Капетановата ќерка
Првата страница од оригиналната верзија | |
Автор | Александар Пушкин |
---|---|
Изворен наслов | Капитанская дочка |
Земја | Русија |
Јазик | руски |
Жанр | Историска новела |
Издадена | 1836 |
Капетановата ќерка (руски: Капитанская дочка) е историски роман на рускиот писател Александар Сергеевич Пушкин. Романот бил пишуван во периодот 1833-1836,[1] а првично бил објавен во 1836 година во рамките на литературното списание „Современик“. Оваа повест претставува романизација на Крепосната војна, предводена од козакот Емелјан Пугачов (1773-1774).[2]
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од 14 глави:
- Гардискиот водник: Петар Андреич Гринов е син на пензиониран руски офицер. Кога наполнил 16 години, татко му го испратил на воена служба во Оренбург, иако тој се надевал дека ќе оди во Санкт Петербург. Кога пристигнал во Симбирск, Петар запознал еден офицер, кој најпрвин го опијанил, а потоа го убедил да играат билјард при што Петар изгубил 100 рубљи.[3][4]
- Водичот: На патот за Оренбург, кочијата на Петар била зафатена од снежна бура, но еден непознат патник му помогнал да се извлече. како знак на благодарност, Петар му го подарил на непознатиот водич својот кожув од зајачка кожа. По пристигнувањето во Оренбург, Петар се јавил кај генералот, стар пријател на татко му, кој веднаш го испратил на служба далеку во степата, во Белогорската тврдина.[4][5]
- Тврдината: Кога пристигнал во тврдината, Петар ги запознал капетанот Иван Кузмич Миронов, неговата сопруга Василиса која имала големо влијание врз одлуките на капетанот, како и нивната ќерка, Марија Ивановна (Маша). Исто така, Гринов веднаш се спријателил со офицерот Швабрин, кој таму ја издржувал казната, бидејќи претходно го убил својот противник во двобој.[6][7]
- Двобојот: По првичното разочарување, Петар постепено се навикнал на местото, а особено се зближил со Маша. Исто така, тој почнал интензивно да чита и да пишува поезија. Во една прилика, тој му прочитал на Швабрин една своја песна и кога за неа добил неповолна оцена, тие се скарале и закажале двобој, но во нивната намера биле спречени од капетанот Миронов и од неговата сопруга. Притоа, Петар дознал дека Швабрин бил свршен со Маша, но нивната врска пропаднала. Утредента, Петар и Швабрин скришум го одржале двобојот покрај реката, а поради невнимание, Петар бил сериозно ранет.[8]
- Љубов: Петар лежел пет дена без свест, а за тоа време го негувале во куќата на капетанот Миронов. Кога се освестил, тој веднаш ѝ предложил брак на Маша и со писмо побарал благослов од родителите, но наместо тоа, тој добил остар одговор од татко му. Поради тоа, Петар паднал во тешко расположение, а за својот неуспех неправедно го обвинил својот слуга Архип Савелич. Но, истовремено, неговата љубов кон Маша уште повеќе се разгорела.[9]
- Пугачовството: Есента 1773 година, одметнатиот козак Емелјан Пугачов, кој се претставувал како рускиот цар Петар III, кренал бун, безмилосно уништувајќи ги населбите и воените тврдини. Кога пристигнала веста дека војската на Пугачов е во близината и дека наскоро ќе ја нападне тврдината, капетанот одлучил да ја испрати Маша во Оренбург.[10]
- Јуришот: Меѓутоа, бунтовниците веќе пристигнале пред тврдината и Маша не успеала да се извлече. По кратка борба, бунтовниците ја зазеле тврдината и ги заробиле војниците при што веднаш го обесиле капетанот Миронов и ја убиле неговата сопруга. Меѓу бунтовниците се наоѓал и Швабрин. Во мигот кога и Петар бил ставен на бесилката, Савелич побарал милост од Пугачов, кој му го поштедил животот на Петар.[11]
- Неканетиот гостин: Петар го препознал Пугачов, кој бил неговиот водич за време на снежната бура. Исто така, Петар дознал дека Маша е жива и безбедна, скриена во домот на попот. Пугачов го поканил Петар на ручек, му кажал дека планира да го нападне Оренбург и побарал од него да му се придружи. Петар ја одбил понудата, но и покрај негативниот одговор, Пугачов го ослободил.[12]
- Разделбата: Пугачов ја напуштил тврдината и го назначил Швабрин за нејзин командант. Потресена од настаните, Маша тешко се разболела, а Петар се збогувал со неа и заминал во Оренбург.[13]
- Опсадата на градот: Петар го известил командантот на Оренбург за состојбата во Белогорската тврдина, предлагајќи да ги нападнат бунтовниците, но генералот ја одбил идејата и одлучил да го брани утврдениот град, кој набргу бил опколен. Еден ден, еден Козак му дал на Петар писмо од Маша, која го известила дека Швабрин ја затворил, присилувајќи ја да се омажи за него. Петар побарал од генералот да му даде неколку војници за да ја нападне Белогорската тврдина, но генералот го одбил барањето.[14]
- Населбата на бунтовниците: Петар и Савелич самоволно го напуштиле Оренбург, но поминувајќи крај една бунтовничка населба, биле заробени. Така, Петар повторно се соочил со Пугачов, кој уште еднаш му го поштедил животот, а откако Петар му ја кажал вистината, Пугачов заминал со него во Белогорската тврдина, решен да го казни Швабрин.[15]
- Кутрата девојка: Во тврдината ја затекнале Маша во многу тешка положба. Пугачов веднаш ја ослободил и предложил таа и Петар веднаш да се венчаат, а тој да им биде кум, но Петар ја одбил понудата. Тогаш, Пугачов им дал писмена дозвола за слободно движење и се збогувал со Петар, а тој, Савелич, Маша и нејзината слугинка Палоша ја напуштиле тврдината.[16]
- Затворот: Кога пристигнале во едно мало место, тие биле заробени од царската војска, но веднаш биел ослободени кога Петар дознал дека командант на војската е мајорот Зурин, офицерот кој го ограбил во гостилницата во Симбирск. Петар ги испратил Маша и Савелич во родниот дом, а тој останал во одредот на Зурин и заминал во поход против бунтовниците. Постепено, војската на Пугачов била победена, а тој бил заробен. Тогаш, Петар добил отсуство, но токму кога се подготвувал да замине дома, пристигнала наредба да биде затворен и одведен во Казан пред истражната комисија.[17]
- Судот: Во Казан, тој бил затворен и обвинет за предавство, а на сослушувањето како главен сведок се појавил Швабрин. Петар не сакал да ја каже целата вистина, плашејќи се да не ја вовлече Маша во случајот и затоа бил прогласен за виновен и бил затворен. Поминале неколку недели, а во меѓувреме, Маша живеела кај родителите на Петар. Еден ден, татко му на Петар добил писмо од Петроград со веста дека Петар бил прогласен за виновен, но дека смртната казна ќе му биде заменета со доживотно прогонство во Сибир. Таткото на Петар бил многу потресен од веста за предавството на неговиот син, но Маша заминала во Петроград, со намера да го спаси Петар. Таму, во паркот запознала непозната дама на која ѝ ја кажала вистинската приказна за Петар и ја замолила за помош. Набргу, Маша била повикана во царската палата и таму дознала дека дамата, всушност, била царицата Катарина II. Царицата ѝ дала на Маша писмо за татко му на Петар. Така, кон крајот на 1774 година, Петар бил ослободен, присуствувал на погубувањето на Пугачов, а набргу се оженил со Маша.[18]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]„Капетановата ќерка“ е историски роман во чија основа се наоѓа селското востание од 1773-1775 година, предводено од Пугачов, кое ја задржало актуелноста и во времето на Пушкин кој се зафатил со проучување на архивскиот материјал и мемоарската литература посветена на тие настани. Притоа, како врв на Пушкиновите истражувања била одлуката да ги посети автентичните места на кои се водело востанието и да собере непосредни впечатоци при што се сретнал со луѓе кои се сеќавале на востанието. На пример, една Козачка му раскажала многу подробности за востанието. Така настанало ова дело во кое Пушкин дава возбудлива поетска визија за селското востание и за легендарната личност на Пугачов.[19]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937.
- ↑ „Вечниот Пушкин денеска со „Дневник"“. Дневник. 22 јуни 2010. Посетено на 25 мај 2013.[мртва врска]
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 7-17.
- ↑ 4,0 4,1 „Утре „Капетановата ќерка" од Александар Сергеевич Пушкин“. Утрински Весник. 21 јуни 2010. Посетено на 25 мај 2013.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 18-30.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 31-38.
- ↑ „Капетановата ќерка“. Утрински Весник. 22 јуни 2010. Посетено на 25 мај 2013.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 39-51.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 52-61.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 62-74.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 75-85.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 86-96.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 97-103.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 104-112.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 113-126.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 127-135.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 136-144.
- ↑ А. С. Пушкин, Капетанова кћи. Београд: Издање издавачког и књижарског предузећа Геца Кон. А., 1937, стр. 145-159.
- ↑ „Поговор“, во: А. С. Пушкин, Капетановата ќерка, Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 144-145.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|
|