Ѓура Јакшиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ѓура Јакшиќ
Георгије „Ђура“ Јакшић
Ѓура Јакшиќ, автопортрет (масло на платно, детаљ)
Роден/а8 август 1832(1832-08-08)
Српска Црња, Австриско Царство (сега Србија)
Починат/а16 ноември 1878(1878-11-16) (возр. 46)
Белград, Кнежевина Србија
Занимањеписател, поет, сликар
НационалностСрбин
Значајни делаНа Липар, Мила, Низ полноќта нема
РодниниДионисиј (татко)
Христина (мајка)

Георгије „Ѓура“ Јакшиќ (српски: Георгије „Ђура“ Јакшић), (Српска Црња, 8 август 1832 - (Белград, 16 ноември 1878) – српски сликар, поет, раскажувач, драмски писател, учител и боем.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е на 8 август (27 јули по јулијанскиот календар) 1832 година во Српска Црња, во Банат, во свештеничко семејство. Неговото право име е Георгие. Татко му Дионисиј го запишал во трговско училиште, од каде бегал трипати, за на крајот да запише нижа гимназија во Сегед (денес во Унгарија). По завршувањето на основното училиште во Српска Црња и нижата гимназија во Сегед, заминува да учи сликање во Темишвар (денес Романија). Спроти револуционерната1847 година, бил студент на уметничката академија во Пешта, но заради револуционерните случки, морал да ја напушти. Откако се вратил во родниот крај продолжил да учи сликарство во Бечкерек кај Константин Данило, прочуен сликар од тоа време, барајќи сопствен уметнички израз и продлабочувајќи ги своите знаења, меѓу останатото и на германскиот јазик.

Во револуцијата од 1848-1849 година, иако шеснаесетгодишник, учествува како доброволец. Кога револуцијата завршила со пораз, напишал: „Ах зошто гиневме и страдавме – а што добивме!“ Набрзо немаштијата го тера да прифати разни работи. Во тие години често го менува местото на живеење, заминува за Белград, но многу брзо се упатува за Виена да ги продолжи студиите по сликарство. Во Виена се движи во уметничките кругови со Бранко Радичевиќ и Ѓуро Даничиќ. Неговите поетски првенци ја виделе светлоста на денот во Сербски летопис во 1853 година. Беспарицата го принудува да се врати дома, но набрзо потоа заминува за Академијата за фини уметности во Минхен.

Кон крајот на 1855 година се настанува во Кикинда и живеел од сликарство. Пишува песни и ги печати во Седмица под псевдонимот Теорин. Во 1856 година, поттикнат од враќањето на пријателите со кои другарувал во Виена, кои се собираат околу Седмица и Дневник, преминува во Нови Сад. По враќањето од студиите по сликарство, живее во Банат до 1856 година.

Од 1857 година преминува во Србија, каде останува сè до својата смрт. Во Србија работи како селски учител (во Подгорец, Сумраковец, Сабанта, Рача кај Крагуевац и Пожаревац, во кој се оженил) и како гимназиски учител по цртање (во Крагуевац, Белград и Јагодина). Во тоа време престојува во манастирот Враќевшница, каде црта неколку историски портрети кои му ги поклонува на манастирот.[1] Во Крагуевац сочувана е куќата каде станувал две години додека работел во гимназијата.[2]

Биста на Ѓура Јакшиќ во Мала Крсна

Ѓура Јакшиќ бил сестран уметник и патриот: поет, раскажувач, драмски писател и сликар. Но и боем. Творечкиот и страдалнички живот на тој образован и темпераментен човек често се одвивал во боемскиот амбиент на скадарлиските кафеани Три шешири и Два елени. Боемската атмосфера била негово природно опкружување во кое добивал творечко вдахновение, предизвикувал воодушевување и аплаузи на веселите гости и боемски другари, но и бес на власта на чија суровост и лакомост им се подбивал, оригинално и сатирично.

Стално живеел во оскудица и тешко го издржувал своето бројно семејство. Притиснат со семејните обврски и долгови, склон кон боемштина, болен, Ѓура Јакшиќ се акал низ животот. Разочаран во луѓето и животот, наоѓал утеха во уметничкото творештво, поетско и сликарско. Бил нежен и искрен другар и болезлив татко, но во мрачните расположенија раздразлив и зајадлив. Неговата болна и избувлива лирика е верен израз на неговата интимна личност, трагична и боемска.

Заболел од туберкулоза, во долгови, бил гонет и отпуштен (1871) од државна служба. Со помош на Стојан Новаковиќ добил работа во државната печатница во 1872 година.

Смртта го затекнала на позицијата коректор во државната печатница во Белград на 16 ноември 1878 година (по јулијанскиот календар). Погребан е на Новите гробишта во Белград.[3]

Ѓура Јакшиќ, Ноћна стража (масло на платно). Сликата им е посветена на јаворските јунаци од српско-турската војна 1876—1878 година

Книжевно дело[уреди | уреди извор]

Ѓура Јакшиќ е најголемиот лиричар на српскиот романтизам и еден од најнадарените и најзначајните српски сликари на 19 век.

Страстен, со исклучителна имагинација, снажна осетливост, бунтовен и слободарски, пишувал со романтичарски занес песни за слободата, против тиранијата, патриотска лирика, но и стихови на лирско посветување и длабока болка. Контроверзен, на кнезот Милан Обреновиќ му посветил збирка поезија. Јакшиќ е зачетник и најистакната претставник на анакреонтската поезија кај Србите, но и автор на бројни досетки, афоризми, поетски минијатури.

Во духот на епохата во која живеел и творел, Ѓура Јакшиќ имал свои примери, меѓу поетите Петефи и Бајрон, а меѓу сликарите Рембрант. Често обработувал исти мотиви во книжевните дела и на сликарските платна.

Иако е успешен поет и драмски писател, Јакшиќ за српската книжевност е важен и како раскажувач. Се огласил во моментот на појавување на реализмот, посебно видливи во продорот на современата тематика.

Напишал неколку вида раскази. Најпрво оние во кои го идеализирал српскиот среден век, прикажувајќи го времето на Немањиќи. Друга група се расказите за животот на банатското село, а меѓу нива најпознат е „Кутрата банаќанка“, кој зборува за страдањето на народот во бурните настани од 1848 и 1849 година. Трета група се расказите инспирирани од српско-турската војна, и во нив е патриотската тематика од песните на Јакшиќ, добила свое природно продолжување.

Напишал околу 40 раскази, три драми во стихови: „Станое Главаш“, „Селидба на Србите“ и „Елисавета“. Го оставил незавршен историскиот роман „Воини“ за српско-турската војна. Јакшиќ творел лирска, епска и драмска поезија. Своите лирски песни ги објавува скоро по сите српски списанија. Во текот на животот ја објавил збирката на своја лирика „Песни“. Најзначајни епски песни се: „Братоубиец“, „Невестата на Пивљанин Бајо“, „Барјактаровиќи“, „Маченица“ и „Причест“. Неговото драмско дело е двократно пообемно од лириката и епот.

Јакшиќ е еден од најраните и најплодните српски раскажувачи. Најмногу пишувал проза, околу четириесет раскази и скици, од кои неколку недовршени.

Од драмите, уметнички најуспешна е „ Елисавета кнегињата црногорска“, пишувана во духот на шекспировската драматургија, со намера на историска основа да се прикаже една политичка драма, многу важна во српската историја, а поврзана со жената на владетелот, туѓинка по потекло. Многу судири, страсти, омраза, го обликуваат односот меѓу јунаците, и заради тоа логично е што двата главни лика, Елисавета и Радош Орловиќ, на крајот тонат во лудило.

Најмалку работел на лириката, па сепак, Ѓура Јакшиќ створил извесен број песни со трајни и класични вредности. Некои од нив, како „На Липар“, „Мила“, „Кого да љубам“, „Патот во Горњак“, „Низ полноќта нема“, спаѓаат во најдобрите стихови на српската поезија.

Ѓура Јакшић, Девојка во сино (масло на платно)
Ѓура Јакшић, Кнез Лазар (масло на платно), 1857-1858, денес во Народниот музеј во Белград
Ѓура Јакшић, Таковско востание (масло на платно), 1876-1878, денес во Народниот музеј во Белград

Критички осврт[уреди | уреди извор]

Кога станува збор за Јакшиќ, тогаш во прв ред се мисли на неговиот лирски талент, и во поглед на темпераментот и во поглед на изразот. Јакшиќ е романтик во најцелосна смисла. Тој се развил под влијание на Бранко Радичевиќ, Јован Јовановиќ - Змај, Бајрон и Петефи. Како и сите големи романтичарски поети, и Јакшиќ е со бунтовна и страсна природа, нескротлива и избувлива мечта и вдахновение, треперлив и буен и во чувствата и во изразот, незадоволен од животот, целиот во копнеж за возвишеното и недофатливото. Во лирските песни, каде непосредно и едноставно го обликувал расположението, постигнал големи успеси, кога не паѓал во претеран занес и вербализам. Во епот, драмата и расказот, каде е потребна поголема сталоженост, склад и мерка во композицијата, творештвото му е просечно. Доколку тие негови дела вредат, вредат готово исклучиво заради снажните лирски места.

Тој бил и сликарски талент и цел живот се занимавал со сликарство. Своите први песни ги потпишувал „Ѓура Јакшиќ, молер“. Во сликарството негов пример бил Рембрант, од чии портрети, работени исклучиво со контрастни бои, избива некој внатрешен оган од под самата боја, вон контурите кои се изгубени во бојата. Така Јакшиќ го сфатил зборот како израз – чисто сликарски. Бујна и опојна емоција, лута „како врв на анџар“, како што самиот вели, искрен е и спонтан израз на неговата личност, не наместена поза и книшка сентименталност. Искрен, огнен и опоен занес, тоа е одликата на неговиот романтичарски темперамент, кој тој најдобро го претставува српскиот романтизам, како што Бајрон го претставува англискиот, или Виктор Иго францускиот романтизам. Огнениот занес на своето чувство, љубов или патриотизам, тага или песимизам, тој го доловува со зборува кои ги натрупува по боја, по звук, по моќта да поттикнат посебен вид чувства, но не заради тоа да предизвика конкретна слика или поим, туку само заради тоа да го долови своето основно расположение. Тој ја знае моќта на зборовите, никогаш не му се доволни, никогаш не е задоволен со изборот; ги бира и распоредува, потоа ги натрупува и засипува. Тоа истото, понекогаш го прави и со сликите и со поимите.

Неговите најубави песни („На Липар“, „Паѓајте браќа“ и други) обликувани се на овој начин. Тој повеќе внимава на ритамот отколку на пластиката, затоа неговите слики се само апстрактни навестувања на нешто што се наслутува. Како што во снажните расположенија преовладуваат бурните оркестрации и громки извици, така во нежните преовладува присен, топол тон, шепот и црцор. Но тој подигнат тон, играта со чувствата и јазикот, често промашувала и преминувала во блескотен стил. Јакшиќ имал убави успеси, но и многу неуспеси. Уште Скерлиќ точно забележал дека „зборот е негова доблест и негова мана“, велејќи дека Јакшиќ е „поет на снагата, но без мерка и складност“.

Драмите во стих на Јакшиќ ги прикажуваат карактерите од српското минато. Сентиментална љубов, наместена патетика и декламаторски тон преовладуваат секаде подеднакво. „Селидба на Србите“ е пишувана со народен десетерец, а „Елисавета“ и „Станое Главаш“ со многу сликовит и жив јамб. Овие драми се повеќе за читање отколку за гледање; во нив вредат снажните лирски места. Драмските карактери на Јакшиќ се премногу наивни и претерано идеализирани; тие не се обликуваат низ дејството, туку низ неприродни и долги монолози; дејството е оскудно и слабо мотивирано. Како романтичен репертоар за широка публика која сака историски костуми и декламација, сите се играни во театар; „Станое Главаш“ се игра и денес.

Иако Јакшиќ најмногу работел на прозата, тој дел од неговата книжевна работа е со најмало значење. Тој пишува историски раскази и раскази од современиот живот, србијански и банатски, главно современи селски раскази. Најдобри му се расказите каде го слика банатското село и селани. Во сите раскази избива неговиот занесен лиризам, љубов кон националната и лична слобода и побуна против општествената неправда. Тој е еден од зачетниците на социјалниот расказ, кој се развил во времето на реализмот, и основа на лирскиот расказ.

Меморијален музеј на Ѓура Јакшиќ[уреди | уреди извор]

Во Српска Црња, во неговата родна куќа, се наоѓа музеј посветен на овој голем уметник.[4] Отворен е во 1980 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Борислав Челиковић: Светилишта рудничког краја, изд. Каленић, Крагујевац 1998. COBISS.SR-ID 65368332
  2. „Се урива куќата на Ѓура Јакшиќ заради пат (25 февруари 2016)“. Архивирано од изворникот на 2016-02-29. Посетено на 2016-04-03.
  3. Гробот на Ѓура Јакшиќ
  4. „Меморијален музеј на Ѓура Јакшиќ“. Архивирано од изворникот на 2015-03-22. Посетено на 2016-04-03.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]