Белештевица
Белештевица | |
Глетка на селото Белештевица | |
Координати 41°45′47″N 21°41′53″E / 41.76306° СГШ; 21.69806° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Велес |
Население | 4 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 29003 |
Белештевица на општинската карта Атарот на Белештевица во рамките на општината | |
Белештевица на Ризницата |
Белештевица — мало село во западниот дел на Општина Велес, во околината на градот Велес.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото Белештевица се наоѓа во западниот дел на територијата на Општина Велес, односно, сместена е на севрозападната падина на ридот Гроот, чиј атар се допира до десниот брег на реката Вардар[2]. Белештевица е рамничарско село, расположено на надморска височина од 260 метри. Сместено е десно од потокот Голем Вир на страната или пределот наречен Прпелиште под ридот Голем Гроот. Од градот Велес населбата е оддалечена 10 километри[2]. Нивите се наоѓаат во пределите и месностите Прпелиште, Почивало, Гноиште, Горни Ниви, Уровиште и Брефче. Околу селото се ридовите Голем Гроот, Голо Брдо, Ветрило, Скопски Камен и Голем Рид[3]. Едно долче каде што избива силен извор од каде е доведена водата за пиење се нарекува Ораси. Под селото, крај потокот е кладенец од кој се црпи и носи вода. Од 1975 година на сретселото е изградена голема селска чешма која потоа е обновена во 2000, а посадено било и големо јаворово дрво донесено од Велес. Трлата се наоѓаат на месностите Уровиште и Прпелиште. Атарот зафаќа простор од 7,7 км2. На него шумите заземаат површина од 421,8 ха, на пасиштата отпаѓаат 255,8 ха, а на обработливо земјиште 93,8 ха[2]. Селото Белештевица е од збиен тип.
Историја
[уреди | уреди извор]Во Белештевица се кажува предание според кое некогаш на ридот Гроот имало црква[3]. До почетокот на XX век, старците во селото знаеле точно каде се наоѓаат трагите од нејзините ѕидини. Тоа место се нарекува Црквиште. Се вели и дека во самото село имало некоја стара црква на чии темели во 1927 година е подигната сегашната црква, која што е во полуразрушена состојба[3]. Околу старата црква имало и гробишта на кои порано се погребувале чифчиите од ова село кое за време на отоманското владеење било чифлик на бег од Велес. Тоа место се нарекува Митровденка, а сегашниот храм е посветен на Воскресението Христово односно „Велигден“. Белештевица отсекогаш било мало село кое не надминувало бројка од повеќе од стотина жители.
Потеко и значење на името
[уреди | уреди извор]Во науката се смета дека името на селото е метонимиско, а е преземено од името на реката Белештевица, десна притока на Вардар. Името *Белештевица е создадено од некогашната атрибутска синтагма *Белештевска (Река), чијашто придавна компонента е образувана од исчезнатиот топоним *Белештево со формата за ж.р. -ска која по елизијата на именката река, арибутот се супстантивизирал со суф. -ица[4]. Друга толкување на истата претпоставка е дека името на реката кое дошло од партицип во сегашно време на глаголот белее и додавката -евица при што од првичното Белеѐштевица дошло сегашното име[4]. Имајќи предвид дека низ селото постојано тече поток кој при надоаѓање од блиските ридови со бела, белузлава почва може да носи наноси од земја и камења со бела боја, се потврдува веројатноста за значењето на името на селото поврзано со белеење и белата боја.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Според составот на атарот селото Белештевица има мешовито сточарско-шумарска функција и иако има многу мал број на жители сепак во него се одвива активен живот. Еден стар постојан жител на селото одгледува стадо кози и неколку овци за кое има и трло во селото во кое работи со негови синови и роднини иселени во Велес. На нивите во долот на влезот на селото, иселеничка со своите стари родители има посадено и одгледува повеќе видови на растенија за чај (мајчина душица, невен, жалфија и хибискус) коишто ги продава на Зелениот Пазар во Скопје. На нивите во овој предел се одгледува и тутун, пченица и сосема малку пченка од житата, како и патлиџани, пиперки и спанаќ на отворено во сосема мали размери за сосптвени потреби. На тревнатите ридови со доста грмушки веднаш над селото крупен добиток како крави и телиња напасуваат сточари од соседните села Бузалково, Раштани. На шумите на атарот на селото се сече огревно дрво.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[5]
Според пописот од 2002 година во селото Белештевица живееле 15 жители, сите Македонци. Белештевица е мала населба, во фаза на целосно раселување, а во неа повремено доаѓаат иселени жители кои имаат свои куќи и имоти коишто ги обработуваат во селото. Белештевица моментално има 15 постојани жители, сите Македонци и е во фаза на целосно раселување.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4 жители, од кои 2 Македонци и 2 Албанци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 100 | 64 | 114 | 107 | 118 | 96 | 40 | 7 | 7 | 15 | 4 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[6]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[7]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Белештевица отсекогаш било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Според податоци од 1935 година во селото живееле следните македонски христијански родови: Челбо или Челбовци (слават Свети Атанасиј во зима) кои биле со постаро потекло од С’лп од каде што дошол Алексо кој бил прадедо на тогаш живиот шеесетгодишен Никола Трајков. Пред да се досели Алексо во селото живееле „само Турци“[3]. Во тоа време тие повеќе не се сметале за роднини со огранката од родот која останала во С’лп. Лачиовци (слават Свети Никола) дошле после Челбовци од раселеното село Лафчани или Влахчани кое се наоѓало во долот помеѓу Белештевица и С’лп. Тие веќе се сметале за „темеќулии“ односно староседелци и имале свои деленици во Раштани и ’Рлевци[3]. Трајкови (слават Свети Никола) дошле од Карабуниште во С’лп, па потоа од С’лп дошле во Белештевица околу 1870 година. Оцевци (слават Свети Никола) се доселиле на купена земја во 1906 година од Карабуниште каде што во тоа време сѐ уште имале роднини[3]. Ќушќеревски (слават Свети Никола) од Азот во 1922 дошол некојси Јован Ѓурчинов Ќушќеревски на земја која ја купил, имал мијачко потекло но го знаел точното место од каде потекнува[3].
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 2202 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница на селото С'лп.[10]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.[11]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Црква „Вознесение Христово“ — единствена селска црква изградена во 1927 година на десната страна од потокот пред влезот на селото, која што е во полуразрушена состојба.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[12]
- Солиште — населба и некропола од доцноантичко време
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од Белештевица во Велес и селото Бањица се иселил родот Ванчевци кој броел три куќи. После шеесеттите години на XX век речиси целото население на селото се иселило во Велес, а помал број и во Скопје[3].
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Глетка од Белештевица
-
Глетка од Белештевица
-
Куќи во Белештевица
-
Потокот на влезот на Белештевица
-
Селската црква во полуразрушена состојба
-
Внатрешноста на црквата
-
Глетка на Белештевица од падината на ридот од југ
-
Глетка од Белештевица
-
Стара македонска куќа со низи везени пиперки, во позадина се гледа разрушената селска црква
-
Глетка на селото Белештевица
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Населени места во Општина Велес“. Општина Велес. Посетено на 16 октомври 2015.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Филиповиќ, Миленко (1935). Северна велешка села (српски). 33. Белград: Етнографски музеј.
- ↑ 4,0 4,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 43–44.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 61. ISBN 9989-649-28-6.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|