Вија Егнација

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Вија Игнација)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
За современиот пат во Грција со вакво име, погл. Егнатија.
Вија Егнација
Kavala egnatia 2.JPG
Патот кај Кавала, Егејска Македонија
МестоДрач - Цариград
(Дирахиум - Византиум)
Видримски пат
Историја
ГрадителРимска Република, Гнеј Егнациј
РаздобјаII век пр. н.е.
Вија Егнација кај Ресен

Вија Егнација или Вија Игнација (латински: Via Egnatia - „Егнациев пат“) — римска магистрала направена околу 146 г пр.н.е. Името го носи по нејзиниот градител, Гнеј Егнациј, проконзул на Македонија. Се простирала преку Илирија, Македонија и Тракија, преку денешна Албанија, Македонија, Грција и Турција. Направена е со цел да се поврзат јадранските колонии со Византиум. Таа била и еден од 28-те римски патишта кои се простирале низ Римското Царство

Изградба[уреди | уреди извор]

Македонскиот царски пат по кои за последен пат по него во окови поминал кралот Персеј со кралското семејство, аристократијата и освоените богатства по освојувањето на Македонското Кралство од страна на Рим по Битката кај Пидна во 168 г. п.н.е. претставувало идејно и најкратко растојание за понатамошни освојувачки походи на Римската експанзија кон исток. Веднаш се превземени опсежни испитувања од страна на Римскиот сенат за негова доградба и проширувања. Патот е граден 44 години, што гледано од денешен агол и според денешните стандарди, значи експресно и во еден здив. Почетокот на градбата се поклопува со ширењето на Римското Царство кон исток и се смета дека е започната во 145 г. пр. н.е., една година по Третата македонска војна, по која Рим загосподарува со тогашна Македонија. Вија Егнација бил приоритет пред сe заради тоа што не постоеле речиси никаква комуникациска инфраструктура во освоените краишта и никаква врска со Рим, чија експанзија кон исток била незапирлива. Целиот потфат му бил доверен на проконзулот Гнеј Егнациј. Откако добил инструкции и придружба, Егнациј тргнал да ја утврди трасата. По двомесечно отсуство се вратил во Рим и на сенаторите кусо им реферирал: „Господа, таму нема никаков пат“. Кога го слушнал тоа, сенаторот Нониј му одговорил: „Таму треба да има пат, мој Егнациј“. И така и било. Таму, во балканската пустелија, започнало трасирањето на славната Вија Егнација.

Легендите, само накусо спомнати во секоја историја на цивилизациските комуникации велат дека една година Егнациј и неговите помошници ја утврдувале трасата во Македонија. Од трите маршрути, планирани на веќе постојните патишта, ниту една не била прифатена. Најкусата, преку Галичица, отпаднала поради непроодноста во поголемиот дел од годината. Станува збор за сегашниот пат Отешево - Св. Наум, кој бил направен нешто подоцна.

Дел од Вија Егнација кај Солун

Гледано според денешните стандарди, Егнациј и неговата придружба сепак го пронашле најоптималниот правец подеднакво прифатлив за градителите, но и за подоцнежните корисници. Делницата од Драч до Солун, долга 391 километар, која многумина ја сметаат за комплетна траса на Вија Егнација, била градена 18 години и се смета за најтешка во целиот потфат. Градена во тринаесет етапи, трасата главно поминувала покрај населени места, така што дури ни до денес не е утврдено името на неколку попатни станици, во турско време познати како анови или конаци. Речиси идентичната оддалеченост меѓу две постојки, укажува на фактот дека градителите ни за педа не отстапувале од утврдената маршрута.

Кога градителите пристигнале до Лихнид, Егнациј отпатувал во Рим на консултации. Конфигурација на теренот не соодветствувала на нормите што ги пропишал славниот Апиј - патот да биде најкусо растојание меѓу две локации, да е прав и погоден за движење на прочуените римски легии, кои како главен транспорт користеле коли со тркала без осовини за „фаќање“ кривини. Егнациј се вратил од Рим со наредба од правилото да се отстапува само кога нема друг излез. Од остатоците на Вија Егнација во Македонија лесно се забележува дека градителот доследно го почитувал Апиевиот „закон“.

Науката досега со сигурност не ја утврдила точната маршрута на Вија Егнација во добар дел од целата траса. На пример, делницата од Охрид до Битола има „празнини“, па како таква останува предизвик за археолозите. Според најраните карти се гледа дека Егнациј се решил за „товарната“ и подолгата, таканаречена „влашка патека“. Неа, имено, ја користеле прочуените Власи-кираџии, првите модерни балкански трговци. Повикувајќи се на византискиот историчар и хроничар Симоката, подоцнежните толкувачи на овој историски период тврдат дека во градбата, а подоцна и во вардењето на Вија Егнација, главен збор имале токму Власите.

Без оглед на тоа што славата му припаѓа на проконзулот Гнеј Егнациј, главните градители во Римското Царство биле робовите, но при градбата на Вија Егнација за прв пат биле ангажирани платени работници, најмувани од месното население во близина на трасата. Делницата од Охрид до Битола била градена во три етапи и имала и толку главни постојки. Првата, од Охрид до месноста Никеа била долга 23,6 km и заедно со втората, која завршувала на врвот Ѓавато (долга 16,2 km) се смета за најтешка на целата траса заради мноштвото удолнини, угорнини и засеци. Она што било изградено за време на летото, напролет го уривале надојдените реки и потоци, па морало одново да биде градено.

Историја[уреди | уреди извор]

Дел од Вија Егнација кај Струга

Вија Егнација била поправана и проширувана неколку пати. Таа била важна стопанска и стратешка магистрала со векови и била еден од најважните патишта во Византија, поврзувајќи ги Дирахиум (денешен Драч) на Јадранот, со Лихнид (Охрид), Солун, Перинт (подоцна Хераклеја) со Константинопол (Истанбул) на Босфор. Речиси сета копнена трговија со западна Европа во Византија се одвивала по Вија Егнација. За време на Крстоносните војни по неа поминувале војските кои потоа преминувале во Мала Азија. По Втората Крстоносна војна, контролата врз овој пат била од клучно значење за опстанокот на Латинското Царство како и за државите-следбеници на Византија како Никејското Царство и Епирското Деспотство.

Својот вистински процут Вија Егнација го доживува за време на римскиот цар Антонин Пиј (138-161), а заслугите за заокружување на тој проект им се припишуваат на неговиот претходник Хадријан (117-138) и наследникот и посинок Марко Аврелиј (161-180). Првиот, Публиј Елиј, роднина и наследник на славниот Цар Трајан ќе биде запаметен и како цезар-градител и миротворец. Речиси сето свое владеење го има посветено на изградбата на царството и на зачувувањето на мирот во нејзините тогашни граници. Впрочем, и двата негови прекари Олимписки и Ослободител се најдобар показател за каков човек станувало збор.

Неговите биографи потенцираат дека бил и цар-патник, бидејќи немало провинција во тогашното Римско Царство што не ја посетил. Токму заради тоа, за време на неговото дваесетгодишно владеење во царството биле изградени или биле започнати најпознатите римски патишта, тврдини, арени, палати.

Вија Егнација е повеќекратно важен за македонската историја, пред сè заради фактот дека директно влијаел за создавање нови градови и нивни процут во секоја смисла. Од неа започнувале или се надоврзувале речиси сите римски патишта на Балканот, така што Македонија со право се сметала за една од главните крстосници на Римското Царство. Благодарејќи на Вија Егнација, сите новитети, носени од Стамбол до Рим или обратно, поминувале тука, оставајќи материјални и други траги. Делницата на Вија Егнација низ Македонија интезивно била користена сe до Првата светска војна, за потоа да се престори во заборавен антички експонат.

Во новопојавената намера на моќниците од новиот светски поредок да ги реактивираат комуникациите на старите царства, Вија Егнација, кај нас познат како Коридор осум, има приоритет. Се разбира, носителите на идејата се потомците на старите Римјани. Имајќи ги предвид честите пресврти во правците на глобализацијата, поблиску до целта се пребогатите западни ексцентрици, кои веќе најавија „оживување“ на античките патишта.

Денешната магистрала „Егнатија“ (А2) која минува низ значаен дел од Грција е наречена по овој атнички пат поради совпаѓањето на нејзината траса со неговата.

Поважни градови по патот[уреди | уреди извор]

Ова се поважните градови кои се наоѓале на патот Вија Егнација, од запад кон исток:

Древно име Денешно име Денешна земја
Дирахиум Драч Албанија
Клавдијана Пекин Албанија
Аполонија кај с. Полјани (7 км З од Фиер) Албанија
Масио Скампа Елбасан Албанија
Лихнид Охрид Македонија
Ресен Ресен Македонија
Хераклеја Битола Македонија
Флорина Лерин Леринско, Егејска Македонија
Едеса Воден Воденско, Егејска Македонија
Пела Градиште, Постол Ениџевардарско, Егејска Македонија
Тесалоника Солун Солунско, Егејска Македонија
Пидна ЈЗ од денешна Пидна Катеринско, Егејска Македонија
Амфипол Родолиово Зихненско / Серско, Егејска Македонија
Филипи Рахче Кавалско, Егејска Македонија
Неапол Кавала Кавалско, Егејска Македонија
Трајанопол Бања Дедеагачко, Западна Тракија, Грција
Кипсела Ипсала Одринско, Турција
Енус Енез Одринско, Турција
Апри с. Крмејан Родостовско, Турција
Адријанопол Одрин (на огранок од магистралата) Одринско, Турција
Перинт Мармара Ерејли Родостовско, Турција
Кенофруриум Синклим округ Силиврија Цариградско, Турција
Селимбрија Силиврија Цариградско, Турција
Мелантијада Хошќој Цариградско, Турција
Региум Ќучукчекмеџе, 15 км З од Истанбул Цариградско, Турција
Византиум Истанбул (Цариград) Цариградско, Турција

Поврзано[уреди | уреди извор]

  • Егнатија“ (А2) — денешна магистрала во Грција наречена по патот

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Michele Fasolo: La via Egnatia I. Da Apollonia e Dyrrachium ad Herakleia Lynkestidos, Roma, 2005, Второ изд.