Морфологија на македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Macedonian language in old cyrillic.svg
„Слогница речовска“

Македонистика
Знаковен јазик
Историја
Книжевност
Регулаторно тело
Дијалекти
Граматика:

Правопис и правоговор:

Морфологијата во македонскиот јазик и во останатите јазици е дел од лингвистиката која се занимава со проучување на формите на зборовите, нивното градење и граматички значења. Самиот збор е од старогрчко потекло и во превод значи наука за формите. Главната цел на морфологијата е да ја проучува структурата на зборовите и правилата и принципите според кои самите зборови се обединуваат во групи. Многу сродна наука на морфологијата е морфосинтаксата на македонскиот јазик која се занимава со употребата на зборовите во реченица.[1]

Морфеми и видови морфеми[уреди]

Карактеристики[уреди]

Зборот во секој јазик, така и во македонскиот е изграден од неколки различни елементи. Некои од нив имаат значење односно се лексички, а некои немаат значење и се граматички или функционални. Како пример за ова може да се разгледа зборот „млекар“ поделен на неколку начини:

  • м + л + е + к + а + р - низа на гласови или познати како фонеми
  • мле + кар - низа на слогови
  • млек + ар - низа на значенски делови наречени морфеми

Како што може да се забележи од примерот, при првата и втората поделба на зборот се добиваат елементи без значење, за разлика од третата поделба кога се добиваат елементи кои имаат семантичка или граматичка функција, иако истите не опстојуваат како одделни. Значењето на овие елементи се подразбира од самиот корен на зборот, односно „млек“ е всушност зборот млеко, додека -ар има граматичка функција и се користи за означување лице од машки пол кое врши некаква функција или професија. Следствено на ова се доаѓа до заклучок дека зборовните елементи кои се без значење ги проучува фонетиката и фонологијата, додека елементите кои имаат некакво значење или функција ги проучува морфологијата. Така, морфемите се дефинираат како значенски единици од кои се состои еден збор.[1]

Поделба[уреди]

Од квантитативна гледна точка, зборовите можат да бидат составени од една или повеќе морфеми. Така на пример зборот ѕвер е составен од само една морфема бидејќи не може да се подели на помали единици кои имаат значење или функција. За разлика од тој збор, зборот ѕверство е составен од две морфеми, односно ѕвер + ство. Зборот „ѕвер“ е основен и задолжителен дел кој се јавува кај сите истородни зборови и во морфологијата се нарекува корен или општ дел. Овој дел е носител на значењето на зборот. Корените се сведени на ниво на коренски морфеми, додека наставките кои се додаваат за да се добие нов збор од постоечки се сведени на афиксни морфеми. За разлика од коренските морфеми, афиксните не можат да опстојат сами.

Морфемите во македонскиот јазик се делат на две големи групи: зборообразувачки и формообразувачки. Првата категорија опфаќа морфеми или наставки кои се користат за изведување нови зборови со ново значење базирани на друг. Втората категорија опфаќа морфеми кои не образуваат нови зборови, туку ја модифицираат постоечката форма на зборот на кој се додаваат.[1] Со други зборови, со додавање зборообразувачки морфеми се менува зборовната група (пр. од именка во придавка), додека со формообразувачките не се менува зборовната група.

пр:
ѕид → ѕидар → ѕидарство - зборообразувачки морфеми
ѕид → ѕидов → ѕидови - формообразувачки морфеми

Според местото на додавање на службените (граматички) морфеми, тие можат да бидат претставки и наставки. Претставките се морфеми кои се додаваат пред коренот и се нарекуваат и како префикси, додека наставките се зборови кои се додаваат после коренот и се нарекуваат како суфикси.[1]

Во морфологијата доста важни се и завршетоците. Со завршетоците се означуваат последните гласови од зборовите и тие се важни пред сè при определување на родот на именките или групите на глаголите.

Зборовни групи[уреди]

Зборовните групи. Во сино се менливите, во зелено се неменливите зборовни групи.

Зборовите во секој јазик претставуваат одделни единки, но според некои карактеристики тие се поврзани меѓу себе, формирајќу помали или поголеми групи. Така, тие можат да бидат поврзани според значење, според форма, според службата во реченицата итн. Така поврзаните зборови создаваат зборовни групи или класи. Во науката за јазикот има различен број класификации, но најчести се значенската или семантичка, формалната или морфолошка и функционална или синтаксичка класификација.[1]

Според значенската класификација, во македонскиот јазик има единаесет зборовни групи и тие се: именки, придавки, броеви, заменки, глаголи, прилози, предлози, сврзници, честички, извици, и модални зборови.

Според морфолошката класифицикација, единаесетте зборовни групи се класифицираат во две групи и тоа на менливи и неменливи зборовни групи. Менливите зборовни групи ја менуваат својата форма заради морфолошките потреби, а неменливите не. Менливите зборови ги опфаќаат: именки, придавки, броеви, заменки и глаголи, додека неменливите ги опфаќаат прилозите, предлозите, сврзиниците, честичките, извиците и модалните зборови.

Според синтаксичката класификација зборовите се делат на полнозначни или отворени зборовни групи и службени или лексички и службени или функционални зборови. Во полнозначните се вметнуваат именките, придавките, броевите, заменките, глаголите, прилозите и модалните зборови, додека во службените се вметнуваат предлозите, сврзниците, честичките и извиците. Во вистинска самостојност се изделуваат именките, глаголите и дел од заменките (именските), а другите самостојни зборови имаат ограничена синтаксичка независност[2].

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова. уред (на македонски). „Општа граматика на македонскиот јазик“. Скопје: АД Просветно Дело. стр. 155 - 160. ISBN 978-9989-0-0662-7. 

Видете исто така[уреди]