Михајло Апостолски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Михајло Апостолски
Роден на 8 ноември 1906
Роден во Ново Село, Косовски вилает,
Османлиско Царство
Починал на 7 август 1987(1987-08-07) (возр. 80)
Починал во Дојран, СР Македонија, СФРЈ
Професија воeно лице

Член на КПЈ од април 1942
Учество во војни Народноослободителна борба
Во НОВ командант на ГШ на НОВ и ПО
во Македонија
Служба Војска на Кралство Југославија;
Народноослободителна војска
и Југословенска народна армија
Чин генералполковник

Функција Претседател на МАНУ
Мандат 1976. - 1983.
Претходник Блаже Конески
Наследник Јордан Поп Јорданов

Михајло Апостолски (Ново Село, 8 ноември 1906 - Дојран, 7 август 1987) — македонски партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој.[1][2][3]

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Родната куќа на Михајло Апостолски.

Основното и средното училиште ги завршил во Штип. Во 1927 г. ја завршил Воената академија во Белград, во 1933 Високата воена академија, а во 1938 г. ја завршил и Генералштабната академија. За време на престојот во Белград, Михајло се дружел со македонските студенти и посетувал состаноци кои забранети за офицерите.[4]

Во текот на НОБ[уреди | уреди извор]

Втората светска војна го затекнала во чинот генералштабен мајор на служба во Љубљана, на должноста началник на штаб на дивизија.[4]

Во текот на кратката Априлска војна во 1941 година командувал со планинските единици на Алпите. Кога Германците ја нападнале Југославија, тој наредил да се урнат сите мостови за да се забави нивното напредување.[5] По капитулацијата на Југославија заробен е од италијанската војска и одведен е во логорот Вестоне. На 23 јуни 1941 година неговиот татко испраќа молба до бугарскиот министер за одбрана за негово ослободување и таа е одобрена.[6][7] Тој потоа бил префрлен во Риека, каде што бил ослободен со група Македонци.[1]

Работната соба на Апостолски за време на престојот на ГШ на НОВ и ПОМ во ослободено Кичево во септември 1943

По враќањето во Македонија окупирана од бугарска фашистичка чизма,[8], во септември 1941 година се поврзува со народноослободителното движење во Македонија. Во септември истата година бил назначен за член на Покраинскиот воен штаб на Македонија, а од јуни 1942 година за командант на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Во мај 1943 година бил назначен за генерал мајор. На Второто заседание на АВНОЈ бил избран за член на Претседателството на АВНОЈ.

Од февруари 1944 година покрај 33 македонски оперативни бригади, под команда на Апостолски се наоѓаат и бригади од Косово и од јужна Србија. Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран во неговиот Президиум.

По војната[уреди | уреди извор]

Претседател на МАНУ
На должноста
1975–1983
Претходник Блаже Конески
Наследник Јордан Поп Јорданов
Михајло Апостолски говори на Второ заседание на АСНОМ, Скопје, 30 декември 1944

Во февруари 1945 година бил назначен за началник на Врховниот штаб на НОВ (односно на Генералштабoт на Југословенската армија). Извршувал и други одговорни функции во ЈНА. Помеѓу 1946 и 1952 година бил командант на сараевската воена област и началник на високата воената академија на ЈНА. Се пензионирал со чин генералполковник.

По престанувањето на неговата активна воена служба, започнал интензивно да се занимава со историја. Во периодот од 1965 до 1970 година бил директор на Институтот за национална историја. Во својата научна работа напишал повеќе библиографски едници, а ја објавил и првата Историја на ослободителната војна на македонскиот народ 1941-1945 (издадена во Скопје, 1967 година).[3]

При основањето на Македонската академија на науките и уметностите (на 18 август 1967 година) е избран за нејзин прв редовен член. Во 1968 година е избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите. Подоцна е избран и за член на Југословенската (денес: Хрватска академија на науките и уметностите), Словенечката, на Академијата за науки и уметности на Босна и Херцеговина и на Академијата на Косово.[2]

Од 1976 година до 1983 година бил претседател на МАНУ. Во периодот од 1978 до 1981 година бил претседател на Советот на академиите на науки и уметности на СФРЈ. Бил и член на и Советот на федерацијата.

На 11 октомври 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој.[9] Добитник е и на наградата АВНОЈ во 1978 година - највисоката награда која ја доделувала СФРЈ, како и многу други награди и општествени признанија.[3]

Укажани почести во независна Македонија[уреди | уреди извор]

Денес Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје и орденот „Михајло Апостолски“ го носат неговото име.

Публикации на Михајло Апостолски[уреди | уреди извор]

  • Михајло Апостолски, Благоја Симоновски, Пет години слободно Скопје, Градски одбор на народен фронт, 1949, Скопје.
  • Михајло Апостолски, 40 години од формирањето на крупните воени единици во Македонија, ИСТОРИЈА, 19, 1 (1983), стр. 43-51.
  • Михајло Апостолски, Митко Панов, Радовиш и Радовишко, Општински одбор на здружението на борците од НОБ, 1984.
  • Mihajlo Apostolski, Dančo Zografski, Александар Стојановски, Gligor Todorovski, Graham W. Reid (eds.), A history of the Macedonian people Macedonian Review, Skopje, 1979.
  • Михајло Апостолски, Ацо Алексиевски (уредници), Из прошлости македонского народа, Радио-телевизија, Skopje, 1969.
  • Михајло Апостолски, Кочанско и Виничко во Февруарскиот поход, статија од монографијата: Кочани и Кочанско во НОВ 1941-1945, Ванчо Андонов (уредник,), Општински одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ, 1985. стр. 347-357.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Народни хероји Југославије, „Младост“, Београд, 1975.
  2. 2,0 2,1 Блаже Ристески (уредник), Македонска енциклопедија (том I), МАНУ, 2009, Скопје.
  3. 3,0 3,1 3,2 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 41–42. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. 4,0 4,1 „Народни херои од Македонија“, Скопје, Наша книга, 1973 г., стр. ​25-30
  5. Киро Глигоров, Македонија е сè што имаме, Издавачки центар ТРИ, 2001, Скопје
  6. Македония: история и политическа съдба, Том 3, Петър Христов Петров Издател Изд-во "Знание" ООД, 1998, стр. 30.
  7. Мите Апостолов Матовски. Молба вх. № 194 до Министра на Войната
  8. Растислав Терзиовски, Михајло Апостолски. Погледи врз југословенско-бугарските односи во Втората светска војна "Наша книга", Скопје, 1982.
  9. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 29

Белешки[уреди | уреди извор]

  • 1.^ Во Бугарија на окупацијата на Македонија во текот на Втората светска војна се гледа како на ослободување.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]