Тетовирање (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
„Тетовирање“
Тетовирање.jpg
плакат од филмот
РежисерСтоле Попов
СценаристМирко Ковач
НастапуваатСтоле Аранѓеловиќ
Мето Јовановски
Љиљана Меѓеши
Јовица Михајловски
Кирил Поп-Христов
Светозар Цветковиќ
Зоран Цвијановиќ
Александар Чамински
Данчо Чевревски
ЖанрДрама
МузикаЉупчо Константинов
МонтажаВангел Чемчев - Лаки
ДистрибутерВардар филм, МРТ
Премиера1991
Времетраење128 мин
ДржаваМакедонија Македонија
ЈазикМакедонски

Тетовирање е македонски филм( во жанрот драма) од 1991 година, режиран од Столе Попов, со Столе Аранѓеловиќ, Мето Јовановски, Љиљана Меѓеши, Јовица Михајловски, Кирил Поп-Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Александар Чамински и Данчо Чевревски во главните улоги.[1] За овој филм, Столе Попов бил награден со наградата „Златна мимоза“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови во 1991 година, во категоријата за најдобра режија.[1] Неофицијално, Тетовирање е и првиот македонски филм понуден за номинација за престижната филмска награда Оскар, но не бил прифатен од Академијата.[2] [3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива во летото 1989 година и го следи животот на работникот Илија (Мето Јовановски), кој по низа апсурдни настани, иако потполно невин, завршува во затвор, обвинет за убиство, а подоцна и убиен од еден специјалец.

Илија, кој и инаку, според својот нескротлив темперамент како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот - комунистичкиот режим во распад - по една караница со сопругата (Љиљана Меѓеши) го напушта домот со единственото што го поседува, празниот куфер.[1] Откако им станува сомнителен на двајца полицајци кои го забележуваат на железничката станица, завршува во Истражниот затвор, каде е подложен на „вербална и физичка тортура“ [1]. Иако малтретиран од затворските чувари и вистинските криминалци и иако дел од една истражна постапка која непрестајно се одолговечува, невиниот Илија оправдано очекува да биде ослободен од причини што, покрај својата невиност, на негова страна го има и таткото на неговата жена, кој е познат адвокат.

Во меѓувреме, по еден од судирите, борејќи се за сопствениот живот во тепачка со криминалецот Љупчо (Александар Чамински) - кој потоа, не по вина на Илија, им подлегнува на повредите - обвинет е за убиство и е упатен на издржување на затворската казна. „Со тоа, односот меѓу сопружниците добива нова, дури и побогата димензија; миговите на посети од страна на неговата сопруга му даваат на Илија сила да истрае и да се бори за ревизија на процесот.“ [1] Сепак, еден ден, Илија е вовлечен во бегството на затвореникот Змија (Јовица Михајловски) и, при тоа, убиен е од специјалец со куршум испукан во челото на сликата на Исус - истетовирана на неговите гради.

Реакции и награди[уреди | уреди извор]

Реакции[уреди | уреди извор]

„Тетовирање“ зборува за беспрекорноста на функционирањето на апсурдот, репресијата и насилството[1] и е еден од најпопуларните македонски филмови кога и да е снимени. Роберт Алаѓозовски, во својот есеј „Маргиналните слоеви и поновиот македонски филм“, дава позитивен оглед на филмот велејќи дека „стремејќи се кон една кафкијанска атмосфера и кон еден бекетовски апсурд, дејствието во филмот се интензивира и згуснува, преминувајќи час врз судбината на главниот лик час врз преостанатите, мешајќи ситуации на комични гегови, разуздан гнев и апсурдни чинови, а сето тоа надополнувајќи го со документаристичка веродостојност и издржана метафорика, при што некои ситуации се директна пародија на востоличени филмски клишеа, како што е смртта на главниот јунак“. [4] Денес, „Тетовирање“ има култен статус, а истовремено низа реплики од филмот во изминативе децении се станати дел од вокабуларот на помладите генерации[се бара извор].

Награди[уреди | уреди извор]

Филмот и екипата што учествува во неговата реализација се добитници на низа награди:[5]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 "Тетовирање". Македонски Информациски Филмски Центар. конс. 2008-09-04. 
  2. Всушност, Американската Филмска Академија објавила дека примила четири апликации од новоформираните земји - Ерменија, Хрватска, Македонија и Словенија, но дека тие не биле прифатени поради тоа што наведените земји не биле меѓународно признаени; сепак, речиси е невозможно Македонија да понудила друг филм, со оглед на тоа што во наведената година, покрај Тетовирање е снимен само уште еден филм - Љубовта на Кочо Топенчаров, документарен филм со должина од 13 минути (за потврда, посетете ја статијата од хронолошкиот преглед на МИФЦ за 1991 година).
  3. "Листа на понуди за најдобар странски филм на 64тото доделување на наградата Оскар". Wikipedia, The Free Encyclopedia. конс. 2008-15-09. 
  4. Роберт Алаѓозовски. "Маргиналните слоеви и поновиот македонски филм". Блесок. конс. 2008-15-09. 
  5. Фестивал Охридско лето/ Ohrid Summer Festival 56, стр. 50-51.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]