Степа Степановиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Војвода
Степа Степановиќ
Министерство за војна
На должноста
24 февруари 1911 – 22 мај 1912
Премиер Никола Пашиќ
Милован Миловановиќ
Претходник Илија Гојковиќ
Наследник Радомир Путник
На должноста
30 март 1908 – 23 декември 1908
Премиер Никола Пашиќ
Петар Велимировиќ
Претходник Радомир Путник
Наследник Михаило Живковиќ
Лични податоци
Роден(а) Степан Степановиќ
11 март 1856(1856-03-11)
Кумодраж, Кнежевство Србија
Починал(а) 29 април 1929(1929-04-29) (возр. 73)
Чачак, Кралство Југославија
Сопружник Јелена Степановиќ
Деца Милица Степановиќ
Даница Степановиќ
Установа Воена академија на Србија
Професија Офицер
Вероисповед Српска православна црква
Награди Орден на Караѓорѓева Ѕвезда со мечеви
Орден на Свети Сава
Орден на Свети Станислав од трет степен со мечеви и панделка
Одрен на Круната на Италија
Орден на Светиот Спасител
Орден на Бат
Воена служба
Прекар Степа
Припадност  Кнежевство Србија
 Кралство Србија
 Кралство Југославија
Род Војска на Кнежевството Србија
Војска на Кралството Србија
Југословенска војска
Траење 1874–1920
Чин Фелдмаршал
Заповеда со Втора српска армија
Битки/војни Српско-турски војни
Српско-бугарска војна
Прва балканска војна
Втора балканска војна
Прва светска војна

Степан Степановиќ - Степа (Кумодраж кај Белград, 28 февруари/11 март 1856 – Чачак, 27 април 1929 година) бил српски и југословенски војвода (фелдмаршал). Тој учествувал во српско-турските војни (1876-1878 г.) како питомец-наредник, а подоцна и потполковник. Во периодот меѓу борбите на Сливница, кај Куманово, бил командант на баталјон, а подоцна и на полк, бригада, дивизија и помошник на началникот на Главниот генералштаб. Двапати бил воен министер. Во тој период Српската војска била во секој поглед (организациски, професионално, материјално и морално) добро подготвена за војување. Во Првата балканска војна (1912-1913 г.), Степа Степановиќ командувал со Втората армија. Во Втората балканска војна, армијата со која командувал пожртвувано ја бранела нишавската зона со утврден логор во Пирот.

Кога почнала Првата светска војна, тој бил заменик на отсутниот Радомир Путник, кој бил началник на штабот на Врховната команда и раководел со мобилизацијата на Српската војска. Откако Радомир Путник се вратил во Србија, Степа Степановиќ се вратил на должност како командант на Втората армија и со нејзините главни сили извел марш-маневар, преку Коцељево и Текериш. Во ноќен напад на 21-та дивизија на 8-от корпус на австроунгарската војска на источните падини на планината Цер, тој ја поразил и им овозможил победа на Србите во Церската битка. За оваа победа на Сојузничките сили над Централните сили, тој бил унапреден во највисокиот воен чин - чин на војвода (фелдмаршал). Неговата армија во Битката кај Дрина пожртвувано ја бранела Мачва. Долго време успешно ги одбивала нападите на посилните австроунгарски сили и не дозволувала премин преку реките Дрина и Сава на војската на генерал Поќорек, со што ја исцрпувала силата на неговата војска. Во Битката кај Колубара (од 16 ноември до 15 декември 1914 година), Втората армија на десната страна на реката Колубара прво го запрела нападот, а потоа со маневарските потфати на генералите Радомир Путник и Живоин Мишиќ потполно ја поразила австроунгарската балканска војска. За време на инвазијата на Србија, есента 1915 година, војската на Степановиќ, заедно со Тимочката војска, го оневозможила нападот на Првата бугарска армија, која преку нишавската зона сакала да влезе кон заднинските позиции на главната српска војска, која тогаш била ангажирана на северниот фронт, со што многу придонела во пропаѓањето на плановите на генерал Мекензен за опкружување и уништување на српската војска. Степановиќ имал подоцна значајна улога во реорганизацијата на српската војска на Крф, нејзините први успеси на фронтовите кај Горничево, Кајмакчалан и околу Битола, но најголемиот успех бил пробивањето на Солунскиот фронт и исфрлањето на Бугарите од војната. По пробивањето на непријателскиот фронт на Добро Поле и Козјак, Степановиќ со својата Втора армија, заедно со Првата армија и сојузничките сили, ја натерале Бугарија на капитулација на 29 септември 1918 година. Оваа победа, како и победата во Церската битка, му донеле слава на Степановиќ и го ставиле во редот на најголемите војсководци во Првата светска војна и во целата српска воена историја.

Рано детство и образование[уреди | уреди извор]

Куќата во која е роден Степа Степановиќ

Степановиќ е роден во селото Кумодраж, кај Белград; татко му, Иван, и мајка му, Радојка (родена Николиќ), имале четири деца, а Степа бил нивниот трет син. Името го добил по дедо му, Степан, по кој и целото семејство се презивало Степановиќ. Постојат две теории за потеклото на нивното семејство:[1] според едната, семејството потекнува од Лика, а според другата потекнува од околината на Лесковац.

Мајка му, Радојка, која поради домашните работи и работата на нива, имала малку време да им посвети на децата, ги оставала дома да ги чува дедо им. Степановиќ раскажувал за своето рано детство дека мајка му го врзувала на грб, додека работела на поле, но тој толку многу се клоцал и удирал со нозете што ги разранувал од трњето, а таа немала време за него и за гребаниците по неговите нозе, па раните најчесто му заздравувале сами од себе. Кога малку потпораснал, го оставале да чува добиток, и во една прилика млад бик го закачил со рогот по стомакот и му отворил рана која стрина му ја сошила со игла и конец, спасувајќи му го така животот.[2] Тригодишно основно училиште завршил во родното село, а гимназија во Капетан Мишината зграда во Белград. За да може да се школува морал да служи кај побогатите белградски семејства.[3] Првата година од гимназија ја завршил со добар успех, а следните години со многу добар успех.[4] Во 1874 година, наместо да продожи со гимназијата тој се запишал во XI класа на Артилериското училиште, без полагање на приемен испит, како 14-ти во рангот. Приемниот испит не го полагал затоа што сите кандидати кои имале завршено петто одделение на гимназија биле ослободени од полагање. Целата класа имала 29 питомци.[5]

Артилерското училиште во тоа време имало повеќе технички карактер, се учело повеќе математика, која, како и јазиците, не му одела баш најдобро на Степановиќ. Во тој период започнало Херцеговското востание, што ја принудило Србија да почне со воени подготовки, па затоа и воените училишта морале да ја прилагодат својата програма повеќе на практична борбена обука. Во септември 1875 година, сите питомци од училиштето добиле чин каплар, а во мај 1876 година, после крајниот испит, добиле чин на поднаредник.[6] Во јуни истата година, избила српско-турската војна и целата XI класа од артилериското училиште била пратена на фронт.[6][7]

Српско-турските војни[уреди | уреди извор]

Степановиќ бил пратен во Крагуевац, во мај 1876 година, каде му била дадена должност на ордонанс на полковникот Љубомир Узун-Мирковиќ, во штабот на Шумадијската дивизија.[8] Во воените операции против турската војска, Степановиќ бил забележан од својот командант како многу вреден и добар јавач.[9] Но турската војска започнала контраофанзива во која имала успеси. За да не ја изгубат битката, српските офицери влегле во борбата рамо до рамо со обичните војници, што го подигнало моралот на војската и довело до пресврт во битката. Во борбите учествувал и Степа Степановиќ, а ова искуство имало големо влијание врз него.[10] Тој подоцна го искористил за да го подигне моралот на своите борци во одлучните моменти на војувањето.[11]

Откако го ослободиле Књажевац, Шумадијската дивизија тргнала кон Сокобања за да го спречи навлегувањето на турската војска во долината на реката Морава. Тука, во Сокобања, Степановиќ бил преместен во штабот на полковникот Ѓуро Хорватовиќ - командант на Четвртиот корпус.[12] Оваа воена формација водела повеќе битки против Турците, а во сите учествувал и Степановиќ. После примирјето, Степановиќ за покажаната храброст бил одликуван со Златен медал за храброст и бил унапреден во повисок чин.[13]

Во Втората српско-турска војна, Степановиќ бил вклучен во заземањето на Пирот.[14] Првиот обид за заземање на градот, под команда на генералот Белимарковиќ, не бил успешен, затоа што Турците добро се утврдиле на двете важни воени точки - Нишор и Будин дел.[14] За да ги освојат тие две коти, генералот формирал одред од 300 одбрани војници, кои ги предводел Степановиќ. Тој успеал преку ноќ да ги заобиколи турските војници, и кога почнал општиот напад, тој ги нападнал од страна од каде не бил очекуван, што довело до конфузија меѓу Турците и придонело за победата на српската војска. За оваа победа Степановиќ бил одликуван со Орден на Свети Станислав од III степен, со мечеви и панделка.[15] Од сите одликувања што ги добил во својот живот, ова одликување му било посебно драго, затоа што тој прв влетал во турскиот ров на чело на својот одред.

Портрет на Степа Степановиќ за време на неговата прва година во Артилериското училиште.

Во зимата 1877 година, тој успеал да со еден дел од Шумадијскиот корпус со кој тој командувал, во услови на ладна зима и лош терен без човечки загуби, го спроведе преку Сува Планина до Ниш.[16] Корпусот учествувал и во чистењето на Грделичката клисура и во ослободувањето на Врање.

Период на мир (1878-1885 г.)[уреди | уреди извор]

По завршување на војната, Степановиќ го довршил образованието со двогодишен курс на Воената академија. По негова желба, тој бил прекомандуван во Крагуевац.[17] Таму ја запознал својата идна сопруга Јелена, која била ќерка на Велислав Милановиќ - началникот на крагуевската област. Се венчале во 1881 година.[18] Имале две ќерки: Милица и Даница, кои и двете подоцна се омажиле за офицери на кралската војска на Југославија.[19][20]

Во првата официјална евалуација за неговата работа, во 1880 година, специјалната воена комисија го опишала Степановиќ како:[21]

Бистар. Покажува дарба за општата, а посебно за историјата на српскиот народ. Со цврст и смел карактер и жив темперамент. Лесно сфаќа и брзо се решава на дело (акција) со добри резултати. Здрав, силен, бистар и способен за практична служба. Стрелец, јавач и добар пливач. По потреба може самостојно да управува со чета, има добри знаења и наоѓа начин да ги пренесе на помладите. Во останатите службени правила е исто така добар; за администрација и водење на финансии исто така е корисен. Службата ја врши ангажирано. Кон помладите е строг и праведен, со рамните на себе е дружељубив, а кон постарите е внимателен и многу културен.


Во Крагуевац бил назначен и како наставник за воени вежби во Првата крагуевачка гимназија.

Српско-бугарска војна (1885 г.)[уреди | уреди извор]

Во српско-бугарската војна, Степановиќ учествувал прво како командир на Првата чета на Вториот батаљон, но уште додека траела Битката кај Сливница тој бил унапреден за командант на Првиот батаљон.[22] Српската војска само на почеток имала успех во борбите. 

Кога кралот Милан, по лажните извештаи од теренот, наредил повлекување на српската војска, бугарската војска извршиле концентричен напад врз клучните позиции, поради што српската војска се разбегала.[23]

Подем[уреди | уреди извор]

По завршувањето на војната, Степановиќ се вратил во Крагуевац, и останал таму до средината на ноември 1886 година. Кон крајот на годината, положил испит за пешадиски капетан на II класа и станал приправник на Главниот генералштаб.[24]

После три години, во март 1889 година, се пријавил повторно за испит за повисок чин, и од втори до шести април полагал теориски испит од 12 предмети, додека од практичниот дел бил ослободен бидејќи при работата во генералштабот добил многу добри оценки. По положувањето на испитите, бил унапреден во чин на генералштабен капетан од I класа.[24]

Во пролетта 1892 година, тој полагал за чин на генералштабен мајор, истовремено со Милутин Милановиќ и Живоин Мишиќ, а претседателот на комисијата бил Радомир Путник. Откако положил и бил унапреден, бил преместен во Ваљево, каде бил поставен за началник на штабот на Дринската дивизиска област и останал таму до 1895 г., кога бил преместен во Белград.[25] Во Белград, откако кратко време бил командант на Седмиот батаљон, бил поставен за шеф на генералштабниот отсек при Министерството за војна, а истовремено и предавал како професор по воена историја на Воената академија.[26] Сѐ до крајот на 1899 година, тој бил на разни должности во Министерството за војна, иако работата во канцеларија не му допаѓала. Таму важел за строг и праведен, но поради недоразбирањата во работата бил преместен во Заечар. Промената во работата ја прифатил со олеснување со зборовите: "За офицер работата во воените единици на терен значи исто што и вода за риба, а посебно за генералштабен офицер. Тука тој може да покаже што знае и може да покаже резултати. Канцеларијата го убива духот и ја исцрпува силата и го претвора човекот во механизам."[27] 

Во 1901 година, Степановиќ бил унапреден во полковник на генералштабот и бил поставен за помошник на Штабот на командата на активната војска. Во 1903 година, бил одликуван од страна на кралот Александар Обреновиќ со Орденот Таковски крст од II степен. Во овој период повторно предавал на Воената академија за историјата на Наполеоновите војни од 1796-1805 година.

Промените на престолот и подофицерската завера од 1903-1907 година, не влијаеле на неговата кариера, но самиот тој тешко ги поднесувал несогласувањата во офицерските кругови. После Мајскиот пуч (28/29 мај 1904 г.) и смената на престолот, тој бил поставен прво за началник на општото одделение при Министерството за војна, а брзо потоа бил поставен за командант на Шумадијската дивизија. Иако разни историчари го ставаат на различна страна на заговорниците, самиот Степановиќ постојано истакнувал дека никогаш не бил на ниедна страна.[28] Кралот Петар Караѓорѓевиќ, во 1904 година, го одликувал со Кралскиот орден Караѓорѓева ѕвезда од III степен. 

Во тој период општата ситуација во Европа се влошила. Во Македонија било кренато Илинденското востание во 1903 година, што било причина Владата на Србија да започне со подготовки за војна. Поради тоа Степановиќ, како командант на Шумадијската дивизија, вовел железна дисцилина и постојани воени вежби, а секоја неправилност, неточност и прекршување на прописите и правилата строго ги казнувал. Во пролетта 1906 година, во Крагуевац дошло до т.н. Подофицерска завера, за која некои историчари тврдат дека била предизвикана од неговата претерана строгост. Околу триесетина офицери-завереници планирале да преземат неколку државни установи и да го уапсат Степановиќ. Но заверата била откриена и Степановиќ уапсил 31 офицери, а за да целата ситуација не се прошири, реагирал да ја спречи тогашниот воен министер Радомир Путник.[28] Оваа контразавера длабоко го погодила Степановиќ иако и самиот бил донекаде одговорен за неа.

Подготовки за Балканските војни (1907-1912 г.)[уреди | уреди извор]

Степановиќ бил унапреден во чин генерал на 29 јуни 1907 година, но и понатаму останал да командува со Шумадијската дивизиска област. Кога Никола Пашиќ ја формирал новата Влада на Србија, во 1908 година, за воен министер, на местото на Радомир Путник, го назначил Степа Степановиќ, а тој во текот на својот мандат почнал со снабдување на војската со ново и модерно оружје. Ги заменил старите пушки, набавил митралези и нова артилерија од Франција.[29]

По анексијата на Босна и Херцеговина од страна на Австроунгарија, во 1908 година, имало масовни демонстрации во Србија и во Црна Гора, во кои народот барал да се преземат одредени воени мерки, но Степановиќ ги убедувал и владата и парламентот дека војската не е доволно подготвена за воени акции и дека е подобро да се преземат најпрво дипломатски, финансиски и воени подготовки.[29]

Неговиот став бил критикуван, па затоа, во 1909 година, тој бил симнат од министерската функција и бил ставен на располагање, но сепак активно учествувал во понатамошното унапредување на војската и нејзината подготовка за евентуална војна.[29] Благодарение на неговата посветеност, српската војска, а посебно Моравската дивизија чиј командант бил Степановиќ, подготвена ја дочекала претстоечката војна.

Прва и втора балканска војна[уреди | уреди извор]

На почетокот на Првата балканска војна, Степановиќ станал командант на Втората (сојузничка) војска, која броела околу 60,000 луѓе, и се состоела од Тимочката дивизија и бугарската Седма рилска дивизија. И двете војски се бореле заедно против Турците.[30] На 17 октомври 1912 год., била објавена војна на Турција, а Степановиќ добил наредба од генералот Радомир Путник да со Втората армија се движи кон турската граница, но да не ја поминува границата. Имало неколку големи судири со турската војска, а во нив биле ослободени и заземени Страцин, Куманово, Крива Паланка и Кочани. Движењето на армиите преку Македонија било насочено кон Сер и Демир Хисар.[31]

На 6 ноември 1912 година, Степановиќ со својот штаб стигнал пред Одрин, каде се сместил во местото Мустафа Паша, заедно со штабот на бугарскиот генерал Никола Иванов.[32] Сојузничките војски вршеле опсада на Одрин неколку месеци, а на 24 март 1913 год. заедно тргнале во негово освојување.[33] Најголемиот воен успех го постигнала Тимочката дивизија под команда на Степановиќ. Тој ги следел воените дејствија против турската војска на самото бојно поле, и цело време ги храбрел своите војници со зборовите: "Браво синци моји, браво соколови моји".[33] Градот Одрин бил освоен на 27 март, а Степановиќ со комбиниран заеднички одред свечено влегол во освоениот град.[33] После неколку дена, тој наредил да се направи помен за загинатиот крал Волкашин и паднатите херои од Маричката битка (1371 година) на Черномен, каде според историските податоци таа се одиграла против османлиската војска. 

Набрзо потоа, Степановиќ ги почнал подготовките за враќање на својата војска назад во Србија, но Владата на Бугарија не снабдила доволно возови, поради што тој се заканил дека војската ќе ја врати пешки во Србија. Владата на Бугарија попуштила и му дала доволно возови за транспорт на српската војска назад во Србија, што било успешно спроведено во периодот помеѓу 1 април и 9 мај 1913 година.[33]

Кога генералот Степановиќ се вратил од Одрин во Пирот, на 18 април 1913 година, тој добил известување од Врховната команда, дека се бара од него да ги подготви сите воени утврдувања во Пирот и сите опсадни топови од Одрин, а потоа да ги преземе сите мерки на внимание кон границата со Бугарија.[33] Верувајќи дека спорот помеѓу Србија и Бугарија нема да се заврши по мирен пат, тој веднаш почнал да ги спроведува препораките на Врховната команда и според сопствената проценка се сконцентрирал на одбраната на пиротскиот логор. Бугарите извршиле напад на 6 јули, по целата должина на Злетовска река. Поради нападот на Бугарите врз Светиниколскиот одред и нивното напредување, генерал Степановиќ пратил дел од своите единици на помош на Светиниколскиот одред, а сите други армиски трупи ги обединил и ги насочил во светиниколскиот правец, за да го спречи продорот на бугарските трупи. Бугарите успеале да ги заземат српските позиции на Црн врв и на Самара (Романија), преземала офанзива кон Пирот, Власина и Заечар. Во тешките борби околу Пирот, Србите имале големи губитоци и морале да се повлечат. Губитоците во живата сила, генералот Степановиќ тешко ги примил и во телеграмите до командата тој препорачал избегнување на ризично војување и помудро управување со воените сили.[33]

На 21 јули 1913 г., пред линијата на фронтот од Втората српска армија, дошол бугарски парламентарец со барање за преговори за склопување на мир. На 31 јули 1913 година, бил склопен мир со што завршила Втората балканска војна.

Прва светска војна[уреди | уреди извор]

Споменик на Степа Степановиќ во родното место Кумодраж

По завршувањето на Втората балканска војна, била спроведена демобилизација на Втората армија, а генералот Степановиќ во 1914 година бил испратен како претставник на Комисијата за утврдување на граничниот фронт кон Бугарија, во Бабушница (околината на Пирот). Таму, рано наутро на 29 јуни, додека чекал кафе, му била предадена телеграма со која го известиле дека е направен атентат врз престолонаследникот Франц Фердинанд во Сараево. Откако ја прочитал телеграмата пред комисијата, тој додал:[34]

Ова воопшто не е добро. Дај Боже Австрија да не ја префрли вината на нас. Ако биде така, ќе имаме страшна војна, можеби европска или уште полошо, а ние сè уште не сме се ни одмориле, а камоли да сме подготвени.


Неговите стравови набргу се исполниле. Комисијата ја завршила работата и при враќањето назад во Ниш, ноќта на 24 јули, генералот Степановиќ добил наредба веднаш да отпатува за Крагуевац,[34] за да ја преземе работата на началник на штабот на Врховната команда на местото на генералот Радомир Путник, кој бил отсутен поради лекување. Му било кажано дека утредента ќе излезе наредба да се спроведе општа мобилизација.

Во Крагуевац, тој примил лично писмо од Претседателот на Владата и Министерот за надворешни работи, Никола Пашиќ, во кое била анализирана меѓународната положба на Србија, а на крајот на писмото пишувало дека Врховната команда треба да работи како таа смета дека е најдобро.[34]

Мобилизацијата и концентрацијата на српската војска, која ја спроведувал Степановиќ, се одвивала многу тешко, бидејќи немало материјални средства, војската не располагала со муниција, ниту пак имала комплетна униформа. Сепак, и покрај сите тешкотии, на почетокот од август 1914 година, сите единици биле на своите места, а тој ја презел командата над Втората армија. Според искажувањата на неговите современици, генералот Степановиќ со својата интелигенција, со својот талент за предвидување на настаните, со способноста да одлучно, брзо и цврсто ги спроведе потребните одлуки, успеал со своите воини да извојува славни и бесмртни победи.[34]

Церска битка[уреди | уреди извор]

Церската битка е првата од победничките битки на Србија против австроунгарските сили, и е првата сојузничка победа во Првата светска војна. Српските сили биле под команда на генералот Степановиќ, и по оваа сјајна воена победа над надмоќниот непријател, тој бил унапреден во највисокиот чин на војвода односно на фелдмаршал.[35]

Битката се водела од 16-ти до 20 август 1914 година, на широкиот простор на планината Цер.[35] Австроунгарската војска, на чие чело бил генералот Оскар фон Поќорек, била сконцентрирана за напад кај реката Дрина, заземајќи го северозападниот стратегиски правец. На генералот Степановиќ, како на искусен војсководец, му било јасно дека заземањето на стратешките места на планината Цер би му дале предност во борбите. Затоа Втората армија ја сконцентрирал во тој главен стратешки правец. Борбите започнале ноќта меѓу 15-16 август на планината Цер кај Текериш, тие биле тешки и жестоки, а Србите ја натерале австроунгарската војска на повлекување.[35] Утрото, деветтата дивизија на австроунгарската војска го загрозила левото крило на српската Комбинирана војска, а по интервенцијата на генералот Степановиќ, со уфрлање на Моравската прва дивизија во борбите на јужните падини на Цер, српската војска ги натерала силите на  австроунгарската војска на потполно повлекување.

Дринска битка[уреди | уреди извор]

Битката на Дрина била низа од борби помеѓу австроунгарската војска и српските воени сили на подрачјето на Дрина, кои се воделе во периодот од почетокот на септември до средината на ноември 1914 година.[36] Австроунгарија, преку реката Сава и долниот и среден тек на реката Дрина, повторно ја нападнала Србија, и поради надмоќноста, после тешките рововски борби, ја принудила српската војска на повлекување. Во текот на овие судири, за првпат и двете војски ја примениле тактиката на рововско војување.[37] Положбата на Втората армија, закопана во калливите ровови на Мачва, била особено тешка, и Степа Степановиќ постојано ја предупредувал Врховната команда дека ситуацијата била лоша поради големите човечки загуби и поради недостатокот на муниција. Тоа било причина за повлекување на Втората армија, со која се повлекувало и населението кое се плашело од репресалиите на непријателот.[37] Општото повлекувањето било кон Ваљево, така да на 14 ноември 1914 г., заедно со Втората армија, се сконцентрирале и Првата и Третата армија, на десната страна на реката Колубара.

Колубарска битка[уреди | уреди извор]

Колубарската битка била водена од средината на ноември до средината на декември 1914 година, и таа била најзначајната битка помеѓу српската и австроунгарската војска во Првата светска војна. Фронтот на војување бил долг над 200 километри, и таа е всушност контраофанзива на Првата српска армија под команда на генералот Живоин Мишиќ. Втората армија во оваа битка имала улога на стожер.[38] На нејзиниот фронт, преку Сувоборска греда па кон Горен Милановац, се воделе одбранбени борби кои требале да го спречат пробивањето на главните сили на австроунгарскиот шеснаесетти корпус. Главните офанзивни борби ги воделе Првата и Третата армија. Победата, која донела ослободување на заземените делови од Србија и долго примирје во земјата, била постигната со префрлање на ослабнатите и слабо вооружени армии од еден фронт на друг.[39]

Примирјето по Колубарската битка траело до есента 1915 година, кога почнала новата офанзива на австроунгарската војска. Офанзивата почнала со жесток напад, поради што српската војска морала да се повлекува, а девет дена по нападот на Австроунгарците, и Бугарија, без објавување на војна, ја нападнала Србија. Ветената помош од сојузниците изостанала, па било решено српската војска потполно да се повлече.[40] Втората армија, со која командувал Степа Степановиќ, била под силни удари на бугарската војска, и се повлекла од положбите кај Ниш, Власотинце, Јужна Морава и Лесковац. Повлекувањето на Втората армија било заедно со Првата и Третата армија во правецот Пеќ-Андријевица-Подгорица-Скадар, и било трагично за српската војска која претрпела страшни губитоци.[40] Се проценува дека загубата била околу 143,000 војници, поради студот и гладот, поминувајќи низ планината Проклетие на границата со Албанија. Цело време при повлекувањето, Степа Степановиќ бил со своите војници.

Крф и Солунскиот фронт[уреди | уреди извор]

За време на тромесечниот престој на островот Крф, Степа Степановиќ го сместил својот штаб во средината на своите трупи, за непосредно да раководи и да го надгледува закрепнувањето на своите војници и старешини. Без оглед на времето, тој постојано ја обиколувал својата војска. Во тешките моменти од престојот на Крф, тој најмногу време поминувал работејќи, и им бил пример на неговите офицери. Втората армија потполно ја обновил и подготвил за нови подвизи. Крајот на мај и почетокот на јуни 1916 година, било завршено стратегиско распоредување на српската и француската војска на линијата на фронтот со должина од 450 километри, од Струмскиот Залив до Охридското Езеро.[19] Сојузничката офанзива почнала на 14 август 1916 г., а српската војска требала да го пробие фронтот во правец на север кон Битола.[41] Најголемиот дел од времето на Солунскиот фронт, војводата Степановиќ го поминал во зафрленото село Тресини, на патот кој води кон Добро Поле. На тоа место се наоѓал штабот на Втората армија, од април 1917 до август 1918 година. Кон крајот на 1917 година, Врховната команда испратила голем број на доброволци од другите јужнословенски народи, кои дошле на Солунскиот фронт да војуваат на страна на сојузниците. Со пополнување со доброволците од цел свет, како САД и Русија, четата на доброволците од јужнословенските народи прераснала во батаљон, па потоа во бригада, за да на крај стане дивизија. Таа во почетокот на 1918 година била наречена Југословенска дивизија, затоа што била формирана по желбата на Југословенскиот одбор. Вардарската дивизија била расформирана и влегла во составот на Југословенската дивизија, а таа во составот на Втората армија. Пролетта 1918 година, Втората армија го презела фронтот во правец Соко-Добро Поле, на кој останала до почетокот на септемвриската сојузничка офанзива.

Во тој период Австроунгарија почнала да се распаѓа, независност прво прогласила Чехословачка, а хрватскиот парламент ги прекинал државно-правните врски со Австроунгарската монархија. Босанската влада испратила делегација која требала да преговара со Втората армија за да со своите воени единици поминат преку Дрина. Војводата Степа ја информирал за ова Врховната команда на 5 ноември, а потоа го формирал новиот Сараевски одред, под команда на Живан Ранковиќ, кој влегол во Сараево на 6 ноември. На 4 ноември 1918 година, Австроунгарија капитулирала, а седум дена подоцна и Германија. Тоа било крај на војната во која Србите изгубиле 600,000 војници и околу 28% од цивилното население.[42]

Служба во Кралството СХС[уреди | уреди извор]

На 17 ноември 1918 година, војводата Степа Степановиќ го посетил Сараево, градот кој неговата армија го ослободила од Австроунгарците. Населението му приредило величествен дочек, домаќините го сместиле во дворецот каде престојувале австроунгарските гувернатори, но тој сето тоа го одбил и се сместил скромно во помошната зграда.[43] Познатиот поет Алекса Шантиќ, во негова чест ја напишал песната "Поздрав до војводата Степа". Својата служба во Сараево, веќе остарениот војвода, ја вршел со голем напор. Четириесет и три години на воена служба и учество во предните линии на фронтот во шест војни, во период од 11 години, ја исцрпиле неговата сила и здравјето почнало да му попушта. Во 1920 година, тој побарал да се разреши од должноста и истата година се пензионирал.[19]

Последните години (1920-1929)[уреди | уреди извор]

По пензионирањето живеел со семејството во Чачак. Потполно се повлекол од јавниот живот и се занимавал со чување на внуците и градината, одгледувал цвеќе и овошје. Не сакал да зема учество во политичкиот живот, а единствено учествувал во работата на Народната одбрана - организација која имала за цел да го собира народот на патриотска основа. Но, кога по некој период забележал дека организацијата почнала да добива политички претензии, веднаш поднел оставка. Во 1928 година, здравјето почнало брзо да му се влошува. Пред смртта, сам ги направил сите подготовки за погребот. Од скромната плата на војвода заштедил пари и за погребот и да ѝ остави нешто на својата сопруга. Сам го избрал местото каде бил погребан, а исто така сам ја избрал униформата и ордените со кои го закопале.[44] Починал на 27 април 1929 година.

Поради неговата смрт тагувала целата нација. Погребот бил одржан во присуство на кралот Александар Караѓорѓевиќ, членовите на кралската влада, неговите воени другари, делегации од сојузничките земји, семејството и неколку илјади граѓани. Странските весници го опишале како национален јунак на српскиот народ и го ставиле во редот на најголемите војсководци од Првата светска војна.[44]

Војводата Степа Степановиќ е вклучен во 100-те најеминентни Срби.

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 11
  2. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 12
  3. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 13
  4. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 14
  5. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 25
  6. 6,0 6,1 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 25-26
  7. Pavlowitch (2002) стр. 68
  8. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 37
  9. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 40
  10. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 41
  11. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 42
  12. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 47
  13. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 58-59
  14. 14,0 14,1 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 72-73
  15. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 74
  16. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 75
  17. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 93
  18. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 94
  19. 19,0 19,1 19,2 Поповиќ и Милиќевиќ (2003) стр. 222-229
  20. Бјелајац (2004) стр. 281
  21. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 97
  22. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 121-122
  23. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 132-133
  24. 24,0 24,1 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 143-144
  25. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 149-151
  26. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 156-160
  27. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 165-166
  28. 28,0 28,1 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 182-190
  29. 29,0 29,1 29,2 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 190-197
  30. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 212
  31. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 216-221
  32. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 247-262
  33. 33,0 33,1 33,2 33,3 33,4 33,5 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 282-296
  34. 34,0 34,1 34,2 34,3 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 313-319
  35. 35,0 35,1 35,2 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 327-357
  36. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 363-372
  37. 37,0 37,1 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 386-399
  38. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 410-431
  39. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 456-468
  40. 40,0 40,1 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 504-530
  41. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 535-550
  42. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 597-655
  43. Скоко и Опачиќ (1990) стр. 655-657
  44. 44,0 44,1 Скоко и Опачиќ (1990) стр. 661-670

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Bjelajac, Mile S. (2004). Generali i admirali Kraljevine Jugoslavije, 1918–1941: studija o vojnoj eliti i biografski leksikon (Генерали и адмирали во Кралството Југославија, 1918–1941: студија за воената елита и биографски лексикон) (српски). Белград: Institut za Noviju Istoriju Srbije. ISBN 86-7005-039-0.
  • Pavlowitch, Stevan K. (2002). Serbia: The History behind the Name. London: Hurst & Company.
  • Popović, Ljubodrag; Milićević, Milić (2003). Generali vojske Kneževine i Kraljevine Srbije (Генерали на војската на Кнежевството и Кралството Србија) (српски). Белград: Vojnoizdavački zavod. ISBN 86-335-0142-2.
  • Skoko, Savo; Opačić, Petar (1990). Vojvoda Stepa Stepanović u Ratovima Srbije, 1876–1918 (Војвода Степа Степановиќ во војните на Србија, 1876–1918) (српски) (6. изд.). Белград: BIGZ. ISBN 86-13-00453-9.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]