Росоман

Координати: 41°30′58″N 21°56′59″E / 41.51611° СГШ; 21.94972° ИГД / 41.51611; 21.94972
Од Википедија — слободната енциклопедија
Преработка од 13:58, 7 јануари 2023; направена од Иван Стефановски (разговор | придонеси) (Нови промени во статијата за Росоман)
Росоман
Росоман во рамките на Македонија
Росоман
Местоположба на Росоман во Македонија
Росоман на карта

Карта

Координати 41°30′58″N 21°56′59″E / 41.51611° СГШ; 21.94972° ИГД / 41.51611; 21.94972
Регион Предлошка:Грбови
Општина Росоман
Население 2553 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1422
Шифра на КО 11038
Надм. вис. 140 м
Мреж. место Росоман
Росоман на општинската карта

Атарот на Росоман во рамките на општината
Росоман на Ризницата

Росоман — село во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци, во јужниот дел на Македонија и седиште на истоимената општина.

Потекло на името

Се смета дека селото е наречено по истоветното лично име Росоман, кое како такво е посведочено уште од најраните записи во XV век.[2]

Народни преданија за името

За потеклото на името на Росоман постојат различни легенди. Според една, некој трговец патувал со жена му од Прилеп кон Стоби, но патем застанувал во секој ан, а жена му, со име Роса, постојано го карала за неговата неодговорност. Во тоа време, луѓето немале часовници, па затоа со себеси носеле мали петлиња, кои со своето кукурикање ги потсетувале на времето. Знаејќи за навиката на својот маж, Роса му ставила петле во торбата, но му го врзала клунот за да не може да пее. Така, човекот тргнал на пат, но петлето никако не пеело, така што тој постојано одел понатаму, без да направи одмор. Во мугрите, тој пристигнал до анот кој се наоѓал на местото на денешнито Росоман и дури тогаш забележал што му направила жената. Сфаќајќи дека бил насамарен од жена му, тој почнал да офка: Росо аман, Росо аман...Оттогаш, сите трговци, кога се договарале каде да се чекаат, на шега велеле „кај Росо аман“ и така местото го добило името Росоман.

Според друга легенда, си била една убава девојка Роса, која сакале да ја потурчат. Не сакајќи да го прифати тоа, таа се фрлила во Црна Река и според нејзиното име, местото било наречено Росоман.

Постои и трета легенда, според која, најголемиот недостаток (маана) на Росоманското поле е росата, која често ги зафаќа ливадите. Оттука, со спојување на именките роса и маана настанало името Росоман.[3]

Историја

Антика

Местото е населено уште од римско време, за што сведочат остатоците од населба во наоѓалиштето Савова Чешма недалеку од селските гробишта.

Во Отоманското Царство

За време на Отоманското Царство, во близината на Росоман се наоѓало едно од двете речни пристаништа во Македонија. Од пристаништето во Росоман се превезувале земјоделски производи до Солун, а во Росоман имало и барутарница. Пристаништето било најактивно во втората половина на XIX век, кога Росоман бил означуван како „варошица“, со полуградски тип, бидејќи во него имало чаршија со дуќани. Значењето на Росоман започнало да опаѓа со изградбата на железничката пруга од Солун до Скопје во 1873 година, а особено по 1888 година, кога била изградена пругата кон Србија. Иако со послаба активност, пристаништето функционирало до 1912 година.[3]

На крајот од XIX век Росоман било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство. Според статистиката на Васил К'нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Росоман живееле 940 Македонци муслимани и 100 Македонци христијани.[4]

На почетокот од XX век целото население на селото потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар на Бугарија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Росоман живееле 80 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Географија и местоположба

Росоман е село коешто се наоѓа во Росоманското Поле, по долното течение на Црна Река, на надморска височина од 140 метри. Низ Росоман поминува патниот правец Р-106 кој, преку Прилеп и Битола води за Охрид, а до сите населби постојат локални асфалтирани патишта кои водат за Скопје. Селото се наоѓа 14 километри северозападно од Кавадарци, 22 км западно од Неготино и 32 километри јужно од Велес.

Демографија

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Росоман живееле 1.040 жители, сите Македонци (940 муслимани и 100 православни).[4]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Росоман имало 80 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Росоман е големо село во Македонија, кое што во 1961 година имало 1.480 жители, а во 1994 година 2.489 жители, од кои 2.027 Македонци, 9 Роми, 334 Срби и 119 други.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 2.554 жители и 758 домаќинства. Следува табела на националната структура на населението:[6]

Националност Вкупно
Македонци 2.285
Албанци 0
Роми 2
Власи 0
Срби 238
Бошњаци 0
останати 29

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Росоман има 2.553 жители.

Следува табела на народносната структура на населението:

Народност Вкупно
Македонци 2.285
Албанци 2
Турци 0
Роми 21
Власи 4
Срби 169
Бошњаци 0
Други 72

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[7]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. Вкупно
1948 1.247
1953 461 3 761 241 ... 20 1.486
1961 888 14 ... ... 237 ... 341 1.480
1971 1.274 7 12 ... 351 ... 270 1.914
1981 1.777 8 337 ... 280 2.402
1991 1.944 12 245 ... 270 2.471
1994 2.027 9 334 ... 119 2.489
2002 2.285 2 238 29 2.554
2021 2.285 2 21 4 169 72 2.553

Родови

Росоман било македонско муслиманско село, сега е доминанто православно село.

Според истражувањата од 1920-1924, родови во селото:

  • Староседелци: Минтешовци (8 к.), Јусуфчевци (7 к.), Патревци (10 к.), Алималовци (6 к.), Пусуловци (8 к.), Абевци (10 к.), Нолбантиновци (12 к.), Аџијовци (15 к.), Мустабеговци (12 к.), Узуновци (15 к.), Селимовци (25 к.), Патлевци (6 к.)
  • Доселеници: Берберовци (9 к.) порано наречени Јуруковци, доселени се од јуручкиот предел, по потекло Јуруци; Хукачевци (6 к.) доселени се од Манастирец на почетокот од 19 век; Асанчевци (8 к.) доселени во 1840 година од селото Дуброво; Муаџировци (2 к.) доселени во 1878 година од Врање во Србија; Пундевци (1 к.) доселени во 1902 година од селото Долни Дисан; Дашковци-Чамевци (1 к.) доселени во 1913 година од Долни Дисан, а таму во 18 век од раселеното село Раштани.[8]

Општествени установи

  • Црква „Св. Троица“ - изградена е во 1990 година, од страна на Иницијативен одбор за градба од селото Росоман. Осветувањето на камен-темелникот го има извршено блажено упокоениот архиепископ г.г. Михаил, како надлежен митрополит во Повардарската епархија. Со помош на митрополитот повардарски г. Агатангел и неговото доаѓање се промениле престолните икони, апостолите, дверите, чиј иконописец е Златко Александарски. Со благослов и помош на митрополитот се направил владички стол во средината на црквата и мал владички стол во олтарот, а исто така, се направил престол за служење, ѓаконик и жртвеник. Олтарниот дел е фрескоживописан од страна на уметникот Светозар. Црквата „Св. Троица“ била осветена на 28 октомври 2007 год. од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта

Самоуправа и политика

Избирачко место

Во селото постојат избирачките места бр. 720, 721 и 722 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на ново основното училиште.[9]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 2.166 гласачи.[10]

Култура и спорт

  • ФК Росоман 83 - оформен е во 1983 година, а има настапувано и во 2 МФЛ (Втора македонска фудбалска лига).

Иселеништво

Муслиманите од селото се иселени во Турција.

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 152. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 Светлана Дарудова, „Пругата од Солун за Скопје го затворила пристаништето во Росоман“, Дневник, година XIX, број 5752, вторник, 28 април 2015, стр. 12.
  4. 4,0 4,1 Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.154.
  5. 5,0 5,1 Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.104-105.
  6. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  7. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
  8. . Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Раец. Белград. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  9. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  10. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.

Надворешни врски