Кутија за пишување
Кутија за пишување (српски: Кутија за писање) - краток роман на српскиот писател Милорад Павиќ од 1999 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]Книгата се состои од следниве делови:[1]
- Опис на кутијата за пишување
- Прв дел: Горната рамнина на кутијата за пишување
- Втор дел: Средната рамнина на кутијата за пишување
- Трет дел: Долната рамнина на кутијата за пишување
- Post Scriptum
Опис на кутијата за пишување
[уреди | уреди извор]Во воведниот дел, авторот опишува како ја добил кутијата за пишување: Неа ја купил кон крајот на XX век од еден келнер во Будва, по цена од илјада германски марки. Кутијата потекнувала од 19 век и служела за чување на бродскиот дневник, а кон крајот на 20 век повторно се нашла на море, но нејзиниот сопственик не се вратил назад. Нејзините димензии биле 51 х 27 х 17,5 сантиметри, а се состоела од три нивоа со вкупно 15 фиоки и прегради.[2]
Прв дел: Горната рамнина на кутијата за пишување
[уреди | уреди извор]Во поклопецот со месингено сонце се наоѓале 48 разгледници од Париз, адресирани но неиспратени, од кои може да се согледа следнава приказна: Лили отишла во продавница за крзно, придружена од нејзината сестра Ева. Таму, таа одбрала скапа бунда, а потоа се вратила во продавницата со својот љубовник, кој ја платил бундата. Откако изнајмила стан, Лили се вратила во продавницата со својот сопруг, Адам, кој повторно ја платил бундата и на тој начин Лили и продавачот заработиле многу пари. Тогаш, Лили ги напуштала сопругот и љубовникот; во една книжарница здогледала оглас што го напишало некое момче и одлучила да се сретне со него.[3]
Втор дел: Средната рамнина на кутијата за пишување
[уреди | уреди извор]Во фиоката од ореово дрво се наоѓал ракопис на српски јазик, напишан во Париз, во кој едно момче ги опишува своите доживувања: Со помош на огласот во книжарницата, тој се запознал со Лили и почнале заедно да учат, а по некое време тој ненадејно исчезнал. Лили открила каде заминал и го посетила во неговата вила, во близината на Солун, каде страсно воделе љубов. Потоа, тие се вратиле во Париз, каде Лили дипломирала на градежниот факултет, по што тој повторно исчезнал. Понатаму, во овој дел од кутијата, во комората обложена со зелена свила, се наоѓал бродски дневник, речиси празен, во кои биле опишани соништата на некој патник кој патувал со грчкиот брод „Исидор“ во 1997 година. Исто така, во комората обложена со платно се наоѓал лист со испечатена електронска пошта во кое Лили ја известува Ева дека добила писмо од нејзиниот љубовник, Тимотеј, кој војувал во Босна.[4]
Трет дел: Долната рамнина на кутијата за пишување
[уреди | уреди извор]Овој дел содржел лента од телефонска секретарка, со следниве пораки: Тимотеј се наоѓал во Босна, со својот одред при што еден војник се обидел да го убие. Тогаш, тој дезертирал и се вратил во Белград, а потоа избегал во Италија, каде се заколнал дека ќе го заборави мајчиниот јазик. Во Италија, тој работел физичка работа, а потоа возел камион и така пребегал во Франција, каде се упатил во Париз кај Лили. Во надворешната фиока на овој дел се наоѓале 53 страници од непозната книга во која Лили ја известува Ева за нејзините доживувања со Тимотеј. Таа се јавил на оглас во кој се барала професорка по гитара и тогаш повторно се сретнала со Тимотеј. Потоа, тие заминале во Котор, во неговата семејна куќа, каде се наоѓале портретите на неговата мајка Катена и нејзината сестра Анастасија. Таму, Лили ја слушнала приказната за судбината на двете жени кои живееле заедно во куќата: Додека Катена била бремена, нејзиниот сопруг започнал љубовна врска со Анастасија и сестрите закажале двобој во кој погинала Катена, а Анастасија продолжила да се грижи за Тимотеј. За време на престојот во куќата, Тимотеј ја облекол Лили во облеката на неговата тетка и таа почнала неверојатно да личи на неа. Еднаш, откако воделе љубов, на Лили наеднаш ѝ побелела косата, а таа заличила на Катена. Тогаш, Тимотеј ја продал куќата, а Лили си заминала во Париз.[5]
Post Scriptum
[уреди | уреди извор]Купувачот на кутијата за пишување повторно се сретнал со нејзиниот продавач (келнерот Ставра), во Котор. Тој му раскажал дека кутијата ја добил од сопственикот додека служел како бармен на бродот „Исидор“. Исто така, Ставра му дал 500 германски марки што му ги платила непозната жена од Франција, со молба да му ја продаде кутијата на писателот, занејќи дека тој ќе напише книга за неа.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012.
- ↑ Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012, стр. 9-11.
- ↑ Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012, стр. 13-35.
- ↑ Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012, стр. 37-66.
- ↑ Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012, стр. 67-112.
- ↑ Милорад Павић, Кутија за писање. Београд: Народна библиотека Србије, 2012, стр. 113-119.