Зихна

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Зихненско)
Зихна во рамките на Грција
Зихна
Местоположба на Зихна во Грција

Зихна или З’хна, Зихненско или З’хненско (грчки: Ζίχνη, Зихни) — историско-географска област во источна Егејска Македонија, денес во состав на општините Зелјахово (Неја Зихни) и Ениќој (Амфиполи) во Серскиот округ. Го опфаќа југоисточниот дел на Серското Поле, меѓу планините Кушница и Сминица (Серски Боздаг). Низ неа тече реката Драматица (Ангиста). Огромен дел од „грчкото“ население споменато во статистиките за областа се впрочем грцизирани Македонци.

Историја[уреди | уреди извор]

Областа го носи името на гратчето Зихна, кој во средновековието бил административен и епископски центар на регионот. Во изворите се споменува за зихненски епископи. Ктитор и основач на манастирот „Свети Јован Претеча“ кај Сер е зихненскиот епископ Јоаким. Со османлиското освојување на крајот на XIV век, градот е разрушен и се претвора во мало селце.

Како регионално средиште се издига соседното Зелјахово, кое во XIX век е центар на каза во Серскиот санџак. До почетокот на XX век Зелјаховската каза се именува со Зихна. Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Зихненската каза (Caza de Zihna) има вкупно 5.732 домаќинства со 2.551 жител муслимани, 7.241 Македонец, 6.118 Грци и 577 Власи, а истоименото селце Зихна има 38 домаќинства со 56 жители муслимани и 65 Грци.[1] Во 1889 г. Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) во казата бележи 1.606 македонски, 2.041 грчки, 514 гагауски и 1.116 турски куќи, а во селото Зихна бележи 33 гагауски и 55 турски куќи.[2]

Во 1891 г. Георги Стрезов пишува:

Малку понатаму од Зелјахово се гледаат рушевините на Зихна, некогаш процутен град. Сега меѓу рушевините стојат 39 куќи.

Во 48-те села има 6.148 куќи и 35.610 жители. Од тие села, 4 се гагауски, 18 македонски, 14 грчки и 12 турски.[3]

Жителите на малото село Зихна според Стрезов се Грци.[4]

Според статистиката на Васил К’нчов, кон 1900 г. казата има вкупно 42.407 жители од кои 16.290 се Македонци-христијани, 6.260 Турци, 14.005 Грци, 37 Арнаути-христијани, 710 Власи, 1.205 Роми и 3.900 Гагаузи, а селцето Зихна има 150 жители Турци и 260 жители Турци христијани.[5]

Според податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 г. во Зелјаховската каза живеат 21.232 Македонци, од кои 12.920 под Цариградската патријаршија и 8.312 Бугарската егзархија, 17.480 Грци, 432 Власи и 3.048 Гагаузи. Во казата работат 3 основни бугарски училишта со 4 учители и 223 ученици, како и 39 основни грчки улилишта со 49 учители и 1.850 ученици.[6]

Согласно статистичките истражувања на Јордан Иванов во 1912 г. Зихненската каза има вкупно 36.090 жители од кои 9.000 Македонци, 6.500 Турци, 16.400 Грци, 375 Власи, 35 Албанци, 420 Роми и 3.360 Гагаузи.[7]

Сè до 1912 г. од вкупно 48 села во Зихненската каза, 4 биле гагауски, 18 македонски, 6 грчки (по потекло македонски), 8 со мешано население (Македонци, Грци, Турци, Гагаузи) и 12 турски. Помалку Македонци имало во големите села отаде реката Драматица, како Витачишта, Ангиста, Радулево, Ќупќој, Кормишта и други. Во средниот век населението на овие села било исклучиво македонско, но подоцна почнало брзо да се погрчува.[8]

Во 1927 г. Зелјахово е преименувано во Неја Зихни, што во превод значи Нова Зихна.[9] Веќе непостоечкото село Зихна и рушевините на средновековната тврдина се познати како Стара Зихна (Παλαιά Ζίχνη, Палеја Зихни).

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Според Јордан Иванов, името Зихна можеби произлегува од ж’г-, жег- и дијалектното жег - жега, на старословенски жьгѫ, жегѫ и завршеток како оној на зихненското село Клепушна (Агрјани). Промената на почетното ж во з можеби се случила под грчко влијание.[10]

Литература[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 144-147.
  2. Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 240-241.
  3. Стрезов, Г. Два санджака от Източна Македония. Периодично списание на Българското книжовно дружество в Средец, кн. XXXVII и XXXVIII, 1891, стр. 1.
  4. Стрезов, Г. Два санджака от Източна Македония. Периодично списание на Българското книжовно дружество в Средец, кн. XXXVII и XXXVIII, 1891, стр. 3.
  5. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1900, стр. 181-182
  6. Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, стр. 202-203.
  7. Иванов, Йордан. "Българите в Македония". София, 1986, стр. 103.
  8. Йордан Н. Иванов. "Местните имена между Долна Струма и Долна Места". София, 1982, стр. 17.
  9. „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  10. Йордан Н. Иванов. "Местните имена между Долна Струма и Долна Места". София, 1982, стр. 127

Координати: 40°57′10″N 23°52′29″E / 40.95278° СГШ; 23.87472° ИГД / 40.95278; 23.87472