Прејди на содржината

Кирил Ристоски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кирил Ристоски
Роден 14 ноември 1948
Прилеп, НР Македонија, ФНРЈ
Починал 30 јуни 2011(2011-06-30) (возр. 62)
Скопје, Македонија
Националност Македонец
Народност Македонец
Познат по улогите во:
Пред дождот
Смилевскиот конгрес
Трговецот од Солун
Тетовирање
Тајната книга
Илинден
Преку езерото
Занимање глумец

Кирил Ристоски (Прилеп, 14 ноември 1948 - Скопје, 30 јуни 2011 ) — македонски глумец и универзитетски професор.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Кирил Ристоски е роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал во учебната 1976/1977 година, на отсекот за драмски глумци на Вишата музичка школа во Скопје, со просечен успех од 9, а дипломскиот труд го одбранил со оцена 10. По дипломирањето, тој една година работел во Народен театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а во 1978 година, тој се вработил во Драмата на Македонски народен театар. Во 1982 година ја започнал својата педагошка дејност како асистент по предметот глумечка игра на Факултетот за драмски уметности. Во 1988 година станал доцент и преминал од МНТ на ФДУ во редовен работен однос. Во 1993 година напредувал во вонреден професор, а во 1998 година бил избран за редовен професор, при што во 2003 година е повторно избран во истото звање. Во два мандата бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од крајот на 2009 година бил поставен за декан на ФДУ. По кратко боледување, Ристоски починал рано наутро на 30 јуни 2011 во Скопје. Погребан е на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.[1][2][3][4]

Филмографија

[уреди | уреди извор]
Година Филм Улога
1973Смилевскиот конгрес ТВ-филмВасил Чакаларов
1975Волшебното самарче ТВ-серија
1977Пресуда ТВ-филм
1979Наши години ТВ-серијаКапетанот Лопата
1980Учителот ТВ-филм
1981Црвениот коњ ТВ-филм
1981Милион маченици ТВ-филм
1982Едно лето ТВ-серија
1982Илинден ТВ-серијаДаскалот
1983Записник ТВ-филм
1983Премиера ТВ-филм
1983Црвениот коњ ТВ-филм
1984Комедијанти ТВ-серијаЏандар
1984Лет во место ТВ-филмКиро
1985На наш начин ТВ-филм
1985Јазол ТВ-филмЈанко
1985Трговецот од Солун ТВ-филмВанде
1985Бушава азбука ТВ-серија
1986Сонце на дланка ТВ-филм
1986Климент Охридски ТВ-филмКлимент
1988Тврдокорни ТВ-серија
1988Втора смена ТВ-серијаТаткото на Николче
1988Мојсие од малото место ТВ-филм
1991Македонија може ТВ-серијаЛазо
1991Тетовирање ТВ-филмУправителот
1993Крик на немиот индијанец ТВ-филм
1994Прекалени ТВ-серијаДичо
1994Пред дождот ТВ-филмТаткото на Дамјан
1994Мојата љубов ТВ-филм
1997Преку езерото ТВ-филмАндон
2000-2001Во светот на бајките ТВ-серија
2001Прашина ТВ-филм
2006Тајната книга ТВ-филмЛегионарот
2006Патување со Рабробил ТВ-филм
2006Мост ТВ-филмМанолие
2010Војната е завршена ТВ-филм
2011Епизодист ТВ-филмСудијата
2011Македонски народни приказни ТВ-серија

Театарска и филмска дејност

[уреди | уреди извор]

Кирил Ристоски остварил богата кариера во областа на театарската и филмската уметност. Во својата триесет и петгодишна глумечка дејност остварил над осумдесет улоги од светската и домашната драматургија, скоро во сите театри во Македонија, а позначајни се: Глумецот (во „Мангите пијат чај“), Марк Антониј (во „Јулиј Цезар“), Киро и Евто (во „Лет во место“), Бота (во „Среќна нова 49“), Тартиф (во „Тартиф“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), Спиро Црне (во „Спиро Црне“), Колобан (во „Колобан“), Просперо (во „Бура“), Иванов (во „Иванов“), Арсениј (во „Арсениј“), Спиро Црне (во „Летни Силјане“), Пичем (во „Просјачка опера“), Полковникот (во „Полковникот Птица“), Клавдиј (во „Хамлет“), Генералот (во „Четвртата сестра“), Рос (во „Која е Силвија“), Дон Кихот (во „Дон Кихот“), С.Т.Верховенски (во „Бесови“) и други.[5]

Тој е добитник на пет награди за глумечко остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, и тоа за улогите во претставите: „Манги пијат чај“ (1978), „Тартиф“ (1986), „Спиро Црне“ (1989), „Колобан“ (1992) и „Арсениј“ (1994). За улогата во Арсениј ја добил награда „Ристо Шишков“ во 1994 година. На неговото име се припишува и наградата на град Скопје „13 Ноември“, наградата „Глумец на годината“, како и наградата на Собранието на град Прилеп, „3 Ноември“ за животно дело..[3] Најпосле, во текот на 10 години, Ристоски бил претседател на Собранието на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.[6]

Во продолжение, Ристоски снимил над 20 тв-драми, тв-филмови и тв-серии, како и повеќе од 200 радио-драми. Богат е и неговиот филмски опус. Позначајни му се улогите во филмовите: „Пред дождот“ (во режија на Милчо Манчевски), „Црвениот коњ“, „Јазол“(во режија на Кирил Ценевски), „Тетовирање“ (во режија на Столе Попов), „Тајната книга“ и други.

На 27 декември 2013 година, во фоајето на Македонскиот народен театар била промовирана монографија за Кирил Ристоски, која содржи повеќе од 100 фотографии и текстови на 15 автори, посветени на опусот на Ристоски. Истовремено, тоа било првата книга од новата библиотека "Монографии" на МНТ. Приредувач на монографијата е театрологот Јелена Лужина.[7]

  1. „Факултет за драмски уметности - Скопје“. Архивирано од изворникот на 2018-12-17. Посетено на 2011-08-22.
  2. „Кирил Ристоски нов декан“, Вечер, бр. 14224, среда, 14 октомври 2009.
  3. 1 2 Нелковски, Нелко (5 ноември 2009). „РАЗГОВОР СО ПОВОД: КИРИЛ РИСТОСКИ, НОВ ДЕКАН НА ФДУ“. Театарска младина на Македонија. Посетено на 2011-06-30.[мртва врска]
  4. „Почина глумецот Кирил Ристоски“. Дневник. 30 јуни 2011. Архивирано од изворникот на 2011-07-02. Посетено на 2011-06-30.
  5. „Почина глумецот Кирил Ристоски“, А1 телевизија, 30 јуни 2011.
  6. „Кирил Ристоски крена раце од “Војдан Чернодрински““, Дневник, 17 декември 2006.
  7. "Промоција на монографија за Кирил Ристоски", Дневник, година XVII, број 5351, петок, 27 декември 2013, стр. 24.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]