Леонардо да Винчи: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[проверена преработка][проверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
с r2.6.4) (Бот Додава: nds-nl:Leonardo da Vinci
Ред 210: Ред 210:
[[sq:Leonardo da Vinci]]
[[sq:Leonardo da Vinci]]
[[scn:Liunardu da Vinci]]
[[scn:Liunardu da Vinci]]
[[si:ලියනාඩෝ ඩා වින්සි]]
[[simple:Leonardo da Vinci]]
[[simple:Leonardo da Vinci]]
[[sk:Leonardo da Vinci]]
[[sk:Leonardo da Vinci]]

Преработка од 04:49, 25 јануари 2011

Леонардо да Винчи
Leonardo da Vinci
Портрет на Леонардо, цртеж со црвена креда, изработен помеѓу 1512 и 1515 год.Кралска библиотека во Торино
Роден(а)Винчи, денешна провинција Фиренца, Италија
НационалностИталијанец
Познат(а) поГолем број различни области на уметноста и науката
Значајни делаМона Лиза, Тајната вечера, Витрувијански човек
ПравецВисока ренесанса

Леонардо да Винчи (италијански: Leonardo da Vinci) (15 април 1452 - 2 мај 1519) бил познат италијански ренесансен архитект, инженер, вајар и уметник, сликар, изумител, анатом, астроном.

Живот и творење

Леонардо да Винчи е роден во Винчи, село кое е сместено во зелените прегратки на Тоскана, на падините на планината Монте Албано, како незаконски син на адвокатот Сер Пјеро ди Антонио да Винчи (1426 - 1504) и селанката Катерина. Постојат претпоставки дека, Катерина била робинка од Блискиот исток, но фактите не се доволни за да се докаже оваа теорија. По раѓањето на Леонардо, нивната врска завршила и Леонардо останал да живее со татко му, кој истата година се преженил за 16-годишната Албјера ди Џовани Амадори. Неговата мајка, во 1457 год. се омажила за варничарот Акатабрига ди Пјеро дел Вака. [1]

Прв период во Фиренца

Во 1469 год., Сер Пјеро изнајмил куќа во Фиренца и веројатно стата година, или малку порано, Леонардо ја започнал праксата кај познатиот живописец и скулптор Андреа дел Верокјо (1436-1488). Учејќи кај Верокио, Леонардо ги оформил своите интереси и се здобил со првите знаења, во поглед кон архитектурата, анатомијата, и математиката. Во 1472 год., Леонардо ја завршил обуката и бил примен во здружението на фирентинските уметници Св. Лука, што покажува дека тој веќе го достигнал нивото на професионална самостојност. Најраното познато дело на Леонардо потекнува од 1473 год. - цртежот Пејзаж на долината Арно, кој што денес се чува во музејот Уфици во Фиренца. Во април 1476 год., Леонардо бил анонимно обвинет за хомосексуални односи (во тоа време кривично дело) со 17-годишниот помошник Јакопо Салтарели, а во јули истата година, тој бил повторно обвинет, но сепак, никогаш не бил казнет, веројатно поради недостиг од докази.

Во текот на 1472 - 1480, Леонардо сè уште работел во работилницата на Верокјо, помагајќи му во изработката на некои познати дела, но исто така, сликајќи и неколку сопствени помали дела, како: Мадона со каранфил (1475), Благовештение (1472-1475) и Мадона Беноа (1475-1478). Во 1478 година, веројатно со посредство на татко му, Леонардо ја добил првата самостојна порачка: да наслика олтарна икона во капелата на тогашната општина, Палацо Векјо, но не ја завршил работата, а веројатно, воопшто не започнал да работи на ова дело. Истата година, по порачка на Бернардо Бембо, Леонардо го насликал Портретот на Џиневра де Бенчи, создаден под влијание на фламанските мајстори. Во март 1481 год., веројатно повторно преку татко му, Леонардо ја добил втората голема порачка: да наслика голема олтарна икона во Сан Донато а Скопето, манастирска црква во околината на Фиренца. Повторно, Леонардо не ја завршил работата, а недовршена останала и сликата Св. Хероним, започната малку порано.

Прв период во Милано

Во Фиренца, материјалната положба на уметниците била во тешка состојба. Поради лошата материјална состојба и неможноста да ги оствари своите планови, Леонардо бил принуден да побара работа во некој друг град. Затоа, во 1482 год., тој се преселил во Милано - во тоа време еден од најбогатите италијански градови. Тогаш, со градот управувал Лудовико Сфорца, нарекуван Моро. Во неговиот двор, почналe да “доаѓаат“ поети, хуманисти и учени луѓе. Во 1482 год., Леонардо му се обратил на Лудовико Сфорца со писмо, во кое му ги предложил своите услуги како воен инженер, скулптор и сликар. Во тоа писмо, Леонардо ги опишал сите можни проекти на подвижни мостови, борбени машини и артилериски орудија.

Од 1483 до 1486 год., заедно со браќата Амброџо и Еванџелиста де Предис, Леонардо бил ангажиран да ја наслика олтарната икона Дева Марија на карпите, чија прва верзија, тројцата сликари ја завршиле, веројатно, во 1486 год. Во текот на 1487 и 1488 год., Леонардо работел како архитект-консултант во подготовките за изгрдабата на катедралата во Милано. И покрај тоа што не му бил непосредно ангажиран во нејзината изградба, сепак оваа работа била од голема важност за Леонардо, бидејќи токму во ова време се покажува колку тој е размислувал за проблемите на куполниот скелет и за различните архитектонски решенија. Цртежите докажуваат дека тој, всушност, имал експериментален обид со различни можни варијанти за тој проект.

Големо место во творечката дејност на Леонардо да Винчи заземаат и хидротехничките проекти. Но, политичките и економските услови биле такви, што овие замисли не се остварени, додека тој бил жив. Такви проекти, Леонардо смислил во Фиренца, Милано, Рим, па дури и во Франција. Додека бил во Милано, тој ги разработил проблемите за напојувањето на „Ломелина“ — бесплодно место околу Милано. Во текот на 1494-1498 год., Леонардо раководел со градбата на каналот во Мартезана. Во Милано, Леонардо се зближил со прочуениот архитект Браманте (1444-1514), кој во тоа време работел како инженер и уметник. Исто така, Леонардо се занимавал и со анатомија, уште додека учeл кај Верокjо. Но, во Милано, во текот на 1487-1495 год., тој започнал да ги прави првите големи анатомски истражувања.

Од 1489 до 1494 год., Леонардо работел на едно грандиозно дело - статуата-коњаник на Франческо Сфорца, порачана од Лудовико Сфорца. Во ова дело ја илустрира трагедијата на Леонардо — несоодветноста помеѓу неговите грандиозни замисли и реалните можности. Така, првобитно се предвидувало височината на статуата да биде 7 метри, а за споменикот да бидат издвоени околу 70 тона бронза. Во 1493 год., статуата била поставена на плоштадот по повод склучениот брак на Марија Бланка со императорот Максимилијан. Но, коњот не бил завршен, бидејќи голем дел од предвиденото количество бронза се употребило за производство на оружје, за потребите на војните со французите. Во овој период, Леонардо бил дворски уметник на семејството Сфорца и од ова време потекнуваат портретите на Чечилија Гаљерани и Лукреција Кривели. Од 1495 до 1498 год., по порачка на Лудовико Сфорца, Леонардо работел на прочуената „Тајна вечера“ во трпезаријата на манастирот „Санта Марија деле Грацие“. Истовремено, тој ја дизајнирал внатрешноста на т.н. Сала деле Асе во замокот на Сфорциеви.

Тајната вечера

Миланскиот период од животот на Леонардо да Винчи завршил со катастрофа: во летото 1499 год., француските војски влегле во Милано, а есента, градот бил конечно заземен и статуата-коњаник била растурена. Во октомври истата година, непосредно по поразот на неговиот патрон, Леонардо ја започнал скицата на Куќата Барлингтон, по порачка на францускиот крал Луј XII, но во декември, тој го напуштил Милано. Притоа, најпрвин тој престојувал во Мантуа, како гостин на Изабела Десте, при што го насликал нејзиниот портрет, а потоа гo продолжил патувањето за Венеција.

Втор период во Фиренца

Во април 1500 год., Леонардо се вратил во Фиренца и тогаш започнал неговиот најпродуктивен период како сликар. Додека Леонардо бил во Милано, во Фиренца се промениле многу работи. Така, на 8 април, 1492 година умрел Лоренцо Медичи. Истата година, во Рим бил избран нов папа - Александар VІ Борџија. Две години подоцна, во 1494 год., во Фиренца избувнало востание против тиранијата на Пјеро Медичи, синот на Лоренцо. Како резултат на тоа се создале нови органи на државно управување, бил воведен данок на недвижен имот, а лихварите биле прогонати од градот. Во тоа време, огромно влијание во градот стекнал доминиканецот Савонарола, при што биле изгорени многу книги, слики, предмети и слично. На 23 мај 1498 год.,Александар VІ го исклучил Савонарола од црквата, бунтовничкиот монах и неговите приврзници биле обесени, а телата им биле изгорени „за да се разделат конечно душите од нивните тела“.

Во овој период, Леонардо интензивно се занимавал со геометрија и правeл математички експерименти. Во јуни 1502 год., во својство на архитект и воен инженер, Леонардо тргнал на повеќе патувања низ Средна и Горна Италија, заедно со озлогласениот водач на платениците Чезаре Борџија, при што изработил повеќе географски карти за потребите на неговите походи. Службата кај Чезаре Борџија била многу кратка и Леонардо се вратил во Фиренца на 5 март 1503 год.

За време на вториот престој во Фиренца, Леонардо бил многу активен и од овој период потекнуваат некои од неговите најважни дела. Така, пролетта 1500 год., Леонардо го направил нацртот на неговата позната слика Дева Марија и малиот Исус со св. Ана, а во 1501 год., тој ја насликал сликата Дева Марија и малиот Исус по порачка на Флоримон Роберте, секретар на францускиот крал. Во март 1503 год., по нарачка на Франческо дел Џокондо, Леонардо почнал да работи на портретот на неговата жена Лиза дел Џокондо - познатата Мона Лиза. Во октомври, истата година, Леонардо го започнал неговото најмонументално сликарско дело - Битката кај Ангјари, насликана на ѕидот на салата на Големиот совет во Палацо Векјо во Фиренца.

Мона Лиза

Во мај 1506 год., Леонaрдо добил дозвола од градската власт да го напушти градот за три месеци и тој заминал во Милано, оставајќи ја сликата Битката кај Ангјари недовршена. Меѓутоа, по интервенција на неговиот патрон, францускиот гувернер на Милано - Шарл д'Амбоа, Леонардо останал во Милано подолго од доволеното време.

Втор период во Милано

Вториот милански период во животот на Леонардо да Винчи го опфаќа времето од летото 1506 година до есента 1513 год. Притоа, неколку пати Леонардо се враќал во Фиренца во врска со недовршената работа во Палацо Векjо, а особено околу поделбата на наследството, кое останало по смртта на татко му во 1504 година. Во Милано, тој живеел како прочуен сликар. Во 1507 год., ја започнал новата верзија на Дева Марија на карпите. Во август 1508 год, Леонардо ја завршил втората верзија на Дева Марија на карпите, а истата година, тој го поднесол нацртот за споменикот Тривулцjо и, најверојатно, ја насликал Леда и лебедот. Исто така, Леонардо продолжил да се занимава со своите анатомски истражувања,особено во текот на 1510-1512, при што предмет на неговото проучување биле функциите на срцето.

Во 1511 год., умрел патронот на Леонардо - Шарл д'Амбоа, а на 23 декември 1512 година, Максимилиjан Сфорца, син на Лудовикo Сфорца, влегол во Милано и ги протерал французите. Во есента 1513 год., Леонардо го напушил градот и заминал во Рим, заедно со неговиот нов патрон Џулијано де Медичи, брат на папата Лав Х.

Во Рим

Во мај 1513 год., Џовани Медичи, синот на Лоренцо Медичи, бил прогласен за нов папа под името Лав X. Покровител на Леонардо во Рим бил Џулијано де Медичи, но веројатно работел и за благајникот на папата - Балдасаре Турини. Во текот на 1514-1515 год., во дворецот на папата, Леонардо претставил многу од своите технички експерименти, меѓу кои и планот за исушување на мочуриштето Понтини, јужно од Рим. Во март 1516 год., умрел Џулијано де Медичи и Леонардо повторно останал без покровител. Престојот на Леонардо во Рим бил поврзан со големи разочарувања, бидејќи тој бил принуден да ги остави своите анатомски истражувања, кои во тоа време давале повод за големи клевети.

Последни години во Франција

Бахус

Во зимата 1516-1517 год., прифаќајќи ја поканата на францускиот крал Франсоа І да работи како негов дворски сликар, Леонардо ја напуштил Италија и се преселил во Франција. Таму тој пристигнал како прочуен уметник, како „божествениот“ Леонардо. Во овој период, Леонардо живеел во Клоа, место во близината на кралскиот дворец во Амбоа и претежно се занимавал со научни експерименти, архитектонски дизајни и иригациони проекти. И покрај тоа што му се парализирала десната рака, тој продолжил да работи до крајот на својот живот.

На 23 април 1519 год., Леонардо го напишал својот тестамент, а на 2 мај 1519 умрел, при што, како што кажува легендата, на смртната постела го придружувал лично францускиот крал. Според сопствената волја, Леонардо бил закопан во црквата св. Флорентин во Амбоа, но подоцна, неговиот гроб бил уништен за време на хугенотските војни. Во текот на 1520-1530 год., неговиот пријател и ученик, Франческо Мелци, ги собрал ракописите што ги наследил од неговиот учител, а најпознатите ги објавил под насловот Трактат за сликањето - збирка на теоретски и практични совети за сликарите. Еден друг ученик, Џакомо Салаи, наследил голем дел од сликите на Леонардо и по неговата насилна смрт во Милано, во 1525 год., во неговата оставнина биле пронајдени едни од најпознатите дела на Леонардо: Дева Марија и малиот Исус со св. Ана, Св. Јован Крстител, Леда и лебедот, Мона Лиза, Св. Хероним и уште еден портрет. Се претпоставува дека кон 1530 год., некои од овие дела завршиле кај францускиот крал и тие денес се наоѓаат во музејот Лувр во Париз.

Надворешни врски

Наводи

  1. Frank Zollner, Leonardo, Taschen, 2010.

Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA