Димитар Несторов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитар Несторов
Претседател на Собранието
На должноста
30 декември 1947 – 3 јануари 1951
Претходник Борис Спиров
Наследник Димитар Стојанов - Мире
Лични податоци
Роден(а) 1890
Струга, Османлиска империја
Починал(а) 1968
Ниш, СФР Југославија

Д-р Димитар Несторов (Струга, 1890 година - Ниш, 1968) — македонски лекар и општественик.

Основно образование стекнува во Струга, а класична гимназија завршува во Битола. Потоа учителствува во родниот град Струга. За време на Балканските војни учествува како доброволец во Македонско-Одринското востание. Потоа заминува во Швајцарија каде во Женева студира на Медицинскиот Факултет на кој дипломира во 1918 година. По дипломирањето уште две години останува во Швајцарија заради потребите на неговото интензивно ангажирање во политичките активности на македонската интелегенција во Швајцарија. За тоа време е секретар на Главниот одбор на македонските друштва во Швајцарија. Во таа улога настојувал да се влијае на релевантните меѓународни форуми во Европа за праведно решавање на македонското прашање афирмирајќи го правото на Македонците слободно да располагаат со својата судбина. Несторов е автор на прогласот на македонската интелегенција од Швајцарија "La femille" објавен септември 1918 година. Во апелот се известува широката меѓународна јавност за формирањето "македонско друштво за независна Македонија и за нејзина преродба врз федеративна основа согласно со Друштвото на Народите".

Во Струга се враќа во 1920 година а по воениот рок започнува приватна лекарска пракса во Битола. Од 1932 до 1941 година работи како началник на санитарното одделение на Битолската општина.

За време на окупацијата 1941 до 1944 година е началник на обласната хигиенска лабораторија во Битола. Во 1941 година како прогресивен народен лекар под влијание на Комунистичката партија и со лично залагање на Стив Наумов избран е за Претседател на читалиштето во Битола, а за потпреседател д-р Трифун Паноски. На овој начин читалиштето било оттргнато од влијанието на пробугарски настроените домашни предавници. Сега читалиштето постанува центар за ширење на напредните патриотски и револуционерни идеи.

Во 1943 година во домот на д-р Несторов во Битола е формиран народноослободителниот комитет кој постепено прераснал во вистински орган на народната власт иако делувал илегално, обезбедувајќи ги потребите на борците и штабовите на 49-та НО Дивизија и 7-та Македонска бригада. Заради ваквата револуционерна дејност на д-р Несторов од страна на бугарската окупациона власт е интерниран во логорот Чучулигово во Пиринска Македонија, каде останува една година. По враќањето во Битола продолжува да работи како лекар истовремено учествувајќи во антифашистичките активности и НОБ во Македонија. Во октомври 1944 година д-р Димитар Несторов е кооптиран за член на АСНОМ од Битола. На Второто заседание на АСНОМ 1945 година избран е за потпреседател на Президиумот на АСНОМ. Во меѓувреме за постигнатите резултати во работата со одлука на Претседателството на АВНОЈ д-р Димитар Несторов е одликува со Орден за заслуги за народ од втор ред.

Од 1946 до 1948 година е избран за министер без портфел во Владата на ФНРЈ во Белград и истовремено врши функција на прв министер за здравство како Претседател на Сојузниот комитет за народно здравје на ФНРЈ. Во таа улога на сојузен министер за здравје ја потпишува одлуката за основање Медицински факултет во Скопје и во Сараево. На 31 декември 1948 година е избран на должност Претседател на Народното Собрание на НРМ. На оваа должност останува докрај на мандатот 1951 година. Работниот век го продолжува како активен лекар во Демир Хисар и Битола каде е повеќе години управник на Здравствениот дом, а работи како дерматовенеролог до пензионирањето 1964 година.

Д-р Димитар Несторов умира во Ниш 1968 година во домот на неговата ќерка проф. д-р Лилјана Несторова Милојевиќ. По волја на д-р Несторов погребан е во Битола со достоинство и високи почести од Медицинскиот центар, Сојузот на борците и граѓаните на Битола.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Политички функции
Претходник
Борис Спиров
Претседател на Собранието на Македонија
1947-1951
Наследник
Димче Стојанов