Тихомир Милошевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тихомир Милошевски
Роден 23 јули 1915
Битуше
Починал 1 април 1984
Скопје

Тихомир Милошевски - Тиќо (Битуше, Гостиварско, 23 јули 1915 - Скопје, 1 април 1984) — македонски партизан, генерал-мајор на ЈНА, народен херој на Југославија. Бил генерал-полковник и прв командант на македонските воени единици во текот на НОВ на Македонија. Прогласен е за народен херој на 29 ноември 1953 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Тихомир Милошевски е роден во гостиварското село Битуше, на 23 јули 1915 година. Школувањето го започнува во родното село, за да го продолжи во Тетово и Валево (Србија), каде завршил воено училиште. До почетокот на Втората светска војна работел како офицер во југословенската кралска војска. Војната ја дочекува како командир на пограничен вод во Цариброд, на југословенско-бугарската граница. Тука при нападот на фашистите бил ранет, од каде се упатил во Топлица, во куќата на еден свој војник.[1]

Учество во НОБ[уреди | уреди извор]

Откако закрепнал се упатил кон Скопје, каде се приклучил кон народноослободителното движење. Поради таа негова активност набргу бил уапсен, а потоа интерниран на принудна работа во Горна Џумаја. Во јануари 1942 година бил пуштен од интернација и повторно заминал за Скопје, повторно приклучувајќи се на народноослободителното движење. Во февруари бил поставен за командант на штабот во градот. Кон крајот на март се приклучил на одредот во Скопска Црна Гора, но набрзо морал да се врати во градот, каде продолжил да работи на задачите на Партијата.[2]

Штабот на Третата македонска ударна бригада. Од лево кон десно: Златко Билјановски, Тихомир Милошевски, Кирил Михајловски и Боро Милески

Во август 1943 година се приклучил кон Кавадаречкиот партизански одред „Добри Даскалов“, каде држел предавања и воени часови. Учествувал како командант на една чета при нападот на рудникот Дудица и во судир кај селото Михаилово.[3]

Учествувал во Февруарскиот поход раководејќи со група баталјони, а при формирањето на Третата македонска бригада бил назначен за нејзин командант. Ја командувал бригадата од сите судири од Сејац, преку Ристовац, Пробиштип, Кратово, Црнооко, Црна Трава, Црна Река, до Егејска Македонија и назад до Козјак. Во јули 1944 година, со еден баталјон заминал за Источна Македонија. Кога била формирана Третата оперативна зона, Милошевски бил поставен за нејзин командант. При создавањето на првата дивизија во Македонија, 41-та македонска дивизија, бил назначен за нејзин командант, сè до формирањето на Шетнаесеттиот југословенски корпус. Оваа дивизија под негово раководство ги ослободила градовите: Прилеп, Битола, Охрид, Струга, Дебар, Кичево и др.

Зел активно учество на Првото заседание на АСНОМ, како делегат.

По ослободувањето на Македонија, учествувал на Сремскиот фронт, каде бил поставен за командант на 48 дивизија, во состав на XV македонски корпус кој активно учествува во пробивањето на Сремскиот фронт и кој е заслужен за ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега, Загреб, па сè до Цеље. Во овие акции Милошевски бил ранет во Битката кај Пакрац, Хрватска.[4]

По ослободувањето[уреди | уреди извор]

По војната ги вршел функциите на командант на дивизија, командант на наставен центар, началник на штаб на воено подрачје и др. Се пензионирал како генерал-мајор на тогашната Југословенска народна армија.

Во негова чест, основното училиште во Ново Село, Општина Ѓорче Петров, го носи неговото име.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 229
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 230
  3. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 231
  4. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 233