија.

Додека во средновековна Европа природонауката била неподвижна, во арапскиот свет истата била во расцут. Од особено значење во овој период се делата на ел-Џахиз (781-869), кој прв почнал да ги поимува случувањата во природата како „борба за опстанок“[6] и прв го утврдил постоењето на ланец на исхрана.[7] За основоположник на арапската ботаника се смета Абу Ханифа Динавари (828-896), со делото „Книга за растенијата“, во кое обработува над 637 растенија, осврнувајќи се на нивната морфологија од ’ртењето до смртта, со сите фази на развојот на растенијата, цутењето и раѓањето на плодови.[8] Андалусискиот научник Абу ел-Абас ел-Небати (1166-1239) е творец на првиот облик на научен метод во ботаниката, воведувајќи емпириски и опитни методи за испробување, опис и распознавање на најразлични лековити материи, издвојувајќи ги народните суеверија од вистински полезните билки според внимателни испробувања и набљудувања.[9] Неговиот ученик Ибн ел-Бејтар (1197-1248) напишал фармацевтска енциклопедија во која опишува 1.400 растенија, прехранбени суровини и лекови, од кој 300 биле негови сопствени откритија. Ова дело подоцна им послужило на европските биолози и фармацевтите од XVIII и XIX век, кои го користеле во латински превод.[10] Арапските геолози се занимавале со подробно изучување на науките за Земјата, но веќе во времето на Авицена (околу 1000 г.), арапското царство почнало да оди надолу и научниците не уживале слобода на издавање на делата.[11]

Почнувајќи од XIII век, христијанското учење ги усвоило делата на Аристотел на прилично крут и строг начин Тома Аквински, сочинувајќи „природобогословие“ (theologia naturalis). За времето на ренесансата, учените (особено билкарите и хуманистите) му се вратиле на непосредното природонаучно набљудување на растенијата и животните, и многу од нив насобрале големи збирки на ретки и егзотични видови и необични „чудовишни“ сушстества. Во овој период, Андреја Чезалпино го создал првиот познат хербариум и ја осмислил првата ботаничка систематика. Значаен деец на ова поле е германскиот лекар Леонхарт Фукс, кој е еден од тројцата родоначалници на биологијата, заедно со Ото Брунфелс и Хиронимус Бок. Важен придонес на овој план дале Валериј Корд, Конрад Геснер („Историја на животните“, лат. Historiae animalium), Фредерик Рејсх или Гаспар Баухин.[5] Со големото изобилство на познати организми се јавила потребата од нивна класификација во таксономски групи, системот на шведскиот природонаучник Карл Лине.[5]

Настанок на научната биологија

[уреди | уреди извор]
Жорж Бифон, автор на „Природознание“ (Histoire naturelle) — енциклопедиско дело во 44 тома што опфаќа сè што е познато за природниот свет.

Првите биолози во новиот век се англиските „попови-природонаучници“ како Гилберт Вајт, Вилијам Керби, Џон Џорџ Вуд и Џон Реј, кои пишувале за растенијата, животните и други аспекти на природата.[12]

Во современа Европа се создвале стручните дисциплини како физиологијата, ботаниката, зоологијата, геологијата и палеонтологијата. Научниците сè повеќе почнале да ја критикуваат природонауката како предмет во високото образование, за која сметале дека треба да биде чисто „аматерска“ активност, а не вистинска наука. Во Британија и САД, изучувањето на птици, пеперутки, школки (малакологија/конхологија), бубачки и полски цвеќиња почнало да важи за хоби. Во исто време, научниците настојувале да ги обединат полињата на изучување во една целина под капата на биологијата, но со делумен успех сè до современата еволутивна синтеза). Традициите на природонауката сепак продолжиле да играат улога во биологијата, особено во екологијата (изучувањето на природните системи на организми и неорганските делови на Земјината биосфера што ги издржуваат) етологијата (изучување на поведението на животните) и еволутивната биологија (изучување на облиците на живот низ многу долг временски период), а денес истата повторно се јавува како интегративна биологија на организмите.

Собирачите, љубителите и претприемачите како аматери одиграле мошне значајна улога во составувањето на големите природонаучни збирки во светот, како што се Природонаучниот музеј во Лондон и Националниот природонаучен музеј во Вашингтон.

Со подобрувањето на превозните средства во XIX век, тројцата најпознати англиски природонаучници Хенри Волтер Бејтс, Чарлс Дарвин и Алфред Расел Волес имале прилика да одат на долгогодишни патувања по светот, истражувајќи и собирајќи илјадници примероци од најразлични краишта. Со ова, тие не само што донеле многу нови видови кои биле непознати за науката, туку и ја преобразиле биологијата од описна во теоретска наука.

Поставки со растенија и габи во Природонаучниот музеј на Македонија

Природонаучните музеи, кои настанале од разните кабинети на реткости, одиграле важна улога во развојот на стручните дисциплини на денешната биологија и научно-истражувачките програми. Во XIX век, научниците почнале да ги користат експонатите од нивните збирки како нагледни средства и како основа за нивните морфолошки истражувања.

Во Македонија, природонауката во јавноста е застапена преку Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Brown, Lesley (1993), The New shorter Oxford English dictionary on historical principles, Oxford [Eng.]: Clarendon, ISBN 0-19-861271-0
  2. „природонаучник“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
  3. Barry Barnes and Steven Shapin, "Natural order: historical studies of scientific culture", Sage, 1979.
  4. Gulsel M. Kavalali (2003). Urtica: therapeutic and nutritional aspects of stinging nettles. CRC Press. стр. 15. ISBN 0-415-30833-X
  5. 5,0 5,1 5,2 Хронологија на природонауката“ — History of Science (англиски)
  6. Conway Zirkle (1941), Natural Selection before the "Origin of Species", Proceedings of the American Philosophical Society 84 (1): 71-123.
  7. Frank N. Egerton, "A History of the Ecological Sciences, Part 6: Arabic Language Science - Origins and Zoological", Bulletin of the Ecological Society of America, април 2002: 142-146 [143]
  8. Fahd, Toufic, „Botany and agriculture“, стр. 815 Отсутно или празно |title= (help) во Morelon, Régis; Rashed, Roshdi (1996), Encyclopedia of the History of Arabic Science, 3, Routledge, ISBN 0-415-12410-7
  9. Huff, Toby (2003), The Rise of Early Modern Science: Islam, China, and the West, Cambridge University Press, стр. 813–852, ISBN 0-521-52994-8
  10. Diane Boulanger (2002), "The Islamic Contribution to Science, Mathematics and Technology", OISE Papers во STSE Education, Vol. 3.
  11. Richard Myers (2003). "The Basics of Chemistry". Greenwood Publishing Group. стр. 13. ISBN 0-313-31664-3
  12. Patrick Armstrong (2000). The English Parson-naturalist: A Companionship Between Science and Religion. Gracewing Publishing. ISBN 978-0-85244-516-7. Посетено на 31 март 2013.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]