Алекса Шантиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Алекса Шантиќ (српски: Алекса Шантић) (27 мај 1868, Мостар, Австро-Унгарија - 2 февруари 1924, Мостар, Кралство СХС) - српски поет.

Биографија[уреди | уреди извор]

Алекса Шантиќ

Шантиќ е роден во богато трговско семејство, што му овозможило да заврши трговско училиште во Љубљана и во Трст при што од него се очекувало да ја наследи работата на татко му.[1] Подоцна, Шантиќ се соочил со смртта на целото негово семејство: таткото (кој умрел додека Алекса бил дете) и мајката, браќата Јефта и Јаков (кој, исто така, бил поет, а умрел во 1905 година) и сопругата.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Своите први песни Шантиќ ги објавил меѓу 1887 и 1891 година во списанијата „Голуб“, „Босанска вила“, „Јавор“ и „Нова Зета“, додека неговите стихозбирки со наслов „Песни“ (Pjesme) се објавени во 1891, 1895, 1911, 1908, 1911, 1918 и 1929 година, во Мостар и Белград. Во Мостар, во 1913 година го објавил и циклусот патриотски песни, со наслов „На старите огништа“ (Na starim ognjištima), инспириран од Балканските војни. Шантиќ е автор и на неколку драмски дела, како што се: „Под магла“ (1907), „Хасанагиница“ (1911), „Анѓелија“ (1912) и „Драми“ (1927). Исто така, тој е преведувач на неколку значајни дела: „Лирски интермецо“ на Хајнрих Хајне, „Вилјем Тел“ на Фридрих Шилер и „Песни на робот“ на С. Чех, а тој е преведувач и составувач на антологијата „Од германската лирика“ (1910). Најпосле, тој имал голема улога во заживувањето на книжевниот живот на Мостар преку членството во т.н. Мостарски книжевен круг, како и во основањето на книжевното списание „Зора“ (1896 - 1901) за кое се смета дека спаѓа меѓу најмодерните и најдобрите српски книжевни списанија на преминот од 19 во 20 век.[3]

Вреднувањето на поезијата на Шантиќ се менувало во текот на времето во насока на преиспитување на нејзината вредност и на улогата на Шантиќ во развојот на српската поезија. На пример, дури дванаесет песни на Шантиќ биле вклучени во познатата „Антологија на поновата српска лирика“ која Богдан Поповиќ ја објавил во Загреб, во 1911 година. Меѓутоа, подоцна, кога Зоран Мишиќ ја составил својата „Антологија на српската поезија“, објавена во Белград во 1963 година, во неа тој вклучил само една песна на Шантиќ („Вечер на Шкоље“), додека во антологијата на Миодраг Павловиќ, со наслов „Антологија на српската поезија XIII - XX век“, се вклучени само две песни на Шантиќ („Мраз“ и „Предпразнична вечер“). Сепак, нема сомнение дека Шантиќ одиграл голема улога во модернизирањето на српската поезија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во таа смисла, Шантиќ е лирски толкувач на националните и социјалните идеали, а во неговите песни провејуваат како интимните расположенија, така и патриотските чувства.[4] Во поезијата на Шантиќ се среќаваат бројни мотиви, како што се: патриотски песни („Мојата татковина“, „Судбината своја“, „Прогнаник“, „Бока“, „Гаврило Принцип“ итн.), социјални песни („О, класје мое“, „Леб“, Вечерни ѕвона“, „Вечер на Шкоље“ итн.), патриотско-социјални песни („На голото поле“, „Татко“, Останете овде“ итн.) и љубовни песни („Емина“, „пролет“ итн.). И покрај тоа, многу е тешко во неговите песни да се издвојат чисти мотиви, туку тие се надоврзуваат формирајќи сложен мотивски поглед со полифона семантичка структура и впечатлива мелодичност.[5]

Во песните на Шантиќ е синтетизирано личното и народното искуство. Неговата лирска синтеза е сложена, зашто тој ги контрастира интимните расположби, патриотските чувства и противречноста меѓу минатото и сегашноста, а од друга страна ги користи сите средства на лирскиот говор за да постигне максимална експресивна сугестивност на стихот. Тој се надоврзал на романтичарската традиција во српската поезија (Јован Јовановиќ Змај, Ѓура Јакшиќ и Воислав Илиќ), но по интуиција ги следел и тогашните модерни текови во европската поезија - симболизмот. Врз неговиот поетски развој големо влијание имала критиката на Богдан Поповиќ („За „Песните“ на Алекса Шантиќ“, 1901 година). Според некои критичари, и во неговата подоцнежна фаза се забележува силен печат на романтичарската естетика при што светлосната митологија претставува одраз на Његош, титанските акценти се преземени од Јакшиќ, болните штимунзи го одразуваат влијанието на Змај, а епигонскиот развлечен стих и аристократизмот во дикцијата се должат на В. Илиќ.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Миодраг Друговац, „Алекса Шантиќ“, во: Алекса Шантиќ, Песни. Скопје: Наша книга, Македонска книга, Мисла и Култура, 1987, стр. 51.
  2. Миодраг Друговац, „Алекса Шантиќ“, во: Алекса Шантиќ, Песни. Скопје: Наша книга, Македонска книга, Мисла и Култура, 1987, стр. 60.
  3. Миодраг Друговац, „Алекса Шантиќ“, во: Алекса Шантиќ, Песни. Скопје: Наша книга, Македонска книга, Мисла и Култура, 1987, стр. 50-51.
  4. Миодраг Друговац, „Алекса Шантиќ“, во: Алекса Шантиќ, Песни. Скопје: Наша книга, Македонска книга, Мисла и Култура, 1987, стр. 49-50.
  5. Миодраг Друговац, „Алекса Шантиќ“, во: Алекса Шантиќ, Песни. Скопје: Наша книга, Македонска книга, Мисла и Култура, 1987, стр. 52.
  6. Миодраг Друговац, „Алекса Шантиќ“, во: Алекса Шантиќ, Песни. Скопје: Наша книга, Македонска книга, Мисла и Култура, 1987, стр. 53-59.