Историја на парите во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сребрен статер на кралот Аминта III
Монета на кралот Филип III Аридеј, 323-17 п.н.е.

Историја на парите во Македонија е преглед на мошне долг временски период на постоењето на парите како платежно средство, од монетоковањата на македонските родовски заедници векови пред нашата ера, па сè до денешниот македонски денар како валута на Република Македонија.

Монетите на македонските заедници[уреди | уреди извор]

Почетокот на монетоковањето на територијата на Македонија датира од крајот на VI п.н.е, кога пајонските заедници почнале да ги издават своите сребрени монети само еден век подоцна од појавата на монетите во светот. Во текот на VI век п.н.е. меѓу заедниците кои ја населувале оваа територија се издигале владетели коишто, по примерот на малоазиските владетели, почнале да издаваат свои пари, сребрени парчиња со стандардизирана тежина на кои биле втиснати претстави карактеристични за нивната заедница. Во почетокот, парите биле користени за купување мир, т.е за плаќање данок на Персијците и за трговија.[1]

На крајот од VI век и во текот на V век п.н.е. племињата кои ги населувале регионите на Пајонија, Македонија и Тракија влегле во своевидна монетарна унија, па нивните пари биле ковани со ист тежински стандард, имале исти номинали и иконографија која е блиска, но сепак со белег на посебност, а била поврзана со нивната религија и со секојдневниот живот. Парите што биле ковани пред 480 г. п.н.е. содржат претстави само на аверсната(предната) страна, додека на реверсот(задната страна) е втиснат инкузен квадрат, отпечаток што настанал во самиот процес на нивната изработка. Поголемите номинали најчесто содржат композиции на човек и говедо. Кај деронските и лајајските примероци е прикажано некое локално божество или можеби самиот владетел во кола влечена од говедо. Сонцето, шлемот или растителниот мотив коишто често се дел од аверсната композиција можно е да претставуваат своевидни ковнички знаци. Македонските племенски заедници биле во тесна врска со пајонските, па некогаш и тешко се разграничуваат едни со други. Меѓу обединувачките претстави кои се јавуваат на монетите е сонцето, кое подоцна ќе прерасне во препознатлив симбол на македонската кралска куќа на Аргеадите.[2]

Монетите на пајонските владетели[уреди | уреди извор]

Во НБРМ се чуваат 180 монети кои биле ковани од пајонските владетели, меѓу кои има исклучително ретки и уникатни примероци. Еден таков примерок е диаболот на пајонскиот владетел Тевтај, за кој нема потврда во пишаните извори и единствено оваа монета го потврдува неговото постоење. Покрај Тевтај, уште пет владетели се посведочени единствено преку монети определени како пајонски кнежества и паралелно со познатата пајонска кралска династија која е потврдена во историските извори.

Монета на Тевтај-
Монети на Ликеј

Ликеј (с.359/6 – с.340/35 г. пр.н.е) е првиот пајонски владетел кој ковал свои пари, тетрадрахми, драхми и тетроболи. Мотивите на неговите пари асоцираат на поврзаност со македонската кралска куќа (Зевс, борбата на Херакле со немејскиот лав), а аверсната претстава на Аполон, дел од неговите тетрадрахми ги поврзува со ковниците во Олинт Дамастиј.

Во времето на следниот пајонски крал Патрај (340/35-315 г.пр.н.е) продолжило ковањето на истите номиналии, тетрадрахми, драхми и тетраболи според пајонскиот тежински стандард. Аверсниот тип со претстава на Аполон на аверсната страна на тетрахмите исто така бил задржан од претходниот владетел. На неговите тетрадрахми се познати два типа на реверсни претстави, едната е со глава на коњ, а на другата има претстава на коњаник кој прободува паднат непријател. Особено е интересна аверсната претстава на неговите драхми и тетраболи каде што е претставен млад маж со тенија на главата, за кој се смета дека е портрет на самиот владетел.

Монети на македонските владетели[уреди | уреди извор]

Историјата на македонското кралско ковништво започнува со Александар I Филхелен (498-454 г.пр.н.е). Имено, по повлекувањето на Персијците, околу 480 г. п.н.е. започнало политичкото анектирање на областите Крестонија, Бизалтија и Мигдонија кон Македонија. Во регионот што го населувале Бизалтите се наоѓала планината Дисорон позната по своите богати рудници од кои, според Херодот, Александар I добивал по еден талант сребро дневно(околу 26 кг). Пред 480 г. п.н.е., заедницата на Бизалтите издавала свои монети чии претстави останале исти со нивното влегување во Македонското Кралство,

Македонска тетрадрахма

така што практично овие монети, на чија реверсна страна било додадено името на Александар, претставувале негови први парични изданија.

Покрај поголемите номинали, во периодот помеѓу 476/75 и 460 г.пр.н.е Александар емитувал октооболи и тетроболи, обележани со буквите А и Н. Овој македонски паричен систем бил заснован врз феникискиот тежински стандард, односно бил негова редуцирана варијанта.

За време на своето владеење Пердика II водел мудра и флексибилна политика и склучувал сојузи во зависност од политичката ситуација, со што успеал да го зачува територијалниот интегритет на неговото кралство. Ковал само сребрени монети со помали номинални вредности – тешки и лесни тетраболи, диоболи и оболи можеби заради недостатокот од сребро со кој се соочувал, но и заради потребата од поголема монетаризација на неговата економија. Неговите тетроболи и диоболи имаат иста иконографија како монетите на неговиот татко, но на оболите на Пердика II за првпат бил претставен Херакле, митскиот предок на Македонците.

Наследникот на Пердика II, кралот Архелај (413-399 г.пр.н.е) ја претворил Македонија во значајна економска сила во поширокиот регион. Во историјата е запаметен како голем градител и реформатор кој, меѓу другото ја преселил македонската престолнина од Ајга во Пела и организирал македонски олимписки игри во Дион, бидејќи на варварите им било забрането учество на хеленските олимписки игри. Во однос на неговата монетарна политика, Архелај останал забележан заради реформата со која бил променет дотогашниот тежински стандард, односно за основа на паричниот систем бил прифатен т.н. лидиско персиски стандард, но со локални карактеристики. Покрај тоа, повторно биле воведени големи номинали во сребро коишто требало да ги задоволат потребите на надворешната трговија. За потребите на локалниот пазар биле ковани поситни сребрени номинали, како и бронзени пари коишто за првпат биле воведени во употреба во 400 г. п.н.е. Се чини дека иконографијата на парите ја отсликува потребата на Архелај да го истакне своето аргеадско потекло.

Статер

Очигледноста на оваа намера е забележлива преку изразеното присуство на претставата на Херакле, како и претставата на волкот што требало да алудира на легендата за основањето на градот Арг.

Во времето на Филип II Македонски, Македонија станала најмоќна држава. По неговото доаѓање на власт започнало ковањето на Филиповите сребрени пари во Пела. Со монетарната реформа којашто била спроведена во 345 г.п.н.е. Филип II првпат во монетарната историја на Македонија вовел златна номинала. Златниот статер бил кован во истите ковници во кои биле произведувани сребрените пари, а заради флексибилност на монетарниот систем биле издавани и неговите фракции: ½, ¼, 1/8 и 1/12 од статерот. За статерите бил користен атичкиот тежински стандард, додека за тертадрахмите локалниот македонски тежински стандард. Паричниот систем на Филип II бил триметален, па покрај статерите и тетрадрахмите во Пела и Амфилон веројатно биле ковани и неговите бронзени пари. Сите тие продолжиле да бидат ковани во негово име долго време по неговата смрт.

По смртта на Филип II, на престолот дошол неговиот син Александар III Македонски еден од најголемите и најхаризматичните војсководители во историјата на човештвото. Во текот на своето владеење успеал да ја прошири територијата на Македонија од Египет до Индија и на тој огромен простор во циркулација биле неговите златни, сребрени и бронзени пари кои се ковале во триесетина ковници низ целата империја. Моќта на Александар Македонски, како и високата чистота на металот од кој биле ковани неговите пари условиле овие монети да станат општоприфатено меѓународно платежно средство. Паричниот систем на Македонската Империја во овој период се засновал врз атичкиот систем. Златни деноминации биле дистатер, статер, ½, ¼ и 1/8 статер, а сребрени биле декадрахми, тетрадрахми, дидрахми, драхми, половина драхма, диобол, обол и половина обол а било интензивирано и ковањето бронзени монети. На аверсната страна на неговите тетрадрахми е претставен Херакле, а на реверсот врховниот бог, за кој е прифатено дека го претставува Зевс.[3]

Римски монети[уреди | уреди извор]

По поразот на македонците во 168 година пр.н.е, државата била ставена под римски протекторат и поделена на четири области. Рудниците од кои се добивала златна и сребрена руда биле затворени и со таа мерка монетоковањето било значително редуцирано. Монетите кои биле емитувани во име на градовите претставуваат вообичаен тип на римското провинциско монетоковање. Тие најчесто биле ковани во бронза и се употребувале локално па на територијата на Македонија меѓу I и III век во циркулација биле монетите на градовите од провинцијата Македонија, Амфипол, Бероја, Едеса, Тесалоника, муникипиумот Стоби, колониите Касандреја, Дион, Пела и Филипини. Меѓу мноштвото градови кои во римскиот империјален период добиле дозвола да издаваат пари на територијата на Македонија денес се наоѓа единствено Стоби. Во римскиот период, Стоби бил најголем град во провинцијата Македонија Салутарис и во него постоела римска заедница за чие значење зборува и добивањето муникипијален статус во 69 г. Овој статус му овозможил на градот ковање сопствени бронзени монети коешто започнало на крајот на I век и траело до 217 г.

Римски денари[уреди | уреди извор]

Лесен тетробол

Со паѓањето на Македонија под власт на Римјаните покрај провинциските монети во првата половина на I век п.н.е. во циркулацијата на територијата на Република Македонија влегол и римскиот денар. Денарот е сребрена монета која Римската Република била воведена во оптек околу 211 г. п.н.е. Името потекнува од лат. Deni (по десет), што ја означувало неговата првобитна вредност од 10 аса, која на дел од денарите е означена со ознака Х. Според оваа номинала е именувана и денешната македонска валута. Во републиканскиот период, монетите биле ковани во името на монетарните магистрати. На аверсот најчесто е претставена Рома, а на реверсот сцени од римската митологија, историја како и прикази на значајни политички и воени настани.

Една од најтемелните монетарни реформи во историјата била спроведена од страна на Диоклетијан. Со реформата била коригирана тежината на ауреусот, а биле воведени сребрен аргентеј и фолис или нумус, бронзена монета со сребрена навлака. Во 301 година бил донесен Едикт за цените со кој се утврдувале максималните цени на определени стоки, а непридржувањето до него повлекувало ригорозни санкции. Во 309 година Константин I повторно спровел монетарна реформа со која било воведена нова златна номинала – солид и неговата фракција семис. Околу 324 година биле воведени и две нови сребрени парични единици, милиаренс и силикава.[4]

Византиски монети[уреди | уреди извор]

Акант

Почетокот на византиската нумизматика најчесто се поврзува со монетарната реформа на Анастасиј I со која биле воведени нови бакарни пари додека златното ковање останало непроменето, па во оптек биле златните солиди, семиси и тремизи. Покрај драстичното зголемување на тежината во однос на доцноримските монети, новите бакарни пари добиле и ознака за вредност според хеленскиот нумерички систем која била забележана на нивната реверсна страна. Со М (40 нумии) бил обележуван фолисот, со К (20 нумии) полуфолисот и со I (10 нумии) деканумијата. Со реформата од 512 година двојно била зголемена тежината на бакарните монети а била додадена и нова номинала, 5 нумии обележана со Е. Парите биле ковани во четири ковници: Константинопол, Тесалоника, Антиохија и Никомедија. Од VIII век до почетокот на ХI век монетоковањето било поедноставно со елиминирање на сите фракции и се состоело од три номиналии ковани во три метали. Во втората половина на ХI век циркулацијата на пари на територијата на Македонија била зголемена, а една од причините била фискалната реформа во 1042 година со која данокот во натура бил заменет со данок на пари. Покрај тоа, зголемената монетаризација може да се објасни и со распаѓањето на Самуиловата држава и потпаѓањето на македонската територија под византиска контрола како и со инфлациските процеси кои во овој период зеле замав.[5]

Венецијански грошеви и српски динари[уреди | уреди извор]

Венецијанскиот грош кој бил воведен во времето на дуждот Енрико Дандоло со својата стабилна тежина од 2,17 грама и непроменливата чистота на среброто од 98,5 % станал доминантно платежно средство во трговијата. Карванската трговија која се одвивала помеѓу Венеција и внатрешноста на Балканот била главна причина за циркулација на венецијанските грошеви на територијата на Македонија, паралелно со византискиот монетарен систем. Нивното присуство започнало набрзо по воведувањето и со различен интензитет продолжило се до потпаѓањето на овие области под османлиска власт. Во втората половина од ХIII век, паралелно со венецијанските грошеви, во Македонија циркулирале динарите на српските владетели. Српската средновековна држава почнала да емитува свои пари во времето на кралот Радослав, но дури по освојувањето на северниот дел од Македонија од страна на Милутин, во 1282 година, тие станале доминантна парична единица на овие простори. Српските динари во почетокот ги имитирале венецијанските грошеви, а од првата половина на ХIV век, динарите добиле чисто византиска иконографија. Покрај овие промени, и инскрипциите од латински се смениле во кирилски. Во Скопје бил донесен Душановиот законик и со овој законик било регулирано и правото на издавање на пари со што на златарите им се забранувало да коваат пари на други места, освен во градовите во кои се наоѓа царската ковница.

,,Ако се пронајде златар во градот кој кова пари тајно, златарот да се изгори, а градот да плати глоба.

Монетите на самостојните владетели во Македонија[уреди | уреди извор]

По распаѓањето на српската средновековна држава, на територијата на Македонија биле формирани неколку кралства и благороднички поседи чии владетели ковале свои пари. Познато е дека една од ковниците на кралот Волкашин се наоѓала во Призрен, но сигурно дека ковањето било организирано и во Македонија. Со исклучок на најраниот совладетелски тип на Волкашин, аверсот на преостанатите негови динари како и монетите на другите владетели во Македонија содржи четириреден натпис, додека на реверсот е претставен Исус Христос.

Отомански монети[уреди | уреди извор]

До крајот на 19 век врз територијата на Македонија била воспоставена отоманската власт а со тоа влегле во циркулација парите на отоманскиот монетарен систем. Низ целата територија биле отворени повеќе ковници кои требало да ги задоволат нејзините економски и фискални потреби. Во тоа време, на пазарот циркулирале златните алтани, сребрени акчи и бакарни мангири.

Македонски денар[уреди | уреди извор]

Монетарното осамостојување е процес на прецизирање на државниот суверенитет во областа на монетарните финансии, тука вклучувајќи и создавање на национална валута. Тоа се вршело во најголема тајност веднаш по прогласувањето на независноста и донесувањето на Уставот. Прогласувањето се случило на 26 април 1992 година, кога првиот премиер на нашата држава, Никола Кљусев од говорницата на парламентот ги презентирал првите пари. Името на македонскиот денар води потекло од римскиот збор „денариус“, збор изведен од дени – што значи „по десет“. Најпрвин, во 1991 година биле воведени вредносни бонови печатени во печатницата „11 Октомври“ од Прилеп. Тие требале да послужат како привремено платежно средство. На 29 април 1993 година, југословенските динари официјално престанале да важат како платежно средство во Македонија. Дизајнот на првата емисија на книжни пари било дело на графичкиот уметник Борче Николоски, а банкнотите носеле ликовни решенија од македонската историја. Подвалутата на денарот е наречена „дени“ и претставува еден стоти дел од денарот. Во моментот, во оптек во Македонија се монети од 50 дени, 1, 2, 5, 10 и 50 денари и банкноти од 10, 50, 100, 500, 1000 и 5000 денари.[6]

Народната банка на Република Македонија го има ексклузивното право на печатење и издавање на нашата валута. Монетите се коваат во ковачницата „Сувенир“ во Самоков, а банкнотите од 10, 50 и 100 денари се печатат во Македонија, додека деноминациите од 500, 1000 и 5000 денари од 1996 година се печатени во една лондонска печатница. НБРМ постојано издава јубилејни монети, како златен, сребрен, бакарен денар, во апоени од 1, 2, 5, 10, 60 и 100 денари, со што се одбележани важни историски настани и личности. Ретка појава во оптек се монетите од 50 дени. Тие се помали од оние од 1 денар, со слична боја и првото нивно издание од 1993 година го вклучувало и стилизираното 16-крако сонце и претстава на галеб во лет.


Печатењето на банкнотите трае од четири до шест месеци. При изработката на десетденарката на хартијата се нанесуваат 12 слоја бои. Во банкнотата се вградени 10 заштитни елементи. Температурата во просторијата во која се печатат парите мора да изнесува 18 степени, притисокот да биде 989 хектопаскали, а влажноста на воздухот не смее да биде повисока ниту пониска од 55 проценти. На крајот секоја банкнота мора да издржи двочасовно вриење на 90 Целзиусови степени во машина за перење, односно не смее да претрпи никакви оштетувања. Таа не смее да се скине и по 5 000 превиткувања, а предвидено е во промет да издржи 5-7 години. Од средствата за заштита банкнотите содржат воден жиг, дел што ги менува боите во зависност од аголот под кој се гледа, и таканаречен двоен пасер, предмет поделен на два дела, кој кога се гледа во правец на светлината прави целина. Третата страна на банкнотата служи за заштита и ја гледаат малкумина. Сегашното издание на македонски банкноти е пуштено во оптек на 8 септември 1996 година и се состои од книжни пари, што се дело на ликовниот уметник Билјана Унковска. Банкнотите носат ликовни решенија што го изразуваат богатото културно-историско наследство на Република Македонија. Издадени се и две сувенир-банкноти – „личникот“ (создаден од вевчанци) и „македонката“ (на која е прикажана Белата кула во Солун).[7]

Наводи[уреди | уреди извор]