Генералот на мртвата војска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Генералот на мртвата војска  
Generalofthedeadarmy.jpeg
Корицата на македонскиот превод, издание на „Феникс
АвторИсмаил Кадаре
Наслов на
оригиналот
Gjenerali i Ushtrisë së vdekur
ЗемјаАлбанија
Јазикалбански
Жанр(ови)историска хроника, психолошки роман
ИздавачНаим Фрашери[1]
Медиуммеки корици
Страници264

Генералот на мртвата војска (албански: Gjenerali i Ushtrisë së vdekur) — првото прозно дело на албанскиот писател Исмаил Кадаре. Романот, напишан во 1962-1963 а објавен во 1963 година, се смета за најдоброто литерарно остварување на овој автор.[2] Во суштина, се работи за една антимилитаристичка книга, во која низ уметничката призма се прикажани двете победи на албанскиот народ во Втората светска војна, физичката и моралната. Ова дело не е историска хроника, во него не се споменуваат историски факти, туку со помош на реалистичните наративни методи едноставно се раскажува за достоинството и борбеноста на народот кога ќе му биде загрозено неговото постоење.

Оригиналната корица од романот

Содржина[уреди | уреди извор]

  • Глава I-VIII: Во 1960-тите, 20 години по завршувањето на Втората светска војна, италијански генерал и свештеник се испратени на света мисија во Албанија, чија цел била да ги пронајдат и вратат моштите на загинатите војници во својата татковина. По пристигнувањето, генералот е полн со ентузијазам и со гордост, поради сознанието дека нему му е доделена светата должност. Со помош на тамошните власти, тие ги обиколуваат бојните полиња и ги откопувале гробниците полни со италијански војници. Притоа, генералот имал можност да се запознае со дел од месното селско население, кое сѐ уште ги чувствувало горчините од војната, но покажало голема љубезност и гостопримство спрема нивните неодамнешни непријатели. Две недели по започнувањето на мисијата, генералот се враќа во хотелот во Тирана, сега веќе уморен и потиштен. Во својата соба, тој се сеќава на могубројните луѓе кои го посетиле со молба да ги најде нивните најблиски кои погинале во Албанија. Потоа, мисијата продолжува, а тој се запознава со еден генерал-мајор од друга земја, кој исто така ги бара телата на загинатите војници од неговата земја. Додека ја извршува својата задача, генералот е особено заинтересиран да ги најде моштите на полковникот З., чија убава жена ја запознал пред да тргне во мисијата. Притоа, тој постојано се прашува, дали свештеникот имал љубовна врска со жената на полковникот З.[3]
  • Глава IX-XV: При една акција, генералот е трогнат од постапката на стариот селанец, кој уште рано изутрина го чекал нивниот автомобил на патот, со намера да им ги предаде коските на италијански воен дезертер, кој престојувал во неговата куќа, а подоцна бил убиен од фашистичките одреди кои минувале низ тој крај. Притоа, селанецот му го предава на генералот и дневникот на војникот, каде биле забележани сите негови доживувања во туѓата земја. Генералот го чита дневникот во кој војникот ги искажува љубовта кон ќерката на неговиот домаќин, желбата да заврши војната и стравот од смртта. По долготрајното барање на гробовите на погинатите војници, генералот е уморен и потиштен, па сè почесто се опива. Наспроти упорното барање, моштите на полковникот З. не се пронајдени. Најпосле, по десетдневна работа во планините, во зимски услови, успешно е завршена и последната етапа од акцијата и, на патот за Тирана, генералот и свештеникот преноќуваат во едно село. Вечерта, во селото има свадба и генералот, расположен заради крајот на неговата мисија, ги посетува свадбарите. [4]
  • Глава XVI-XXII: Домаќинот на свадба го пречекува генералот со големо гостопримство, укажувајќи му голема чест со тоа што го седнува на чело на масата. Меѓутоа, на свадбата е присутна и една старица, баба Ница, која наеднаш испушта страшен крик, а потоа почнува хистерично да плаче, обвинувајќи го генералот дека му бил пријател на полковникот З. Притоа, таа раскажува за својата несреќна судбина: полковникот З. го убил нејзиниот сопруг, а потоа ја силувал нивната четиринаесетгодишна ќерка која од срам извршила самоубиство; ноќта, полковникот влегол во куќата на Ница и оттогаш му се изгубила трагата. По некое време, баба Ница се враќа на свадбата и на присутните им кажува дека таа го убила полковникот З. а неговот тело го закопала под куќниот праг. Тогаш, таа ја фрла вреќата со коските на полковникот З. пред генераловите нозе. Генералот, сфаќајќи дека е несакан гостин на веселбата, веднаш ја напушта свадбата и уште во раните мугри, со свештеникот заминуваат за Тирана, со цел веднаш да ја напушти таа „проколната“ земја. Наеднаш, генералот наеднаш го запира автомобилот, излегува надвор и од мостот ги фрла коските на полковникот З. во реката. Свештеникот е згрозен од таквата неморална постапка и во хотелот му предложува на генералот да пријават некој од неидентификуваните скелети како моштите на полковникот З. Генералот категорично го одбива предлогот, по што свештеникот го известува семејството на полковникот З. за немилиот настан. Во Тирана, генералот присуствува на свечената миса во чест на погинатите војници и на банкетот приреден по повод завршувањето на мисијата. Истата вечер, генералот добива неколку телеграми од Италија, во кои семејството на полковникот З. го искажува својот протест поради неговиот чин и му се заканува дека ќе одговара пред воениот суд. По завршувањето на банкетот, во својата соба, генералот пие заедно со генерал-мајорот при што генералот признава дека посакал да го убие свештеникот. Еден момент, двајцата излегуваат на балконот, гледајќи ја албанската војска која се подготвува за утрешната воена парада. Потоа, целосно пијани, тие почнуваат да водат замислена војна, а на генералот му пристигнува телеграма од Сојузот на италијанските воени ветерани, кои му заблагодаруваат затоа што ги фрлил коските на полковникот З.[5]

Ликови[уреди | уреди извор]

„Генералот на мртвата војска“ е дело во кое главните јунаци немаат имиња, како што е вообичаено во книжевноста, туку тие се означени само како генералот, генерал-мајорот, свештеникот, специјалецот, војникот-дезертер итн. Писателот само на споредните ликови им дава имиња или ја открива нивната националност според некои посебни знаци на распознавање.[6]

Генералот е главниот член на италијанската делегација која се упатила кон непознатата албанска почва да ги бара нивните погинати војници. Тој има околу 40 години, оженет и татко на две деца. Првично е горд и почестен што токму тој е избран за прв човек во оваа задача од голем национален интерес. По прифаќањето на должноста, во неговиот дом секојдневно пристигнувале далечни гости, роднини на починатите војници, секој со своја приказна и молба. Веќе во тој момент ја почувствувал сета тежина на доделената обврска, бидејќи бил внесен немир во неговото семејство. Во една прилика, неговата сопруга му вели: Смртта ни се има вовлечено во куќата. Кога тој пристигнува во Албанија, тој запаѓа во меланхолија и натаженост, а поради осаменоста и потиштеноста, почнува да пие и во главата му навираат мисли дека е командант на „најлонскатавојска. Често води разговори со свештеникот за културата и природата на албанскиот народ и секогаш е на страната на Албанците како мирољубив и горд народ, на кој му била направена голема неправда во текот на Втората Светска Војна. Додека ја извршува должноста, него постојано го копка љубопитноста за тоа дали свештеникот имал љубовна афера со вдовицата од полковникот З.

Во текот на мисијата, генералот почнува да размислува за својата задача при што доаѓа во судир со себеси и со сите оние кои убивале луѓе. Среќавајќи се со локалното население, тоа остава пријатен впечаток врз него и тој почнува да им се восхитува. Тој е свесен дека неговата војска ја изгубила војната и чувствува дека војната сè уште живее во свеста на луѓето, а тоа ден на ден тоа чувство почнува да го оптоварува и да го мачи. Генералот не е пречувствителен, но не е ниту бесчувствителен, така што не може да го сфати гостопримството на народот кој страдал токму од неговата земја. Тој е човек кој умее понекогаш да го слушне гласот на совеста. Затоа, тој не сотанува мирен пред купот коски, зашто тие го опоменуваат на ништожноста на војната, а Кадаре го прикажува како личност кој созрева за време на својата мисија. Токму под притисокот на совеста, тој сè повеќе пие, а пресвртната точка настапува кон крајот на романот, кога оди на селската свадба, која ја напушта „подгрбавен и потиштен, како на рамената да ги држи срамот и товарот на целиот свет“. Тогаш, генералот увидува дека полковникот З. направил непростливи ѕверства во текот на војната, па затоа неговите коски ги фрла во реката и така малку го смирува својот бес. Всушност, овој нетипичен гест открива дека, веројатно, како учесник во војната, и генералот доживеал слични нешта, но околностите во кои тој слуша за злосторствата на полковникот З. (свадбата, орото, топотот на тапанот) предизвикуваат кај него нов впечаток. Така, доволна е само една сурова вистина за генералот да се наврати кон минатото. Таа вистина го мачи, му ги кине нервите, го обеспокојува во толкава мера што на крајот од романот вели: „Ама смрдиме на смртта. Да се напиеме!“[7]

Свештеникот е вториот одговорен член на експедицијата и постојан придружник на генералот за време на ископувањата. Тој е воздржан и не толку раздразнет како генералот. Исто така, тој има поинакви размислувања за природата на Албанците: смета дека тие се воинствен народ, кому војната му е вградена во самото битие; ги смета за културно заостанати и економски неразвиени во споредба со неговата земја, и убеден е дека Албанците воопшто не биле обесправени за време на големата војна. Тој му зебележува на генералот дека премногу пие алкохол, дека на моменти се однесува неразумно и дека донесува избрзани одлуки. По губењето на коските на полковникот, тој сака да се заштити од одговорноста за генераловите постапки, па така испраќа писмо до семејството на полковникот и до домашните власти. Во ниеден дел од романот, свештеникот не покажува емоционално обоени потези, туку неговото однесување секогаш е според протоколот и дадените овластувања. Ако свештеникот и генералот ги замислиме како едно битие, тогаш генералот би бил волјата и срцето, додека свештеникот совеста и разумот.

Покрај генералот и свештеникот, речиси незабележливо, низ целиот роман е присутен народот како колективен лик. Суровото искуство од војната длабоко е всадена во битието на албанскиот народ и постојано го опоменува дека хуманизмот на меѓучовечките односи е највисокиот идеал кон кој треба да се стреми и дека моралната сила го прави голем човекот. Дваесет години подоцна, војната сè уште живее во свеста на народот и го опоменува на тешкото минато. Иако е гневен на генералот, народот не ги манифестира јавно омразата и протестот. Напротив, тој е свесен дека во мирновременските услови важат други морлани норми и затоа го пречекува генералот со несфатлива гостопримливост. Моралната сила на народот се состои токму во тоа да не ја открие својата слабост пред непријателот и да се покаже поголем од него. Поради тоа, еден старец со часови седи на патот чекајќи го генералот кому му ги предава коските на еден војник-дезертер. Всушност, дури и војникот запишува во својот дневник дека „домаќинот е навистина добар, праведен човек“.[8]

Критички осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Иако се одликува со реалистична градба, романот „Генералот на мртвата војска“ е интересен како според тематиката и содржината така и според уметничката обработка. Истовремено, тој е психолошка драма, раскажана топло и сугестивно и длабоко антимилитаристичка книга, напишана во еден здив. Таа е историска ретроспектива која нема намера да ја разбуди сентименталноста кај читателот, зашто во неа пресутна визијата на смртта, но од поинаква, мирновременска перспектива. Авторот не го интересира историјата во вистинската смисла на зборот, т.е. историските настани, туку низ судбината на еден човек (генералот), тој гради низа помали судбини кои стануваат сè поживи и посугестивни. Кадаре го избегнува историзмот, но сепак, во романот се гледа историското време конкое тој временски се дистанцира и тоа му помага да се снајде во морето историски факти. Притоа, писателот извонредно ја користи техниката на раскажување во трето лице, со што се дистанцира од настаните и така се ослободува од црно-белото сликање на настаните. Со помош на силната организираност на четивото, рационалниот пат на создавањето на романот е вешто прикриен со епската смисла на раскажување, а понекогаш и со архетипска хероика и со смирен лирски ретуш.[9]

Романот е структуриран во две рамнини - реалистичка и психолошка. Реализмот е присутен во класичната форма на изразувањето при што, на моменти, романот е дексриптивен, а лирскиот штимунг претежно ги засенува натуралистичкото сликање и сугестивното правење драмски пресврти. Кадаре ги претпочита организираната фактографија, дијалогот и нарацијата која често се движи меѓу колоквијалниот и поетскиот јазик. Текот на раскажувањето е граден на низа динамички мотиви кои на романот му даваат живост. Во текот на раскажувањето, авторот прави дигресии така што воведува одредени сцени и мотиви кои го разбиваат тематското единство на делото, но не ја загрозуваат целината. Кадаре внесува радикализам во развивањето на основниот тек на приказната така што една романескна атмосфера не ја доведува до крајот, или не ја почнува од почетокот, оставвајќи му доволно простор на читателот. Тој вешто ги спојува минатото и сегашноста при што раскажувачкото време е сегашноста, а военото време се прикажува во свеста на ликовите во романот. Токму раскажувањето во трето лице обезбедува добра организација на делото, зашто писателот морал да ги спои во едно ткиво минатото, сегашноста, спомените, дневникот, потсвеста итн. На тој начин, романескната приказна раскажана во трето лице се појавува како кажување на сведоците на настаните, а не на раскажувачот. иако романот се одликува со цвртст главен тек на настаните, сепак романескната структура не е толку кохерентна, зашто линијата на настаните понекогаш е испрекината.[10]

Романот зборува за двете победи на албанскиот народ за време на Втората светска војна и по неа: физичката, т.е. војничката победа која барала големо херојство за да се победи надмоќниот непријател и моралната победа, искажана преку почитта кон погинатите непријателски војници. Прикажувајќи ги трагичните настани од војната, авторот ги разработува причинско-последичните односи поаѓајќи обратно, од последиците кои му служат како основа за да размислува за причините. Токму на тој начин, авторот објективно и непристрасно доаѓа до определени сознанија, а тоа му дава на романот посебна вредност, зашто авторот не зборува за настаните за сметка на уметничката убедливост. Неутралната позиција на авторот и уметнички убедливата осуда на злосторствата придонесуваат за книжевната вредност на овој роман, а едноставното изразување, одмереноста, убедливоста и специфичноста на темата го прават привлечен за современиот читател.[11]

Преку психолошкото раскажување и специфичната динамика на настаните, авторот создал една полидимензионална слика за човековото суштество. Романот има набиен драмацитет, ликовите се појавуваат со огромен психолошки багаж, и се соочуваат со најразлични искушенија. Во него се борат животот со смртта, доброто со злото, мирот со војната. Преку овие настани, авторот искажува универзални вредности, пред сѐ откривајќи длабоки траги во душата на човекот, односно преку уметничката гледна точка тој ги афирмира човечките вредности кои се многу поголеми од морбидните страсти што понекогаш триумфираат во неговото битие.

Генералот на мртвата војска се наоѓа на 81. место на списокот на Најдобри романи на 20. век, направен од угледниот француски весник Le Monde.

Според сижето на овој роман бил снимен истоимениот филм, во режија на Лучано Товоли. Исто така, дејството во оваа книга било преработено и во многу драми кои денес се изведуваат во албанските театри.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јорјаги, Нашо. „Drago, një jetë e shkurtër, një emër jetëgjatë“. Шекули. 
  2. Критички осврт на Ричард Едер од Њу Јорк Тајмс 30 септември, 2008
  3. Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 5-61.
  4. Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 62-118.
  5. Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 119-171.
  6. Vuk Milatović, „Mirnodopska vizija rata“ во: Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 175.
  7. Vuk Milatović, „Mirnodopska vizija rata“ во: Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 173-178.
  8. Vuk Milatović, „Mirnodopska vizija rata“ во: Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 173-176.
  9. Vuk Milatović, „Mirnodopska vizija rata“ во: Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 172-174.
  10. Vuk Milatović, „Mirnodopska vizija rata“ во: Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 174-175.
  11. Vuk Milatović, „Mirnodopska vizija rata“ во: Ismail Kadare, General mrtve vojske. Beograd: Rad, 1977, стр. 176-178.
  12. Драмата Генералот на мртвата војска премиерно во Скопје

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]