Акцент во македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пример за третосложно акцентирање

Акцент (латински: accentus, потпевнување) или нагласок — изделување на еден слог од зборот со помош на одредени фонетски средства како што се сила на издишаната воздушна струја, висина на тонот или квалитетот на гласот. Акцентот ги засега самогласките како гласови со најголема звучност и како основа на слогот.[1] Во зависност од видот на изделената единица, било да е слог, збор или реченица, акцентот може да биде зборовен или слоговен и реченички или фразеолошки. [2]

Општи одлики[уреди | уреди извор]

При изговор на еден збор се забележува дека сите слогови во него не се изговараат со еднаква сила (еднакво). Еден слог во зборот обично се изговара со поголема сила на гласот, со повисок тон.

Зборовен акцент е тој акцент со кој се изделува еден слог од зборот. Секој изговорен збор има акцент и таквите зборови се нарекуваат акцентогени.[1] Сепак, во јазикот има зборови кои немаат акцент и тие се наречени клитички или неакцентирани зборови.[3]

Со реченичкиот акцент се истакнува еден збор во реченицата наспроти другите зборови во неа, сè со цел да се даде некаква нијанса во значењето. Така, во тесна врска со реченичкиот акцент се логичкиот или смисловен и емоционалниот или афективен акцент.[4] Покрај оваа основна поделба, акцентот се дели и според фиксираноста на истиот, па така имаме определен и неопределен акцент. Определениот е фиксиран и секога паѓа на еден ист слог. Неопределениот е разносложен и нема фиксна положба.[5]

Пример: Јана отиде на училиште (а не на лизгалиште). или Јана отиде на училиште (не Бојана).

Македонскиот акцент е динамичен или експираторен и определен. Македонскиот акцент секогаш паѓа на третиот слог од крајот на зборот за третосложни или повеќесложни зборови (пр. тáт-ко-то, тáт-ков-ци, тат-кóв-ци-те, Ма-кé-до-нец), на вториот слог на двосложни зборови (пр. дé-те, мáj-ка, тáт-ко) и на единствениот слог кај едносложните зборови (пр. рóг, с'рп, к'рв). [6]

При зголемување на бројот на слоговите кај еден ист збор, акцентот го менува слогот, при што пак се води сметка тој да биде на третиот слог од крајот на зборот.[7] Така имаме: 'учител - уч'ителот - учит'елите и сл.

Отстапувања од третосложното акцентирање има
  1. кај глаголските прилози: викáјќи, одéјќи итн.
  2. кај прилозите за време: годин'ава, лет'ово итн.
  3. кај туѓите зборови: клишé, генéза, литератýра итн.

Акцентски целости[уреди | уреди извор]

Акцентските целости се два или повеќе зборови подведени под заеднички акцент. Местото на акцентот во акцентската целост се определува според општото правило за македонскиот акцент[8], односно третиот слог од крајот на зборот или на некој друг во зависност од должината на зборот/ целината. Акцентската целост најчесто е составена од[9]:

  1. два збора со сопствен акцент кои во акцентската целост претставуваат еден поим (пр. кисело млеко);
  2. збор кој има сопствен акцент и клитика (пр. братучед ми).

Во зависност од тоа какви зборови како членови влегуваат во состав на акцентската целост има[10]:

  1. акцентски целости од два полнозначни збора;
  2. акцентски целости со клитика, кои се нарекуваат и клитички изрази.

Правила за акцентирање[уреди | уреди извор]

1. Кај трисложните и повеќесложните зборови акцентот стои на третиот слог од крајот на зборот.

           На пр.: слаткáрница.

2. Кај двосложните зборови акцентот стои на почетниот слог од зборот.

           На пр.: сéло.

3. Кај едносложните зборови акцентот стои на единствениот слог.

           На пр.: сóн, дóм, бóл, вóл.

4. Ако зборот се зголемува со додавање на претставки и наставки, акцентот се поместува за да застане секогаш на третиот слог од крајот на зборот.

           На пр.: грáд - грáди - ́изградба - изгрáдбата.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова-Ѓуркова, Живко Цветковски: „Македонски јазик за средното образование“, Просветно дело, Скопје, 2005; стр. 79.