Чеде Филиповски - Даме

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Чеде Филиповски)
Чеде Филиповски - Даме
Роден 16 ноември 1923
Никифорово, Гостиварско
Починал 26 јуни 1945(1945-06-26) (возр. 21)
Радовиш
Занимање партизан
Сопружник Жамила Колономос

Чеде Филиповски - Даме (Никифорово, Гостиварско, 16 ноември 1923 - 26 јуни 1945 во Радовиш)[1] — македонски комунист, учесник во НОБ. Прогласен е за народен херој на 1 август 1949 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Потекнува од многудетно сиромашно, печалбарско семејство[2] на Русе Филиповски. Негов помал брат е академскиот сликар Александар Филиповски.

Веднаш по завршувањето на основното училиште, морал да го напушти селото и заедно со своите другари и соселани да оди на печалба во Белград каде работи како ѕидарски работник. Во прво време морал да ги помине сите тешкотии како чирак, носејќи цигли, малтер и друг градежен материјал. Уште како млад имал можност да се запознае со акциите што ги преземало напредното синдикално и младинско движење на Белград.[2]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

По Априлската војна во 1941 се вратил во Македонија. Бил еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај, член на КПЈ и на МК на КПЈ (1941), член на РК на КПЈ за Маврово и раководител на Воениот штаб (1942), секретар на Околискиот комитет на КПМ (1943), заменик политички комесар во Мавровско-гостиварскиот партизански одред, командант на баталјон и заменик-командант на бригада (1943), член на Акциониот одбор на Народноослободителниот младински Сојуз на Македонија формиран во ноември 1943 година, заменик-командант и командант на Четириесет и осмата македонска девизија во 1944 година.[2]

Портрет (цртеж) на кој е претставен Чеде Филиповски - Даме.

Учество во борбите[уреди | уреди извор]

Посебно се истакнал во борбите за Кичево, Дебар, Кленоец, Пресека, Дебрца и Локов. При заземањето на Кичево на 11 септември 1943 година, бил меѓу првите борци. При вториот напад на Кичево на 1 ноември 1943 година, повторно бил во онаа група борци која влегла во укрепената касарна и заробила 10 германски офицери и војници. Во борбите на Буковиќ, во мноrу тешка положба за македонските единици, тој со уште неколку борци, со непрекината борба го штител отстапувањето на единицата и ги спасил ранетите борци.[2]

На 11 ноември 1943 година се формирала првата македонско-косовска ударна бригада, во која бил назначен за заменик-командант. Бригадата на чие чело стоел и Чеде одела од победа во победа, во Грција, Албанија, во Македонија, Богомила, под Дебрца, повторното ослободување на Кичево и Дебар и го завршила својот победоносен од со ослободувањето на неговиот роден крај - Гостивар.[2]

Учествувал во многу борби кај Брждани, Буковиќ, Вруток, Мегленско - Егејска Македонија, планината Голак и Стогово, борбите за Кичево и Дебар и многу други.[2]

Споменик на НОБ во Никифорово, на кој се наоѓа и името на Чеде Филиповски.

Споменик на НОБ во Никифорово, на кое се наоѓа и името на Дејан Дејановски.[уреди | уреди извор]

АСНОМ и АВНОЈ[уреди | уреди извор]

Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ, како претставник од Гостиварскиот крај. На истото заседание на списокот со народни претставници на АСНОМ за членови на АВНОЈ под реден број 3 бил избран и Чеде Филиnовски (работник од Гостивар).Станал потпретседател на Главниот одбор на НОМС и член на Централниот одбор на УСАОЈ.[2]

Во подготовките за Првото заседание на АСНОМ, во април 1944 година е објавена статијата „За историскиот развиток на националноослободителното движење на Македонија од 1890 година до 1944 година“, создадените услови за свикување на АСНОМ и неговото историско значење", во која е издвоен како претставник на новата генерација борци за слобода на Македонија.[2]

По ослободувањето бил испратен во Белград да го посетува Вишиот воен курс. Го завршил со успех и требал да ја преземе командата над Четириесет и осмата македонска девизија, но загинал во трагичната смрт.[2]

Загинал кај Радовиш на 26 јуни 1945 година во сообраќајна несреќа, при судар на неговиот мотоцикл со автомобил возејќи од Штип за Струмица.

За народен херој бил прогласен на 2 август 1949 година.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Училишта наречени во чест на Чеде Филиповски:

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, 1551-1552 стр.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 255–257.
  3. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 403

Литература[уреди | уреди извор]

  • Александар Филиповски - Ацо „Чеде Филиповски - Даме: народен херој на Македонија“, Скопје, 2014.
  • „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 399-403