Прејди на содржината

Сергеј Есенин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сергеј Есенин

Сергеј Александрович Есенин (руски: Сергей Александрович Есенин; 3 октомври 1895 - 28 декември 1925) — руски и советски поет.

Сергеј Александрович Есенин, е роден на 3 октомври (21 септември по стар стил) 1895 година во селото Константиново, Кузминската општина, Рјазањска губернија, во сиромашно семејство, како трето дете на Александар Никитич (1873-1931) и Татјана Фјодоровна (1875-1955). Есенин имал две сестри: поголемата Екатерина Александровна и помалата Александра Александровна. Кога имал само две години, неговите родители се разделиле, така што воспитувањето на малиот Сергеј го презел дедо му Фјодор Андреевич Титов, во чија куќа ги поминал годините на детството и раната младост. Од тоа време, тој ги запаметил неговите вујковци, немирни беќари, како и баба му, чија љубов немала граници.[1] Сергеј бил немирено и палаво момче, но бистро и снаодливо. Наспроти неговиот темперамент, дедо му го воспитувал патријархално, низ традициите на руското село, христијанските обичаи и народните легенди и преданија.

Сергеј учел во Спас-Клепиковската црковно-учителска школа, која ја завршил во 1912 година. Од најраната младост на Сергеј, значајно е да се одбележи неговата голема љубов во Ана Алексеевна Сарандовска (1895-1922).[2]

Преселба во Москва

[уреди | уреди извор]

Во 1912 година, Есенин решил да ја напушти провинцијата и заминал во Москва, следејќи ги своите „соништа за богатството и славата“, со намера да го продолжи школувањето во Педагошкиот институт.[3] Се надевал дека ќе биде потпомогнат од татко му, кој во тоа време работел како месарски помошник. Сергеј добил писарска работа во администрацијата на истата фирма, но набргу бил избркан затоа што не сакал да станува кога доаѓала сопственичката на фирмата, како што станувале сите други вработени.

Во тоа време, Есенин дошол во контакт со книжевно-музичкиот кружок „Суриков“, кој се грижел за надарените почетници во уметноста и литературата, а кои потекнувале од селанството или работничката класа. Со нивна помош, успеал да најде работа како помошник лектор и писар во една печатница. Истовремено, влегол во синдикалните работнички организации и бил меѓу најактивните членови, учествувајќи во штрајковите во текот на 1912 година.

Во 1914 година, Есенин се запишал како вонреден студент на Московскиот државен универзитет „Шањавски“, каде што студирал една година, запознавајќи се со делата на класиците на руската книжевност и големите поети на Русија. Но, кога започнала Првата светска војна, приликите во Москва станале неподносливи, а условите за живот - исклучително тешки. Затоа, Есенин решил да се врати во родното село.

Сергеј Есенин со луле

Патување во Петроград, поетска афирмација и воодушевеност од револуцијата

[уреди | уреди извор]

Во март 1915 година, Есенин заминал во Петроград. Таму, тој се приклучил на кружокот на „поетите на селото“, кои всушност не биле поети, туку пејачи, кои на звуците на гитарата и хармониката ги рецитирале своите песни, во друштвата собирани по кафеаните и рестораните на Петроград. Неговата бела рубашка, со црвена врвка наместо појас и селските чизми, сините очи и густата сина кадрава коса, стамената појава и црвените образи веднаш го привлекле вниманието на околината. Истовремено, Есенин бил воведен во литературните кругови, каде што му оставил впечаток на Максим Горки. За својата прва средба со Есенин, Горки пишува: „Есенин ми остави не многу силен впечаток на скромно и по малку збунето момче, кое што самото чувствува дека не му е местото во огромниот Петроград. Подоцна, кога читав неговите полетни, изразителни, извонредно чувствителни стихови, не можев да поверувам дека ги имаше пишувано истото она во шарена облека стокмено момче...“[4] Городецки, еден од водачите на новите селски поети, сведочи дека доаѓањето на Есенин во Сурковскиот клуб било вистинско чудо: „Ги пееше своите пеесни на хармоника и тоа изгледаше многу силно и многу звучно.“[5] Покрај тоа, Есенин стапил во контакт со симболистите, а особено бил прифатен од Александар Блок и Андреј Бели. Така, сочувана е една белешка дека по враќањето во Петроград од фронтот, Есенин најпрвин му се обратил на Блок, замолувајќи го за кус разговор. На белешката е сочувано мислењето на Блок кој во неколку реченици многу пофално ги оценил стиховите на Есенин.[5] Од друга страна, футуристот Мајаковски го опишал Есенин како „селанче во опинци, во народна кошула со некакви везови на половината“ слични на крстиња.[5] Есенин, пак, бил свесен дека патот до поетската слава е тежок за што сведочат следниве негови зборови до Мариенгоф: „Овде, брате, мора итро да се постапи. Нека ги, нека мислат, секој нека си смета: јас го воведов во руската литература. Ним им е пријатно, а мене ми е сеедно.“[5]

Кога избувнала Првата светска војна, Есенин бил регрутиран и, во текот на 1916 година, кратко време поминал во армијата, но со помош на еден пријател успеал да издејствува да не биде пратен на фронтот.

Есенин ја прифатил Октомвриската револуција на својот религиозен и селски начин: стапил во контакт со револуционерите и верувал во среќата и придобивките кои таа ги ветувала. Всушност, под влијание на револуционерниот занос, веќе во 1917 година, Есенин започнал да пишува песни со револуционерна содржина.[6] Воодушевен од Револуцијата, во 1918 година се преселил од Петроград во Москва. За неговото воодушевување од Револуцијата зборува и фактот дека книгите објавени во 1918 година ги отпечатил со датата „втора година на првито век“.[7]

Враќање во Москва, поетска слава и разочарување од револуцијата

[уреди | уреди извор]

Во Москва, Есенин живеел боемски живот и најчесто го гледале во кафето „Питореск“ на Кузњецкиот Мост или во малите чајџилници и мензи околу Никитската улица, собиралиште на писателите, сликарите и другите уметници со најразлични квалитети. Околу 1919-1920 година, Есенин се запознал со Анатолиј Мариенгоф, Рјурик Ивњев, А. Кусиков и Шершењевич кои го оформиле кружокот на имажинистите, а во февруари 1919 година бил објавен Манифестот на имажинистите.[7] Во овој период, Есенин и другарите, не само што пишувале поезија, туку им говореле на минувачите по улиците и организирале седенки и беседи во кафетериите. Имажинистите биле многу активни во јавното пропагирање на своите идеи, а Есенин и Мариенгоф правеле бројни скандали со цел да го свртат вниманието на културната јавност. Од ова време се познати и честите отворени судири меѓу имажинистите и футуристите.[7] Во овие дејствија, особено се истакнувал Есенин, и тоа поради својот буен темперамент и скандалозното однесување. Поради проблемите со новата комунистичка власт, тие започнале да организираат собири на невозможни места, во темни подруми и зачмаени биртии, каде „и мастилото се заледувало“ и дискутирале околу најновите уметнички и политички случувања, а неретко се случувало на извесни периоди да морале да ја напуштат Москва поради својата лична безбедност. По малку незадоволен од резултатите остварени во ова делување, Есенин самиот се прогласил за „последен поет на селото“. Во 1921 година, Есенин ги напуштил имажинистите, а тој раскин бил многу бучен, зашто Есенин ги обвинил дотогашните другари дека робуваат на многу заблуди, дека немаат љубов кон татковината и дека уметноста не е доволна самата на себеси.[8]

Во почетокот на 1919 година, Есенин напишал молба за прием во комунистичката партија. Меѓутоа, во 1920 година, откако неговата песна "Небесниот барабанџија" не му била прифатена за објавување во "Правда", тој ја напуштил идејата за зачленување во партијата.[9] Набрзо, Есенин се разочарал од целокупната состојба настаната по Револуцијата, бидејќи бедата и општиот глад во која западнала Русија во зимата 1918/1919 година, тој ги доживеал и како лична катастрофа. Исто така, тој бил тешко погоден од пропаѓањето на традиционалниот селски живот и незапирливиот процес на индустријализација. На пример, во „Роман без лаги“, Мариенгоф забележал една случка од 1920 година, која се случил на едно од патувањата на Кавказ, на железничката линија од Кислодовск до Баку:

Низ степата, напоредно со нашиот воз, трчаше до лудило исплашен од локомотивата, вранец-ждребец. Глетката беше многу емотивна. Викајќи од петни жили, мавтајќи со рацете и климајќи со својата разбушавена сина глава, Есенин го бодреше вранецот да издржи. Челичниот и живиот коњ трчаа напоредно два километри, а потоа четвороножецот почна да заостанува и ние го изгубивме од видот, а Есенин беше надвор од себе...“

Есенин никогаш не успеал да се ослободи од спомените на идиличниот селски живот, ниту пак да го прифати новото време. Како последица на тоа, често патувал, а деновите ги поминувал по кафеаните, во друштво со жени, постојано опивајќи се и правејќи скандали. Оттука, поетот Демјан Бедни (псевдоним за Ј.А. Придворов, 1883-1945) во весниците остро го осудил таквиот живот на Есенин.[10] За тоа пишувал и Иљја Еренбург во своите мемоари:

Есенин постојано беше опкружен со сателити. Најтажната работа од сето тоа беше да видите, веднаш до Есенин, случајна група луѓе кои немаат ништо заедничко со литературата, но едноставно сакаат да ја испијат туѓата вотка, да уживаат во туѓата слава и да се кријат врз туѓиот авторитет. Но, не исчезнуваше тој од ова јато, туку самиот ги влечеше кон себе. Знаеше дека не вредат ништо, но во состојбата во која се наоѓаше, беше наполно свесен дека е многу полесно да биде со некого, макар и со луѓе што ги презира, само да не биде сам.“

Како последица на разочарувањето и осаменоста, во текот на 1920-тите Есенин често патувал. Така, во април - мај 1921 година, заминал на патување низ Средна Азија;[11][12] во мај 1922 престојувал во Берлин,[13] а истата година отпатувал и за Италија; пролетта 1923 бил во Њујорк, а во април, оттаму заминал во Берлин;[14] во август 1923 година конечно се вратил во Русија, но само за кратко, бидејќи во текот на октомври-ноември 1923 година престојувал во Париз, заедно со Изадора Данкан.[15] Во 1924 година, Есенин бил задржан во болницата во Кремљ каде што му била извршена операција на раката.[16]

Во 1925 година, по една случајна средба со Есенин, Мајаковски ја опишал неговата состојба на следниов начин:

Со најголема тешкотија го препознав Есенин. Исто така, со тешкотија одвај успеав да ги одбијам неговите настојчиви покани да појдеме на пијачка, покани придружени со мавтање со дебел свиток од банкноти. Цел ден потоа ја имав неговата депресивна слика пред мене, и вечерта, секако, продискутирав со моите пријатели што би можело да биде направено со Есенин. За несреќа, во таква ситуација, секогаш се одбегнуваат коментари.“

Сергеј Есенин и Изадора Данкан

Жени на Есенин и фаталната љубов со Изадора Данкан

[уреди | уреди извор]

Во животот на Есенин се провлекувале бројни жени, од кои, некои биле само попатни, кратки љубовни авантури, а другите оставиле голема трага врз неговиот емоционален живот и биле инспирација за неговата поезија. Иако не постојат прецизни податоци, се верува дека Есенин се оженил дури пет пати. Првиот брак го склучил на 18 години со Ана Изрјадновна, соработничка во издавачката куќа во Москва каде тој бил писар, и со неа имал син, Јуриј, кој подоцна, за време на сталинистичките чистки, бил уапсен и умрел во логорите на ГУЛАГ. Во 1917 година, Есенин се оженил по вторпат, со Зинаида Рајх (која подоцна му станала жена на Всеволод Мејерхолд). Со неа имал две деца - ќерката Татјана и синот Константин, но набргу го прекинал тој боемски брак што повеќе му влевал досада отколку задоволство. Потоа, следувал период на бројни боемски скандали и перверзни љубовни оргии, кои често го ставале на тапет на јавноста.

Кон крајот на 1921, посетувајќи го студиото на сликарот Алексеј Јаковлев, Есенин се запознал со француско-американската балерина Изадора Данкан, која била постара од него дури 17 години. Уште при првата средба се родила взаемна љубов на прв поглед. Најпрвин, тие комуницирале буквално низ емоциите, бидејќи ниту таа знаела руски, ниту тој разбирал англиски, а се разбирале само со понекој збор на француски. Додека малограѓаните ја исмевале големата разлика во нивните години (тој имал 26, а таа 43 години), тие не можеле еден без друг. Есенин во неа гледал како во чудо („не знаејќи што да прави со своите раце и нозе“)[17] и ја сметал за жена во која се огледувала „убавината на античката хармонија“. И Исидора не можела без него и го бркала низ Москва, сакајќи да го извлече од локалите, лесните жени, пиењето и боемскиот живот во кои тој бил длабоко вовлечен. На 2 мај 1922 година, тие стапиле во брак, а потоа заминувале на турнеја низ Европа и Америка. Сепак, безмерната среќа траела кратко, бидејќи неговите чести пијанства и депресивни состојби резултирале со бројни скандали (кршење на хотелскиот инвентар), кавги и расправии. Оттука, нивниот брак траел многу кратко и во 1923 година Есенин се вратил сам во Москва, по една година брак.

Во август 1923 година, по враќањето од странство, Есенин на запознал театарската глумица од камерниот тетар во Ленинград, Августа Леонидовна Миклашевска, кон која имал нежни чувства и се гледал со неа до 1925 година.[15] Се верува дека тие се венчале во граѓанска церемонија веднаш штом тој го добил разводот од Изадора Данкан, но и тоа траело многу кратко. Потоа, Есенин повторно влегол во нова врска, овојпат со поетесата Надежда Волпина, со која имал син, Александар, иако Есенин не дознал за тоа. Подоцна, во 1960-тите, Александар Есенин-Волпин бил дисидент од Советскиот Сојуз и станал познат поет и активист во емиграцијата. Најпосле, последната законска сопруга на Есенин била Софија Андреевна Толстоја-Есенина - внука на големиот руски писател Лав Николаевич Толстој.

Одарот на Сергеј Есенин

Последниот период од животот и самоубиството

[уреди | уреди извор]

Последната година од животот на Есенин била исполнета со агонија и неподносливо, налудничаво и малициозно однесување, но и покрај тоа, овој период бил неверојатно плоден на поетски план. „Не можам да ги запрам (песните). Тоа е просто како навиена машина“, Есенин им се доверувал на пријателите.

Есента 1924 и почетокот на 1925 година, одредено време престојувал на Кавказ (во Тбилиси, Батум и Баку),[18] а во 1925 година за последен пат ја посетил родната куќа.[19]

Истата година се оженил со Софија Андреевна Толстоја, која се обидувала да му помогне и да го извлече од пијанството и психичката криза, но и покрај сите обиди да го спаси, Есенин доживеал целосен ментален слом, по што, од крајот на ноември до 20 декември 1925 тој престојувал во болница, кај што се лечел.[20]

Вечерта на 23 декември 1925 година, Есенин отишол кај сестрите во Замоскворечје, и не поздравувајќи се, заминал во својата соба и ги собрал сите свои работи. Пристигнал во Петроград на 24 декември утрото и отседнал во хотелот „Англетер“, во собаа број 5, во која пред три години отседнале заедно со Исидора. Болно вознемирен, се чувстувал страшно осамен, особено навечер, кога требало да остане сам. Ноќта, помеѓу 26 и 27 декември си ги пресекол вените и со сопствената крв ја напишал својата последна песна „До гледање, пријателу, до гледање“. Вечерта на 27 декември, додека вечерал во хотелскиот ресторан, бил страшно замислен и тажен, и пушел нервозно и неспокојно. Во текот на вечерта, трчал низ ходниците на хотелот, тропал на вратите во налудничав транс и барал некого. Ноќта, помеѓу 27 и 28 декември, повторно си ги пресекол вените, но не успеал да се убие, по што, го извадил јажето со кое му бил врзан багажот и се обесил на цевката за парно греење.

Есенин бил погребан на Вагањските гробишта во Москва, на 30 декември 1925 година. На комеморацијата по повод неговата смрт пеел оперскиот пејач Л. В. Собинов, додека литературниот критичар П. С. Коган напишал пофална статија за Есенин која Мајаковски ја нападнал како лажна и непотребна.[21] Огорчен поради смртта на Есенин, во 1926 година, Мајаковски ја напишал песната „На Сергеј Есенин“ во која ја парафразира последната строфа од последната песна на Есенин, пишувајќи:[22]

Во овој живот
лесно е да се умре
да се негува животот
далеку е потешко.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Есенин започнал да пишува уште во раната младост. Така, А. И. Розанов во книгата „Есенин за себе и за другите“, објавена во 1926 година, пренесува дека Есенин му кажал дека песните од циклусот Маковые побаски ги напишал кога имал околу 14 години, што значи дека потекнуваат од 1909-1910 година.[23] Според сведочењето на сопругата на Есенин, С. А. Толстој-Есенина, самиот Есенин тврдел дека „Веќе е вечер. Росата...“ (Вот уж вечер. Роса...) е неговата најстара песна.[24]

Најстарите песни на Есенин, напишани меѓу 1910 и 1912 година, се содржани во ракописната збирка „Болни мисли“, која се состои од две училишни тетратки во кои Есенин на рака ги напишал своите први 16 песни. Летото 1912 година, Есенин му ги подарил тетратките на својот школски другар Сергеј Иљин, кој ги зачувал. Песните, пишувани под големо влијание на Лермонтов, немаат особена уметничка вредност, но се значајни како доказ за талентот и како сведоштво на поетскиот развој на Есенин.[25] Исто така, во 1912 година, пред завршувањето на своето образование во Спас-Клепиковската црковно-учителска школа, на својот професор по книжевност Е. М. Хитров, Есенин му оставил две тетратки со песни. Во едната биле песните: „Ѕвезди“, „Сеќавање“, „Мојот живот“, „Сè помина - нема да се врати“, и „На И. Д. Рудински“, додека во втората се наоѓале песните: „Ноќ“, „Изгрејсонце“, „Покојник“, „Зима“ и „Песната на старецот-разбојник“.[26]

Првата негова објавена песна е „Бреза“, која била отпечатена во московското списание „Мирок“, во 1914 година, и тоа под псевдонимот „Аристон“, според името на музичките кутии кои биле популарни во тоа време. Неговиот другар од детството Н. Сарандовски, во своите спомени („Од моите спомени за Сергеј Есенин“) сведочи дека Есенин бил незадоволен од презимето и сакал како свое книжевно презиме да го користи Јасенин, бидејќи тоа му делувале поефектно.[23] Во текот на 1914 - 1916, Есенин објавувал песни во повеќе списанија, новини и зборници: „Мирок“, „Млечний путь“, „Ежемесячниый журнал“, „Русская мысль“, „Голос жизни“, „Бержевые ведомости“, „Проталинка“, „Путь правды“, „Новъ“, „Новый журнал для всех“, „Друг народа“, „Летописъ“, „Марс“, „Огниво“, „Жизнь“, „Парус“, „Доброе утро“, „Кубанская мысль“, „Нива“, „Весь мир“, „Северниые записки“, „Северное утро“, „Северная звезда“, „Петроградский вечер“, „Прянник осиротевшим детям“ и „Страда“.[27]

Во овој период, Есенин бил активен член на книжевно-музичкиот кружок „Суриков“, но во февруари 1915 година, тој ги напуштил „суриковците„, иако продолжил и понатаму да соработува со нивното списание, каде ги објавувал своите песни. Во 1916 година излегла неговата збирка песни „Задушница“ (Радуница), која всушност била објавена во крајот на 1915 година.[24] Во првото издание на „Задушница“, Есенин користел многу месни рјазањски зборови, кои ги збунувале читателите, но нему, сето тоа му било забавно. Подоцна, во второто издание на збирката, локалните зборови биле исфрлени.[28] Најзрелото дело од раното творештво на Есенин е песната „Русија“ (Русъ), објавена во 1915 година во списанието „Новый журнал для всех“, а по повод Првата светска војна. Со оваа песна, Есенин стекнал поетска слава.[29] Првиот јавен поетски настап во Москва, Есенин го имал на 21 јануари 1916 година во Друштвото за слободна естетика, кога ги прочитал песните „Во селската куќа“ (В хате), „Крава“ (Корова) други.[30] Поезијата на Есенин во период пред Октомвриската револуција видливо ги користи искуствата на симболизмот, а неговиот лиризам ги крие своите зачетоци во лириката на Блок, а тоа е особено видливо во патриотската поезија, како што се циклусите за Русија. Исто така, покрај идиличните слики на селската Русија, веројатно настанати под влијание на народната поезија, во раното творештво на Есенин се присутни и религиозните мотиви кои тој ги добил во наследство од детството поминато кај дедо му.[31]

Веќе во 1917 година, Есенин започнал да пишува песни со револуционерна содржина.[6] Впрочем, книгите издадени во 1918 година („Преображение“, „Селски часослов“ и второто издание на „Радуница“) биле отпечатени со датата „втора година од првиот век“. Во „Инонија“, „Селкси часослов“ и во други песни, Есенин ја развива мислата за религиозната оправданост на револуцијата. Во нив, тој е бунтовник, но и мечтател кој револуцијата ја изедначува со доаѓањето на добриот спас. Сепак, дури и во овие песни се наѕира новата линија во неговото творештво, т.е. тој почнува да се ослободува од религиозните слики и мотиви и од идеализирањето на селото и на минатото, иако тагата за изумирањето на селото, како лајтмотив, се враќа и во неговото подоцнежно творештво.[7] Подоцна, во 1921-1922 година, Есенин планирал да напише поема во која еден од главните ликови требало да биде Ленин, но никогаш не ја довршил. Делови од неа се објавени како посебни песни, како што е песната „Ленин“, напишана по смртта на Ленин, а објавувана во 1924 и 1925 година. Исто така, Есенин пишувал за Ленин и за револуцијата и во други свои песни („Балада за дваесет и шестемина“, „Слово за големиот поход“, „Капетанот на земјата“, „Ана Снегина“ итн.).[32].

Околу 1919-1920 година, Есенин се вклучил во имажинизмот и во овој период, тој се дружел интензивно со другите претставници на овој книжевен правец, како: Анатолиј Мариенгоф, А. Кусиков, Рјурик Ивњев итн.[33] Вообичаено се наведуваат повеќе објаснувања за пристапувањето на Есенин кон имажинистите: едни сметаат дека причината лежи во наклонетоста на Есенин кон живите слики и свежите метафори; исто така, се смета дека важна причина била неговата желба да создаде круг на истомисленици, како и желбата за популарност, дури и по цена на јавни скандали; некои ги бараат причините во длабоките промени во неговото расположение, т.е. свртувањето кон себеси.[8] Иако во 1921 година раскинал со имажинистите, обвинувајќи ги за недоволна љубов кон татковината и за робување кон бројни заблуди,[8] Есенин му останал верен на имажинизмот до 1924 година.[34] Во секој случј, во овој период од неговото творештво јасно се забележуваат бројни противречности, а песните се одликуваат со исповеден тон и со драматичност. Особено песните „Хулиган“, „Исповедта на хулиганот“ и „Сорокоуст“ ги најавуваат основните противречности низ кои се изразува потврдувањето на неговиот поетски талент. Тој почнува дефинитивно да ја напушта илузијата за селскиот живот и во него расте уверувањето дека минатото е неповратно загубено.[8] Во 1922 година, Есенин ја објавил драмската поема „Пугачов“ во која за првпат се впушта во епското пеење. Силата на ова дело лежи во длабокиот лиризам на поемата во која секоја сцена претставува заокружена поетска целина, иако тој не успева да даде широка епска слика на борбата на селаните.[8]

Во двете последни години од животот (1924-1925), Есенин ги објавил книгите: „Кафеанска Москва“ и „Песни за Русија и Револуцијата“, како и поемата „Ана Снегина“ и циклусот „Персиски мотиви“.[17] Кон крајот на животот, Есенин се заинтересирал за кратките песни. Така, според сведочењето на неговата сопруга Толстој-Есенина, во ноќта меѓу 4 и 5 октомври 1925 година, Есенин напишал седум кратки песни, кои биле објавени посмртно во 1926 година.[35]

Есенин пишувал и песни за деца. Така, во 1915-1916 година планирал да ја издаде збирката за деца "Зарянка", но неговиот план никогаш не се остварил.[36] Дури во 1925 година, повторно започнал да пишува детски песни.[37]

Книжевни влијанија

[уреди | уреди извор]

Во почетната фаза од творештвото на Есенин се чувствува влијанието на Алексеј Васиљевич Кољцов (1809-1842) - истакнат руски поет кој пеел за селскиот живот, работата и сиромаштијата. Впрочем, во неговата автобиографија, самиот Есенин напишал дека: „Од поетите, најмногу ми се допаѓаа Лермонтов и Кољцов. Подоцна преминав на Пушкин.“ На отворањето на споменикот на Кољцов во Москва на 3 ноември 1918 година, Есенин прочитал една своја песна. Во 1915 година, во Петроград, Есенин се запознал со поетот Николај Алексеевич Кљуев (1887-1937) кој, исто така, бил истакнат селски поет за време на револуцијата. Кљуев, исто така, извршил влијание врз младиот Есенин, кој, по револуцијата, постепено се оддалечил од него, сметајќи дека неговите песни се празни.[38]. Есенин многу го ценел делото на А.В. Ширјаевц (вистинско име А.В. Абрамов), кој, исто како и Есенин, потекнувал од селска средина. По повод неговата смрт (Ширјаевц умрел на 15 мај 1924 година), Есенин напишал една песна.[39] Поезијата на Есенин напишана пред Октомвриската револуција била под влијание и на Александар Блок, а за тоа пишува и самиот Есенин во своите автобиографски белешки. Од друга страна, и Блок се изразил пофално за стиховите на младиот Есенин.[5]

Есенин бил под влијание и на Валериј Јаковлевич Брјусов, кого посебно го ценел, велејќи дека „сите ние учевме од него“.[6] Во 1924 година, по повод смртта на Брјусов, Есенин ја напишал песната „Спомени на Брјусов“, а напишал и некролог кој долго време останал непознат и бил објавен дури во 1962 година.[40]

Во последните години од животот, Есенин сè повеќе се воодушевувал од творештвото на Пушкин. Така, во својата автобиографија од 1925 година, Есенин изјавил: „Во поглед на уметничкиот развој, сега сè повеќе ме влече кон Пушкин“. Во 1924 година, по повод 125-годишнината од раѓањето на Пушкин, Есенин ја напишал песната „На Пушкин“, која ја прочитал на митингот пред споменикот на Пушкин, на Тверскиот булевар во Москва.[41]

Најпосле, некои песни на Есенин се напишани под очигледно влијание на германскиот поет Јохан Хебел (1760-1826),[33] додека во некои песни се чувствува влијанието на Гогољ.[13].

Последната песна на Есенин

[уреди | уреди извор]

Непосредно пред смртта, Есенин ја напишал последната песна „До гледање, пријателу, до гледање“, која била објавена посмртно, во вечерното издание на весникот „Красная газета“, на 29 декември 1925 година. Оваа песна, Есенин ја напишал со сопствената крв, во ленинградскиот хотел „Англетер", ноќта меѓу 26-27 декември 1925 година.[14]

На руски јазик:

До свиданья, друг мой, до свиданья.

Милый мой, ты у меня в груди.

Предназначенное расставанье

Обещает встречу впереди.

До свиданья, друг мой, без руки, без слова,

Не грусти и не печаль бровей,-

В этой жизни умирать не ново,

Но и жить, конечно, не новей.

Во слободен превод на македонски јазик:

До гледање, пријателу, до гледање.

Мил мој, ти си ми во градите.

Предвидената разделба

Ветува средба во иднина.

До гледање, пријателу, без раце, без зборови,

Не жали и не тажи ги веѓите, -

Во овој живот да се умре не е ново,

Но и да се живее, секако, не е новост.

Неговиот другар Ерлих Волф во статијата „Четири денови“ (Четыре дня), објавена во 1926 година, како дел од зборникот „Спомени на Есенин“ (Памяати Есенина), раскажува како настанала последната песна на Есенин.

Непосредно пред смртта, Есенин ги посетил своите пријатели и им се пожалил, со зборовите: „Па, тоа е безобразлук! Во хотелска соба да нема мастило! Сакам да напишам песна, а нема мастило. Барав, барав и не најдов. Гледај што направив“ - го засукал ракавот и ја покажал исечената рака - „... Ако нема мастило, пак ќе ја исечам раката. Па што сум јас, не сум книговодител за да одложувам за утре!...“

Есенин се наведнал над масата, искинал еден лист од нотесот, го свиткал и му го ставил на Волф во џебот, со зборовите: „Ова е за тебе...“ Пријателите сакале да ја слушнат песната, но Есенин му рекол на Волф: „Не, почекај! Кога ќе останеш сам, тогаш прочитај ја. Зошто да брзаш!“[14]

Потресен и разочаран од смрта на Есенин, Мајаковски напишал песна посветена на него („На Сергеј Есенин“) во која, наспроти депресивните тонови, дал пооптимистичка порака за животот, завршувајќи ја песната со стиховите:[42]

В овој живот
да умреш е лесно.
Да изградиш живот
многу е потешко.

Поважни дела

[уреди | уреди извор]

Најзначајни збирки поезија на Есенин се:

  • Оган (Огонек), 1915
  • Задушница (Радуница), 1916
  • Синило, 1918
  • Преображение, 1918
  • Селски часлослов (Селъский часлослов), 1918
  • Голубень, 1918
  • Трерядница, 1920
  • Исповед на хулиганот (Исповедь хулигана), 1921
  • Избор (Избранное), 1922
  • Собрани стихови и поеми (Собрание стихов и поэм), 1922
  • Собрани песни и поеми (Собрание стихотворений и поэм) 1922 (издадена во Берлин)
  • Стихови на скандалистот (Стихи скандалиста), 1923
  • Кафеанска Москва, 1924
  • Стихови (Стихи), 1924
  • За Русија и револуцијата (О Росии и революции), 1925
  • Советска Русија (Русь советская), 1925 (издадена во Баку)
  • Персиски мотиви, 1925
  • Ана Снегина, 1925
  • Црн Човек, 1925

По неговата смрт, во повеќе наврати се издавани неговите собрани дела или пак избор од неговата поезија, како што се:

  • Собрани песни (Собрание стихотворени), 1926-1927
  • Избор (Избранное), 1946
  • Песни (Стихотворения), 1953
  • Творештво во два тома (Сочинения в двух томах), 1955
  • Песни и поеми (Стихотворения и поэмы), 1956
  • Избор (Избранное), 1958
  • Собрани дела (Собрание сочинений), 1961-1962
  • Собрани дела (Собрание сочинений), 1968

Поезијата на Есенин на македонски јазик

[уреди | уреди извор]

Поезијата на Есенин е објавена на македонски јазик во повеќе наврати:

  • Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988. Изборот, препевот и поговорот се дело на Србо Ивановски). Книгата е објавена во рамките на едицијата „Странски и југословенски автори“ и содржи 40 поетски творби. Книгата, со обем од 74 страници, е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“, но ја нема меѓународната ознака ISBN.[43]
  1. Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 67.
  2. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр.200.
  3. Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 67.
  4. Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 67-68.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 68.
  6. 6,0 6,1 6,2 Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 145.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 69.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 70.
  9. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 154-155.
  10. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 172.
  11. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 157.
  12. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 176.
  13. 13,0 13,1 Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 158.
  14. 14,0 14,1 14,2 Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 185.
  15. 15,0 15,1 Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 160.
  16. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 170.
  17. 17,0 17,1 Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 71.
  18. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 175-176.
  19. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 181-182.
  20. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 182.
  21. Владимир Мајаковски, На сет глас. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 75.
  22. Владимир Мајаковски, Песме и поеме. Нови Сад: Академска књига, 2015, стр. 157-163.
  23. 23,0 23,1 Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 189.
  24. 24,0 24,1 Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 185.
  25. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 183.
  26. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 188.
  27. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 185-201.
  28. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 196.
  29. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 194.
  30. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 192-197.
  31. Србо Ивановски, „Поговор“, во: Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 68-69.
  32. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 174-175.
  33. 33,0 33,1 Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 156.
  34. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 159.
  35. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 183.
  36. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 1, Lirika (1910-1916), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 190.
  37. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 184.
  38. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 2, Lirika (1917-1923), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 147.
  39. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 169.
  40. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 171.
  41. Sergej Jesenjin, Celokupna dela, knjiga 3, Lirika (1924-1925), šesto izdanje. Beograd, RAD, 1980, стр. 169-170.
  42. Владимир Мајаковски, На сет глас. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 64.
  43. Сегеј Есенин, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]