Лазар Колишевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лазар Колишевски
Lazar Kolishevski.JPG
македонски комунист и политичар
Роден 12 февруари 1914
с. Стара Мездра, Свети Николе
Починал 6 јули 2000
Скопје, Република Македонија

Лазар Колишевски (роден како Лазар Панев Колишев) (12 февруари 1914 - 6 јули 2000) бил долгогодишен лидер на македонските комунисти и најмоќен човек во Македонија во периодот од ослободувањето на земјата до падот на комунизмот.

Рани години[уреди]

Роден во Свети Николе, по смртта на неговата мајка на 4-годишна возраст е донесен во сиропиталиштето во Битола. Во 1928 година заминува за Крагуевац, каде што се запишува во Воено-занаетчиската школа. Се зачленува во СКОЈ и како негов член во 1933 е и уапсен. Во 1935 е примен за член на КПЈ и влегува во составот на месното раководство на Партијата за Крагуевац. Во 1940 година Окружната партиска конференција за Крагуевац го избира за делегат на Петтата земска конференција на КПЈ. Во декември истата година е определен за инструктор во Смедеревска Паланка и таму останува до окупацијата на Југославија во 1941 година.

Во Втората светска војна[уреди]

Споменик за судењето на Колишевски од страна на бугарскиот фашистички окупатор.

Во мај 1941 година Колишевски доаѓа во Македонија, но во јуни заминува за Белград. Во Македонија повторно доаѓа на почетокот на август. По одлуката на Коминтерната за враќање на партиската организација во Македонија во составот на КПЈ и сменувањето на Методија Шаторов - Шарло од раководната позиција на партијата во Македонија, Колишевски влегува во новиот Покраински комитет, формиран на 21 септември 1941 година. Станува член и на Покраинскиот воен штаб и се вклучува и во подготовките на востанието против бугарската власт, но набрзо, на 6 ноември 1941 година, е уапсен од бугарската полиција, заедно со 15 други дејци на Охридската партиска организација.[1]

На судскиот процес во Охрид на 26 и 27 ноември, заедно со Петре Пирузе, е осуден на смрт.[2] На 7 декември Колишевски, додека е во затвор,[3] поднесува молба за помилување до бугарскиот цар Борис ІІІ, по што смртната казна му е заменета со доживотен затвор. Во март 1942 година е префрлен од скопскиот затвор во затворот во Плевен и таму останува се до капитулацијата на Бугарија и доаѓањето на власт на Отечествениот фронт на 9 септември 1944 година.

При основањето на Комунистичката партија на Македонија на 19 март 1943 година обично се смета дека Колишевски во отсуство бил избран за секретар на партијата, но за тоа не постојат документи и има мислења дека тоа е фабрикувано по ослободувањето.[4]

Додека е во затвор, на Првото заседание на АСНОМ, во август 1944 година, е избран за еден од претставниците на Македонија во Президиумот на АВНОЈ.[5]

По ослободувањето на Македонија[уреди]

Лазар Колишевски

По своето ослободување, Колишевски се враќа во Македонија и ја презема функцијата секретар на Комунистичката партија на Македонија и на таа функција останува до јули 1963.

Колишевски многу брзо станува највлијателен човек во Македонија. На 26 ноември 1944 година, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија, е избран за негов потпретседател, а на Второто заседание на АСНОМ во декември е избран за прв потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Набрзо, во јануари 1945 година застанува на чело на Работното тело на Президиумот на АСНОМ, кое фактички ги презеде надлежностите на Президиумот на АСНОМ. На Третото собрание на АСНОМ на 16 април 1945 година е избран за прв претседател на Владата на Демократска Федерална Македонија.

Во наредниот период, Колишевски активно учествува во отстранувањето од власта и прогонувањето на македонските противници на новата власт. Со негово знаење истите биле или убивани или затворани. За противници на новата власт ги сметал сите оние во кои гледал свои соперници за власта и кои ја застапувале идејата за Независна Македонија.

Во текот на својата политичка кариера, Колишевски бил на различни државни и партиски функции и игра важна улога во политичките настани и општествените процеси во СРМ и СФРЈ. На Петтиот конгрес на КПЈ во јули 1948 година е избран за член на Централниот комитет на КПЈ. Избиран е за народен пратеник во сите состави на републичкото и сојузното собрание од 1945 до 1972 година. Од 1963 до 1967 година е претседател на Сојузниот одбор на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија. Од 1967 до 1972 е член на Советот на Федерацијата, а од 1972 до 1984 е член на Претседателството на СФРЈ. По смртта на Јосип Броз Тито на 4 мај 1980 година, Колишевски, како тогашен потпретседател на Претседателството на СФРЈ, станува претседател на Претседателството, но на таа должност останува само неколку денови. Поради редовна ротација на функциите, веќе на 15 мај 1980 година должноста претседател на Претседателството ја презема претставникот на Босна и Херцеговина.

По падот на комунизмот, Колишевски се повлекува од јавниот живот и до крајот на животот живее како пензионер.

Во паркот во Свети Николе постои негов споменик.

Литература[уреди]

Споменик на Колишевски во родниот град Свети Николе
  • Драган Кљакиќ „Времето на Колишевски“, Скопје, 1994.
  • Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски „Нашиот поглед за времето на Колишевски“, Скопје, 1996.

Наводи[уреди]

  1. Петър Христов Петров „Македония: история и политическа съдба“, „Знание“ ООД, 1998, стр. 64
  2. [1]
  3. [2]
  4. Anton Kolendić “Bijele mrlje makedonske povijesti”, “Start magazine”, Zagreb, No. 537, 19.8.1989, 54 str.
  5. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 48 стр.

Види исто така[уреди]

Надворешни врски[уреди]




Претседатели на Социјалистичка Федеративна Република Југославија Знаме на СФРЈ
Рибар | Броз | Колишевски | Мијатовиќ | Крајгер | Стамболиќ | Шпиљак | Ѓурановиќ | Влајковиќ | Хасани | Мојсов | Диздаревиќ | Дрновшек | Јовиќ | Месиќ