Српско-бугарска војна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Српско-бугарска војна
S-b war panting by Antoni Piotrowski.jpg
Бугарите ја преминават границата (Антони Пјотровски)
Датум 14–28 ноември 1885
Место Србија, Бугарија
Исход Решавачка бугарска победа,
Признавање на Соединувањето на Бугарија
Завојувани страни
Flag of Bulgaria.svgКнежество Бугарија Flag of Serbia.svg Србија
Команданти и водачи
Кнез Александар I Батенберг Крал Милан
Сила
околу 10.000 во почетокот до околу 60.000 на крајот[1] 60.000
Жртви и загуби
771 убиени и 4.232 ранети 746 убиени и 4.570 ранети

Српско-бугарската војна започнува на 14 ноември 1885 година, кога Кралството Србија, незадоволно од обединувањето на Кнежевството Бугарија со автономната област Источна Румелија, и’ објавува војна на Бугарија. Војната завршува со пораз на српската армија и нејзино безусловно капитулирање. Победата во војната за Бугарија значи потврдување на суверенитетот над Источна Румелија.

Превратот во Пловдив[уреди | уреди извор]

Со септемврискиот револт т.е. превратот во Пловдив на 6 септември 1885 г. и со манифестот на бугарскиот кнез Александар I Батенберг (8 септември 1885 г.), со кој се прогласил за кнез на Бугарија и Источна Румелија, била извршена и формално нивната унификација. Ова обединување на Источна Румелија со кнежеството Бугарија било непријателски дочекано од страна на балканските држави, кои во тоа гледале опасност за балканската политичка рамнотежа, бидејќи со овој чин Бугарија станала скоро двојно поголема држава.

Соединувањето посебно ја вознемирило српската влада и кралот Милан, кој изјавил дека ова нарушување на политичка рамнотежа на Балканот, посебно е на штета на Србија и дека Србија со сите сили треба да застане во одбрана на таа рамнотежа. Исто така, грчката влада побарала во замена за проширувањето на Бугарија, како компензација да и’ биде отстапен дел од Македонија, над кој Грција претендирала. Во Грција била извршена мобилизација и грчката влада се заканувала дека ако западните сили и Русија го признаат обединувањето, Грција ќе навлезе со војска во Македонија на територијата на Труција, бидејќи немала заедничка граница со Бугарија за од неа да побара компезација. Романија од своја страна планирала да ја искористи оваа сложена ситуација за Бугарија, за да се присвои Јужна Добруџа. Меѓутоа, романските планови не наишле на одобрување од страна на Австро-Унгарија и Германија., а Русија пак од своја страна натрупувала војска на границата со Романија во случај на заострување на кризата. Поради сето тоа Романија изјавила дека ќе остане неутрална во однос на обединувањето на Румелија со кнежеството.

Поради сложеноста на ситуацијата на Балканот, големите сили на 24 октомври 1885 г. свикале конференција во Цариград. Српскиот крал и претседателот на владата Гарашанин се надевале дека на оваа конференција ќе го поништи бугарското обединување и ќе ја врати ситуацијата на status quo ante. Откако конференцијата не донела никакво решение и пропаднал дипломатскиот притисок над Бугарија, Србија решила да премине кон воената опција, а за вооружување и снабдување Србија добила паричен заем од Австро-Унгарија.

Објава на војна[уреди | уреди извор]

По низа провокации од српска страна, инцидентот на 1.ноември кај месноста Цветков гроб им послужил на Србите како повод на 2 ноември да и’ објават војна на Бугарија. Претходно, српската влада не обрнувала никакво внимание на протестите на Бугарија против овие погранични провокации, како и против обидот на српски емисари да го бунтуваат пограничното бугарско население.

Србија ја мобилизирала само постојаната војска и дел од вториот повик, со вкупен број од околу 68.000 луѓе и 26 батерии. Според други податоци српската војска по мобилизацијата броела 51.500 луѓе и тоа: 550 офицери, 43.750 војници и 7.200 помошен кадар. Ваквата делумна мобилизација била извршена поради внатрешните неприлики во земјата, а и поради тоа што се сметало дека и овој број на воени трупи е доволен да победи бугарската војска. Српските сили биле поделени на два фронта т.е. армии: Нишавска (главна) армија, непосредно под на Врховната команда и Тимочка (помошна) армија по команда на ген. Лешјанин. Вооружувањето на српската војска било солидно: пешадијата имала модерни пушки Кока Миловановиќ, кои биле изработени по системот Mauzer и со кои добро се гаѓало и зрната им дофрлале далеку. Но, за овие пушки, во фабриката во Крагуевац, биле произведени 9 милиони куршуми, наместо потребните 15 милиони и овој недостиг се почувствувaл веќе по првите денови на војната. Српската артилерија, иако многубројна, била застарена, со околу 400 орудија, од кои 264 веднаш влегле во дејство, а од француската фирма Де Банж биле нарачани и 306 топови острагани, кои не биле испорачани во текот на војната.

Подготовка на српската армија[уреди | уреди извор]

Врховната команда над целата српска армија ја презел лично кралот Милан, кој за началник на штабот го поставил, воениот министер полк. Јован Петровиќ, што било невообичаено, а за команданти на армиите, од искусните генерали од турските војни, биле поставени само генералите Јовановиќ и Лешјанин. Кралот Милан, стравувајќи да не му ја приграбат славата од сигурната победа над Бугарите, за свои соработник не земал ниеден од останатите искусни команданти од војните со Турција како што биле: Хорватовиќ, Белимарковиќ или Протиќ.

Фронтот на кој биле распоредени српските сили се протегал од од Власина, преку Пирот до Заечар и Неготин, во должина од околу 300 km. Српскиот воен план, всушност, ги истакнувал намерите на кралот Милан и тоа: српската војска, откако ќе ги запоседне териториите на Видинскиот округ до гр. Лом и на Софискиот округ до гр. Ихтиман, да се вкопа и да го чека противнападот на Бугарите. Кралот Милан се надевал дека, во меѓувреме пред да започне бугарскиот противнапад, големите сили ќе се вмешаат и ќе ја прекинат војната.

Подготовка на бугарската армија[уреди | уреди извор]

Од друга страна, бугарската војска не располагала нити со искусен, нити со доволен број на офицерски кадар. На местото на руските офицери, кои до 12 октомври 1885 г. биле повлечени од бугарската армија, биле поставени млади бугарски офицери. По извршената мобилизација, заедно со ополчениците и доброволците, армиите на Кнежеството Бугарија и на Источна Румелија заедно броеле 108.000 луѓе. Бугарската војска била вооружена со пет видови пушки: Бердана № 2, Кринка, Мартини, Шаспо и Шнајдер, а муницијата воглавно била внесувана од Русија. Бугарската артилерија се состоела од 200 орудија , од кои 166 веднаш биле ставени во дејство. Бугарската армоја била организирана во три групи и тоа: Источен корпус (околу 53.000 луѓе), Западен корпус (околу 30.000 луѓе) под команда на мај. Гуџев и Северен одред под команда на кап. Узунов. Врховен заповедник на армијата бил лично кнезот Александар I Батенберг. Бугарија немала план за војна против Србија, но од октомври 1885 г., кога мобилизацијата во Србија била во тек, бугарското Министерство за војна презело мерки за утврдување на пограничните области, а посебно добро биле утврдени градовите Видин и Трн, како и престолнината Софија. Во почетокот на војната на западниот фронт, кој се протегал спрема Србија и на југозападниот фронт спрема Турција, бугарската воена команда распоредила седум одреди, кои броеле околу 17.000 луѓе и 34 артилериски орудија. Спрема воениот план, операциите на српската војска започнале веднаш по објавувањето на војната т.е. на 2.ноември околу пладне. Главниот штаб на српската воена команда, со кралот Милан како заповедник, се сместил во гр. Пирот, во близина на границата.

На бојното поле[уреди | уреди извор]

Првите борби биле водени на 2.ноември кај гр. Цариброд, кој истиот ден бил заземен од страна на Нишавската армија. По овие први воени порази и во услови на сооднос на силите од седум на спрема еден во корист на српската армија, бугарските единици биле принудени да се повлекуваат кон позициите кај гр. Драгоман. На 3.ноември по тешки и упорни борби Нишавската армија го заземала Драгоманскиот теснец, селото Врапча и местото Велики Руј.

На југ од Цариброд настапила српската Шумадиска дивизија во намерата да го запоседне патот Пирот-Трн-Брезник и во содејство со Моравската дивизија, откако ќе го преземат Трн и Брезник, да навлезат од југ во Софиското поле и изолирајќи го бугарскиот Ќустендилски одред, да се соединат со Дунавската дивизија, која настапувала од центарот на фронтот. Но, наидувајќи на силен отпор од бугарските единици, Шумадиската дивизија напредувала само 15 km, а бугарските трупи се повлекувале, отстапувајќи кон градот Трн. Во постојано напредување српските војски, по тешки борби и големи загуби на бугарска страна, на 4 ноември го заземале гр. Трн.

Бугарската војска и понатаму се повлекувала, но сега утврдувајќи се на позициите кај с. Сливница, а исто така и српската армија успеала да се пробие кон Сливница. Положбата на бугарската војска била тешка и на воениот совет на бугарската армија, одржан на 4.ноември со учество на кнезот Александар I, било решено кај Сливница да се групира поголем дел од војската и следниот ден да се започне битка, во која би се одбиле српските напади додека не пристигне источно-румелиската војска. Кај Сливница на 4 ноември бугарската војска броела сè на сè околу 12.000 луѓе, наспроти скоро 25.000 српски војници.

Со таков сразмер на силите на 5.ноември, во раните утрински часови, започнала решавачката битка помеѓу двете армии. По неколкучасовни борби кон пладне борбите се интензивирале во центарот и на левото крило на бугарската војска. Понатаму во текот на денот, битката главно се одвивала помеѓу крилата, а во центарот иницијативата била на бугарска страна, благодарение на успешната подршка на артилеријата. Така, Бугарите го задржале противникот и добиле во време до пристигнувањето на војските од Тракија.

Сепак, на 5 ноември Србите постигнале значителни успеси на јужниот дел од фронтот, откако Моравската дивизија го заземала гратчето Брезник , што претставувало сериозна опасност за левото крило и позадината на бугарската војска. Со пристигнувањето на војската од Тракија, Бугарите броеле околу 20.000 војници, а Србите истовремено, со новите засилувања, броеле околу 31.000 луѓе. Ноќта на 5 спрема 6 ноември, 500-600 доброволци од Македонија и една чета од Софискиот полк на чело со кап. Паница го изненадиле српскиот баталјон на позициите на српското лево крило кај с. Ропот и откако го разбиле баталјонот биле заробени 168 српски војници, а останатите српски војници биле принудени на повлекување. По борбите водени на 6.ноември, Бугарите не само што успеале да ги задржат старите позиции, туку и ги подобриле во однос на претходниот ден. На 7.ноември, кога се одиграл решавачкиот бој, српската војска броела 40.000, а бугарската 32.000 луѓе. По уште еден изненаден напад на кап. Паница, кај с. Ржана бил разбиен српскиот баталјон на кап. Милошевиќ, по што кај српската војска настанал општ метеж. Во тешки борби, со големи загуби на двете страни, Бугарите не само што ги одбиле српските напади, туку сега започнале и да напредуваат. Во оваа битка српската армија како убиени и исчезнати загубила 2.100 луѓе, а загубите кај Бугарите изнесувале 1.800 души.

Додека на јужниот фронт Бугарите успеале да го сопрат српското напредување, на северниот фронт Тимочката армија, командувана од ген. Лешјанин, откако го заземала гр. Кула навлегувала сè подлабоко на бугарска територија. Пред притисокот на српските војски, бугарските трупи, водејќи непрекинати борби, отстапувале кон утврдувањето на гр. Видин. Всушност, на северниот фронт бугарската армија во текот на војната била во дефанзива.

По победата кај Сливница, на јужниот фронт Бугарите прешле во настапување кон запад, а српската војска започнала во паника да се повлекува кон нејзината политичка граница. За време на ова напредување на бугарската армија и по неколку воени победи биле ослободени градовите: Брезник на 8.ноември, Драгоман на 10.ноември, и Цариброд на 11.ноември, по што воените дејства се префрлиле и на српска територија.

На јужното крило на фронтот бугарските единици ги потиснале деловите на Моравската дивизија и по битката на 14.ноември кај Трн, градот бил ослободен и Бугарите ја преминале р. Нишава кај с. Суково, по што излегле на иста линија со главните сили на бугарската армија. Иако, Нишавската армија претрпела тешки загуби, сепак успеала да ја сочува својата главнина, но било јасно дека Србите повеќе не биле во состојба да напредуваат, туку преминале во одбрана.

На 14.ноември големите сили, на предлог на Русија, и’ врачиле нота на бугарската влада за прекинување на воените дејства. Бугарскиот министер за надворешни работи Цанов ја одбил нотата со образложение дека кнезот Александар I се наоѓа на фронтот каде се водела тешка битка и дека Србите, кои и самите барале примирирје, продолжиле со нападите на Видин.

На 14 ноември, по една жестока битка во близина на гр. Пирот, и поголем број жртви на двете страни, бугарската армија ги пробила позициите на српската Нишавска армија, по што Србите била принудени да отстапат назад во паника и метеж. По битката, српската главна Нишавска армија била расцепена на два дела: Шумадиската и Дунавската дивизија се повлекувал кон Књажевац, а Моравската и Дринската дивизија на југозапад. По оваа победа Бугарите влегле во Пирот и го запоседнале, такашто патот кон Ниш им бил отворен.

Додека на јужниот, решавачки фронт, Бугарите напредувале и нанесувале порази на противникот, на северниот фронт бугарските војски давале сериозен отпор на српските напади. Откако го освоиле гр. Кула и го опсадиле гр. Видин од копно, Србите ги насочиле своите трупи кон гр. Белоградчик и с. Арчар-Вибдол на р. Дунав. На 11 и на 16 ноември околу 6.000 бугарски војници со 31 артилериско орудие и 5 митралеза, од Видинската тврдина, ги одбиле силните напади на околу 15.000 српски војници. На 17 ноември на предлог на српскиот командант ген. Лешјанин, бугарскиот заповедник на Северниот одред кап. Узунов се согласил на примирје. За време на примирјето, на двете страни пристигнале повеќе дипломатски мисии на големите сили со цел да се одредат условите на примирјето и на 9 декември примирјето било потпишано, според кое двете армии требало да се повлечат до крајот на месецот на старите граници.

Во декември 1885 г. во Софија започнале преговори со Турција за спогодба во однос на источно-румелиското прашање. Истовремено, на 23.декември бугарскиот кнез Александар I издал указ, според кој од 1.јануари 1886 г.судските закони на кнежеството се воведувале во Источна Румелија, а воедно била воведена и единствена воена организација на војската. Сепак, кон крајот на декември помеѓу Бугарија и Турција бил постигнат договор, според кој, Источна Румелија требало да биде управувана од бугарскиот кнез и Бугарија да ñ плаќа на Турција годишен трибут од 6 милиони франци. Потоа, помеѓу Бугарија и Турција, бил склучен и сојуз за заедничка одбрана во случај на напад на една од договрните страни од страна на Грција или Србија.

Смирување[уреди | уреди извор]

По потпишувањето на примирјето, во Букурешт на 23 јануари 1886 г. започнале преговорите со посредство на големите европски сили за потпишување на конечен мир помеѓу Србија и Бугарија. Бугарија била принудена паралелно со преговорите со Србија да води преговори за спогодба и со Турција за прашањето на Источна Румелија. Според спогодбата со Турција од 20 јануари 1886 г., управувањето над Источна Румелија му се поверувало на бугарскиот кнез во рок од 5 години, по кој рок ако кнезот ги исполнувал своите обрски правилно, ќе биде повторно назначен од страна на султанот, потоа т.н. непокорни села на Родопите и муслиманските села во Крџалиската област се присоединувале кон Турција и била договорена взаемна помош помеѓу Турција и Бугарија во случај на напад од трета страна.

На преговорите во Букурешт, Бугарија била принудена да се откаже од воена оштета и од меѓународно признание на соединувањето на Источна Румелија кон Кнежеството. Бугарија, под притисок на Австро-Унгарија, Германија, Турција и Италија, се согласила на мир со Србија без никакви територијални отстапки или парична оштета од српска страна. Мировниот договор бил потпишан на 19.декември 1886 г. и содржел само еден член според кој од денот на потпишувањето на договорот се воспоставува состојба на мир помеѓу двете завојувани страни и се враќа предвоената состојба. Веднаш по потпишувањето на овој мир, Србија и Бугарија започнале со демобилизација на своите армии.

Последици[уреди | уреди извор]

Објавувањето на војната од страна на српската влада наишло на големо незадоволство кај населението од скоро сите европски земји. Во Чешка се пишувало дека кралот Милан започнал братоубиствена војна, поради што бил наречен и Каин. Малкумина во Европа верувале дека Бугарија ќе победи во војната, туку спротивно, скоро сите сметале дека Србија, која имала искусна, добро подготвена и вооружена армија, ќе извојува лесна победа. Еден од најголемите песимисти за бугарска победа бил и англискиот премиер Солзбери, кој во моментите непосредно пред почетокот на војната го поттикнувал бугарскиот кнез Александар I на непосредни преговори со кралот Милан.

Во обединувањето на Бугарија, српскиот крал Милан и премиерот Гарашанин гледале опасност и по самиот биолошки опстанок на српскиот народ, а исто така во создавањето на една голема бугарска држава тие гледале и такво нарушување на балканската рамнотежа, поради кое целокупноста на Србија и нејзиното ширење кон југ биле доведени во непосредна опасност. Меѓутоа, тоа била политички неоснована и погрешна проценка на вистинската состојба, која Србија, како последица на кралскиот апсолутизам, ја одвела во еден потфат спротивен на основната национално-политичка мисла на српскиот народ, а применувајќи го токму таквото начело бугарскиот народ и владата во 1885 г. го оствариле своето национално обединување. Застанувајќи против бугарското обединување во името на божемната балканска рамнотежа и божемната борба против измислената опасност за српскиот народ, политичките и воените врвови собрани околу кралот Милан, не ги изразувале интересите нити на српскиот народ, нити на српската буржоазија. Српската буржоазија и нејзините најизразити претставници, како радикалите и либералите, се повикувале на начелото на народноста и се залагале за тоа Србија да има други правци на ширење т.е. на југ и југоисток каде се наоѓала Турција, а не тие кон исток кон Бугарија, каде Србија ја туркале кралот Милан и неговата влада.

Извори[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Слободан Јовановиќ, Српско-бугарската војна. Дискусијата во дипломатска историја, Белград, 1901.
  • Гојко Павловиќ,Бугарија и Источна Румелија: нивните меѓународни, невладини и правна и политичка положба на 1876-1887 година,, Белград 1907.
  • Владимир Ќоровиќ,Историја на српскиот народ, Белград 1997.
  • Владан Ѓорѓевиќ,Историја на српско-бугарската војна во 1885 година, Белград 1908.
  • Живојин Мишиќ,Моето лично спомени, Белград, 1985.
  • Историја на Српско-бугарската војна - 1885 г., Софија, 1971
  • Симеон Радев, Градба на модерна Бугарија, Софија 1990