Природонаучен музеј на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Природонаучен музеј на Македонија
Лого на Природонаучниот музеј на Македонија
Музејската зграда со дел од влезот во Зоолошката градина
Карта
Основан1926
Местобул. Илинден 86, Центар, Скопје
Типприродонаучен
Фонд270.000
Мреж. местоmusmacscinat.mk

Природонаучен музеј на Македонија — национален музеј што собира и чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на Македонија. Тоа е најстарата биолошка усатнова во земјата која на простор од 1.400 м2 го претставува богатството на македонската геа, флора и фауна.

Има постојани изложби на: минерали и карпи, фосили, растенија, безрбетници, инсекти, риби, водоземци и влекачи, птици и цицачи. Во Музејот се организираат и тематски изложби.

Зградата на Природонаучниот музеј на Македонија се наоѓа во склопот на Зоолошката градина во Скопје, но работи како посебна институција. Работното време е од 9.00 до 16.00 часот, секој ден, освен понеделник.

Историјат[уреди | уреди извор]

Зградата на Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје

Во текот на своето постоење, Природонаучниот музеј на Македонија минувал низ три, односно четири карактеристични периоди: периодот од 1926 до 1941 година, кој е поврзан со името на д-р Станко Караман и формирањето на првите музејски збирки; периодот за време на окупацијата од 1941 до 1944 година, периодот по ослободувањето од 1944 до земјотресот, и последниот, по земјотресот до денес, кој означува интензивен развој на повеќе музејски дејности.

Прва фаза[уреди | уреди извор]

Иако Македонија отсекогаш го привлекувала вниманието на многу истражувачи, пред сè поради својата местоположба во централниот дел на Балканскиот Полуостров, развиената геоморфологија, влијанијата на континентална и средоземна клима и богатата и хетерогена флора и фауна, сепак, историските податоци зборуваат дека во периодот на турското владеење, интересот на европските истражувачи за овие простори не бил така голем.

Ваквата состојбата се менува за време на Првата светска војна, кога во рамките на Генералштабот на германската армија се формира специјална истражувачка комисија, т.н. „Комисија за македонско земјознание“ (Mazedonishe Landeskundliche Kommission). Со оваа Комисија раководел познатиот истражувач на природата, проф. д-р Франц Дофлајн кој бил професор по зоологија на Универзитетот во Вроцлав, (тогаш Бреслау, Германија). Извештајот од целокупните теренски истражувања е публициран од страна на Дофлајн (1921), во неговото животно дело, монографијата Mazedonien („Македонија“). Излегувањето на оваа книга за Македонија, видно го зголемува интересот за природното богатство на нашата земја.

По осознавањето на податоците од монографијата, младиот вљубеник и истражувач на природата, д-р Станко Караман, решава да дојде во Македонија во 1922 година. За време на својот прв престој, тој врши интензивно истражување на рибната фауна, како резултат на што во 1924 година ја издава студијата Pisces Macedoniae. Богатството и разновидноста на живиот свет, придонеле тој да донесе одлука за дефинитивно останување на овие простори, во 1924 година. Живее во Македонија, со огромна љубов и интерес кон нејзиниот жив свет, на кој го посветува целиот живот. Резултатите од неговата научно-истражувачка работа набргу стануваат видливи за јавноста. Преку повеќе печатени трудови тој успева да го зголеми интересот кај странските истражувачи за природното богатство на Македонија.

Иако бил целосно преокупиран со колекционерската и научно-истражувачката работа, идејата за формирање на Зоолошки музеј кај него е цело време присутна. Во 1926 година тој успева да ја преточи во реалност. И така, на овие простори започнал да функционира еден мал зоолошки музеј, од кој потекнува денешниот Природонаучен музеј на Македонија.[1]

Со јасна концепција за организација и развој на Музејот, д-р Караман бил на чело на институцијата сè до започнувањето на Втората светска војна. Иако на почетокот се судрил со низа проблеми, тој во ниту еден момент не ја напуштил својата визија за развој на колекционерската, научно-истражувачката, издавачката и изложбената дејност на Музејот. Како единствен научен работник во тој период, заедно со уште еден препаратор и едно техничко лице, тој колекционирал и формирал богати збирки на животни.

Набргу по основањето, како резултат на брзиот развој, двете училници од музичкото училиште во кои бил сместен Музејот, станале претесни. Тоа било и причина да се бараат нови простории за Музејот. Тој набргу се преселил во една зграда во Дебар Маало каде останал сè до 1934 година. Кога станало очигледно дека условите за работа и во овие простории не се соодветни, Музејот повторно се преселил во Градскиот парк, во зградата на кафеаната „Кермес”. Во 1939 година, поради недостаток на простор, Музејот се сели во поголема зграда на булевар „Илинден” бр. 80.

Првите два ката во оваа зграда биле користени за музејските изложби, а на третиот кат биле сместени канцелариите, лабораториите и депоата. Тука се создале соодветни услови за интензивирање на музејската дејност, особено на колекционерската и научноистражувачката, кои под раководство на д-р Караман бргу се развивале. Во тој период (1939), за одбележување е и излегувањето на првото музејско списание Analles во чии седум броја се изложени резултатите од научно-истражувачките активности.[2]

Втора фаза[уреди | уреди извор]

Со започнување на Втората светска војна во 1941 година, Музејот привремено ги запира своите активности. Д-р Станко Караман ја напушта Македонија и со своето семејство оди во Србија. За време на германската окупација, Музејот станува огранок на Царскиот природонаучен музеј од Софија. За негов директор бил поставен д-р  Крсто Тулешков, бугарски ентомолог, кој бил добро запознаен со истражувањата на природата. При крајот на 1941 година, Музејот се сели во поголема зграда (со пет ката), во центарот на Скопје, на ул. Орце Николов бр.11. Во 1943 година, д-р Тулешков испратил писмо до училишната инспекција на Скопската област, со кое се наредува на учителите да собираат од народот податоци за народни имиња на растенија и животни, за преданија, легенди, митови, традиции и обичаи поврзани со природата. Ваквите активности непречано се одвивале сè до крајот на војната. Со повлекувањето на германската и бугарската војска, голем дел од научните збирки бил изнесен од земјата.[2]

Трета фаза[уреди | уреди извор]

Во 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, за директор на Музејот бил назначен дипломираниот биолог Петар Икономов. Како млад истражувач, тој презема иницијатива за интензивирање на музејските активности, особено на полето на теренските истражувања и колекционирање, оспособување на технички кадри и поставување нови изложби.

По завршувањето на првата генерација дипломирани биолози на Филозофскиот факултет во Скопје, создадени се услови за брз развој на Природонаучниот музеј. Прво се формираат хидробиолошкото, ботаничкото и палеонтолошкото одделение, а подоцна и ентомолошкото, одделението за препарирање и библиотеката.

Со добро обучен технички и научен кадар и богат фонд на фаунистички материјали, во Музејот се создале услови за претставување на богата по содржини изложбена дејност. Во периодот од 1949-1954 година биле изработени дермопластични препарати од риби и цицачи, а посебно внимание се посветило и на преуредувањето на старите изложби. При уредувањето на изложбите, почнал да се применува и нов метод за изработка на флористички материјали, кои комбинирани со абиотичките овозможиле автентично прикажување на природата. На ваков начин Музејот станал институција во која современата музеологија имала постојана примена.

Во годините потоа, се преуредувале изложбите на птици, цицачи, водоземци, влекачи, како и ентомолошката и ботаничката изложба. Покрај тоа, биле уредени и 30 диорами со мотиви од природни живеалишта на некои наши покарактеристични птици и цицачи.

Во 1952 година д-р Станко Караман се враќа во Музејот. Тој заедно со д-р Петар Икономов во 1954 година, го иницирал издавањето на музејските изданија Acta и Fragmenta balcanica, во кои се изложени резултатите од научно-истражувачката дејност. Во 1965 година излегува и првиот број од едицијата „Посебно издание”, а во 1971 година и првиот број од едицијата „Фауна на Македонија”. Досегашните 159 објавени броја од „Acta” и 315 од „Fragmenta balcanica”, несомнено го потврдуваат големиот интерес за печатење трудови од областа на таксономијата, биогеографијата и екологијата на фосилната и рецентна флора и фауна од Македонија и соседните подрачја на Балканскиот Полуостров.

Благодарение на меѓународниот интерес за овие публикации и размената со голем број домашни и странски институции, денес музејската библиотека располага со околу 50.000 библиотечни единици.

Покрај научно-истражувачката и изложбената дејност, во тие години, Музејот ја развивал и просветно-педагошката дејност. Се подготвувале разни тематски изложби, прилагодени на наставните програми по биологија, со што се правел напор да се зголеми бројот на музејските посетители.

Четврта фаза - современа[уреди | уреди извор]

Современата зграда на Природонаучниот музеј на Македонија

Долгогодишните резултати од работата на Музејот, во еден миг ги уништил катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година. Музејската зграда била оштетена, како и музејските депоа со научните збирки. Се загубија засекогаш голем број типски материјали. По земјотресот, Музејот се сели во три монтажни згради, од кои во двете биле сместени музејските експонати, а во третата лабораториите и работилниците.

Новонастанатата состојба не ги задоволувала минималните услови за нормално работење на Музејот. Поради тоа, вработените заедно со тогашниот директор Ристо Групче, почнале да размислуваат за една нова организација и функција на Природонаучниот музеј на Македонија. По изградбата на новата музејска зграда, Музејот се вселува во неа 1969 година. Просторот од 1400 м2, наменет за постојаните изложби требало да биде што поскоро пополнет. Тоа бил голем предизвик за вработените, кои имале обврска да ја изработат концепцијата за постојаните музејски изложби.

Реализацијата на првата фаза започнала во 1969 година, а завршила во 1976 година. Со неа биле поставени изложбите на приземјето, во кои се изложувале карпи и минерали, фосили, растенија, безрбетници и инсекти. По завршувањето на изложбите на приземјето, следејќи го истиот концепт, започнала изработката на изведбените елаборати за претставување на ’рбетниците од Македонија. Со целосното поставување на изложбите во 1981 година, Природонаучниот музеј станува една од првите музејски институции во Државата, кои имаат реализирано свои постојани изложби.

Периодот кој потоа следува, се одликува со зајакнување на стручниот кадар, преку нови вработувања на биолози, кои брзо се вклопуваат во стручно-научните активности на институцијата. Оваа генерација на млади биолози, успешно изготвува голем број тематски изложби, реконструкции на дел од постојаните изложби и учествува во ревидирани и надополнувани со материјали од флората и фауната.

Благодарение на тој однос на стручните лица, денес Музејот поседува богати збирки на фосилна и рецентна фауна и флора, што претставува солидна база за нивно проучување, документација и изложување. Како резултат на оваа долгогодишна и континуирана активност, денес во музејските збирки и депоа, се наоѓаат над 270.000 примероци од геата, флората и фауната, вклучувајќи ги и донираните колекции.

Научно-истражувачка работа[уреди | уреди извор]

Научно-истражувачката дејност во Музејот, исто така, има долга традиција. Нејзините почетоци се поврзани со името на д-р Станко Караман, кој интензивно истражувал поголем број животински групи, вклучително риби, водоземци, влекачи, птици, цицачи, како и одредени инвертебратни групи, фокусирајќи се подоцна на фауната на подземните води. Овие плодни научни истражувања беа продолжени подоцна од новите музејски генерации на научни работници.

Соработки[уреди | уреди извор]

Преку многубројните научни проекти, во кои учествуваа домашни и странски експерти, реализирани се голем број истражувања врз фосилната и рецентна фауна во земјата. Резултатите од ваквите истражувања во најголем дел се печатени во музејските изданија.

Како најстара биолошка и национална институција, Природонаучниот музеј на Македонија континуирано соработува со сродни институции од земјата и странство. Во последните неколку години посебно е интензивирана соработката на полето на изложбената дејност, преку гостувања на тематски изложби во други градови во земјата и странство, кои го претставуваат природното богатство и биолошката разновидност на Македонија.[2]

Постојани изложби[уреди | уреди извор]

Минерали и карпи[уреди | уреди извор]

Дел од изложбата на карпи и минерали

Богатството и разновидноста на минерали и руди во Македонија се потврдува со фактот што во поранешна Југославија, од откриените 12 минерали, 9 се наоѓаат тука: лорандит, врбаит, косматит, рагенит, пикополит, парапиеротит, македонит, ребулит, симонит.[3] Сместена на приземјето, во оваа постојана изложба прикажана е богата збирка од карпи и минерали во Република Македонија. Дел од карпите претставуваат значаен градежноархитектонски украсен материјал (гранит, мермер, сиенит, бреча, габро).

Составот и генезата на минералите што се среќаваат кај нас, претставува ретко природно богатство во светски рамки. Некои од минералите за првпат се откриени во Македонија: ребулит, доралшарит и јанковицит од наоѓалиштето Алшар кај Кавадарци, додека наоѓалиштето Алинци кај Прилеп претставува единствено наоѓалиште во светот за минералот македонит. Единствено наоѓалиште во светот на минералот косматит е рудникот за мермер Сивец кај Прилеп.[3] Во следните витрини се претставени петрографските реткости од карбонатниот комплекс кај Крива Лакавица, Радовишко, со карбонатни и силикатни карпи искристализирани со карбонатна магма. Вакво наоѓалиште во Европа, постои само уште во Германија. Во изложбата на Музејот е прикажан само мал дел од минералното богатство на Македонија.

Изложбата продолжува со магматски карпи - гранит, диорит, дацит, базалт; потоа од метаморфните карпи се изложени: гнајс, микашисти, мермери и др.; од седиментните карпи: варовник, глина, песочник, лапор, дијатомејска земја и др.

Во изложбата особено внимание привлекува единствениот метеорит најден на територијата на Македонија, наречен Струшки, кој по состав е силикатно-железен хондритен метеорит.

Фосили[уреди | уреди извор]

Бивни долги над 4 метри, во Природонаучниот музеј

Во првиот дел од палеонтолошката изложба е претставена геолошката историја на Земјата и еволуцијата на растителниот и животинскиот свет низ геолошките ери, периоди и епохи. Во овој дел, на сликовит начин, преку карти, цртежи и илустрации се претставени постарите геолошки ери и периоди. Од фосилната фауна, низ палеозојската ера доминираат трилобитите, најстари фосили откриени во Македонија, со старост од над 550 милиони години.

Во вториот дел од изложбата, претставен е богат фосилен материјал од помладата геолошка историја. Оваа фауна е претставена со фосилни остатоци од изумрени видови на слонови, жирафи, носорози, антилопи, хипариони, мајмуни, сабјест тигар и други животни, кои живееле на територијата на денешна Република Македонија, пред 8 до 10 милиони години, во плиоценот. Особено импресивни се бивните — втори горни секачи, што му припаѓале на Bunolophodont sp., со должина над 4 метри. Животното тежело веројатно 5 тона.[4]

Растенија[уреди | уреди извор]

Дел од изложбата на растенија во Природонаучниот музеј
Дел од изложбата на ендемски растенија во Македонија

Територијата на Република Македонија се одликува со големо флористичко богатство, во кое доминираат вишите растенија, претставени со околу 3.700 видови. Во рамките на вишите растенија, најбројна група се цветните (скриеносемените) растенија со околу 3.200 видови, потоа следуваат мововите со околу 400 видови и папратите со 42 видови.

Рецентната флора на вишите растенија претставува мозаик од хетерогени флорни елементи: терциерни реликти, средоземни, грчко-малоазиски, илирски, кавкаски, средноевропски, евроазиски, аркто-алпски и космополитски. Покрај многубројните балкански ендемити, во флората на вишите растенија се присутни и 117 видови македонски ендемити. Во постојаната ботаничка изложба, од таксономски аспект, прикажани се вкупно 600 видови од нижите и вишите растенија, што претставува само мал дел од целокупната флора на Македонија. Во првите витрини на изложбата се прикажани нижите растенија: алгите, габите и лишаите; потоа следуваат мововите, папратите и иглолисните од вишите растенија. Многубројните виши растенија се претставени со одлики на цветниците; лилиумовите растенија; тревите. Богатата ендемска флора на Македонија е претставена во неколку витрини. Следуваат витрините со: паразитски растенија; деловите на растенијата: лист, стебло, цвет, корен; буковите растенија; трендафиловите; пеперугоцветните; здравците; генцијановите; усноцветните; сложеноцветните. Во посебна витрина се прикажани и лековитите растенија, а во централните витрини има неколку диорами со покарактеристични биоценози, како што се: букова шума, реликтниот папрат Osmunda regalis и познатиот ендемит Ramonda nathalie, високопланинска ливада и дел од макијата со познатото растение Dracuncalus vulgaris, барска вегетација со локвањот, трската и тифата итн.[5]

Безрбетници[уреди | уреди извор]

Дел од изложбата на безрбетни животни во Музејот

До сега се опишани 1.072.000 животински видови, а се претпоставува дека бројот е најмалку 2 милиона. Поделбата на животните на ’рбетници и безрбетници не е природно групирање, но е погоден начин да се опише една група животни, наспроти единствениот тип ’рбетни животни. Фауната на безрбетниците во Македонија не е доволно проучена, но има една одлика: има многу ендемски форми што го населуваат Охридското Езеро, како што се некои видови сунѓери, црви, мекотели и сл. Во изложбата најпрво се претставени сунѓерите, од Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, и најпознатиот меѓу нив - Ochridospongia rotunda. Следните експонати се: плоскатите глисти, валчестите глисти, прстенестите глисти, членконогите и мекотелите. Членконогите се претставени со вишите и нижите ракови; пајаковидните со скорпиите, крлежите и пајаците; стоногалките и шкраплите; мекотелите со полжавите и школките.[6]

Инсекти[уреди | уреди извор]

Една од диорамите во Музејот

Инсектите, заедно со пајаците, стоногалките, раковите и другите раководни животни припаѓаат кон типот членконоги (Arthropoda). Тие се најмногубројна група организми кои ги населуваат трите животни средини: копното, воздухот и водата. Досега се утрвдени преку еден милион видови, различни по форма, боја и големина. Изложбата во Музејот ги содржи само крилните инсекти, изведено на паноа или во диорами во животната средина. На почетокот од изложбата се прикажани анатомијата, морфологијата и биологијата на инсектите, а потоа е претставен биолошкиот феномен на нецелосната и целосната преобразба (метаморфоза). Во витрините се претставени разни инсекти: гнезда од социјални осички, водни коњчиња, правокрилци, дрвеници, пеперуги. Во централниот дел на изложбата има три големи диорами со мотиви од шума со шумски мравки, скачки и дел од брегот на Преспанското Езеро со претставници од водните коњчиња. На спротивната страна има повеќе мали диорами со примероци од тврдокрилците и пеперугите.[7]

Риби[уреди | уреди извор]

Пано со ендемитните и реликтните риби во Македонија, во Музејот

Фауната на рибите во Македонија потекнува од трите речни слива: Вардарскиот со Дојранското Езеро, Јадранскиот со Преспанското и Охридското Езеро и реката Црн Дрим, и Беломорскиот, со реката Струмица (притока на Струма). Иако територијално Македонија е мало подрачје, таа изобилува со различни видови риби, од кои најголемиот дел ѝ припаѓа на семејството шарани. Во Охридското Езеро и реката Дрим е присутно големо богатство ендемски видови: охридската пастрмка, белвицата, грунецот, моранецот, малото грунче и др. Изложбата на риби во Природонаучниот музеј започнува со прикажување на надворешната градба на шаранот, како типичен претставник на рибите во Македонија, со посебен осврт кон внатрешните органи, скелетот, рибниот меур и страничната линија. Потоа е прикажана градбата на органите за репродукција, видовите јајца, шематски приказ на градбата на јајцеклетката, оплодувањето, ембрионалниот развиток и неговата зависност од температурата на водата. На паноата се претставени рибите на Македонија, и пооделно на Охридското Езеро, Преспанското Езеро, Дојранското Езеро, реките Вардар и Струмица, како и ендемските и реликтните видови во Македонија. Посебно место ѝ е дадено на јагулата која ја има во нашите езера и реки, а опишан е нејзиниот „свадбен пат“ до Сарагасовото Море. На повеќе места се уредени диорами со карактеристични места на живеење на рибите.[8]

Во речните екосистеми и трите природни езера во Македонија, регистрирано е присуство на 58 домородни видови риби, од кои 20 видови се македонски ендемити. Површинските води во Република Македонија се исклучително загрозени со различни извори на физичко, хемиско и биолошко загадување. Како резултат на тоа, рибите се најзагрозената група организми, бидејќи 51,7% од вкупниот број регистрирани видови во Македонија се вклучени во категоријата на глобално загрозени видови. Во постојаната изложба на риби изложени се вкупно 220 примероци препарирани риби, преку кои е прикажана целокупната фауна на риби, како по таксономски редослед, така и во нивните природни живеалишта.[9]

Водоземци и влекачи[уреди | уреди извор]

Диорама на змијата ждрепка во Музејот

Фауната на водоземците и влекачите во Музејот е претставена со вкупно 47 претставници или поточно со 15 вида водоземци и 32 видови влекачи. Класата на водоземците ја сочинуваат еден вид дождалец, четири вида мрморци (tritoni) и десет вида жаби. Класата на влекачи опфаќа четири вида желки, 12 вида гуштери и 16 вида змии.

Во постојаната изложба на водоземци и влекачи изложени се вкупно 86 експонати. Тие ги вклучуваат сите досега регистрирани видови од нашата херпотофауна. Поголемиот број од нив се вклучени во диорами, во кои се прикажани нивните карактеристични природни средини. [10]

Птици[уреди | уреди извор]

Витрина со семејството утки во Музејот
Диорама - дел од Демиркаписката Клисура со белоглави мршојадци

Птиците се разликуваат од другите ’рбетници по перјаната покривка на телото, со видоизменети предни крајници во крилја и со високоразвиен нервен систем. Најголемиот број птици се среќаваат во тропскиот појас на Јужна Америка, Африка и Азија. Во светот има околу 10.000 вида птици и 22.000 подвида. Диверзитетот на орнитофауната во Македонија опфаќа 319 вида и 19 подвида птици, или вкупно 338 таксони, што претставува 62% од вкупниот број видови регистрирани во Европа. Од овој број, 213 видови се гнездилки, додека останатите се јавуваат само во текот на зимата или во периодите на миграција.

Најзначајни центри на диверзитетот на орнитофауната се трите природни езера - за водните птици, клисурите на реките - за грабливите птици и планинските масиви во Западна Македонија - за бореалниот и аркто-алпинскиот комплекс видови. Помеѓу ’рбетниците, изразено во апсолутен број видови, со 66 загрозени, птиците се на прво место.

Изложбата започнува со две витрини во кои е прикажана надворешната и внатрешната градба на телото, со посебно нагласени специфичности: перјаната покривка, крилјата, внатрешните органи и скелетот. Фаунистичкиот преглед започнува со приказ на птиците од семејствата нуркачи (Podicipedidae) и морски нуркачи (Gaviidae), застапени со мал број видови. Тоа се птици врзани за езерата и блатата (водите) кои се добри пливачи, одлични нуркачи и слаби летачи. Северните нуркачи само во текот на зимата се задржуваат во нашите краишта. Во овој дел на изложбата се прикажани и неколку диорами во кои се гледаат големиот корморан во гнездо со младенчињата, повеќе видови птици, жители на трската, блатата и плитките бари и др. Во следните витрини е даден преглед на претставниците од семејствата на чапјите, кормораните и патките; прикажани се повеќе видови чапји, нуркачи, некои видови ибиси, диви гуски и речиси сите видови патки, завршувајќи со пеликаните и лебедите. Потоа се претставени ловните птици, еребиците, фазаните, шлуките; а во следните витрини грабливите птици, семејствата на јастребите и соколите, кои за жал, сè помалку ги има и на некои од нив им се заканува истребување. Понатаму се претставени семејствата на фазаните, тетребите и дроплите; од кои особено е интересен големиот тетреб кој се среќава во некои наши планини, како на пример, Шар Планина; како и големата дропла која ја посетува нашата земја само во долгите снежни зими. Во изложбата, во неколку витрини се прикажани претставниците на блатните кокошки, мочварките и галебите, кои се претежно птици преселници и се задржуваат во Македонија само при пресебата од север кон југ и обратно, а престојот им зависи од временските услови. Во одделна витрина се претставени семејствата на утките и гулабите; а во овој дел има и повеќе диорами со карактеристичните места на живеење на еребиците, модровраните, кукумјавките.

Во голема диорама е прикажан дел од Демиркаписката Клисура на која ги гледаме белоглавите мршојадци, заедно со чавките, гавранот и страчките како се хранат со мрша од коза. Во следната витрина се изложени клукајдрвците, па ластовиците, чучурлигите и тресиопашките. Во овој дел, исто така, има неколку диорами, со пчеларките, водниот кос, славејчето и нивните карактеристични места на живеење. Сврачињата, карполазачот, водниот кос и славејот се прикажани во одделна витрина. Во средишна витрина се претставени градбите на гнездата, а потоа следуваат најситните птици - грмушарите, и најмалите од нив, палчето и царчињата. При крајот на изложбата се прикажани уште малите до средни птици, сипките, дроздовите и стрнарките; а последната витрина е со зебите (ѕвингалките), врапчињата и враните.[11]

Во постојаните изложби на Музејот, прикажани се вкупно 253 видa птици, со 459 препарирани експонати, по систематска припадност и во нивните природни живеалишта.

Цицачи[уреди | уреди извор]

Пано со дел од глодачите во музејот.

На територијата на Македонија досега се регистрирани вкупно 84 вида цицачи или повеќе од половина од вкупниот број копнени цицачи регистрирани во Европа.

Редовите глодачи (Rodentia) и лилјаци (Chiroptera), и двата со по 26 видa се најбогато застапени со видови. Потоа следува редот ѕверови (Carnivora) со 13, инсектојадни цицачи (Insectivora) со 11, парнокопитни цицачи (Artiodactyla) со 6 и зајаковидни цицачи (Lagomorpha) со 2 вида. Од вкупниот број цицачи, 16 вида или 19% се вклучени во категоријата на загрозени видови.

Во постојаната изложба на цицачи изложени се 130 дермопластични препарирани експонати од 66 вида, помеѓу кои посебно внимание привлекуваат крупните ѕверови: мечката, волкот, и рисот, прикажани во диорами.[12]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 4
  2. 2,0 2,1 2,2 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-08-12. Посетено на 2013-08-26.
  3. 3,0 3,1 „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 7
  4. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 9-12
  5. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 12-17
  6. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 17-22
  7. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 22-25
  8. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 27-32
  9. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-08-12. Посетено на 2013-08-26.
  10. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 32-37
  11. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 37-43
  12. „Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 43-47

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 42°0′21″N 21°25′2″E / 42.00583° СГШ; 21.41722° ИГД / 42.00583; 21.41722