Именки во македонскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Во македонскиот јазик, именките се зборови со кои се означуваат суштества, предмети, појави и поими. По традиција, именките се делат на општи и сопствени.

Определеност и неопределеност[уреди]

Членот во македонскиот јазик е постпозитивен, т.е. доаѓа како наставка на именката. Членовите во македонскиот јазик се само определени, односно нема неопределен член во македонскиот јазик. Карактеристично само за македонскиот јазик е тоа што има три форми на определен член, единствен словенски јазик со три определени члена. Определениот член има број и род.

  • Членот -ов, -ва, во итн. служи за укажување на предмети блиски до говорителот: човеков (овој овде)
  • Членот -он итн. - за укажување на пооддалечени предмети, но во опсегот на нашите сетила: човекон (оној онаму)
  • Членот -от итн. иде најчесто во служба на општо определување, без однос спрема неговата пространствена позиција, но ќе се рече: на ти ја книгава (оваа до мене), дај ми ја книгана (онаа што ја гледаме двајцата малце понастрана); и од друга страна: дај ми ја книгата (таа што е до тебе, таа што ја држиш) (членот -от изразува и пространствено определување во случај кога се зборува за предмет што се наоѓа во дофатот на второто лице).

Само определени се сопствените именки и тие не се членуваат (Петре, Скопје, Вардар итн.), но: Совчето, Марето, Надето (нијанса на интимност); Вардарот.

машки род
еднина
машки род
множина
женски род
еднина
женски род
множина
среден род
еднина
среден род
множина
определеност - от - те - та - те - то - та
блиску - ов - ве - ва - ве - во - ва
далеку - он - не - на - не - но - на

Примери:

  • Јас го видов човекот. (именката „човек“ е позната за говорителот и слушателот и поради тоа се користи член за определеност.)
  • Јас го видов човекон. (именката „човек“ е подалеку од говорителот и слушателот и се користи член за подалеку, што со други зборови е исто со „оној човек“)
  • Јас го видов човеков. (именката „човек“ е поблиску до говорителот и слушателот и се користи член за поблиску, што со други зборови е исто со „овој човек“)

Формите на именките[уреди]

Машки род[уреди]

  • на согласка: стол, леб, рид;
  • на самогласка -а: слуга, судија;
  • на самогласка -о: татко, дедо;
  • на самогласка -е: вујче, Јане, Миле

Вокатив (форма за повикување) се образува од општата форма на именката со наставка -у или-е: мажу, ќелешу, коњу, крају итн.; бику, волку, смоку, човекучовече), јунакујуначе), но: боже, друже, оче; господине, пријателе, мајсторе (кај повеќесложните именки); од именката господ: господи, покрај господе.

Машки и роднински имиња:

  • на согласка: Стојан;
  • на -е: Јане;
  • на -о: Велко,
  • на -а: Коста,
  • на -и: Методи (во народниот јазик обично Методија).

Примери: Зборував со Стојана, со Петрета, со Велка; Го видов Стојана итн.

Множински форми како: Петревци, Велковци итн.

Роднински имиња:

  • на согласка: брат, братучед, девер, зет, маж, син, свекор;
  • на -е: вујче, тате, чиче, брате. Тие именки се деминутивни образувања со силен израз на интимност;
  • на -о: вујко, дедо, стрико, татко, чичко
  • на -а: шура

Форми на множината: Избројана множина: три дена, неколку дена; два петла; два кладенца итн.

Обична множина: Македонец - Македонци; граѓанин - граѓани, селанец - селани, скопјанец - скопјани, но Германец - Германци; Турчин - Турци; старец - старци; театар - театри; Грк - Грци; ден - дни, денови; смок - смоци, смокови; крст - крстови; леб - лебови; нож - ножеви; крај - краеви, но: кеј - кејови; крал - кралеви и кралови; зет - зетеви и зетови; меч - мечови; ветар - ветрови; оган - огневи и огнови;

Збирна множина: дол - долишта; крај - краишта; роб - робје; кол - колје; друм - друмје; камен - камење, камења; ремен - ремење, ремења итн.; град - градје; рид - ридје; пат - патје; паќе (=патови).

Женски род[уреди]

Вокатив

  1. Кај тросложните и повеќесложните именки на -ица: Горице, мајчице, но и: лисицо, биволицо, кукавицо;
  2. Кај личните имиња на -ка: Ратке; Босилке; Василке, но и: Велико, Љубико итн.
  3. Имињата на -ја: Марија - Марије, Маријо;
  4. сваќа - сваќе; попаѓа - попаѓе
  5. Сите други именки на -а образуваат вокатив само на наставка -о: душо, жено, Ангелино итн.; кума-лисо

Губењето на вокативната форма е покарактеристично за именките од машки род на -а (војвода), но и кај именките од женски род (Емилија, Мимоза, Лиза; Вера место Веро).

Форми на множината:

  • Обична множина: на -и: жена - жени; ноќ - ноќи; Особени форми: раце, нозе;
  • Збирна множина: вода - водје, воѓе; ливада - ливадје, ливаѓе итн.

Среден род[уреди]

  1. на -о: село, вретено;
  2. на -е: поле, лице, лозје.

Формите за множина: на -а: села, лета, вретена;

  • Посебни форми: рамо - рамена; око - очи; уво - уши; небо - небеса (неба); чудо - чудеса (чуда);
  • Збирна множина: крило - крила, крилје;

Образување на множината од именките на -е: на -је, -ие, -це: множина на -а: лозје - лозја, влијание - влијанија, лице - лица; сите други именки на -е во множината ја добиваат наставката -иња: пиле - пилиња; име - имиња; море - мориња; дете - деца, дечиња.

Користена литература[уреди]

  1.   Бојковска, Стојка; Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски (декември 2008). Саветка Димитрова. уред. „Општа граматика на македонскиот јазик“. Скопје: АД Просветно Дело. ISBN 978-9989-0-0662-7. 
  2.  Стојка Бојковска, Димитар Пандев, Лилјана Минова - Ѓуркова, Живко Цветковски (2001). „Македонски јазик за средно образование“. Скопје: Просветно Дело АД. 
  3.  Friedman, Victor (2001) (на англиски). „Macedonian grammar“. SEE LRC, USA. 
  4.   Lunt, Horace (1952) (на англиски). „Grammar of the Macedonian literary language“. Skopje. 
  5.  Конески, Блаже (1967). „Граматика на македонскиот литературен јазик“. I и II. Скопје: Култура. 

Поврзано[уреди]