Македонска граматика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Дисциплините на македонската граматика.
Macedonian language in old cyrillic.svg
„Слогница речовска“

Македонистика
Знаковен јазик
Историја
Книжевност
Регулаторно тело
Дијалекти
Граматика:

Правопис и правоговор:

Македонска граматика — дел од науката за македонскиот јазик, позната како македонистика, која ги изучува формите и значењата на граматичките елементи во системот. Македонската граматика се занимава со опишување, изучување и класификација на сложениот систем составен од именки, глаголи, придавки, предлози, прилози, заменки, извици, честички, модални зборови и броеви. Паралелно со тоа, оваа јазична дисциплина се дели на неколку големи гранки, во зависност од темата која се изучува, па така има правопис и правоговор, морфологија, синтакса, фонетика и фонологија, лексикологија, лексикографија, стилистика, дијалектологија и ономастика.

Граматиката на македонскиот јазик и неговите говори била изучувана подолг период во минатото. Како прва печатена граматика на македонскиот јазик се јавува „Слогница речовска“, издадена во 1880 година во Софија од македонскиот преродбеник и револуционер Ѓорѓија Пулевски.[1] „Слогница речовска“ е еден од првите обиди за опис на современата македонска граматика, која требало да излезе во неколку делови и била наменета за општо изучување на јазикот. Покрај „Слогница речовска“, важно е да се наведе и првата печатена македонска граматика во слободна Македонија, односно граматиката на Круме Кепески издадена во 1945 година веднаш по стандардизирањето на јазикот. Меѓу овие две граматики се јавуваат и други значајни обиди за печатење на македонската граматика, кои се фокусирале на класификацијата и опишувањето граматика за општото изучување на јазикот. Денес постојат поголем број печатени македонски граматики, печатени на македонски или на некој од светските или европските јазици.

Содржина

Историја[уреди]

Првата македонска граматика од 1880 година.
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Историја на македонскиот јазик.

Македонскиот јазик е јазик на Македонците, официјален јазик во Македонија и малцински, службен јазик во Албанија. Јазикот го зборуваат над 3 милиони луѓе во Македонија, Грција, Бугарија, Албанија и во македонската дијаспора. Јазикот според лингвистичката категорија спаѓа во групата на јужнословенски јазици на словенските јазици.

На територијата што денеска ја зазема, а што во блиско минато била поширока, македонскиот јазик се формирал од говорите на македонските племиња кои ја населувале територијата на етничка Македонија, па се длабоко во териториите на денешните Грција, Бугарија и Албанија, но со самиот развој на државите тој регион се стеснал и македонските говори во тие краишта полека почнале да се заменуваат со други јазици. Денес во Албанија, македонски јазик се зборува најмногу во Мала Преспа, Голо Брдо и скоро сите погранични места со Република Македонија. Во Приморска Македонија, македонскиот јазик денес се зборува најмногу ви окрузите Воден и Лерин, а до релативно скоро бил застапен на најголемиот дел од нејзината територија. Во Бугарија, македонскиот јазик се зборува во Пиринска Македонија (од помалку од 3% од населението)[2], а во Србија се зборува во пограничниот регион со Македонија и во областа Гора во Косово.[3]

Првата печатена македонска граматика е од 1880 година и била издадена од Ѓорѓија Пулевски под името „Слогница речовска“. За разлика од тоа, на стандарден јазик прв објавил македонска граматика д-р Круме Кепески во 1946. година. Таа не само што помогнала во кодификацијата на македонскиот литературен јазик, туку и во јакнењето на националната свест кај македонскиот народ по основањето на сопствената држава.

Правопис и правоговор[уреди]

Македонска фонетика и фонологија
Македонската буква и глас „ѕ“.
Гласови
Писмо
Поврзано
Македонска граматика
Македонски јазик
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Правопис на македонскиот јазик.

Правописот и правоговорот, познати како ортографија и ортоепија, се стандардните јазични норми на секој јазик со кои се наведува правилниот говор и правилното пишување.

Под правопис се подразбира правилен начин на пишување т.е. правилна употреба на графичките знаци и на интерпукцијата во даден јазик, како и правилна примена на сите законитости според кои се утврдуваат правилата. Сето ова се сфаќа како унифициран збир на правила за пишување на зборовите. Правоговорот се дефинира како правилен изговор на напишаното и на кажаното. Правоговорот налага секој зборувач на еден јазик да ги почитува правоговорните норми. Правописот на македонскиот јазик од моментот на својата стандардизација претрпел неколку измени, односно имало мали измени во правописот во 1945, 1950, 1970 и 1998 година.[1]

Во лингвистиката, правописните правила се категоризираат во една од трите главни типови: фонетски или фонолошки, морфолошки и етимолошки правопис. Фонетскиот правопис се однесеува на гласот или се управува според гласот и таков вид на правопис има во македонскиот, српскиот, хрватскиот или албанскиот јазик. Со други зборови, во овој вид на правописи се пишува како што се чита. Во основа на морфолошкиот правопис лежи строежот на зборот т.е. без разлика како се изговара, секоја морфема си ја задржува основната форма и таков правопис е на пример бугарскиот. На крај, етимолошкиот правопис е правопис кој се темели на постара пишана форма на еден јазик, како што е англискиот или францускиот правопис. Важно е да се напомене дека нема ниту еден правопис кој е чист по природа, односно мора да има елементи од најмалку еден друг вид на правипис покрај основниот.[2]

Правописот на македонскиот јазик се занимава со правописните правила, нивно изучивање, подобрување и одржување. Во склоп на македонскиот правопис спаѓа правописот на самогласките и согласките, употреба на голема буква, слеано и разделно пишување на зборовите, делење на зборови, скратеници, транскрипција, интерпукциски знаци и правописни знаци. За подетални информации за секоја од овие области видете ја статијата за правописот на македонскиот јазик.

Фонетика и фонологија[уреди]

Фонетиката и фонологијата се делови од науката за јазикот кои го проучиваат гласовното рамниште на јазикот. Тие се сродни науки, тесно поврзани една со друга и се дополнуваат меѓу себе. Во принцип, фонетиката го проучува создавањето на гласовите со говорните органи, познато како артикулација, и нивните звучни својства или гласови, познати како акустика. Од друга страна пак, фонологијата го проучува гласот како елемент кој има функција во јазикот да прави разлика меѓу две јазични единици. Со други зборови, фонологијата може да се нарече функционална фонетика. Двете науки во својот центар на внимание го имаат гласот и неговото формирање. Во тесна врска со овие две науки се правописот и правоговорот. Фонетиката и фонологијата ги изучуваат следните дисциплини: гласот и фонемата, говорните органи, поделбата на гласовите, гласовните промени, акцентот, акцентот на сложенките, отстапување од акцентското правило, акцентот на туѓите зборови и акцентските целости.[3]

Писмо[уреди]

Македонската азбука е официјално писмо на територијата на Македонија. Писмото е кирилично, со одредени прилагодувања во согласност со македонскиот фонетски систем. Современата македонска азбука се базира врз кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови. Од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени графите за буквите љ, њ и џ, а сите останати специфичности се според препораките на Мисирков. Истите букви присутни се и во азбуката на Крсте Петков Мисирков, но со графички симболи л' и н'. Важно е да се напомне дека од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени само графовите за буквите, но не и гласовите кои на овие графови им соодветствуваат во истата азбука.


Големи букви
А Б В Г Д Ѓ Е Ж З Ѕ И Ј К Л Љ М Н Њ О П Р С Т Ќ У Ф Х Ц Ч Џ Ш
Мали букви
а б в г д ѓ е ж з ѕ и ј к л љ м н њ о п р с т ќ у ф х ц ч џ ш

Македонското ракописно писмо (македонско ракописно писмо) е верзија на печатеното писмо. Формите на буквите на ракописното писмо се поразлични и приспособени за побрзо рачно пишување. Македонското ракописно писмо е:

Македонско ракописно писмо.

Академската транслитерација на македонското писмо, како и правописот, ја користи следната латинична азбука:

Големи букви
A B V G D Ǵ E Ž Z Dz I J K L Lj M N Nj O P R S T U F H C Č Š
Мали букви
a b v g d ǵ e ž z dz i j k l lj m n nj o p r s t u f h c č š

Гласовен систем[уреди]

Во македонскиот јазик има 31 глас и секој глас е претставен со по еден знак или буква. Самогласките во македонскиот јазик се: а, е, и, о, у, додека согласките се останатите 26 гласови од македонскиот фонетски систем. Карактеристики на гласовите во македонскиот јази се едначењето по звучност, обезвучувањето на крајот од зборот, удвојување на согласки и елизија.

Гласови

Самогласки

Предни Средни Задна
Високи i u
Средни ɛ ɔ
Ниски a

[ə] (темен глас) се јавува во некои дијалекти и неколку изолирани примери, каде се означува со апостроф (’).

Самогласките во двосложни зборови се изговараат (реализираат) како долги, на пр. „се“ /sɛ/ и сее /sɛː/.

Согласки[4]
Уснени Забни/
Венечни
Задно-
венечни
Предно-
непчени
a
Задно-
непчени
Носни m n ɲ
Избувни p b t d c ɟ k ɡ
Слеани t͡s d͡z t͡ʃ d͡ʒ
Струјни f v s z ʃ ʒ x
Приближни l ʎ j
Трепетни r

  Зависно од дијалектот, Ѓ и Ќ може да ги претставуваат венечно-преднонепчените слеани согласки ([ʥ], односно [ʨ]).

Заднонепчената носна согласка [ŋ] понекогаш се јавува како алофон на [n] пред [k] и [g]. Пример е зборот „англиски“ /ˈaŋgliski/.

Белешка: Гласовите во табелата се според МФА. Доколку имате проблеми со нивното толкување, видете ја страницата за појаснување.

Акцент[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Акцент во македонскиот јазик.
Примери
  1. Учите́лката е ве́ќе на час.

Акцентот (латински: accentus, потпевнување) е изделување на еден слог од зборот со помош на одредени фонетски средства како што се сила на издишаната воздушна струја, висина на тонот или квалитетот на гласот. Акцентот ги засега самогласките како гласови со најголема звучност и како основа на слогот.[4] Во зависност од видот на изделената единица, било да е слог, збор или реченица, акцентот може да биде зборовен или слоговен и реченички или фразеолошки. [5]

Зборовен акцент е тој акцент со кој се изделува еден слог од зборот. Секој изговорен збор има акцент и таквите зборови се нарекуваат акцентогени. Сепак, во јазикот има зборови кои немаат акцент и тие се наречени клитички или неакцентирани зборови.[6] Со реченичкиот акцент се истакнува еден збор во реченицата наспроти другите зборови во неа, сè со цел да се даде некаква нијанса во значењето. Така, во тесна врска со реченичкиот акцент се логичкиот или смисловен и емоционалниот или афективен акцент.[7] Покрај оваа основна поделба, акцентот се дели и според фиксираноста на истиот, па така имаме определен и неопределен акцент. Определениот е фикциран и секогаш паѓа на еден ист слог. Неопределениот е разносложен и нема фиксна положба.[8]

Македонскиот акцент е динамичен или експираторен и определен. Македонскиот акцент секогаш паѓа на третиот слог од крајот на зборот за третосложни или повеќесложни зборови (пр. тáт-ко-то, тáт-ков-ци, тат-кóв-ци-те, ма-кé-до-нец), на вториот слог на двосложни зборови (пр. дé-те, мáj-кa, тáт-ко) и на единствениот слог кај едносложните зборови (пр. рóг, с'рп, к'рв). [9]

При зголемување на бројот на слоговите кај еден ист збор, акцентот го менува слогот, при што пак се води сметка тој да биде на третиот слог од крајот на зборот.[10] Така имаме: 'учител - уч'ителот - учит'елите и сл.

Отстапувања од третосложното акцентирање има
Примери
  1. На́правиго ка́фето на решо́.
  1. кај глаголските прилози: викáјќи, одéјќи итн.
  2. кај прилозите за време: годин'ава, лет'ово итн.
  3. кај туѓите зборови: клишé, генéза, литератýра итн.
Акцентски целости
Примери
  1. Са́кам дасена́пијам кисело́млеко.

Акцентските целости се два или повеќе зборови подведени под заеднички акцент. Местото на акцентот во акцентската целост се определува според општото правило за македонскиот акцент[11], односно третиот слог од крајот на зборот или на некој друг во зависност од должината на зборот/ целината. Акцентската целост најчесто е составена од[12]:

  1. два збора со сопствен акцент кои во акцентската целост претставуваат еден поим (пр. кисело млеко);
  2. збор кој има сопствен акцент и клитика (пр. братучед ми).

Во зависност од тоа какви зборови како членови влегуваат во состав на акцентската целост има[13]:

  1. акцентски целости од два полнозначни збора;
  2. акцентски целости со клитика, кои се нарекуваат и клитички изрази.

Морфологија[уреди]

Зборовни групи
Зборовните групи. Во сино се менливите, во зелено се неменливите зборовни групи.

Зборовите во секој јазик претставуваат одделни единки, но според некои карактеристики тие се поврзани меѓу себе, формирајќи помали или поголеми групи. Така, тие можат да бидат поврзани според значење, според форма, според службата во реченицата итн. Така поврзаните зборови создаваат зборовни групи или класи. Во науката за јазикот има различен број класификации, но најчести се значенската или семантичка, формалната или морфолошка и функционална или синтаксичка класификација.[14]

Според значенската класификација, во македонскиот јазик има единаесет зборовни групи и тие се: именки, придавки, броеви, заменки, глаголи, прилози, предлози, сврзници, честички, извици, и модални зборови.

Според морфолошката класифицикација, единаесетте зборовни групи се класифицираат во две групи и тоа на менливи и неменливи зборовни групи. Менливите зборовни групи ја менуваат својата форма заради морфолошките потреби, а неменливите не. Менливите зборови ги опфаќаат: именки, придавки, броеви, заменки и глаголи, додека неменливите ги опфаќаат прилозите, предлозите, сврзниците, честичките, извиците и модалните зборови.

Според синтаксичката класификација зборовите се делат на полнозначни или отворени зборовни групи и службени или лексички и службени или функционални зборови. Во полнозначните се вметнуваат именките, придавките, броевите, заменките, глаголите, прилозите и модалните зборови, додека во службените се вметнуваат предлозите, сврзниците, честичките и извиците. Во вистинска самостојност се изделуваат именките, глаголите и дел од заменките (именските), а другите самостојни зборови имаат ограничена синтаксичка независност[15].

Именки[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Именки во македонскиот јазик.

Именките се зборови со кои се означуваат суштества, предмети, појави и поими. Основен белег на именките во македонскиот јазик е определеноста. По традиција, именките се делат на општи и сопствени.

Определеност и неопределеност[уреди]

Членот во македонскиот јазик е постпозитивен, т.е. доаѓа како наставка на именката. Членовите во македонскиот јазик се само определени, односно нема неопределен член во македонскиот јазик. Карактеристично само за македонскиот јазик е тоа што има три форми на определен член, единствен словенски јазик со три определени члена. Определениот член има број и род.

  • Членот -ов, -ва, во итн. служи за укажување на предмети блиски до говорителот: човеков (овој овде)
  • Членот -он итн. - за укажување на пооддалечени предмети, но во опсегот на нашите сетила: човекон (оној онаму)
  • Членот -от итн. иде најчесто во служба на општо определување, без однос спрема неговата пространствена позиција, но ќе се рече: на ти ја книгава (оваа до мене), дај ми ја книгана (онаа што ја гледаме двајцата малце понастрана); и од друга страна: дај ми ја книгата (таа што е до тебе, таа што ја држиш) (членот -от изразува и пространствено определување во случај кога се зборува за предмет што се наоѓа во дофатот на второто лице).

Само определени се сопствените именки и тие не се членуваат (Петре, Скопје, Вардар итн.), но: Совчето, Марето, Надето (нијанса на интимност); Вардарот.

машки род
еднина
машки род
множина
женски род
еднина
женски род
множина
среден род
еднина
среден род
множина
определеност - от - те - та - те - то - та
блиску - ов - ве - ва - ве - во - ва
далеку - он - не - на - не - но - на

Примери:

  • Јас го видов човекот. (именката „човек“ е позната за говорителот и слушателот и поради тоа се користи член за определеност.)
  • Јас го видов човекон. (именката „човек“ е подалеку од говорителот и слушателот и се користи член за подалеку, што со други зборови е исто со „оној човек“)
  • Јас го видов човеков. (именката „човек“ е поблиску до говорителот и слушателот и се користи член за поблиску, што со други зборови е исто со „овој човек“)

Формите на именките[уреди]

Покрај определеноста, именките во македонскиот јазик имаат и: број и род.

Род и број[уреди]

Машки род
  • на согласка: стол, леб, рид;
  • на самогласка -а: слуга, судија;
  • на самогласка -о: татко, дедо;
  • на самогласка -е: вујче, Јане, Миле

Вокатив (форма за повикување) се образува од општата форма на именката со наставка -у или-е: мажу, ќелешу, коњу, крају итн.; бику, волку, смоку, човекучовече), јунакујуначе), но: боже, друже, оче; господине, пријателе, мајсторе (кај повеќесложните именки); од именката господ: господи, покрај господе.

Машки и роднински имиња:

  • на согласка: Стојан;
  • на -е: Јане;
  • на -о: Велко,
  • на -а: Коста,
  • на -и: Методи (во народниот јазик обично Методија).

Примери: Зборував со Стојана, со Петрета, со Велка; Го видов Стојана итн.

Множински форми како: Петревци, Велковци итн.

Роднински имиња:

  • на согласка: брат, братучед, девер, зет, маж, син, свекор;
  • на -е: вујче, тате, чиче, брате. Тие именки се деминутивни образувања со силен израз на интимност;
  • на -о: вујко, дедо, стрико, татко, чичко
  • на -а: шура

Форми на множината: Избројана множина: три дена, неколку дена; два петла; два кладенца итн.

Обична множина: Македонец - Македонци; граѓанин - граѓани, селанец - селани, скопјанец - скопјани, но Германец - Германци; Турчин - Турци; старец - старци; театар - театри; Грк - Грци; ден - дни, денови; смок - смоци, смокови; крст - крстови; леб - лебови; нож - ножеви; крај - краеви, но: кеј - кејови; крал - кралеви и кралови; зет - зетеви и зетови; меч - мечови; ветар - ветрови; оган - огневи и огнови;

Збирна множина: дол - долишта; крај - краишта; роб - робје; кол - колје; друм - друмје; камен - камење, камења; ремен - ремење, ремења итн.; град - градје; рид - ридје; пат - патје; паќе (=патови).

Женски род

Вокатив

  1. Кај тросложните и повеќесложните именки на -ица: Горице, мајчице, но и: лисицо, биволицо, кукавицо;
  2. Кај личните имиња на -ка: Ратке; Босилке; Василке, но и: Велико, Љубико итн.
  3. Имињата на -ја: Марија - Марије, Маријо;
  4. сваќа - сваќе; попаѓа - попаѓе
  5. Сите други именки на -а образуваат вокатив само на наставка -о: душо, жено, Ангелино итн.; кума-лисо

Губењето на вокативната форма е покарактеристично за именките од машки род на -а (војвода), но и кај именките од женски род (Емилија, Мимоза, Лиза; Вера место Веро).

Форми на множината:

  • Обична множина: на -и: жена - жени; ноќ - ноќи; Особени форми: раце, нозе;
  • Збирна множина: вода - водје, воѓе; ливада - ливадје, ливаѓе итн.
Среден род
  1. на -о: село, вретено;
  2. на -е: поле, лице, лозје.

Формите за множина: на -а: села, лета, вретена;

  • Посебни форми: рамо - рамена; око - очи; уво - уши; небо - небеса (неба); чудо - чудеса (чуда);
  • Збирна множина: крило - крила, крилје;

Образување на множината од именките на -е: на -је, -ие, -це: множина на -а: лозје - лозја, влијание - влијанија, лице - лица; сите други именки на -е во множината ја добиваат наставката -иња: пиле - пилиња; име - имиња; море - мориња;

Глаголи[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Глаголи во македонскиот јазик.

Македонскиот јазик има сложен глаголски систем. Според општата класификација, македонските глаголи ги имаат следните карактеристики: време, начин, лице, вид, преодност, залог, род и број. Според категоризацијата, македонските глаголи се поделени на три големи подгрупи: а-раздел, е-раздел и и-раздел. Понатака, е-разделот е поделен на а-подгрупа, е-подгрупа и и-подгрупа. Оваа поделба според последниот глас на глаголот во трето лице сегашно време.[16] Според формите, глаголите се поделени на:

прости глаголски форми
сложени глаголски форми

Прости глаголски форми[уреди]

Сегашно време[уреди]

Графички приказ на трите најчести употреби на сегашното време. Црвената боја означува општ факт, сината моментално дејство, а зелената иден настан.

Сегашното време се користи за изразување дејства кои се одвиваат во сегашноста и дејства кои се преклопуваат во моментот на зборувањето. Во македонскиот јазик сегашното време се изразува со несвршени глаголи. Теоретски, сегашна конструкција може да се направи и од свршени глаголи, но значењето не е сегашно, туку минато-идно. Покрај основното значење, со формите на сегашното време може да се искаже и[17]:

  • минати дејства - формата е иста, но значењето е поврзано со минатото. Ова најчесто се сретнува кога се прераскажува приказна или настани.
  • идни дејства - формата е иста, но значењето е идно. Овие се однапред планирани дејства или распоред на настани.
  • општи факти - изразување на општо знаење или факти кои се секогаш исти.
  • рутини и навики
  • подготвеност и дејства кои се одвиваат истовремено - подготвеност да се изврши некое дејство и дејства кои се одвиваат истовремено.

Формите на сегашното време се создаваат со додавање на наставки на глаголот. Во прилог следуваат наставките за сегашно време, заедно со деклинација на некои од глаголите[18]:

Деклинацијата на некои глаголи изгледа вака:

а-раздел
гледа
и-раздел
носи
е-раздел
јаде
Јас гледам носам јадам
Ти гледаш носиш јадеш
Тој, таа, тоа гледа носи јаде
Ние гледаме носиме јадеме
Вие гледате носите јадете
Тие гледаат носат јадат

Примери за некои од употребите на сегашното време:

Јас јадам леб.
Додека тој јаде, ти чисти ја собата.
Автобусот за Скопје тргнува во 5 часот.
Ако ја грееш водата, таа врие.
Секој ден јас гледам сериски филм.

Минато определено свршено време[уреди]

Графички приказ на двете основни употреби на аористот. Во црвена боја е минатото заокружено дејство, а во сина дејство кое се однесува за идност.

Минатото определено свршено време или аорист е глаголска форма која се користи да се изрази минати завршени и заокружени дејства, со или без учество на зборувачот. Должината на дејството изразено со ова време може да е кратко или долго. За формирање на минатото определено свршено време се користат глаголи од свршен вид, но понекогаш и многу ретко се користат глаголи од несвршен вид, најчесто во народниот говор. Покрај тоа, ова време се користи за искажување и на[19]:

  • идни настани - формата е иста, но значењето е идно, често блиска иднина.
  • услов - минат услов.
  • општи факти - ретко се користи, најчесто во изреки.

Некои примери за аористот се:

Ние прочитавме книга.
Го положив ли испитот, те честам пијачка.
Една вечер спав надвор


Во прилог следува деклинација на глаголи од сите раздели и подгрупи:

а - глаголска група
прочита
и - глаголска група
и-раздел: прати
и - глаголска група
е-раздел: оздрави
и - глаголска група
а-раздел: издржи
Јас прочитав пратив оздравев издржав
Ти прочита прати оздраве издржа
Тој, таа, тоа прочита прати оздраве издржа
Ние прочитавме пративме оздравевме издржавме
Вие прочитавте пративте оздравевте издржавте
Тие прочитаа пратија оздравеа издржаа
е - глаголска група
а-раздел: стане
е - глаголска група
е-раздел: сотре
е - глаголска група
о-раздел: дојде
е - глаголска група
раздел без вокал: измие
Јас станав сотрев дојдов измив
Ти стана сотре дојде изми
Тој, таа, тоа стана сотре дојде изми
Ние станавме сотревме дојдовме измивме
Вие станавте сотревте дојдовте измивте
Тие станаа сотреа дојдоа измија

Минато определено несвршено време[уреди]

Графички приказ на три најчести употреби на имперфектот. Во сина боја е минатото засведочено дејство, во црвена е минатото повторливо дејство, а во зелена е условното минато дејство.

Минатото определено несвршено време или импрефект е глаголска форма која се користи за искажување минати дејства каде зборувачот е сведок или зел учество во дејството. За искажување такви дејства се користат глаголи од несвршен вид. Сепак, постои можност за изразување на дејства со свршени глаголи, но секогаш таквите глаголи се протходени од ако, да или ќе. Важно е да се напомене дека со свршените глаголи се искажува условен начин, минат-иден или друг аспект, но не засведочено минато дејство. Покрај основното значење на имперфектот, со времето се искажува и[20]:

  • условен начин
  • слаба наредба
  • минати дејства кои биле повторувани некој период
  • подготвеност

Некои примери за имперфектот се:

Јас ловев зајаци.
Ако не брзаше, ќе немаше грешки.
Да ми помогнеше малку?
Секој ден стануваше во 7 часот и правеше кафе.

Во прилог следува деклинација на глаголи од сите раздели:

а - глаголска група и - глаголска група е - глаголска група
Јас гледав ловев јадев
Ти гледаше ловеше јадеше
Тој, таа, тоа гледаше ловеше јадеше
Ние гледавме ловевме јадевме
Вие гледавте ловевте јадевте
Тие гледаа ловеа јадеа
Македонски глаголски форми
Буква глагол на глаголица.
Општо


Прости глаголски форми
Сложени глаголски форми
Поврзано
македонска граматика
македонски јазик

Заповеден начин[уреди]

Основна функција на заповедните форми се давање заповед, наредба или забрана. Покрај овие првостепени значења, заповедните форми можат да искажат и[21]:

  • повторливост во минатото
  • севременост, пр. Два пати мери, еднаш сечи.
  • услов, пр. Покажи му малку страв и веднаш ќе те нападне.
  • личен став, пр. Види го ти него, знае и да навредува!

Заповедните форми за второто лице еднина и множина во македонскиот јазик се образуваат преку[22]:

  • користење на наставките - ј за еднина и - те за множина за глаголите од е и и групата. Кај а-групата наставките се додаваат на основниот вокал, додека од е- и и- групата на општиот дел од глаголот.
пр: гледа - гледај, пие - пијте, стои - стој
  • користење на наставките во еднина и -те во множина кај глаголите од е и и групата. Наставката се додава на општиот дел од глаголот, додека наставката -те на основниот вокал.
пр: каже - кажи, молчи - молчете

При искажување на заповеден начин со негативно значење, тогаш се употребуваат зборовите не, немој, немојте и да конструкцијата пред глаголот. Во негативните форми најчесто се користат несвршените глаголи.

пр: не оди, немој да одиш

Овие негативни форми имаат значење на забрана, ако се користат свршени глаголи тогаш значењето е во вид на закана или забрана.

пр: Не појди, па ќе видиш!

Од некои глаголи не може да се образи заповеден начин како што е на пример глаголот може и други слични на него.

Глаголска л-форма[уреди]

Името на простата глаголска л-форма е добиено по карактеристичната наставка . Оваа глаголска л-форма има промена само по род и по број[23].

Кај глаголите од а-група постои само една форма, како на пример „копал“. Глаголите од е-група и и-група често образуваат по две л-форми, како на пример „станал/станел“ или „паднал/паднел“. Од примерите може да се дојде до заклучок дека постојат свршени и несвршени л-форми од несвршени и свршени глаголи. Едната л-форма изразува свршено дејство (пр. станал), додека другата несвршено дејство (пр. станел).[24]

Според образувањето на л-формата се изделуваат глаголи од е-група со о-раздел. Тука се јавуваат[25]:

  • редување на согласки - пр. текол, течел
  • испуштање на самогласки -пр. текол, текла
  • скратување - пр. јадел, јал
  • неправилно образување - пр. дојдел, дошол

Во однос на употребата се изделуваат несвршени л-форми од свршени глаголи (пр. дојдел). Тие не се самостојни туку одат со некои сврзници и партикули како на пример со ако, да, ќе и слично. Така се образува фраза „ако дојдел“, а не „јас дојдел“. [26] Покрај основната функција, со оваа глаголска форма се градат и одредени сложени глаголски форми како на пример минато неопределено време, предминато време, идно прекажано време и можен начин.[27]

Глаголска придавка[уреди]

Формите на глаголската придавка се образуваат со наставките: , -на, -ни и , -та, -то, -ти. Со наставката се образуваат глаголски придавки од глаголите со општ дел на н и се додаваат на основните вокали а и е.

пр. викне - викнат, легне - легнат, падне - паднат.

Освен глаголите од а-група, основниот вокал а е застапен и кај некои глаголи од е-група, како на пример скине - скинат, и од и-група како на пример задржи - задржан. Покрај тоа, основниот вокал е го имаат и глаголите од е-група и и-група.[28]

Од некои глаголи се образуваат по две глаголски придавки, како на пример: дере - дерен и дран, бере - берен и бран или пере - перен и пран. Со двојните форми обично се изкажува разлика во опфатеноста на дејството или признакот. Глаголската придавка има карактеристики и на глагол и придавка. Во промената се однесува како придавка и има форми за трите рода, двата броја и се членува, а според значењето и службата некогаш е поблиску до глаголот, а некогаш до придавката[29].

Во конструкции со помошните глаголи сум и има, глаголската придавка има глаголско значење:

  • Поканети сме на гости.
  • Бевме присутни на отворањето на изложбата.
  • Баба ми има кажувано за тоа.

Ако глаголската придавка оди како определба на некоја именка, односно во атрибутска служба, таа има придавско значење (пр. развиорено знаме), а употребена самостојно таа може да се поименичи т.е. да стане именка како на пример во реченицата Минатото не може да се избрише. Во македонскиот јазик глаголските придавки се образуваат не само од преодните глаголи (викан, креп) туку и од непреодните глаголи (дојден, станат). Ова е една од покарактеристичните особини на македонскиот глаголски систем.[30]

Глаголски прилог[уреди]

Формите на глаголскиот прилог се образуваат од несвршени глаголи со додавање на наставката -јќи. Оваа наставка се додава на основниот вокал а кај глаголи од а-група и на основниот вокал е кај глаголи од е-група и и-група. Така на пример имаме „гледајќи“, „носејќи“, „миејќи“ и слично.

Глаголскиот прилог е неменлива глаголска форма. Овој прилог се јавува како определба на глаголот со кој оди, негов означувач за паралелно дејство со дејството на глаголот во лична форма. Така на пример имаме „Гледајќи те тажен, размислував како да ти помогнам“.[31]

Глаголскиот прилог и личната глаголска форма секогаш имаат ист подмет или вршител на дејство во реченицата. Ако подметот е искажан, тогаш тој се врзува за личниот глагол, како на пример „Одејќи на работа, Бобан видел огномет“, а не „Одејќи Бобан на работа, видел огномет“.

Глаголска именка[уреди]

Глаголската именка се образува од несвршени глаголи со наставката -ње. Оваа наставка се додава на основниот вокал, а кај глаголи од а-глаголска група или на основниот вокал е на глаголи од е-глаголска група и и-глаголска група. Така имаме: гледа - гледање, вика - викање, мие - миење, коси - косење и слично. Покрај ова општо правило, поретко има и образување на глаголски именки со додавање на наставката -ние, најчесто од свршени глаголи. Така имаме: воспитува - воспитание, решава - решение и слично[32].

Глаголската именка е форма во која се вкрстува глаголот и именката, што значи во самата форма има делови и од глагол и именка. Во промената таа се однесува како именка, таа е во среден род, има еднина и множина, се членува, а се изведува од глаголска основа и најчесто значи име на дејство од најопшт вид, без укажување на неговиот вршител[33].

Исто така, глаголската именка може да означува и предмет, како на пример: Масата беше полна со јадење и пиење. Во ваков случај, овие две глаголски именки означуваат храна, т.е. пијалок. Кога глаголската именка се употребува со прилог, таа заменува некоја зависна реченица или одделна глаголска форма, како во примерот: Го фатиле на спиење, што означува го фатиле додека спиел[34].

Сложени глаголски форми[уреди]

Минато неопределено свршено време[уреди]

Графички приказ на минатото неопределено свршено време, каде дејството е завршено, но не се знае кога.

Минатото неопределено свршено време се образува со сегашното време на помошниот глагол сум и глаголската л-форма на менуваниот глагол. Глаголот кој се менува во ова време е секогаш од свршен вид, по кој е и добиено името перфект. Важно е да се напомене дека за трето лице еднина и множина нема форма на помошниот глагол сум. Помошниот глагол сум во ова време се користи поради тоа што глаголската л-форма е нелична т.е. нема лице. Како и кај останатите определени времиња, така и кај ова време несвршените л-форми од свршените глаголи немаат самостојна употреба, како на пример глаголите паднел, станел, туку тие се комбинираат со честиците ако, да, ќе и слично[35].

Деклинацијата на глаголите од трите основни раздели изгледа вака:

а - раздел
прочита
и - раздел
износи
е - раздел
испее
Јас сум прочитал сум износил сум испеал
Ти си прочитал си износил си испеал
Тој
Таа
Тоа
прочитал
прочитала
прочитало
износил
износила
износило
испеал
испеала
испеало
Ние сме прочитале сме износиле сме испеале
Вие сте прочитале сте износиле сте испеале
Тие прочитале износиле испеале

Минатото неопределено свршено време се користи за изразување минато дејство без да се укаже или да се определи конкретниот момент на одвивање на дејството. Покрај оваа основна употреба, времето се користи за искажување и на:

  • констатација - пр. Многу си пораснала.
  • заповед - пр. Немој да си излегол надвор, ако не ја средиш собата!
  • идност - пр. Сакаш да се прошетаме, додека не се расипало времето?
  • севременост - пр. Се стркалало поклопчето, си го нашло грнчето.
  • претпоставка - Сигурно веќе го испил млекото.

Минато неопределено несвршено време[уреди]

Графички приказ на минатото неопределено несвршено време. Не се знае кога се одвивало и дали завршило дејството.

Минатото неопределено несвршено време се образува со сегашното време на помошниот глагол сум и глаголската л-форма на менуваниот глагол. Глаголот кој се менува во ова време е секогаш од несвршен вид, по кој е и добиено името перфект. Важно е да се напомене дека за трето лице еднина и множина нема форма на помошниот глагол сум. Помошниот глагол сум во ова време се користи поради тоа што глаголската л-форма е нелична т.е. нема лице[36].

Деклинацијата на глаголите од трите основни раздели изгледа вака:

а - раздел
чита
и - раздел
носи
е - раздел
пее
Јас сум читал сум носел сум пеел
Ти си читал си носел си пеел
Тој
Таа
Тоа
читал
читала
читало
носел
носела
носело
пеел
пеела
пеело
Ние сме читале сме носеле сме пееле
Вие сте читале сте носеле сте пееле
Тие читале носеле пееле

Минатото неопределено свршено време се користи за изразување минато дејство без да се укаже или да се определи конкретниот момент на одвивање на дејството. Покрај оваа основна употреба, времето се користи за искажување и на:

  • констатација - пр. Многу си пораснала.
  • заповед - пр. Немој да си читал нешто што не треба!
  • идност - пр. Да прошетаме малку додека не се стемнило.
  • севременост - пр. Дошол гост, расипал пост.
  • претпоставка - Сигурно веќе го работел ова.

Предминато време[уреди]

Графички приказ на предминатото време. Во црвено е првото минато дејство, а во зелено второто минато дејство.

Формите на предминатото време во македонскиот јазик се образуваат со употреба на сум конструкцијата во минато определено несвршено време и со глаголската л-форма која најчесто е од свршен глагол. За полесен преглед на формите на глаголите следува табеларен приказ на три сменети глаголи по лица[37].

прочита прати излезе
Јас бев прочитал бев пратил бев излегол
Ти беше прочитал беше пратил беше излегол
Тој
Таа
Тоа
беше прочитал
беше прочитала
беше прочитало
беше пратил
беше пратила
беше пратило
беше излегол
беше излегла
беше излегло
Ние бевме прочитале бевме пратиле бевме излегле
Вие бевте прочитале бевте пратиле бевте излегле
Тие беа прочитале беа пратиле беа излегле

Ова сложено глаголско време означува дејство што се случило пред друго дејство во минатото[38].

пр: Кога ги побаравме, тие веќе беа изглегле од дома.

Иако има и други значења надвор од основното значење, предминатото време во современиот македонски јазик има многу поограничена употреба во споредба со останатите македонски глаголски времиња и начински форми. Ова време го истиснуваат минатото неопределено или определено време и конструкциите со глаголска придавка, посебно кога се употребуваат без сопоставување со друго минато дејство. Така реченицата Беше се облекол како за на свадба може да се искаже и како Беше облечен / се имаше облечено / се облекол како за на свадба.[39]

Идно време[уреди]

Графички приказ на идното време во македонскиот јазик.

Идното време во македонскиот јазик се образува со честичката ќе и со глаголот што се менува, каде честичката е пред глаголот. Глаголот ги зема соодветните форми од сегашното време[40]. Со идното време во македонскиот јазик се означува дејство кое се врши или се извршува по моментот на зборувањето.

игра носи везе
Јас ќе играм ќе носам ќе везам
Ти ќе играш ќе носиш ќе везеш
Тој, таа, тоа ќе игра ќе носи ќе везе
Ние ќе играме ќе носиме ќе веземе
Вие ќе играте ќе носите ќе везете
Тие ќе играат ќе носат ќе везат

Одречните форми на идното време се образуваат со прибавување на честичката не пред идното време[41].

пр: Јас не ќе играм фудбал.

Ако се изразува поголема сигурност во вршењето или невршењето на идното дејство, тогаш се употребува конструкција од глаголот има, партикулата да и сегашното време[42].

пр: Утре има да одам на часови! или Утре нема да одам на часови!

Минато-идно време[уреди]

Графички приказ на минатото-идно време. Стрелката го означува аспектот, односно означува дека таа дел-реченица е идно дејство.

Минатото-идно време се образува со ставање на честичката ќе пред глаголот. Глаголот кој следи по честичката е во минато определено несвршено време, кој пак може да биде од свршен и несвршен вид. Минатото-идно време се користи за изразување на идност која не следува по моментот на зборувањето (сегашноста), туку по некој друг минат момент. Со други зборови, во моментот на соопштувањето на времето тоа е минато, а е идно во однос на друго минато дејство, бидејќи следува по него[43].

Промената на глаголи од несвршен вид изгледа вака:

вика крои пече
Јас ќе викав ќе кроев ќе печев
Ти ќе викаше ќе кроеше ќе печеше
Тој, таа, тоа ќе викаше ќе кроеше ќе печеше
Ние ќе викавме ќе кроевме ќе печевме
Вие ќе викавте ќе кроевте ќе печевте
Тие ќе викаа ќе кроеја ќе печеа

Промената на глаголи од свршен вид изгледа вака:

викне скрои испече
Јас ќе викнев ќе скроев ќе испечев
Ти ќе викнеше ќе скроеше ќе испечеше
Тој, таа, тоа ќе викнеше ќе скроеше ќе испечеше
Ние ќе викневме ќе скроевме ќе испечевме
Вие ќе викневте ќе скроевте ќе испечевте
Тие ќе викнеа ќе скроеја ќе испечеа

Идно прекажано време[уреди]

Идното прекажано време се образува со употреба на честичката ќе и соодветната форма на глаголот од минато неопределено време[44]. Со идното прекажано време се искажуваат значењата што ги има идното и минатото-идно време, само во вид на прекажување[45].

пр: Марко ќе одел на одмор со новиот автомобил.

Формите на идното и минатото идно време се користат за директно кажување на засведочени дејства, а формите на идното прекажано време за незасведочени, па според тоа и прекажани дејства. Со идното прекажано време често се искажува личен став кон она што се кажува[46].

Графички приказ на идното прекажано време. Горната стрелка означува дека говорникот зборува во сегашноста но аспектот е перфектен (прекажано), а долната стрелка означува дека дејството има идно значење (идно).

Во прилог следува деклинација на глаголи од сите три раздели:

чека носи каже
Јас ќе сум чекал ќе сум носел ќе сум кажел
Ти ќе си чекал ќе си носел ќе си кажел
Тој
Таа
Тоа
ќе чекал
ќе чекала
ќе чекало
ќе носел
ќе носела
ќе носело
ќе кажел
ќе кажела
ќе кажело
Ние ќе сме чекале ќе сме носеле ќе сме кажеле
Вие ќе сте чекале ќе сте носеле ќе сте кажеле
Тие ќе чекале ќе носеле ќе кажеле

Можен начин[уреди]

Формите на можниот начин во македонскиот јазик се најупростени од сите временски и начински форми. За сите три лица има по една форма за еднина и множина[47]. Поради отсуство на показател за лицето, тоа се определува со личната заменка, со предметот или на поинаков начин. По правило, од свршените глаголи се употребува свршената л-форма, а од несвршените глаголи - несвршената. Не може да се каже на пример: ти би викнел и слично.

Како пример за можниот начин следи глаголот „зборува“:

еднина множина
1. Јас би зборувал Ние би зборувале
2. Ти би зборувал Вие би зборувале
3. Тој би зборувал
Taa би зборувала
Toa би зборувало
Тие би зборувале

Има-конструкција[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Има-конструкција.

Сложената глаголска форма која се нарекува има-конструкција се образува со помош на помошниот глагол има или нема во негативна конотација и со глаголска придавка во среден род[48]. Така имаме: имам учено, имав учено, сум имал учено, ќе имам учено, немав учено и слично.

има/нема + глаголска придавка во среден род

Во различните форми на има-конструкцијата се менува само помошниот глагол, а глаголската придавка се сведува на именувач на глаголското дејство. Конструкциите со има претставуваат паралелни, синонимни и еден вид конкурентски форми на сите сложени глаголски форми во македонскиот јазик, времиња и начини. Значењата на има-конструкциите се многу блиски со значењата на сложените форми во помошниот глагол сум, честичката ќе или би и често можат да се заменуваат едни со други, како на пример: имам гледано со сум гледал, имав гледано со бев гледал, ќе сум имал гледано со ќе сум гледал и слично[49].

Сум-конструкција[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Сум-конструкција.

Сум-конструкциите се образуваат со помош на помошниот глагол сум во соодветната форма и со глаголска придавка од преоден или непреоден глагол. Според тоа, имаме: сум дојден, бев дојден, ќе сум дојден, ќе бев дојден, ќе сум бил дојден и слично. Од сите примери, најчесто се употребуваат првите две[50].

сум + глаголска придавка

Сум-конструкциите, како и има-конструкциите, се употребуваат како паралелни форми со временските и начинските, посебно кога глаголската придавка е изведена од непреоден глагол. Според тоа имаме: не знам дали се дојдени = не знам дали дошле или ќе бев присутен на состанокот ако ме поканевте = ќе присуствував на состанокот ако ме поканевте[51].

Да-конструкција[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Да-конструкција.

Да-конструкцијата е една доста карактеристична особина на македонскиот јазик. Оваа сложена глаголска конструкција е составена од честичката да и некој глагол, кој најчесто е во сегашно време. Да-конструкцијата има самостојна употреба и истата може да ги има едно од следните значења:[52]

  • заповед - Одма да ми донесеш кафе!
  • желба и здравица - Да си жив и здрав!
  • клетва - Да не прогледаш!
  • неопределено глаголско дејство, или во некои јазици тоа е инфинитив - Да се биде или не?

Да-конструкцијата може да биде дел од: одречни сложени глаголски форми за искажување идност, негирана директна заповед, сложени глаголски конструкции со некои глаголи што означуваат начин на вршење дејство, фаза од вршењето на дејството или личен став на зборувачот кон дејството.[53]

Придавки[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Придавки во македонскиот јазик.

Придавките се менлива зборовна група која именуваат некаква карактеристика на предметите, суштествата и појавите. Карактеристиките секогаш им се препишуваат на предметите како нивни признак, тие се во тесна врска со именките и ретко се користат самостојно. Поради тесната поврзаност со именката, придавката мора да ги има истите граматички бележја како и именката до која стои. Од ова правило за усогласување на граматичките бележја отстапуваат некои странски придавки како што се екстра, мини, пембе и сл.[54]

пр: добар, добра, добро, добри.

Според значењето придавките се делат на четири основни подгрупи: описни или квалитативни, односни или релативни, бројни и заменски. Описните придавки означуваат такви особини на предметите што произлегуваат од самите нив, што се нивно својство.[55]

пр: голем, мал, бел, зелен, сладок итн.

Со односните придавки се означува признак на предметот што не произлегува од самиот него, туку од односот со некој друг предмет.[56]

пр: мајкин син, градска библиотека итн.

Бројните придавки се изведени од броеви и такви се на пример придавките петти, стоти и слично. Заменските придавки се однесуваат, се поврзани или се произлезени од заменки и како пример за заменски придавки се мој, твој, никаков, колкав и слично.

Степенување на придавки[уреди]

Примери
  1. Мојата книга е интересна.
  2. Мојата книга е поинтересна од твојата.
  3. Мојата книга е најинтересна.

Различниот степен на признакот се нарекува степенување. Описните придавки се изделуваат од сите други видови придавки токму поради степенувањето, односно степенот на својството кое го поседува. Така на пример придавките „волнени“ и „детски“ немаат степен на својството кое го поседуваат, односно не може да се каже „поволнени“ или „најдетски“. За разлика од нив, придавките од описен вид можат да имаат форми за степен како на пример „високи“, „повисоки“ или „највисоки“. Степенувањето на едно својство на еден предмет се врши врз основа на споредба на истото тоа својство кај друг предмет.[57]

Придавките, односно описните придавки, имаат три форми за степенување вклучувајќи ја и основната форма. Така, основната форма на придавките се нарекува позитив, а потоа следуваат двете форми на степенувањето т.е. компаративот и суперлативот. Компаративот подразбира споредба на два предмета и се образува со префиксот по-. Суперлативот подразбира споредба на повеќе од два предмета и се образува со префиксот нај-. [58]

пр: добар (позитив) → подобар (компаратив) → најдобар (суперлатив)

Блиски до степенуваните форми на придавките се образувањата со при- и пре-. Такви примери се: престар, преголем, пристар и слино.[59] Во македонскиот јазик има само една неправилна придавка и тоа е придавката многу. Оваа придавка е неправилна бидејќи има посебни форми за компаратив и суперлатив како:

многу → повеќе → најмногу

Заменки[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Заменки во македонскиот јазик.

Заменките се менлива група на зборови кои се користат за означување или посочување на предмети, суштества или појави. Со нив се означува некој или нешто не со неговото именување, туку со укажување на него.[60] Според значењето, заменките се делат на три основни групи: лични, лично-предметни и показни.

Лични заменки[уреди]

Личните заменки го добиле своето име не поради тоа што најчесто означуваат лице, туку поради нивната граматичка категорија лице. Со овие заменки се означува односот на учесниците во разговорот.[61] Личните заменки се сретнуваат во трите рода, во двата броја, имаат посебни кратки и долги форми за директен и индиректен предмет и овие заменки ги опфаќаат лично-повратните заменки себе (си)/ се.

Лични заменки
број лице подмет директен предмет индиректен предмет
без предлози со предлози
долга кратка долга кратка

присвојна

еднина I јас мене ме мене ми мене
II ти тебе те тебе ти тебе
III м.р. тој него го нему му него
ж.р. таа неа ја нејзе ѝ неа
с.р. тоа него го нему му него
множина I ние нас нè нам ни нас
II вие вас ве вам ви вас
III тие нив ги ним им нив

Лично-предметни заменки[уреди]

Лично-предметните заменки се делат на: прашални, односни, одречни, општи и неопределени.[62]

Прашални заменки

Овие заменки се користат во прашална форма со прашално значење. Некои од прашалните заменки се:

  • кој, која, кое, кои; кого, го; кому, му;
  • чиј, чија, чие; чии;
  • што; колкав; каков
Односни заменки

Односните заменки се користат за да се искаже однос во реченицата. Некои односни заменки се:

  • којшто, кој; чијшто, чиј итн.
Неопределени заменки

Неопределените заменки се користат за посочување неопределена ориентација/ состојба/ предмет/суштество во еден контекст. Тие не се однесуваат специфично на некој поединец или единка и некои неопределени заменки се:

  • некој, некого; на некого (некому); некојси; секој; нешто, сешто; сèнешто; сето (синоним на целото, во таква служба не може да стои сè: за сето тоа)
  • кој било; кој да е; кој-годе; што било итн., какав-годе итн., колкав-годе итн.
Одречни заменки

Одречните заменки се користат за негативна конотација и искажување негативност во однос на нешто. Некои одречни заменки се:

  • никој; ништо итн.
Општи заменки

Со овие заменки се искажува или посочува општост или генерално како стојат дејствата во еден контекст. Некои општи заменки се:

  • секој, сешто, сечиј итн.

Повратни заменки[уреди]

акузатив датив
целосна кратка целосна кратка
себе се себе си

Показни заменки[уреди]

Показните заменки служат за просторно и временско посочување на лица или предмети во однос на лицето што зборува.[63] Такви заменки се:

  • За посочување блиски предмети: овој, оваа, ова, овие
  • За посочување пооддалечени предмети: оној, онаа, она, оние
  • За посочување предмети без просторно определување (освен во некои случаи): тој, таа, тоа, тие.

Прилози[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Прилози во македонскиот јазик.
Видови прилошки определби.

Прилозите во македонскиот јазик се полнозначни зборови кои најчесто одат со глаголите и го определуваат дејството според некој признак. Покрај тоа, во некои случаи прилозите можат да дополнуваат и определуваат именки, придавки и други прилози. Оваа група зборови се неменливи, некои можат да се степенуваат, најчесто тие за количина и начин, а пак некои можат да се комбинираат со именки и добиваат членски наставки, како што е на пример прилогот повеќето.[64] Најголем број од прилозите во македонскиот јазик се произлезени од други зборовни групи, односно образувањето може да биде со преосмислување на некои стари падежни форми на именките и со поврзување и сраснување на два збора во еден, најчесто меѓу два збора или именка со прилог. Како примери за старите падежни форми се прилозите дење, ноќе, лете, зиме и слично, а како пример за сраснување се прилозите напладне, сосила и слично.

Според значењето, прилозите во македонскиот јазик можат да бидат:

  • прилози за време: кога, веднаш, вчера, денес, итн.
  • прилози за место: каде, ваму, горе, далеку, блиску, итн.
  • прилози за начин: како, вака, бавно, лошо, некако, итн.
  • прилози за количество и степен: колку, двојно, доволно, малку, многу, итн.

Предлози[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Предлози во македонскиот јазик.
Примери
  1. Мачката се качи на дрво.
  2. Тој е роден во мај.
  3. Јас работам со компјутер.

Предлозите во македонскиот јазик се неменливи службени зборови со кои се искажуваат различни односи меѓу зборовите. Со полнозначните зборови предлозите имаат големи значајни нијанси или се сведуваат на граматичко средство за изразување на граматичките функции. Во македонскиот јазик, како и кај останатите јазици без падежи, тие се важни средства за искажување на службите на зборовите. Овие зборови имаат граматичка функција и немаат некое определено значење. Најкарактеристичен македонски предлог е предлогот на. Македонските предлози можат да бидат прости и сложени, но и:[65]

  • просторни: на, под, итн.
  • временски: ќе, во, итн.
  • начински: на, со, итн.
  • спредбени: на, итн.

Сврзници[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Сврзници во македонскиот јазик.
Примери
  1. Тој копал во нивава и видел зајак.
  2. Јас сакам да дојдам со вас на одмор, но не знам дали имам слободни денови.
  3. Ќе се видиме штом пристигнеш во Радовиш.

Сврзниците во македонскиот јазик се службени зборови, односно нив ги употребуваме за поврзување одделни зборови во рамките на една реченица или повеќе реченици во една сложена реченица. При поврзувањето, сврзниците ги изразуваат односите меѓу зборовите или меѓу речениците, па така спротивен однос се изкажува со ама или но, а условен однос со ако итн. Класификацијата на сврзниците се прави на три начина, односно едната класификација е според тоа дали сврзникот отсекогаш бил сврзник, како што се и или ако, потоа дали сврзникот е добиен од друг збор, како што е сврзникот бидејќи, и дали сврзникот е позајмен, како што е сврзникот ама. Од друга страна пак, сврзниците според нивната структура се делат на прости и сложени. Сепак, најважна класификација на сврзниците е според односот меѓу зборовите или меѓу речениците што ги сврзуваат. Според тоа, сврзниците се делат на две групи:[66]

  • приредувачки или координациски сврзници - сврзници кои поврзуваат зборови или реченици со истореден однос,
  • подредувачки или субординациски сврзници - сврзници кои поврзуваат зборови или реченици меѓу кои постои нерамноправен однос.
Приредувачки сврзници
  • составни: и, па, та, не само што - туку и, итн.
  • спротивни: а, ама, ами, туку, пак, а пак, но, меѓутоа, само што, камо ли, итн.
  • разделни: или, или - или, и - и, било - било, ем - ем, ја - ја, ни - ни (нити - нити, ниту - ниту), ту - ту, итн.
Подредувачки сврзници
  • исказни: дека, оти, да, како, што, итн.
  • временски: кога, кога што, кога да, а, дури, дури да, додека, пред да, откога, откако, штом, штотуку, тукушто, итн.
  • причински: дека, за дека, оти, зашто, бидејќи, затоа што, итн.
  • последични: што, така што, итн.
  • условни: ако, да, итн.
  • допусни: ако, иако, макар што, при сè што, итн.
  • целни : да, за да, итн.
  • начински: како што, како да, итн.

Покрај овие две групи, во македонскиот јазик има сврзувачки зборови. Сврзувачките зборови се зборови кои покрај тоа што имаат сврзувачка служба, тие вршат и служба на членови на зависната реченица. Сврзувачките зборови се делат на:

  • односни: што, кој, којшто, чиј, чијшто, каков што, колкав што, итн.
  • прашални заменки: што, кој, чиј итн.
  • неопределени заменки: што и да е, кој и да е, итн
  • заменски прилози: каде што, кога, итн.
  • заменски придавки: каков што, колкав што итн.

Честички[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Честички во македонскиот јазик.
Примери
  1. Марко не дојде со нас.
  2. Дали ќе дојдеш со нас?
  3. Одвај извлеков жива глава од таа турканица.

Честичките се неменливи зборови кои во македонскиот јазик имаат граматичка функција. Честичките се користат за истакнување или за определување други зборови, како и за образување на некои граматички форми. Честичките во македонскиот јазик можат да имаат различни функциии, како на пример:

  • честички за тврдење: да
  • честички за одрекување: не, ниту, нити итн.
  • честички за заповед: да, нека итн.
  • честички за засилување: и, барем, дури, пак, итн.
  • честички за изделување: само, единствено, уште, итн.
  • честички за определување: токму, имено, итн.
  • честички за количество: токму, скоро, рамно, одвај, итн.
  • честички за посочување: еве, ене, ете, итн.
  • формообразувачки честички: ќе, би, да, нека, итн.

Модални зборови[уреди]

Примери
  1. Најверојатно ние ќе купиме автомобил.
  2. Чекаме веќе еден час, очигледно Мартин нема да пристигне.
  3. Навистина беше на Куба?

Модалните зборови се посебна група зборови кои служат да се изрази личен однос спрема одредено соопштување. Со други зборови, со модалните зборови во македонскиот јазик зборувачот кој ги користи истите зазема одреден став во дадената ситуација. Ваквиот став може да биде во вид на впечаток, некоја оцена во смисла на увереност, неверување, тврдење, претпоставување и слично. Според потекло тие не се посебна зборовна група, но тие се изделуваат како посебна според местото и службата во реченицата. Најчесто тие се образуваат од прилози, придавки, глаголи, именки и слично.[67]

Некои од модалните зборови во македонскиот јазик, според природата на зборовите, се:

  • модални зборови за реалност: сигурно, веројатно, се разбира, очигледно, навистина, можеби, неоспорно итн.
  • модални зборови за емоционален однос: белки, божем итн.
  • модални зборови за однос: значи, а пак; на пример, то ест, освен тоа, впрочем, најпосле итн.
  • модални зборовни изрази: за среќа, за големо чудо, без сомнение итн.

Броеви[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Македонски броеви.

Броевите во македонскиот јазик претставуваат менлива и лексичка зборовна група. Тие се зборови кои означуваат количество, кое може да биде точно избројано (пет, шест, седум) или пак да биде приближно избројано (петина, шестина, седумнина). Ваквата особина ги дели броевите на определена или точна и приближна бројност.[68]

По состав, броевите можат да бидат прости и сложени. Простите броеви се помалку и тие се броевите од 1 до 10 и бројот 100, а сите останати се сложени. Со простите броеви се формираат сложените броеви.[69] Броевите во македонскиот јазик имаат род и определеност, а се делат на обични и редни броеви. Првите десет обични и редни броеви се:

симбол број
(м.р.)
број
(ж.р.)
број
(с.р.)
0 нула нула нула
1 еден една едно
2 два две две
3 три три три
4 четири четири четири
5 пет пет пет
6 шест шест шест
7 седум седум седум
8 осум осум осум
9 девет девет девет
10 десет десет десет
симбол реден број
(м.р.)
реден број
(ж.р.)
реден број
(с.р.)
0. нулти нулта нулто
1 прв прва прво
2 втор втора второ
3 трет трета трето
4 четврти четврта четврто
5 петти петта петто
6 шестти шестта шестто
7 седми седма седмо
8 осми осма осмо
9 деветти деветта деветто
10 десетти десетта десетто

Извици[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Извици во македонскиот јазик.
Примери
  1. Еј! Чекајте ме и мене!
  2. Леле ама топло е денес!
  3. Ах, што ме снајде!

Извиците се зборови кои се користат да се изразат различни чувства, да се обрне некому внимание, да се привлече вниманието на соговорникот или звучно да се претстават различни звуци. Оваа група зборови се изделуваат како посебни бидејќи имаат карактеристично значење и служба во реченицата, но исто така тие имаат и невообичаен гласовен облик, како што се извиците ццц, псст итн. Важно е да се напомене дека еден извик може да има неколку значења, па поради тоа треба да се знае контекстот во кој е употребен извикот за да се одреди вистинското значење.[70] Според дадената класификација, некои од извиците во македонскиот јазик се:

извици за чувства: оф, леле, ах, итн.
извици за привлекување внимание: еј, бре, псст, итн.
имитирање на звуци: трас, крц, бам, итн.
зборови во функција на извици кога се зголемува тонот: Боже!, Срамота!, итн.

Синтакса[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Синтакса на македонскиот јазик.
Структурата на македонскиот подмет. Подметот е еден од двата главни синтаксни елемента на реченицата.
Видови предмети во македонскиот јазик.

Основна единица на синтаксата е реченицата. Врз реченицата е осврнато вниманието на синтаксата. Понатака реченицата може да се подели на две големи групи, односно проста и сложена реченица. Простите и сложените реченици во македонскиот јазик се составени од именски групи или наречени синтагми, но и од останати елементи како глаголи или прилози. Сите овие наведени елементи функционираат во најсложената јазична форма наречена врзан текст.[71]

Сликовито да се презентира составувањето на врзаниот текст, а почнувајќи од најмалите единици е следниот пример:

бран → голем бран → На крајбрежјето на Охридското Езеро се забележуваат големи бранови. → Гледајќи и фотографирајќи од Самоиловата тврдина, забележав дека големи бранови се приближуваа кон охридското крајбрежје. → Едно утро решив да се искачам на Самоиловата тврдина и да сликам фотографии по не знам кој пат. Иако одењето по старите и делумно стрми улици е тешко јас успеав и се искачив. Гледајќи и фотографирајќи од Самоиловата тврдина забележав дека големи бранови се приближуваа кон охридското крајбрежје.

Така, од примерот може површно да се види со што и како се занимава синтаксата. Значи самата синтакса почнува со зборовите, иако со нив повеќе се занимава морфологијата (бран), потоа со комбинирање на повеќе зборови се добиваат зборовните групи (голем бран). Со комбинирање на повеќе зборовни групи се добиваат прости реченици (На крајбрежјето на Охридското ...) кои пак доведуваат до создавање на сложени реченици (Гледајќи и фотографирајќи од ...). Како крајна цел е создавање на врзан текст со кој се искажуваат поголеми и посложени дејства или настани (Едно утро ...).

Значи, опширно основните синтаксички единици се[72]:

Реченицата, било да е проста или проширена, е синтаксичка единица што содржи глагол со лична форма, како и останати елементи од кои најчести се именските делови.
Именската група или синтагмата се среќава во рамките на сите членови на реченицата, освен во прирокот. Основен белег е тоа што мора да има именка во самата структура по која и го носи името оваа синтаксичка категорија.
Сложената реченица е еден вид резултат на поврзување на најмалку две одделни реченици, што како резултат на тоа мора да содржи најмалку две самостојни личноглаголски форми.
Врзаниот текст е надреченична целина кој содржи повеќе реченици и ги опфаќа сите претходно наведени елементи.
Шематски приказ на структурата на реченицата во македонскиот јазик.

Фразеологија[уреди]

Зборовните групи кои во јазикот се користат како една целина се нарекуваат фразеологизми, кои имаат посебни лингвистички карактеристики и вредности. Во реченицата зборовите можат да се поврзуваат, да се здружуваат во целости од различен вид. Така на пример, зборот орев може да оди со повеќе придавки како на пример „голем орев“ или „мал орев“, со глаголи како на пример „јаде орев, купува ореви“ и слично. Ова доведува до општите принципи на фразеологијата каде зборовите во реченицата можат слободно да се здружуваат односно да се наоѓаат во слободна врска. При ваква врска секој од зборовите си го задржува своето посебно значење, така што значењето на составот е еднакво на збирот на значењата на зборовите што влегуваат во тој состав. [5]

Во македонскиот јазик зборовните состави можат да се наоѓаат и во неслободна врска, односно постојана врска. Така на пример, зборот орев во реченицата „Ова е тврд орев, не се крши со заби“ и зборот орев во реченицата „Ќе бидеме тврд орев за нашиот утрешен противник“ нема исто значење. Во составите на овој вид ослабнува одделното значење на зборовите и се формира едно ново значење кое не е збир на значењата на составните елементи.[5]

Дијалектологија[уреди]

Дијалектологија е посебна развиена гранка на македонистиката која се занимава со проучување, истражување, документирање и зачувување на македонските дијалекти. Како стабилна научна дисциплина во македонистиката, дијалектологијата се развила после кодификацијата на македонскиот јазик, но нејзиното присуство се забележува и пред 1940-те години. Дијалектологијата на македонскиот јазик е постара дисциплина и датира уште од првите научни трудови кои се занимавале со македонскиот јазик или од втората половина на 19 век.[6] Како позначајни македонски дијалектолози се забележуваат Ватрослав Јагиќ, Ватрослав Облак, Виктор Иванович Григориевич, Мјечислав Малецки, Зузана Тополињска, Божидар Видоески и други.

Ономастика[уреди]

Ономастика по дефиниција е наука која ги проучува сопствените имиња. Самиот збор ономастика потекнува од грчкиот глагол „onomadzo“ што во превод значи „именувам“. Ономастиката е релативно нова лингвистичка дисциплина. Во Македонија и македонистиката почнала да се развива и да бележи конкретни резултати во 19 век. Самата научна дисциплина долго време се сметала за дел од останати науки како на пример географија, историја, етнографија и слично.

Наводи[уреди]

  1. Ѓорѓија Пулевски на страницата на МАНУ.
  2. Попис 2001
  3. Историја на македонскиот јазик, Блаже Конески, стр: 7, Култура, Скопје, 1967
  4. Граматика на македонскиот јазик, стр. 102, Стојка Бојковска, Просветло Дело, Скопје 2008
  5. 5,0 5,1 (на македонски) „Македонски јазик за средно образование“. Скопје: Просветно Дело АД. 2001. стр. 222 и 224. 
  6. Марковиќ, Марјан. „Развојот на македонската дијалектологија и нејзините претставници“ (на македонски). http://www.rastko.rs/cms/files/books/488988ac0788a. конс. 14 септември 2010. 

Користена литература[уреди]

  1.   Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова. уред. „Општа граматика на македонскиот јазик“. Скопје: АД Просветно Дело. ISBN 978-9989-0-0662-7. 
  2.  Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). „Македонски јазик за средно образование“. Скопје: Просветно Дело АД. 
  3.  Friedman, Victor (2001) (на англиски). „Macedonian grammar“. SEE LRC, USA. 
  4.   Lunt, Horace (1952) (на англиски). „Grammar of the Macedonian literary language“. Skopje. 
  5.  Конески, Блаже (1967). „Граматика на македонскиот литературен јазик“. I и II. Скопје: Култура. 

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Македонска граматика“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).