Предлози во македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Предлозите во македонскиот јазик се службени зборови што се користат за искажување на односите меѓу именките, или именските фрази, и односите на глаголското дејство спрема неговите дополненија. Овие односи можат да бидат од различна природа. Првичното значење на предлозите е пространствено, но се развиле и други значења[1]. Најчесто употребуван предлог во македонскиот јазик е „на“.

Значења на предлозите[уреди | уреди извор]

Преку согледување на поврзаноста на предлозите со именките се откриваат нивните значења. Значењата на предлозите ја добиваат својата полна содржина и определеност кога се во состав со именка. Така на пример, со предлогот „на“ се побудува претставата за место „врз нешто“, но само во поврзаност со именката се открива сета разностраност на неговите значења што одат сè до сведувањето на овој предлог до обичен знак за дативен предмет, каде тој е лишан од секакво свое посебно значење.[2]

пр. Му реков на човекот.

Видови предлози[уреди | уреди извор]

Во македонскиот јазик опстојуваат следните предлози: без, во, в, врз, до, за, зад, заради, искрај, крај, кај (каде), како, кон, крај, меѓу, место, на, над, накај, накрај, наместо, наспроти, насред, низ, од, одавде, оданде, отаде, околу, освен, откај, по, под, покрај, помеѓу, поради, посред, потем, пред, през[1], преку, при, против, сред(е), според, спроти(в), спрема, со, сосе и у[2][3].

Некои од овие предлози се прости, а некои сложени. Конески тврди дека прилогот „после“ може да има прилошка служба (пр. после мене, после тебе, итн.), но таа употреба треба да се избегнува, бидејќи наместо него се употребува предлогот „по“ (пр. по мене, по тебе, итн.). Истото го тврди и за прилогот „ширум“ (пр. ширум сета земај > по сета земја). Истото важи и за прилогот „след“.[4]

„Без“[уреди | уреди извор]

Предлогот „без“ се користи за да се означи недостаток на нешто (пр. без пари, без нозе, без вода и сл.). Овој прилог може да има и сврзничка служба, поточно во составот на „без да“ (пр. без да му мисли многу).[5]

„Во“ и „в“[уреди | уреди извор]

Предлогот „во“ или „в“ се користи да се означи дека нешто се наоѓа внатре во некоја средина (пр. Живеам во Македонија.). Овој предлог добива посебно значење, тесно сврзано со основното, кога се посочува некој дел од телото особена одлика (пр. Погледни каков е во нозете.). Овој предлог не се користи само со именки кои имаат материјално значење, но и со именки кои имаат апстрактно значење (пр. Во трговијата, конкуренцијата има клучна улога.), меѓу кои и употреба за временска средина (пр. Јас работам во сабота.).Дополнително на ова, овој предлог се користи со глаголски именки за да се искаже извесна опфатност на глаголското дејство (пр. Во работењето е успехот.). [6]

Овој предлог има две фонетски форми, „во“ и „в“. Денес најмногу се користи формата „во“.

  1. формата „в“ се употребува пред нечленувани именки, до колку тие не почнуваат со 'в', 'ф', и до колку логички не истакнува средината што ја означуваат. (пр. Тој го боцна детето в грб.)[7]
  2. формата „во“ се употребува пред нечленувани именки ако се сака да се истакне средината во која се врши дејството (пр. Јас сум живеел во град.) Пред именките кои почнуваат на 'в' или 'ф' се користи само фомата „во“, а акцентот се користи за истакнување или неистакнување на средината. Исто така, само формата „во“ се користи при членувани именки (пр. Во рацете држам балон.).[8]

Кога предлогот „во/в“ се употребува пред деновите од седмицата, тогаш се разликуваат три форми: во + членувана именка, в + нечленувана именка и во + нечленувана именка. [9]

  1. Кога предлогот „во“ се употребува пред членуваното име на денот, тогаш тоа означува дека тој ден е минат (пр. Бевме во Скопје во саботата.).
  2. Кога предлогот „в“ се употребува пред нечленуваното име на денот, тогаш тоа го означува првиот таков ден што следува. (пр. Ние работиме в среда.) Предлогот „в“ кога е пред „вторник“ се изговара како едно 'в'.
  3. Кога предлогот „во“ се употребува пред нечленуваното име на денот, тогаш се означува дека нештото обично се случува на тој одреден ден (пр. Ние имаме вежби во среда и во петок.)

„Врз“[уреди | уреди извор]

Предлогот „врз“ се употребува поретко, и тоа истовремено со предлогот „на“ со пространствено значење т.е. „озгора на нешто“ (пр. рака врз рака > рака на рака).[10]

„До“[уреди | уреди извор]

Предлогот „до“ се користи за пространствено значење и истото има две нијанси:[11]

  1. еден предмет се наоѓа до некој друг (пр. куќата до продавницата)
  2. нешто допира или достига до извесен предмет (пр. Тој влезе до вратата.)

Овој предлог се користи и да се искаже достигнување до извесен временски момент (пр. до полноќ). Овој предлог стапува во тесна врска со прилогот „близу“ (пр. близу до една река).[12]

„За“[уреди | уреди извор]

Овој предлог често се користи да се означи дека нешто се фаќа или држи на нешто (пр. Тој се држи за рачката.). Покрај тоа, овој предлог се користи и за последување, слично како предлогот „по“ (пр. ден за ден). Предлогот се користи да се искаже измереност (пр. за еден ден), искажување размена (пр. заб за заб), искажување сличност или разлика при споредување на голема (пр. Тој е за 5 см повисок од неа.), искажување упатеност (пр. оди за Пехчево), искажување за кого се зборува или пишува (пр. Тој пишува за Димитар Миладинов.), како и искажување намена, цел или причина (пр. материјал за фустан, дошол за тепање). Тесно поврзано со последната употреба на предлогот е неговата комбинација со „како“, а понекогаш и предлогот „за“ може да биде сосема заменет од „како“ (пр. Беше сметан како за претседател. > Беше сметан како претседател.) На крај, предлотот „за“ може да се употреби да се искаже чувствен однос кон некого (пр. За жал се случи немил настан.). Предлото може да влезе во сврзнички споеви „за да“ и „за дека“ (пр. Тој ја отвори вратата за да види кој има внатре. Така стори, за дека инаку не можеше.)[13]

„Зад“[уреди | уреди извор]

Предлогот „зад“ скоро секогаш се користи за искажување пространствено значење, односно искажување дека еден предмет се наоѓа позади некој друг предмет (пр. Тој стоеше зад вратата.). Понекогаш предлогот се користи и со временско значење (пр. зад Божиќ).[14]

„Заради“[уреди | уреди извор]

Овој предлог се користи да се искаже причинско или целно значење (пр. Заради тебе не победивме на натпреварот.).[15]

„Кај/каде“[уреди | уреди извор]

Предлогот „кај“ се користи за искажување на пространствено значење (пр. Јас сум кај Стојана. Одам кај чешмата.) Предлогот исто така се користи за искажување временска или бројна приближност (пр. кај среда, кај петтиот). Сложени форми, комбинации, изведни од „кај“ се: „докај“, „накај“ и „откај“. Сите овие се користат за пространствено, временско и бројно значење, но и како прашални прилози (пр. откај Атанасовден, од кај доаѓаш, итн.).[16]

Формата „каде“ поретко се сретнува во македонскиот јазик (пр. Каде нас нема дожд.)

„Како“[уреди | уреди извор]

Предлогот „како“ се користи за споредување (пр. Тој е ист како татко му.).[17]

„Кон“[уреди | уреди извор]

Предлогот „кон“ се употребува за пространствено и показно значење, исто како предлозите „кај“ и „накај“ (пр. Оди кон реката!). Исто така овој предлог се користи со исто значење како „спрема“ (пр. долгот кон народот).[18]

„Крај“[уреди | уреди извор]

Предлогот „крај“ се користи со пространствено значење (пр. крај селото). Овој предлог се користи да се создадат сложените предлози „искрај“, „накрај“ и „покрај“. Предлогот „искрај“ поретко се користи и искажува дека нешто е сосема блуску со нешто, на самиот крај (пр. Помина искрај селото.). Со исто значење се користи „накрај“ и овој предлог почесто се сретнува. Предлогот „покрај“ е синоним на „крај“ (пр. покрај селото), но се користи и да се искаже приближно значење како што се „освен“ и „наспроти“ (пр. Покрај тоа, ти не беше таму.).[19]

„Меѓу“[уреди | уреди извор]

Предлогот „меѓу“ се користи со пространствено значење, поточно да означи дека нешто е во просторот што ги дели две нешта или во средината на повеќе предмети (пр. Меѓу Струга и Дебар се наоѓа селото Вевчани. Оди надвор, измешај се меѓу народот.). Слично на оваа употреа е и временската (пр. Меѓу Божиќ и Водици е Стара Нова Година). Понатака, предлогот се користи да се искаже споредба (пр. Нема ништо заедничко меѓу мене и тебе.) и заемен однос (пр. Се искараа меѓу себе.). Со истите значења на „меѓу“ се користи и сложениот предлог „помеѓу“, за кој Конески го означил како поредок.[20]

„Место“[уреди | уреди извор]

Предлогот „место“ се користи за да се покаже заменување (пр. Ти си вработен место неа.). Предлогот „место“ се наоѓа во составот на сложениот предлог „наместо“, кој има иста употреба со „место“.[21]

„Над“[уреди | уреди извор]

Овој предлог се користи со пространствено значење, поточно дека некој предмет е на повисоко место од некој друг (пр. Орли летаа над нас.). Предлогот се користи и со преносни значења за надминување или превишување (пр. јунак над јунаците).[22]

Користена литература[уреди | уреди извор]

  1. ^ Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова (уред.). Општа граматика на македонскиот јазик. Скопје: АД Просветно Дело. ISBN 978-9989-0-0662-7 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. ^ Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). Македонски јазик за средно образование. Скопје: Просветно Дело АД.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. ^ Friedman, Victor (2001). Macedonian grammar (англиски). SEE LRC, USA.
  4. ^ Lunt, Horace (1952). Grammar of the Macedonian literary language (англиски). Skopje.
  5. ^ Конески, Блаже (1967). Граматика на македонскиот литературен јазик. I и II. Скопје: Култура.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Предлогот „през“ на дијалектно ниво се сретнува како замена за „пред“.
  2. Предлогот „у“ на дијалектно ниво се сретнува како замена за „во“. Како предлог за место скоро и да не постои во македонскиот јазик, освен кај некои дијалекти.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]