Милорад Павиќ
Милорад Павиќ (Белград, 15 октомври 1929 — Белград, 30 ноември 2009) бил српски поет, раскажувач, романописец, драматург, книжевен истражувач и научник, добивајќи и светски признанија.[1] Исто така, тој бил член на Српската академија на науките и уметностите[2] од 1991 година до неговата смрт.
Животопис[уреди | уреди извор]
Во периодот од 1974 до 1990 година, Павиќ работел како професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, при што, редовен професор на овој факултет станал во 1977 година, а во периодот 1977-79 бил декан. Тој бил оженет со Јасмина Михајловиќ, писателка и книжевна критичарка. Павиќ починал во Белград, на 30 ноември 2009 година, од последиците на инфаркт, а бил погребан на 3 декември во Алејата на великаните на Новите гробишта во Белград.
Творештво[уреди | уреди извор]
Павиќ бил романописец, раскажувач, поет и драмски писател. Својата книжевна кариера, Павиќ ја започнал како поет, со стихозбирките „Палимпсести“ (1967) и „Месечев камен“ (1971). Во овој период, тој ги објавил и книгите „Историја на српска книжевност во барокниот период“ (1970), „Војислав Илиќ и европска поезија“ (1971) и „Гаврил Стефановиќ Венциловиќ“ (1972). Својата есеистичка и научна работа ја продолжил и во текот на 1970-тите о 1980-тите, со книгите: „Јазичното паметење и поетскиот облик“ (1976), „Историјата, сталежот и стилот“ (1985), „Историја на српската книжевност од класицизмот и предромантизмот“ (1979) и „Раѓањето на новата српска книжевност“ (1983). Првата збирка раскази „Железна завеса“ ја објавил во 1973 година, а потоа следеле збирките раскази: „Коњите на свети Марко“ (1976), „Руски 'рт“ (1979), „Нови белградски приказни“ (1981), „Душите се капат последен пат“ (1982) и „Превртена ракавица“ (1989). Домашната и светската слава Павиќ ја стекнал со романот „Хазарски речник“ од 1984 година, по што следеле романите „Предел сликан со чај“ (1988), „Внатрешната страна на ветрот“ (1991) и „Последната љубов во Цариград“ (1994). Исто така, значајно место во творештвото на Павиќ заземаат и делата: „Шапка од рибина кожа - Љубовна приказна“ (1996), „Стаклен полжав - Приказни од Интернет“ (1998), „Кутија за пишување“ (1999), „Ѕвездена наметка“ - Астролошки водич за неупатените (2000) и „Уникат“ (2004). Покрај нив, Павиќ е автор и на книгите: „Интерактивни драми - Засекогаш и ден повеќе“, „Кревет за тројца“, „Стаклен полжав“ (2004), како и комедијата „Свадба во бањата“ (2005). Покрај тоа, тој се занимавал и со преведувачка дејност, преведувајќи ги Бајрон и Пушкин.[3]
Според зборовите на Часлав Ѓорѓевиќ, Павиќ е европски Борхес, бидејќи во своите дела, внесувајќи во нив научно и фантастично, обликува прозни форми и уметнички ветрови кои не престануваат да ги збунуваат и воодушевуваат читателите насекаде во светот.[4] До денес, делата на Павиќ се преведени во повеќе од 80 преводи во посебни книги на различни јазици во целиот свет. Од страна на експерти од Европа, САД и Бразил, Милорад Павиќ бил номиниран за Нобеловата награда за литература.
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Раде Силјан, Странски автори и дела, Матица Македонска, Скопје, 2001, стр. 490.
- ↑ Потекло на зборот - Антологија на српскиот расказ I, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2016, стр. 189.
- ↑ „Белешка о писцу“, во: Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012, стр. 121.
- ↑ Часлав Ђорђевић и Предраг Лучић, Књижевност и српски језик - приручник за ученике четвртог разреда гимназије и средњих стручних школа, Нови Сад, 2009.
|
- Српски драматурзи
- Родени во 1929 година
- Починати во 2009 година
- Југословенски писатели
- Постмодернизам
- Српски романописци
- Српски книжевни критичари
- Српски поети
- Српски раскажувачи
- Погребани во Новите гробишта (Белград)
- Академици на САНУ
- Добитници на наградата „АВНОЈ“
- Добитници на Андриќевата награда
- Српски писатели