Пред дождот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


„Пред дождот“
Before The Rain.jpg
Режисер Милчо Манчевски
Продуцент Тозија Горјан
Сценарист Милчо Манчевски
Настапуваат Катрин Картлиџ
Раде Шебреџија
Лабина Митевска
Кинематографија Теран Мануел
Времетраење 115 мин.
Држава Македонија Македонија
Јазик Македонски
Бруто заработка $763,847 (САД)

Пред дождот е македонски филм од 1994 година, режиран од Милчо Манчевски. Овој филм во 1994 година беше номиниран за филмската награда Оскар.[1] Филмското дејство на „Пред дождот“ поседува сопствена консеквентно спроведена драматуршка логика и од неа, всушност, и извира оној недвосмислен квалитет и шарм на ова остварување. Филмот е во времетрање од 119 минути и е снимен во вајдскрин техника, со звук, во боја и 35 мм.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во својата филмска нарација, филмот содржи три целини поврзани меѓу себе. Тие се насловени како „Зборови“, „Лица“ и „Слики“.

Зборови[уреди | уреди извор]

Дејството во „Зборови“ се случува во древен машки манастир некаде во Македонија. Младиот монах Кирил, заветен на молчење, во својата таванска ќелија ја наоѓа Замира, Албанка, девојка која повеќе наликува на дете. Тој не разбира албански, но нема дилема дека таа тука бара засолниште од некакво зло. Го премолчува нејзиното присуство во манастирот дури и тогаш кога вооружените селани ја бараат за да и судат за убиството на еден соселанец. Исплашен е кога тие го пребаруваат манастирот и е вистински среќен кога не ја наоѓаат. Постарите монаси го забележуваат неговиот молчалив страв. Длабоко во ноќта влегуваат во ќелијата на Кирил и ја наоѓаат девојката. Казната за монахот е заминување од манастирот. Под закрилата на ноќта, минувајќи покрај пијаната селска стража, Кирил и Замира ја напуштаат сигурноста на манастирските ѕидини. Веќе е ден, тие минуваат низ каменест планински предел. Кирил, исполнет со грижа и љубов кон девојката, и ветува сигурност некаде далеку од селото и планината. Таа не го разбира неговиот говор, но ја разбира неговата љубов. Бакнежот врз нејзиното лице и нејзините раце кои бараат спас околу неговото тело, се единствениот физички контакт меѓу нив. Но тука, веднаш до нив, се нејзините роднини и соселани. Нејзиниот дедо со строгост на племенски старешина ја враќа во реалноста. Таа се обидува да објасни дека Кирил и помогнал, дека ја спасил и дека ја сака. Дедото со својот неумолив авторитет го брка Кирил. Тој колебливо тргнува. Крикот на Замира по него го враќа. Таа трча кон него. Нејзиниот брат пука. Предрасудите не оставаат можност за поинаков крај. Кирил е покрај Замира, а таа гледајќи во него умира.

Лица[уреди | уреди извор]

во вториот дел од филмот „Пред дождот“ се случуваат во еден наполно поинаков свет, динамичен, современ, урбан Лондон. Во светски познатата фотографска агенција работи лауреатот на Пулицеровата награда, Македонецот Александар Кирков, одамна заминат од татковината. Тукушто вратен од боиштето во Босна каде што фотографирал убиство, чин кој според него го прави соучесник во трагичниот настан, Александар одлучува да се врати во Македонија. Меѓу него и Ен, младата жена која работи во истата агенција се случува страсна љубовна приказна. Александар ја повикува да замине со него. Додека Ен се бори со својата дилема дали да ја остави извесноста во која живее и да замине со Александар во непредвидлива иднина, во кафеаната каде што разговара со сопругот се случува инцидент со трагични последици. Во пресметката меѓу балканските емигранти, меѓу другите загинати е и нејзиниот сопруг.

Слики[уреди | уреди извор]

Третиот дел од филмот, се случува во Македонија. Александар се враќа дома, во родниот крај, барајќи засолниште во долго сонуваниот мир на својот роден крај и не помислувајќи дека тука се води една поинаква, но не помалку беспоштедна војна. Пределите на неговиот роден крај се исти, но односите меѓу луѓето се драстично променети. Во крајот каде што живеат два различни народа, со различни верски припадности, односите се крајно поларизирани. Меѓу нив владее недоверба, искрата на можниот судир се чувствува во воздухот. Вооружени луѓе се сретнуваат насекаде, стравот се вгнездил во душите. Роднините на Александар го примаат со радост, но и со чудење. Неговата родна куќа е руинирана. Искрен во намерите и чесен во постапките кон луѓето, Александар ги посетува пријателите во соседното албанско село, сака да ја види некогашната соученичка Хана, кон која во момчешките години негувал нежни чувства. Таа сега е вдовица и мајка на две деца, син и ќерката Замира. Сè уште неадаптиран кон атмосферата што натежнала врз луѓето, Александар се ангажира во спасувањето на Замира која е затворена во бачилото под обвинение за убиство на еден негов роднина. Тој, без страв од вооружените соселани, ја изнесува девојката од бачилото. Неговиот братучед, соочен со сопствената немоќ пред супериорноста на Александар, пука по него. Животот на Александар завршува во пределите каде што израснал и од рацете на луѓето по кои копнеел.

Улоги[уреди | уреди извор]

Актер/ка Улога
Кетрин Картлиџ Ен
Раде Шербеџија Александар
Грегоар Колен Кирил
Лабина Митевска Замира
Џеј Вилиерс Ник
Силвија Стојановска Хана
Фајлида Ло Мајката на Ен
Јосиф Јосифовски Отец Марко
Киро Ристовски Отец Дамјан
Петар Мирчевски Здраве
Љупчо Бреслиски Митре
Игор Маџиров Стојан
Илко Стефановски Бојан
Сузана Киранџиска Неда
Катерина Коцевска Кате
Владимир Ендровски Трајче
Абдурахман Шала Зекир
Владимир Јачев Алија

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

  • Златен лав за најдобар филм (Венеција, 1994)
  • Independent Spirit (САД, 1995)
  • Номинација на Американската филмска Академија за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје (1995)
  • Филм на годината во Турција, Аргентина и Шведска и повеќе од 40 меѓународни награди[2]

Види исто[уреди | уреди извор]

Портал „Филм

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Пред дождот на МИФЦ.