Врбица Стефанов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Врбица Стефанов
Врбица шутира слободно фрлање на дополнителните квалификации во Менорка за Европското Првенство во кошарка во 2007.
Врбица шутира слободно фрлање на дополнителните квалификации во Менорка за Европското Првенство во кошарка во 2007.
Позиција крилен центар
Висина 1,88 м
Тежина 75 кг
Лига Прва македонска кошаркарска лига
АБА Лига
Екипа МЗТ Аеродром
Роден декември 19 1973 (1973-12-19) (41 г.)
Кавадарци, Македонија
Националност Македонец
Драфт , 1995
Проф. кариера 1992–2009
Натпрев. историја
Инфо од: 28.10.2014.

Врбица Стефанов (роден 19 декември 1973 во Кавадарци) е поранешен кошаркар и репрезентативец на Македонија и поранешен тренер на МЗТ Аеродром.[1] Врбица е висок 188 см и тежок 75 кг.

Тој играл на позицијата плејмејкер. Тој е повеќекратен освојувач на првенства и купови, како во Македонија, така и на европската сцена. Кариерата ја завршил на 35 години, по една деценија кариера по европските клубови и преставување на Македонија во најдобро можно светло. Врбица Стефанов во меѓународната клубска кариера одиграл над 100 натпревари, постигнал над 1000 поени и имал над 300 асистенции. Ја пишувал историјата на клубовите во кои играл и ја пишувал историјата на македонската кошарка.

Врбица Стефанов е синонимот за македонската кошарка од 2000 до 2010 година.

Историја[уреди]

Домашна кариера[уреди]

Врбица Стефанов својата професионална кариера ја започнал во МЗТ Аеродром, каде го освоил Купот на Македонија во 1996 и 1997 година, иако на домашната сцена доминирала екипата на Годел Работнички. Во сезоната 1998-99 се сели во вечниот ривал Работнички каде се задржал една сезона, но доволно за да ја освои шампионската титула.

Меѓународна кариера[уреди]

Со крајот на 20-от век, Врбица Стефанов за прв пат се решил да проба надвор од Македонија, изборот паднал на турската екипа Пинар Каршијака со кој имал успешна сезона завршувајќи на високата 5-та позиција, а играле и во Корач Купот. По добрите игри во Турција, стигнал повик од Душан Ивковиќ да се пресели во АЕК Атина кој Врбица го прифатил. Со АЕК Атина во сезоната 1999-2000 успеал да дојде трофејот во Купот на Грција, прв меѓународен трофеј за него, а во финалето против Панатинаикос (66-64) постигнал 20 поени и 3 асистенции. Како член на АЕК дебитирал во Евролигата, каде имал доста успешна сезона и стигнал до полуфиналето, во својата прва сезона имал просек од 9,9 поени, 2,6 скока, 2,3 асистенции и 1,4 украдени топки од натпревар и имал одиграно 18 натпревари од кои 17 како стартер.

Сепак, ниту во Грција не се задржал повеќе од една сезона, една од причините била заминувањето на Душан Ивковиќ, но и понудата од Монтепаски Сиена. Со тогаш амбициозниот тим од Сиена, кавадарчанецот потпишал договор од четири сезони и веќе во првата сезона стигнале до трофејот во Сапорта Купот, историски за Монтепаски Сиена зошто им бил првиот трофеј во историјата. Во финалето Монтепаски биле подобри од Памеса Валенсија (81-71), а најзаслужни биле двајцата македонци Петар Наумовски со 23 поени и 3 асистенции и Врбица Стефанов со 17 поени и 3 скокови. Сезоната 2001-02 во Италија ја завршиле како 5-то пласирани во тогаш најсилната лига во Европа.

Следната сезона 2002-03 Монтепаски Сиена дебитирал во Евролигата на најдобар можен начин, во првата сезона италијанците стигнале до Фајнал Фор турнирот предводени од турчинот Ергин Атаман. На турнирот во Барселона покрај Монтепаски, тука биле и Бенетон Тревизо, ЦСКА Москва и Барселона. Во полуфиналниот дуел Монтепаски е поразен од Бенетон со 65:62, додека Врбица Стефанов бил најдобар поединец на теренот со 17 поени и три скокови, но без доволна подршка од соиграчите пред се Мирсад Туркчан. Во дуелот за третото место, Монтепаски успеал да ја победи ЦСКА Москва со 79:78. Стефанов бил повторно со 17 поени, 3 скокови, но и 3 асистенции и пред се доволна подршка од Туркчан и Форд. Просекот на Врбица Стефанов во таа сезона во Евролигата бил: 12 поени, 2,4 скокови, 3,6 асистенции и 1,5 украдени топки на 19 одиграни натпревари од кои 17 како стартер. Во италијанската лига завршиле една позиција подобро од претходната сезона, односно на 4-то место.

Сезоната 2003-2004 е најверојатно најважната сезона во историјата на Монтепаски Сиена, "банкарите" конечно стигнале до титулата во шампионатот на Италија. Во Евролигата повторно "Врба" и Сиена стигнале до Фајнал Фор турнирот, овој пат завршниот турнир се играл во Тел Авив каде учествувале Болоња, Макаби и ЦСКА Москва. Повторно кобен за Монтепаски бил другиот италијански клуб, со случајов Болоња која по продолженија со 103:102 успеала да се пласира во финалето, Врбица Стефанов бил со уште една одлична "партија" со 14 поени и 9 скокови. Во дуелот за третото место реприза од сезоната претходно, но овој пат Душан Ивковиќ со ЦСКА Москва славел со 97:94 против неговиот поранешен играч кој на тој натпревар постигнал 14 поени, но со само 2 асистенции. Во таа сезона, Стефанов имал просек од 10,6 поени, 1,7 скокови, 3 асистенции и 1,5 украдени топки на 20 одиграни натпревари од кои 19 како стартер.

Следната сезона 2004-05 ја почнале со победа во Супер купот на Италија против Тревизо со 85:77. Во шампионатот на Италија не успеале да ја одбранат титулата, каде завршиле како второпласирани. Во Евролигата стигнале до ТОП 16 фазата. Бројките на Врбица Стефанов таа сезона биле нешто послаби во однос на претходните сезони: 10,5 поени, 2 скокови, 2,6 асистенции и 0,9 украдени топки на 19 натпревари од кои 16 како стартер. Во 2005 година, Врбица Стефанов се решил да ја напушти Италија и да се врати во Турција, но овој пат во тимот на Улкер.[2]

Во својата клупска кариера, Стефанов настапувал за „МЗТ Аеродром“, КК „Работнички“, „Пинар Каршијака“, „АЕК“, „Монтепаски“, „Фенербахче“, „Црвена ѕвезда“, „Олимпијакос“, „Мерсин“ и „Менорка“. Крариерата ја завршил во 2009 година. Притоа,Стефанов одиграл над 100 меѓународни натпревари, на кои постигнал над 1 000 поени и имал над 300 асистенции.[3]

Тренерска кариера[уреди]

Стефанов бил директор на македонската кошаркарска репрезентација која настапила на Европското првенство во Литванија во 2011 година, но дал отказ во 2013 година, поради незадоволството од однесувањето на некои од кошаркарите.[4]

Одреден период, Стефанов бил тренер на младинската екипа на КК „МЗТ Аеродром“, но дал отказ поради недисциплината на младинците. Во октомври 2014 година, по поразот од КК „Фени индустри“ на домашен терен со 73-80, тренерот на „МЗТ Аеродром“ Змаго Сагадин добил отказ, а за тренер на клубот бил именуван Врбица Стефанов.[5] На клупата на „МЗТ“ Стефанов се задржал само неколку натпревари. На почетокот на ноември 2014 година, како последица на неколкуте лоши игри на „МЗТ“, по натпреварот со Работнички во домашното првенство, Стефанов поднесол оставка, а како привремена замена, на местото тренер бил поставен помошникот на Сагадин и на Стефанов, Боби Митев.[6]

Тимови за кои имал настапувано[уреди]

Тимови на кои бил тренер[уреди]

Наводи[уреди]

  1. http://ekipa.mk/ofitsijalno-vrbitsa-stefanov-e-nov-trener-na-mzt-skopje/
  2. http://supersport.com.mk/kosarka/makedonsko-prvenstvo/item/18792-vrbica-stefanov-legenda-na-makedonskata-kosharka
  3. „Стефанов: Ќе го вратиме победничкиот дух кај шампионот“, Дневник, година XVIII, број 5594, петок, 17 октомври 2014, стр. 24-25.
  4. „Стефанов: Ја напуштив репрезентацијата поради Антиќ“, Дневник, година XVIII, број 5595, сабота-недела, 18-19 октомври 2014, стр. 20.
  5. „Стефанов: Ќе го вратиме победничкиот дух кај шампионот“, Дневник, година XVIII, број 5594, петок, 17 октомври 2014, стр. 24-25.
  6. „Стефанов изненади со оставка“, Дневник, година XVIII, број 5612, сабота-недела, 8-9 ноември 2014, стр. 22.