Акцентски целости во клитики во македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Клитики или неакцентогени зборови се зборови во македонскиот јазик кои немаат сопствен акцент. Во клитиките се вбројуваат: предлозите, сврзниците, кратките форми од личните заменки и кратката форма од повратната заменка, честичките, некои извици и др. Поради тоа што немаат сопствен акцент, се јавува потреба од употреба на акцентска целост на клитиките со уште еден или повеќе зборови. Местото на акцентот во акцентската целост се определува според општото правило — на третиот слог од крајот на групата зборови. Во некои акцентски целости акцентот може да биде на вториот слог од крајот на групата.

Акцентските целости со клитики во македонискиот јазик се поделени на:

  • Акцентски целости со енклитика
  • Акцентска целост со проклитика

Акцентски целости со енклитика[уреди | уреди извор]

Енклитика претставува клитика која се наоѓа по именката, глаголот или некој друг збор.

Овие акцентски целости најчесто се составени од:

  1. именки што означуваат родство и кратки заменски форми, на пример:
    • мáјка‿ми, тáтка‿си, братýчед‿ми, бáба‿ми;
  2. заповедна форма од глагол и кратки заменски форми, на пример:
    • зéми‿го, земетé‿му‿го, напрáви‿го;
  3. глаголски прилог и кратки заменски форми, на пример:
    • носéјќи‿ја, пишувáјќи‿го, давáјќи‿му, земáјќи‿ја;
  4. показни и прашални партикули и кратки заменски форми, на пример:
    • éве‿го, кáмо‿ги, éве‿ти, енè‿ти‿го.

Акцентски целости со проклитика[уреди | уреди извор]

Проклитика претставува клитика која се наоѓа пред именката, глаголот или некој друг збор.

Во акцентските целости со проклитика и полнозначен збор изделуваме два вида:

  1. акцентска целост со проклитика и глагол;
  2. акцентска целост со проклитика и именски збор.

Акцентска целост со проклитика и глагол[уреди | уреди извор]

Во акцентските целости од проклитика и глагол имаме два начина на акцентирање:

  1. кога акцентот редовно се задржува на глаголот:
    1. во декларативните (потврдните) искази, на пример:
      • ја‿глéдал, му‿го‿зéл, сум‿зéл, ќе‿дáде, да‿му‿се‿јáви.
  2. кога акцентот се префрла од глаголот (ако е едносложен или двосложен) на проклитичкиот член од целоста:
    1. во негираните искази, на пример:
      • нè‿може, нè‿сака, нè‿дал, не‿стé‿биле, не‿сум‿јá‿видел, не‿би‿мý‿дал;
    2. во прашалните искази, на пример:
      • кóј‿дал, кој‿гó‿видел, што‿мý‿рече, штó‿рекол, што‿си‿гó‿викнал.

Акцентска целост со проклитика и именски збор[уреди | уреди извор]

Во акцентските целости од проклитика и именски збор имаме два начина на акцентирање:

  1. кога акцентот се префрла врз клитичкиот збор (ако именскиот збор е едносложен или двосложен:
    1. кога нема логичка истакнатост на именката или на заменката и кога тие не се подолги од два слога, на пример:
      • бéз‿глава, нá‿раце, вó‿вода, óд‿ден.
  2. кога акцентот не се префрла врз проклитиката:
    1. кога именката е определена, на пример:
      • од‿Скóпје, до‿Вéлес;
    2. кога пред именката стои сврзник (исклучок), на пример:
      • и‿срéда, и‿прáзник, и‿дéлник.