Стефан I (Унгарија)
Иштван I | |
---|---|
Апостолски крал на Унгарија | |
Статуа на Иштван I | |
На престол | 997 - 1000/1 (голем везир на Унграрците) 1000/1 - 1038 (крал на Унгарија) |
Претходник | Геза (голем кнез на Унгарците) |
Наследник | Петар I |
Почивалиште | |
Сопружник | Гизела Баварска |
Деца | Свети Емерик |
Династија | Арпадовци |
Татко | Геза |
Мајка | Шаролт |
Свети Стефан I (унгарски: I. (Szent) István; латински: Sanctus Stephanus) (Естергом, 967/969/975 - Естергом[1][2][3] или Секешфехервар, 15 август 1038) — голем везир на Унгарците (997-1000) и првиот крал на Унгарија (1000-1038). Тој успеал да ја зацврсти унгарската контрола во Панонската низина, го вовел христијанството како примарна религија во земјата, а често се споменува дека тој е создавачот на кралството Унгарија. Тој бил канонизиран, заедно со неговиот син Емерик и Герард Сагредо на 20 август 1083, со што станал еден од најпопуларните светци во Унгарија.
Рани години
[уреди | уреди извор]Вистинското име на Иштван било „Вајк“[4][5] во Естергом[4]. Неговиот татко бил големиот везир Геза[4], а негова мајка била Шаролт[6], ќерка на Ѓула од Трансилванија[7], кој бил унгарски благородник, покрстен во Византија.[8] Иако Шаролт била покрстена и станала православна на дворот од својот татко [9] од страна на византискиот патријарх Хиеротеос,[6][10] таа не настојувала многу да биде религиозна.[11]. Според легендите, Вајк бил покрстен од светецот Адалберт Прашки.[12][13] Нему му било дадено христијанското име Стефан (Иштван) во чест на светецот Свети Стефан.[14] Христијанското име, можеби било избрано и поради тоа што, зборот во превод не значи само „круна“, туку на иврит, истиот значи „норма“ или „стандард“.[15] Така, мисијата на Свети Стефан била да ѝ обезбеди норма на Унгарија со Светата круна (наречена и Доктрина на светата круна). И покрај тоа, друга причина била тоа што, Стефан како свршеник на жена од диоцезата Пасау, сакал да направи нешто во чест на главниот светец од Пасау. Денес, катедралата во Пасау е наречена по него (Свети Стефан).
Кога Стефан пораснал, големиот везир Геза собрал собрание на кое било одлучено Стефан да го наследи неговиот татко, како монарх на Унгарците.[16] Оваа одлука, сепак била спротивна на унгарскиот племенски обичај, според кој правото на наследство му се доверувало на најстарата личност која била блиска до владетелот.
Стефан се оженил со Гизела Баварска[4], ќерка на Хенрик II Кавгаџијата[4] околу 995 или нешто подоцна.[17] Преку овој брак, тој станал брат според правото на идниот цар на Светото Римско Царство Хенрик II. Гизела допатувала на дворот на нејзиниот маж, придружувана од германски витези.[18]
Голем везир на Унгарците
[уреди | уреди извор]Во 997, големиот везир и татко на Стефан Геза починал, па започнале борби за избор на негов наследник.[19] Стефан се согласил да владее над Унгарците според христијанскиот принцип на божја милост, додека неговиот чичко Копањ, кој бил голем паган во Шомоѓ го имал вистинското право на наследник.[20] Постои можност дека двајцата се соочиле во битката крај Веспрем и Стефан, кој излегол како победник, ја презел титулата, голем везир на Унгарците. Неговата победа, била првенствено поради неговата германска придружба, предводена од браќата Пазмањ и Хонт[21]. Современите документи за основањето на манастирот во Панонхалма ја опишуваат битката како соочување меѓу Германците и Унгарците. Иако, Стефан ја наметнал својата моќ во Придунавие, некои делови од Унгарија сè уште не биле под негова власт.
Според унгарската традиција, папата Силвестер II со согласност на царот на Светото Римско Царство Отон III испратил величествена круна накитена со злато, намената за Стефан, со апостолски крст и писмо со благослов, со кое официјално бил признат како христијански крал на Унгарија. Подоцна, оваа традиција била толкувана како папско признавање на независноста на Унгарија од Светото Римско Царство. Точниот датум на неговото крунисување е различно претставен, некаде Божиќ во 1000, а некаде 1 јануари 1001.
Стефан I е тесно поврзан со Светата круна, наречена и Доктрина на светата круна, што создава единствена традиција на кралството Унгарија. Според Хартвишката легенда, за време на неговата коронација, Стефан се посветил на круната со света невиност, со тоа запечатувајќи го договорот меѓу Бог и круната (оттаму потекнува изразот „света круна“). Овој договор, исто така претставува основа за Доктрината на светата круна и основа за апостолското кралство Унгарија. Денешната круна, која денес опстијува, најверојатно никогаш не била носена од кралот, бидејќи истата потекнува од 12 век, иако нејзиното потекло е спорно.
Прв крал на Унгарија
[уреди | уреди извор]Според влијателната Илустративна хроника, првиот крал на Унгарија бил Атила. Но, и покрај тоа, во хрониките пишува дека Иштван I исто така се смета за прв крал на Унгарија. Образложено е меѓу историчарите, благодарение на записите на Иштван во „Приговори до Емерик“, во кои е запишано: „Regale ornamentum scito esse maximum: sequi antecessores reges et honestos imitari parentos“, што се преведува како: „Најголемото дело за кралството е да се следат старите кралеви и да се имитираат родителите“; ова значи дека Иштван се однесува на „старите кралеви“, коишто можеле да бидат само Атила и Нимрод. Ова исто така, би можело да значи дека уставот на кралството не бил донесен од Иштван, туку од неговите претходници.
Потврдено е дека, уште пред или нешто по неговата коронација, Иштван I основал неколку бискупии, како на пример, оние во Веспрем, Ѓер, Калоца, Вач и Бихар. Тој исто така ја основал и Естегромската архиепископија, со што создал организација независна од германските архиепископи. Иштван започнал да организира и територијално управување, основајќи неколку грофовии (comitatus, megye) во неговото кралство.
Иштван ги отфрлил паганските обичаи и го засилил христијанството со бројни закони. Во неговиот прв декрет, издаден во почетокот од неговото владеење, тој наредил секои 10 села да изградат заедничка црква. Тој повикал странски свештеници во Унгарија, за да го покрстат населението во неговото кралство. Како негов надгледник служел светиот Астрик, а како воспитувач на својот син Емерик, Иштван го назначил свети Герард.
Околу 1003, Иштван ја нападнал и освоил Трансилванија, која била под контрола на неговиот вујко Ѓула. По оваа победа, Иштван основал бискупија во Трансилванија. Во следните неколку години, тој ги освоил и териториите на Црните Унгарци во јужниот дел на Придунавие и таму ја формирал Печката бискупија. Кратко потоа, се верува дека склучил сојузништво со Самуел Аба, водач на кабарските племиња, населени во регионот Матра. Самуел се оженил со сестрата на Иштван, а подоцна станал третиот крал на Унгарија. На овој простор, Иштван ја основал Егерската бискупија.
Иштван ги окупирал и областите под власт на Ахтум, кој владеел на територијата на денешен Банат. На тоа место, тој ја основалч Чанадската бискупија.
Надворешна политика
[уреди | уреди извор]Иштван водел надворешна политика, склучувајќи сојузништво со Хенрик II Светиот против принцот Болеслав I, кој ја проширил својата власт над териториите на просторот меѓу реките Морава и Вах. Иштван испратил трупи до царската војска, и по Будишинскиот мир во 1018, полскиот принц морал да му отстапи територии.
Кратко потоа, Иштван испратил трупи и му помогнал на Болеслав I во неговиот поход против Киевска Русија. Во 1018, Иштван ја предводел војската против македонското царство, како сојузник на византискиот цар Василиј II Македонецот и собрал неколку реликвии за време на својот поход.
По смртта на Хенрик II (3 јули 1024), Иштван го прекинал германското сојузништво, бидејќи новиот цар на Светото Римско Царство Конрад II ја потврдил доминацијата над кралството Унгарија, додека Иштван ја побарал грофовијата Баварија за својот син Емерик, кој бил најблискиот роднина на покојниот Хенрик II. Во 1027, Иштван го уапсил Вернер Стразбуршки, кој бил испратен како гласник од страна на царот Конрад II во Византија. Во 1030, царот ја предводел својата војска против Унгарија, но трупите на Иштван го одбиле нападот. Примирјето од оваа војна било склучено во 1031, а териториите меѓу реките Леита и Фиша ѝ биле доделени на Унгарија.
Мисионери и имигранти
[уреди | уреди извор]За време на владеењето на Иштван, бројни мисионери од западна Европа и Византија дошле во Унгарија. Редот на Бенедиктинците бил првиот, кој се проширил и во Унгарија. Секој манастир во земјата не бил само религиозен центар, туку и центар на цивилизацијата. Монасите го исистиле просторот на шумите, ја култивирале земјата и ги оградиле населените места во кои доаѓале колонисти. Мисионерите од западноевропските земји ги учеле Унгарците на нивниот начин на живот, на водењето на домаќинството во нивните земји и на организацијата на земјоделството, иако нивна главна цел било покрстувањето на населението. Венецијанските свештеници ја наметнале латниницата како официјално писмо на унгарскиот јазик.
Покрај монасите и мисионерите, во Унгарија дошле и многу трговци и занаетчии, а имиграцијата во земјата била особено забрзана со епидемијата на болести во другите делови на Европа.
Последните години
[уреди | уреди извор]Иштван настојувал да се повлече од својата функција до крајот на животот и власта да му ја препушти на синот Емерик, но Емерик бил повреден во ловечка несреќа и умрел во 1031. Зборовите на Иштван во знак на жалост биле:
Смртта го зема според смртната одлука на Бог, но лошотијата нема да ја смени неговата душа и погрешните воображувања нема да го измамат неговиот разум - како што книгата на мудроста учи за раната смрт.
За загубата на синот, Иштван жалел долго време, што влијаело врз неговото здравје. Тој се помирил, но никогаш повеќе не ја вратил својата природна виталност. Останувајќи без деца, не можел да најде некој меѓу неговите роднини, кој би бил способен да владее со земјата до тој степен, одржувајќи го христијанскиот дух на нацијата. Тој не сакал да му го довери кралството на неговиот братучед, грофот Вазул, кој според него ги почитувал паганските обичаи. Занемарениот гроф бил дел од обидот за убиство на Иштван, кој бил безуспешен, а Вазул ги изгубил очите и ушите. Неспособен да избере наследник, кралот Иштван починал на празнувањето на успението на Пресвета Богородица (28 август/15 август) во 1038 година во Секешфехервар, каде што и бил погребан. Неговата великодушност и дела се вели дека биле сожалувани во наредните 3 години.[се бара извор]
Наследство
[уреди | уреди извор]По смртта на Иштван, неговиот внук, Петар Орсеоло, и неговиот зет, Самуел Аба, се бореле за кралската круна. Поминале 9 години, откако неговиот братучед Андраш I бил крунисан за крал на Унгарија во 1047, обновувајќи ја династијата на Арпадовците. Според унгарската историографија, Петар и Самуел се членови на династијата Арпадовци и двајцата се сметаат за кралеви од оваа династија.
Кратко по смртта на Иштван, се вели дека на неговиот гроб се појавиле лековити чуда. Иштван бил канонизиран од страна на папата Григориј VII како Свети Стефан од Унгарија во 1083, заедно со неговиот син Емерик и архиепископот Герард. Со ова, Иштван станал првиот крал-исповедник кој станал светец.
Катoлиците го почитуваат како светец и патрон на Унгарија, кралевите, смртта на децата, масоните, каменоресците и ѕидарите. Денот на празнување на светиот Стефан не бил вклучен во календарот на светците, бидејќи би се земал 15 август, кога се празнува успението на Пресвета Богородица. Празникот бил додаден во католичкиот календар на светците во 1631 како комеморација на празникот на светиот Бернард Клервоски на 20 август. Во 1687, истиот бил преместен на 2 септември. На овој ден, празникот се празнувал 282 години, сè до промените во календарот во 1969. Оттогаш, празникот се празнува на 16 август, ден на кој се празнува и празникот на светиот Јоаким. Со тоа, денес празникот во чест на Свети Стефан од Унгарија се празнува на денот по денот на неговата смрт.[22]
Католиците-традиционалисти и понатаму го празнуваат празникот посветен на „Свети Стефан, кралот и исповедникот“ на 2 септември.
Сепак, во Унгарија, празникот се празнува на 20 август, ден на кој неговите причесни реликвии биле пренесени до градот на Буда. Овој ден е државен празник на Унгарија.
Десната рака на кралот, позната како „Светата десница“ е сочувана како реликвија. Неговото тело било мумифицирано по неговата смрт[се бара извор], но гробот бил отворен и неговата рака била одвоена од телото неколку години подоцна. Освен ова, останале само неколку остатоци од неговите коски (овие остатоци се сочувани во неколку цркви во Унгарија). Унгарските Католици во чест на својот прв крал, еден ден во годината имаат можност да ја видат „Светата десница“.
Канонизацијата на светиот Стефан беше признаена и од Вселенскиот патријарх Вартоломеј I во 2000.[10]
Светата круна била изнесена од земјата во 1945 заради сочувување и ѝ била доверена на владата на САД. Круната се чувала во депозитарот во Форт Нокс, каде се наоѓала до 1978, кога ѝ била вратена на нацијата, по наредба на Џими Картер. Од 2000, круната се наоѓа во зградата на унгарскиот парламент во Будимпешта.
Реформи
[уреди | уреди извор]Реформите на Иштван биле спроведувани веднаш по неговото доаѓање на власт, кое се одликувало со борба против обичајните наследници. Неговите закони биле донесени според германскиот пример, но притоа сепак морале да се земат и условите во кои тогаш се наоѓала Унгарија. Иштван донел закони, кои може да се поделат во две групи. Првите биле пишани и биле донесени за време на неговото владеење, а вторите биле донесени непосредно пред неговата смрт и кратко потоа.
Најпрвин, тој ги укинал племенските сојузи и ја централизирал Унгарија по примерот на владетелите од Каролиншката династија. Државата била поделена на нови територијално-административни единици, наречени жупании, кои ги имало од 40 до 50.
Неговото прифаќање на христијанството, влијаело во донесувањето и на закони поврзани со религијата. Имено, Иштван донел закони со кои се наложувало, секои 10 села да имаат заедничка црква и сите верници да бидат обврзани да го празнуваат денот недела. Законите на Иштван направиле големи промени во начинот на живеење, кој се темелел на традиционалните историски обичаи. Со овие закони исто така биле укинати и неколку несвојствени работи, како што бил левиратот.
Новата, кралска власт била основана и организирана со седиште во Секешфехервар. Истата започнала со воведување на систем на плаќање со ковани пари и со наплата на јавните давачки. Во употреба биле странски пари. Била укината крвната одмазда, а власта била распоредена по територијален принцип. Во споредба со поранешниот номадски живот, новодонесените закони во земјоделството не довеле само до политички промени, туку и до економски и до промени во сите сфери на живеењето. Земјата станала дел од голем кралски имот, кој во додаток на власта содржел подароци во вид на територија. Одбивањето на ваквите територијални подароци не било несвојствено, бидејќи можеле лесно да се загубат, што било својствено за државните системи организирани во тоа време, кои се темелеле на територијалниот принцип.
Цитат
[уреди | уреди извор]За моќта како владетел, родител, воспитувач и оратор, посочува и следниот извадок од едно советодавно обраќање на Иштван кон својот син Емерик:
„ | Мој сакан сине, задоволство на моето срце, се надевам на твојот напредок, јас се молам, јас наредувам дека во секое време и во сè, се зајакнува твојата верност кон мене, ти можеш да покажеш наклонетост не само до твоите роднини и твоето семејство или до најзначајните, кои се водачи или богати луѓе или соседи или државници, туку и до странците и сите оние кои ти се приближуваат. Исполнувајќи ја твојата должност на овој начин, ти ќе ја достигнеш највисоката состојба на среќа. Биди миолстив спрема сите кои страдаат од насилство, зачувувајќи го секогаш во своето срце примерот на господарот кој вели: „Јас пожелувам милост и непожртвуваност.“ Биди трпелив со секого, не само со моќните, туку и со слабите. На крајот на краиштата биди силен како би се подигнал превисоко или лошата среќа би те спуштила надолу. Биди скромен во овој живот, кој Бог може да ти го продолжи. Биди навистина умерен и никого не казнувај или осудувај неумерено. Биди љубезен, така што никогаш нема да ѝ се спротивставиш на правдата. Биди чесен, така што никогаш на никого нема да му пружиш немилост. Биди невин. така што ќе можеш да ги избегнеш сите подмолности на желбата како болките на смртта. |
“ |
Иштван I во уметноста
[уреди | уреди извор]Кралот Иштван бил популарна тема во уметноста, особено во 19. век, кога во подем бил наационализмот. За унгарската нација, значајни се сликата „Баптизмот на Вајк“ (1875) од Ѓула Бенцур и многу други статуи, кои го претставуваат кралот, а се наоѓаат во повеќе краеви на Унгарија.
Последната довршена опера на унгарскиот композитор Ференц Еркел е насловена István király (1885) (Кралот Иштван). Најголемо дело во музиката кое го претставува ликот на Свети Иштван се Бетовеновите увертири за Крал Стефан и рок операта од 1983 István, a király (Иштван, кралот) од Левенти Серењи и Јанош Броди. Серењиевото Veled, Uram! (2000) (Со тебе, мој господару!) беше продолжение на операта István, a király.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „István halála“. Архивирано од изворникот на 2009-02-12. Посетено на 2009-06-16.
- ↑ Esztergom.hu
- ↑ Hankó Ildikó: Királyaink Tömegsírban
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 „Stephen I“. Енциклопедија Британика. Encyclopædia Britannica, Inc. 2008. Посетено на 2008-07-29.
- ↑ Тој бил наречен „Вајк“ од страна на Титмар Мезербуршки. „Вајк“ е најверојатно туркиско име, што во превод значи „богат“ или „херој“, но можеби името потекнува од унагсркиот збор за путер „вај“.
- ↑ 6,0 6,1 History of Latin Christianity. Michigan State University. стр. 398. Посетено на 2008-07-29.
- ↑ Некои полски извори, посочуваат дека неговата мајка била полската принцеза Аделаида од династијата Пјастови. Таа била втората жена на Геза, по смртта на Шаролт, но оваа верзија главно се отфрла од најголемиот број на историчари.
- ↑ „The Penny Cyclopædia of the Society for the Diffusion of Useful“. стр. 29. Посетено на 2008-07-31.
- ↑ „Foundation for Medieval Genealogy“. Посетено на 2008-07-29.
- ↑ 10,0 10,1 „Országalapító királyunk és a keleti hagyományok kapcsolatáról“. Új Ember (Catholic weekly) (унгарски). 2005-08-21. Архивирано од изворникот на 2014-04-29. Посетено на 2008-07-30.
- ↑ Engel, Pal; Andrew Ayton (2005). The Realm of St Stephen: A History of Medieval Hungary. стр. 27. ISBN 185043977X.
- ↑ „St. Stephen“. Католичка енциклопедија. Посетено на 2008-07-30.
- ↑ "Legenda maior Sancti Regis Stephani" („Големата легенда за кралот Свети Стефан“)
- ↑ Името „Стефан“ потекнува од грчкото στεφανος („стефанос“), што значи „крунисан“
- ↑ Според Златната легенда од Јаков Ворагински
- ↑ Legenda maior Sancti Regis Stephani („Големата легенда за кралот Свети Стефан“)
- ↑ Херман од Рајхенау: Chronicon de sex ætatibus mundi (Хроника на шесте етапи на светот)
- ↑ Илустрирана хроника
- ↑ Legenda maior Sancti Regis Stephani (Големата легенда за кралот Свети Стефан)
- ↑ Илустрирана хроника
- ↑ Некои автори ги нарекуваат Познањ и Хонт, со тоа што, Познањ бил словачки земјопоседник во регионот Нитраn, но сепак изворите посочуваат на фактот дека и двајцата дошле на унгарскиот двор како придружба на принцезата Гизела.
- ↑ "Calendarium Romanum" (Libreria Editrice Vaticana, 1969), стр. 100, 137
- ↑ I of Hungary
Поврзано
[уреди | уреди извор]Литература
[уреди | уреди извор]- Veszprémy László (szerk.): Szent István és az államalapítás (Osiris Kiadó, Bp, 2002) ISBN 963-389-315-1
- Uralkodók és dinasztiák, Magyar Világ Kiadó, 2001.
- Magyarország uralkodói, Pannonica Kiadó, 2003.
- Elekes Szentágotai Blanka: Kötelező olvasmányok
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Стефан I (Унгарија)“ на Ризницата ? |
- Иштван I, првиот христијански крал Архивирано на 22 јануари 2016 г.
- Слика на Иштван на банкнота од 10.000 форинти Архивирано на 10 јули 2010 г.
- Репортажа на BBC од прославата на денот на светиот Иштван во Унгарија
- Законите на Свети Иштван Архивирано на 3 јуни 2009 г.
Претходник Геза |
Голем везир на Унгарците (997-1000/1) Крал на Унгарија (1000/1-1038) 997-1038 |
Наследник Петар I |
|
Статијата „Стефан I (Унгарија)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
|