Евгениј Онегин
Приказ на Иљја Репин на двобојот на Онегин и Ленски | |
Автор | Александар Пушкин |
---|---|
Изворен наслов | Евгений Онегин |
Преведувач | на македонски Георги Сталев Поповски (издание 1956) на англиски Владимир Набоков |
Земја | Русија |
Јазик | руски |
Жанр | роман во стихови |
Издадена | 1825-1837 |
„Евгениј Онегин“ (руски: Евгений Онегин) — роман во стихови на Александар Пушкин. Делото претставува класика на руската книжевност, а истоимениот протагонист е модел и пример за многу руски книжевници. Романот е издаден во неколку делови помеѓу 1825 и 1832 година. Првото целосно издание било издадено во 1833 година, додека денешната општоприфатена верзија е заснована на изданието од 1837 година.
Темата во романот е младешката, идеализирана и неостварена љубов на Татјана кон Онегин и нејзиното созревање. Времето на случување се дваесеттите години од 19 век, во Петроград, во едно село и во Москва. Дејствието се одвива по хронолошки ред со паралелен развој на неколку сижејни линии. Самиот писател ја доживеал судбината на својот лик Владимир Ленски (и Пушкин починал во двобој). По истиот роман, Петар Илич Чајковски ја напишал „истоимената“ опера. Делото е преведено на неколку светски јазици и се смета за еден од најголемите светски класици.
Ликови
[уреди | уреди извор]Онегин е типичен претставник на својата генерација и позиција во руското општество од почетокот на 19 век. Во себе содржи и некои црти што ги поседува неговиот книжевен двојник, „Чајлд Харолд“. Пушкин немал намера да создаде јунак со гордо и осамено романтичарско его, туку да најде некоја „средна линија“, посакувајќи неговиот јунак да биде поблиску до обичниот човек. Онегин е образован и интелигентен, но тоа не е доволно за да постигне среќа. Тој своите духовни сили ги троши на ништо: на балови и досадување. Ни љубовта кај него нема некое повисоко место во хиерархијата на човечките вредности. Затоа е рамнодушен кога ја запознава прекрасната Татјана, бидејќи мрзоволноста веќе станала дел од неговиот духовен простор. И наместо искрено да ги насочи своите чувства кон Татјана, тој необјасниво кокетира со нејзината сестра Олга, а потоа го убива Ленски во двобој.
Ликот на Онегин го сочинуваат три основни елементи: автобиографскиот елемент во кој се огледа самиот автор, кој сепак се ограничил, нарекувајќи го Онегин свој пријател и истакнувајќи ги разликите меѓу себе и својот книжевен лик; втората компонента ја сочинуваат оние особини кои од Онегин прават типичен лик на рускиот млад човек од 19 век - трагедијата на човекот кој ја согледал бесмисленоста на својата средина која успеал да ја напушти, но никогаш не ги надминал предрасудите на средината која го воспитала. Иако заминува на село, Онегин не е способен да ја согледа огромната сила на народот кој живее пред неговите очи. Иако се одликува со високо образование, тој не е способен да се ослободи од општествените конвенции и само поради општествените конвенции го прифаќа бесмислениот двобој со Ленски, а потоа паѓа во длабоко разочарување и се препушта на скитнички живот. Неспособен во себе да ја пронајде смислата на животот, тој претрпува уште еден пораз пред општествените конвенции. Тој ги сфаќа лицемерието, бесперспективноста и незавидната улога на својата класа и му пристапува на револуционерното движење, но и таму ги среќава луѓето од својата класа кои се вртат во маѓепсаниот свет на своите класни погледи.[1]
Ленски е поларна спротивност на Онегин. Млад поет кој пишува наивно, но е со вистинско чувство во неговата потрага по вистината и љубовта кон Олга. Тој е поборник за германскиот романтизам. Според некои критичари овој лик претставува автопортрет на авторот од младоста, од неговите лицејски денови. Ленски е романтичар, со нежна психолошка градба.
Школуван на Универзитетот во Гетинген, воодушевен од Кант, Гете и Шилер, Ленски ги донел од Германија слободарските идеи кои одговараат на неговата страсна природа. Неговите зборови секогаш се со одреден напон и на моменти длеува како политички агитатор. Но, неговото воодушевување потекнува само од книгите, зашто тој немал прилика да го запознае големосветскиот живот или да стекне практично искуство. И покрај целото негово знаење, тој останал „мил незнајко“ кој го идеализира животот. По каприциозната постапка на Онегин со неговата свршеница, Ленски, кој е целосно разочаран, најпрвин ја осудува само Олга, но потоа неа ја оправдува и целата вина ја префрла на Онегин. Неговата неспособност да се соочи со стварноста се гледа и во тоа што, пред двобојот, наместо добро да се одмори, тој цела ноќ го чита Шилер и пишува стихови. Така, на двобојот излегува физички и психички неподготвен и умира неспособен да го согледа животот во неговата стварност. Во ликот на Ленски, Пушкин дал слика на оној тип поети кои биле присутни во руската книжевност на почетокот на 19 век, кои пишувале сентиментални и матни стихови, кои биле воспитани во духот на најконзервативните елементи од шилеровската романтика и кои биле целосно одвоени од реалноста поради што биле осудени на поетска смрт. Остро осудувајќи го таквото поетско творештво, Пушкин не застанува на физичката смрт на Ленски, туку покажува какво уметничко опаѓање би го чекало да не умрел во двобојот.[2]
Татјана е меланхолична, контемплативна и повлечена ќерка на провинциски сопственик. Таа има чисто, искрено срце и ја сака природата и француски љубовни романи. На Онегин отпочеток му изгледа наивна нејзината вљубеност, но ќе ја засака дури откако таа ќе стане дама. Таа и покрај тоа што не крие дека сè уште го сака Онегин, сепак го одбива, бидејќи е мажена, а за неа бракот ја подразбира верноста кон избраникот.
За разлика од Онегин и Ленски, кои веднаш се воведени во романот, Пушкин внимателно ја подготвува појавата на Татјана и во моментот кога таа се појавува за првпат, читателот посредно веќе знае многу нешта за неа, а за таа цел Пушкин употребил мноштво уметнички средства. Развојната релјефност на ликот на Татјана е прикажана преку личностите на нејзините родители. Татјана, пак, е под големо влијание на книгите што ги чита, а кои целосно одговараат на нејзината природа: љубовните романи од младоста на нејзината мајка, но и делата на Русо со нивните опасни идеи за враќањето кон природата и за искрената љубов. Токму во книгите Татјана го наоѓа оправдувањето за писмото упатено до Онегин, кршејќи ги така обичаите и правилата на пристојното однесување. Но, влијанието на книгите воопшто не дава потполна слика за Татјана, туку извонредните описи на руската природа во допир со ликот на Татјана се претвораат елементи на нејзиниот портрет и, како едно од уметничките средства на Пушкин, учествуваат во изградбата на нејзиниот лик. Но, Пушкин искористил уште едно силно уметничко средство - рускиот фолклор - народното суеверие и гатањето го осветлуваат националното чувство на Татјана. Бројните уметнички средства со кои е опишан ликот на Татјана толку многу го исполнуваат ткивото на романот, што личностите на Онегин и Ленски добиваат целосно значење дури во допирот со неа. Со својта душа, Татјана е вистинска руска девојка и нејзиниот длабок национален белег ја истакнува силната убавина и класичната едноставност на нејзиниот лик. Таа е единствениот лик во романот кој својата несреќа ја прима достоинствено и не ја губи рамнотежата заснована врз здравата подлога на рускиот народ. На тој начин, Татјана е првиот во низата прекрасни женски ликови кои ги дала руската книжевност во 19 век.[3]
Меѓу другите ликови во романот се и оние припадници на повисокиот петроградски слој, безделници, меѓу кои се губат и интелигентните луѓе, како Онегин. Исто така, Пушкин опишал и низа ликови од народот, т.е. од селанството меѓу кои се истакнува дадилката Филиповна, која одиграла пресудно влијание во воспитувањето на Татјана, а на композициски план, нејзиниот лик претставува премин меѓу главните ликови во романот и споредните ликови (Фљанов, Харликов, Зарецки итн.) чие присуство се чувствува цело време. Токму низ овие позадински ликови читателот е во состојба постојнао да го проверува својот суд за Онегин, Татјана и Ленски.[4]
Настанувањето на делото
[уреди | уреди извор]Романот во стихови „Евгениј Онегин“ Пушкин го работел цели осум години, од 1823 до 1831 година. Како се пишувани, така и се објавувани главите од романот, една по една. Првата глава е започната на југ, Кишинев, на 9 мај 1823 година, и е завршена есента, на 22 октомври истата година, а испечатена во февруари 1825 година во Петроград. Неа Пушкин ја посветил на својот брат Л.С. Пушкин. Втората и третата глава се напишани во Одеса. Всушност третата глава е таму почната, но завршена е во Михаиловско, каде што Пушкин го издржува своето второ прогонство.[5] Четвртата глава е започната во октомври 1824 година, а завршена на 31 јануари 1826 година. Петтата глава Пушкин ја започнува утредента по завршување на четвртата, а истата 1826 година ја напишал и шестата глава, која завршила со забелешката: „Крај на првиот дел“.[6]
Седмата глава е започната во Михаиловски, во август или септември 1827 година. Во неа Пушкин имал намера да ги опише патешествијата на својот главен јунак, но потоа ги вметнал во осмата глава, која ја започнал во октомври 1829 година, а ја завршил во Болдино. Деветтата глава во конечната верзија се појавува како осма, а завршена е на 25 септември 1835 година во Болдино. На крајот, Пушкин го поделил својот роман на три дела, со по три глави, со заглавие на секоја глава, и со ознаки за време и место каде настанале главите. Во првиот дел влегле главите: Досада, Поет и Госпоѓица; во вториот: Село, Именден и Двобој; во третиот: Москва, Патешествија и Високото друштво. На крајот, тој ги додал и своите белешки кон романот и кратката напомена дека романот е создаван од 9 мај 1823 година, во Кишинев, до 25 септември 1830 година, во Болдино, т.е. вкупно 7 години, 4 месеци и 17 дена.
Најпрвин, Пушкин имал намера да ја печати и деветтата глава заедно со осмата, но тоа било оневозможено од царската цензура. Всушност осмата глава содржела стихови со директни забелешки кон царскиот режим. Не само што било невозможно да се отпечатат, туку Пушкин сфатил дека е опасно да ги чува и како ракопис, па ги уништил самиот.[7] Со исфрлање на осмата глава, била нарушена композицијата на романот, па Пушкин морал да го преработува. Во текот на 1831 година, тој ја преработува деветтата глава, која сега, во конечната верзија станува осма. Тогаш Пушкин го напишал и делот: „Писмото на Онегин до Татјана“, кое во првобитната верзија го немало. Целосно со сите глави, романот „Евгениј Онегин“ е печатен во 1833 година, а второто издание излегува пред неговата смрт, во 1837 година.
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]Погледите на книжевната критика кон романот „Евгениј Онегин“ значително еволуирале со текот на времето. Почетните оцени на критиката биле негативни, а за тоа самиот Пушкин напишал: „Нашите критичари долго ме оставаа на мира. По навика, сè уште ме сметаа за многу млад човек. Колку што се сеќавам, првите неповолни статии се појавија кога излегоа четвртото и петтото пеење на Евгениј Онегин.“ Првите критичари го напаѓале романот од повеќе страни, обвинувајќи го за недоследност во цртањето на главниот јунак, за неоправданост на неговите постапки, за употребата на народните елементи во делото итн. На тие критики, Пушкин одговорил: „Читајте ги народните приказни, млади писатели, слушајте го говорот на народот, тој ќе ве научи многу нешта кои нема да ги најдете по нашите списанија.“ Според белешките на Пушкин, шестата глава на наишла на разбирање кај критиката, а и седмата глава била дочекана со остра критика и била оценета како „целосен неуспех“. Меѓутоа, Пушкиновиот роман извршил огромно влијание во редовите на руските писатели: развивајќи една идеја од романот, Гогољ ги создал своите ликови; Лермонтов го создал неговиот „Херој на нашето време“; а цела галерија ликови во руската книжевност е создадена според ликот на Онегин (Печорин на Лермонтов, Руѓин на Тургенев, Бељтов на Херцен). Подоцна, познатиот критичар Висарион Григорјевич Белински бил првиот кој изнесол висока оцена за творештвото на Пушкин и особено за „Евгениј Онегин“ кое е прифатено до ден-денес.[8]
Според Милорад Павиќ, „Евгениј Онегин“ претставува најкомплексен израз на Пушкиновото спротивставување на романтичарската форма и реалистичната содржина - постапка која е карактеристична за творештвото на Пушкин. Во него се моќно здружени националните и интернационалните книжевни концепции, реалистичната опсервација и реалистичниот речник со постапката во која е пренесено романтичарското искуство. Веројатно за комплексноста на делото придонесува и тоа што било пишувано долго време, цели осум години, во различни услови, во времето на младоста и уметничката зрелост на Пушкин, под различни книжевни и други влијанија, во различни политички прилики итн. На тој начин, делото еволуирало и се менувало заедно со неговиот автор. Така создадено, тоа предизвикало различни последици, доживеало различен прием кај читателите и кај критиката, но извршило пресудно влијание во руската книжевност. Во него, Пушкин дал уметнички пресек на руското општество во првата четвртина од 19 век, претставувајќи еден вид енциклопедија на сите општествени сталежи (од благородништвото до селанството) и на сите типични ликови (од интелектуалците до дадилките). Временски е прикажано созревањето на една генерација, а просторно е дадена цела лепеза од слики (престолнината, руското село, Крим и Кавказ). Но, романот не е само сведок на материјалниот свет од таа епоха, туку претставува огледало на воспитувањето, лектирата, политичките движења и културните стремежи, типични за тоа време.[9]
Покрај главните ликови, во романот постојано се чувствува присуството на Пишкин кој, од една страна, е учесник во дејствието, пријател на своите книжевни јунаци, а од друга страна, како независен уметник, тој стои над своите ликови, носи суд за нивните постапки и однапред ја гледа нивната судбина. Во таа улога, Пушкин се става како врска меѓу ликовите и читателот и меѓу содржината и формата на романот. Иако во делото Пушкин зборува за судбината на неговите ликови, неговото раскажување е полно со лирски дигресии кои ја сликаат личноста на авторот. На моменти, тој употребува срдечни разговори со читателот ил стилизирани игри на зборови, а другпат дава прекрасни описи на природата придружени со медитација. Сето тоа е направено со одличен поетски јазик кој станал пример за натамошниот развој на руската книжевност. Инаку, самата форма на романот поставува пред авторот многу тешки уметнички услови: романот е напишан во четиристопен јамб без одредена цезура во осум или девет слогови, во зависност дали стихот завршува со машка или женска рима. Притоа, машките и женските рими се распоредени по одредена схема со цел да се избегне монотонијата. За овој роман, Пушкин намерно создал посебен вид строфа (т.н. онегиновска строфа) од 14 стихови со следниов распоред на римите: ababccddeffegg. Женските рими се присутни во стиховите обележени со a, c и e, додека машките рими се јавуваат во останатите стихови. Во таквата форма Пушкин ставил поетски материјал кој според слободата на обликувањето и композицијата претставува нов тип на роман во руската книжевност. Во тој поглед, „Онегин“ се допира со движењата во европската книжевност примајќи го влијанието од Пушкиновата омилена лектира - делото на Бајрон.[10]
Всушност, Пушкин постојано го истакнувал бајроновскиот карактер на Онегин. Така, во предговорот на првата глава на романот, Пушкин ја нагласил сличноста на таа глава со Бајроновото дело „Бепо“. Исто така, во 1823 година, во писмото до неговиот пријател П. Вјаземски од Одеса, Пушкин напишал: „Јас сега не пишувам роман, туку роман во стихови - ѓаволска разлика. Нешто како Дон Жуан.“ Подоцна, кога му забележале за испуштените строфи во „Евгениј Онегин“, тој тој им одговорил на критичарите дека и во Бајроновиот Дон Жуан има две испуштени строфи.“ Во науката за книжевноста, сродноста меѓу Пушкиновите и Бајроновите ликови одамна е потврдена, но таа споредба воопшто не оди на штета на Пушкиновиот роман. Напротив, тоа овозможува „Евгениј Онегин“ да се оцени во контекстот на струењата во тогашната европска книжевност. Впрочем, уште на почетокот од романот, Пушкин го споредува својот јунак со Бајроновиот Чајлд Харолд. Исто така, во предговорот на последните глави од романот, осмата глава (во која Онегин патува низ Русија) Пушкин ја споредува со патешествијата на Чајлд Харолд.[11]
Изданија на македонски јазик
[уреди | уреди извор]Делото „Евгениј Онегин“ е издадено на македонски јазик повеќепати: Во 1956 година, делото го објавила издавачката куќа „Култура“, како шеста книга од првото коло на едицијата со наслов „Школска библиотека“. Препевот од руски јазик го направил Георги Сталев Поповски. Книгата има 232 страници, била отпечатена во печатницата „Гоце Делчев“ во октомври 1956 година, во тираж од 3.000 примероци. Во 1986 година, издавачката куќа „Наша книга“ го објавила романот „Евгениј Онегин“ како дел од одбраните дела на Пушкин во пет тома.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 19-20.
- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 20-22.
- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 22-24.
- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 23.
- ↑ 5,0 5,1 А. С. Пушкин, Одбрани дела во пет тома, том III. Скопје: Наша книга, 1986, стр. 209.
- ↑ А. С. Пушкин, Одбрани дела во пет тома, том III. Скопје: Наша книга, 1986, стр. 210.
- ↑ А. С. Пушкин, Одбрани дела во пет тома, том III. Скопје: Наша книга, 1986, стр. 211.
- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 28-29.
- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 17-18.
- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 24-25.
- ↑ Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 26-27.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Yevgeny Onegin The full text of the poem in Russian
- The Xth Chapter
- Eugene Onegin at lib.ru Charles Johnston's complete translation
- The Poetry Lovers' Page (a translation by Yevgeny Bonver)
- Pushkin's Poems (a translation by G. R. Ledger with more of Pushkin's poetry)
- What's Gained in Translation An article by Douglas Hofstadter on the book, which explains how he can judge the relative worth of different translations of Onegin without being able to read Russian
|
|