Евгениј Онегин (опера)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Евгениј Онегин
Опера од Петар Илич Чајковски
Sobinov as Lensky.jpg
Леонид Собинов како Владимир Ленски, 1898
ИзворноЕвгений Онегин
Либрето
ЈазикРуски
СпоредРоманот во стихови Евгениј Онегин од Александар Пушкин
Премиерна изведба
Датум29 март 1879 (1879-03-29)
МестоМал театар, Москва

Евгениј Онегин (руски: Евгений Онегин), оп. 24 - опера во три чина (седум сцени), од композиторот Петар Илич Чајковски. Либретото го структурирал самиот композитор, многу прецизно следејќи одредени делови од романот во стихови на Евгениј Онегин на Александар Сергеевич Пушкин, при што задржал голем дел од неговите стихови. Константин Шиловски, пријател на Чајковски, додал стихови за Месје Трике (Monsieur Triquet) во првата сцена од вториот чин, додека самиот Чајковски го уредил текстот за ариосото на Ленски во првата сцена од првиот чин и текстот за речиси целата Арија на принцот Гремин во првата сцена од третиот чин.[1]

Евгениј Онегин е познат пример за лирска опера, на која Чајковски ѝ додал драматична музика. Приказната се занимава со себичен херој кој се кае затоа што тврдоглаво ја одбил љубовта на девојката и поради небрежното предизвикување на дуел на својот најдобар пријател.

Операта првпат била изведена во Москва во 1879 година. Има неколку снимени изведби на операта и се изведува редовно. Насловена е според главниот лик.

Историја на делото[уреди | уреди извор]

Александар Пушкин

Во мај 1877 година, оперската пејачка Јелисавета Лавровскаја разговарала со Чајковски за можноста за создавање опера заснована на романот во стих на Пушкин, Евгениј Онегин. На почетокот, судејќи според неговите мемоари, идејата на композиторот му изгледала недостижна. На Чајковски му се чинело дека романот нема доволно впечатлив заплет - богат пријател отфрла млада девојка од провинција, таа успешно прераснува во космополитска жена, тој се обидува да ја заведе, но предоцна. Силата на романот лежи во развојот на ликовите и општествениот коментар, како и убавината на книжевната изведба. Сепак, многу брзо, по непроспиената ноќ, Чајковски ја прифатил идејата. Предлогот му предизвикал возбуда и сценаријата ги напишал за само една вечер пред да почне да се занимава со компонирање музика.

Чајковски, со мала вклученост на Константин Шиловски, користел оригинални стихови од романот на Пушкин и избрал сцени кои вклучуваат прикажување на емотивниот свет и судбината на неговите херои, нарекувајќи ја операта „лирски сцени“. Операта е епизодна, нема континуирана приказна, одбрани се само важни моменти од животот на Онегин. Композиторот ја завршил операта во јануари 1878 година.

Историја на изведување[уреди | уреди извор]

Чајковски се грижел дали јавноста ќе ја прифати операта, на која ѝ недостасувале традиционални сценски промени. Тој верувал дека нејзината изведба бара целосна едноставност и искреност. Имајќи го ова на ум, тој им ја доверил првата продукција на студентите на Московскиот конзерваториум. Премиерата се одржала на 29 март 1879 година во Малиот театар во Москва, под диригентската палка на Николај Рубинштајн, со сценографија на Карл Валц.

Две години подоцна, била изведена првата изведба на операта во Бољшој театарот во Москва - 23 јануари 1881 година со Едуард Направник како диригент.

Вон Русија, првичниот прием на операта бил млак. Операта многу бавно доаѓала во европските градови, била доживувана како руски куриозитет. Првата изведба вон Русија бил на 6 декември 1888 година во Прага, под раководство на самиот Чајковски, иако пробите ги водел Адолф Чех. Операта била изведена на чешки јазик, во превод на Мари Червинкова-Ригроув.

Првата изведба во Хамбург, на 19 јануари 1892 година, била одржана под диригентската палка на Густав Малер, во присуство на композиторот. На Чајковски му аплаудирале по секоја сцена и на крајот морало да се излезе на бис. Овој успех Чајковски му го припишал на Малер, кого го опишал како „не некој просечен, туку едноставно гениј кој гори од желба да диригира“.[2]

Првата изведба во Англија била на 17 октомври 1892 година во Олимпискиот театар во Лондон под диригентската палка на Хенри Џ. Вуд. Била отпеана на англиски, во превод на Х.С. Едвардс.[3]

Виена првпат ја видела операта Евгениј Онегин на 19 ноември 1897 година, повторно под диригентската палка на Густав Малер.[4] Операта првпат била изведена во Хрватска малку порано, на 30 октомври 1897 година, во хрватски превод на Ѓуро Девиќ.[5]

Премиерата во САД била одржана на 24 март 1920 година во Метрополитен операта во Њујорк. Во таа прилика била испеана на италијански јазик.[6]

Улоги[уреди | уреди извор]

Улога Глас Московска премиера,
29 март 1879 година
(Диригент: Николај Рубинштајн )
Премиера во театарот Бољшој
23 јануари 1881 година
(Диригент: Едуард Направник)
Ларина, сопственик на имотот мецо сопран
Татјана, нејзината ќерка сопран Марија Климентова Јелена Верни
Олга, сестрата на Татјана алт Александар Левицкаја Александра Крутикова
Филипиевна, дадилка мецо сопран
Владимир Ленски тенор Михаил Медведев Дмитриј Усатов
Евгениј Онегин баритон Сергеј Гиљов Пол Коклов
принц Гремин бас Василиј Макалов Абрам Абрамов
Командант на единицата бас
Зарецки бас
Трике, Французин тенор
Гијо, слуга на Онегин екстра
Хор, статисти: селани, селанки, гости на балот, земјопоседници и нивните сопруги, офицери.

Оркестрација[уреди | уреди извор]

Извор: Истражување за Чајковски

Кратка содржина[уреди | уреди извор]

Време на одвивање: 1820-ти

Место на одвивање: Санкт Петербург и околината[7]

Прв чин[уреди | уреди извор]

Сцена 1: Селската градина на Ларинови

Ларина и дадилката Филипјевна седат во градината. Ги слушаат двете ќерки на г-ѓа Ларина, Татјана и нејзината помала сестра Олга како пеат љубовна песна. Ларина почнува да се сеќава на периодот на нејзиното додворување и венчавање. Влегува група селани и со песни и ора ја слават жетвата. Татјана и Олга гледаат. Татјана прочитала љубовен роман и е концентрирана на приказната; нејзината безгрижна сестра, пак, сака да се приклучи на жетварските веселби. Мадам Ларина ѝ кажува на Татјана дека стварниот живот е многу различен од нејзините романи. Филипјевна го најавува доаѓањето на гостите, свршеникот на Олга, Ленски, млад поет, и неговиот пријател Евгениј Онегин, кои дошле да ја посетат областа од Санкт Петербург. Двајцата се запознаваат со семејството и Ленски ги запознава со Онегин. Онегин првично бил изненаден што Ленски ја избра екстровертната Олга за своја вереница, наместо нејзината посуптилна постара сестра. Татјана веднаш чувствува силна привлечност кон Онегин. Ленски го изразува своето задоволство гледајќи ја Олга, на што таа кокетно одговара. Онегин на Татјана ѝ зборува за тоа колку му е здодевно во провинцијата и ја опишува смртта на неговиот вујко, по што го наследил неговиот имот во близина. Филипјевна забележува дека Онегин оставил длабок впечаток на Татјана.

Сцена 2: Собата на Татјана

Татјана е облечена за спиење. Немирна е, не може да заспие, ја моли дадилката Филипјевна да ѝ каже за младоста и бракот. Татјана признава дека се заљубила. Оставена сама, Татјана ги излева своите чувства во писмо до Онегин. Во него таа му пишува дека го сака и верува дека никогаш нема да почувствува такво нешто кон некој друг и го моли за разбирање и помош. Пишувањето на писмото завршува в зори. Оддалеку се слуша овчарска флејта. Филипјевна влегува во собата да ја разбуди Татјана, а таа ја убедува да го испрати внук ѝ за да му го однесе писмото на Онегин.

Сцена 3: На имотот

Слугинките берат овошје и пеат додека работат. Татјана нестрпливо го чека одговорот од Онегин. Онегин влегува да ја види Татјана и ѝ дава одговор на нејзиното писмо. Тој на убав начин објаснува дека не е човек кој лесно би се заљубил и дека не е способен за брак. Тој не е достоен за нејзината љубов и може да и понуди само братска љубов. Ја предупредува Татјана да не биде толку емотивно отворена во иднина. Повторно се слушаат гласовите на слугинките. Татјана е скршена и не може да реагира.

Втор чин[уреди | уреди извор]

Сцена 1: Сала за танц во домот на Лариновите

Се одржува бал по повод именденот на Татјана. Онегин танцува со неа. Сè повеќе го нервираат група соседи кои го озборуваат него и Татјана, а и Ленски кој го убедил да дојде на балот. Затоа решил да возврати танцувајќи и флертувајќи со Олга. Ленски е запрепастен и обземен од силна љубомора. Ја нападнал Олга, но таа мисли дека не згрешила и му вели да не биде смешен. Онегин повторно ја моли Олга за танц и таа се согласува, за „казна“ на Ленски за љубомората. Повозрасниот француски учител Месје Трике (Monsieur Triquet) пее во чест на Татјана, по што конфликтот меѓу Ленски и Онегин се засилува. Ленски се откажува од пријателството со Онегин пред собраните и го предизвикува на дуел, кој Онегин е принуден да го прифати. Татјана колабира и балот завршува во збрка.

Сцена 2: На бреговите на шумски поток, рано наутро

Ленски го чека Онегин со својот секундант Зарецки. Размислува за својот живот, стравот од смртта и љубовта кон Олга. Онегин пристигнува со својот слуга Гијо. И Ленски и Онегин тргнуваат на дуел со тешко срце, свесни за залудноста на нивното ненадејно непријателство. Но, доцна е, никој нема храброст да го спречи тој дуел. Зарецки им дава знак и Онегин го убива Ленски.

Трет чин[уреди | уреди извор]

Сцена 1: Куќа на богат благородник во Санкт Петербург

Поминаа пет години во кои Онегин патувал низ Европа. Стоејќи сам на балот, тој размислува за залудноста на својот живот и каење за смртта на Ленски. Принцот Гримин влегува со Татјана, неговата сопруга, сега величествено префинета убавица. Многу гости ја поздравуваат со голема почит. Онегин се зачуди кога ја здогледа Татјана и е длабоко импресиониран од нејзината убавина и благородно однесување. Од друга страна, Татјана е обземена од емоции кога го препознава, но се обидува да ги потисне. Гремин му кажува на Онегин за неговата голема среќа и љубов кон Татјана и повторно го спојува Онегин со неговата сопруга. Онегин, одеднаш чувствувајќи го напливот на нов живот, сфаќа дека е заљубен во Татјана. Решил да ѝ пише и да договори состанок.

Сцена 2: Соба во куќата на принцот Гремин

Татјана го добила писмото на Онегин, кое ја разгорело страста што ја чувствувала кон него како млада девојка и ја вознемирило. Влегува Онегин. Татјана се сеќава на неговите чувства во минатото и прашува зошто ѝ се додворува. Дали е тоа поради нејзината положба во општеството? Онегин негира каква било надворешна мотивација: неговата страст е реална и сеопфатна. Татјана, трогната до солзи, се навраќа на тоа колку некогаш биле блиску до среќата, но сепак го моли да си замине. Онегин ја моли да има милост. Татјана признава дека сè уште го сака Онегин, но тврди дека нивната љубов не може да се оствари, со оглед на тоа што сега е мажена и решена да му остане верна на својот сопруг, и покрај нејзините вистински чувства. Онегин ја убедува малку да попушти, но таа засекогаш се збогува со него, оставајќи го сам и очаен.

Главните арии и бројки[уреди | уреди извор]

Прв чин

Арија: „Ах, Тања, Тања“ (Олга)
Арија: „Да бев човекот определен од судбината“ (Онегин)
Арија: Писма-арии „Пушти ме да умрам, но прво. . . “(Татјана)

Втор чин

Танц: валцер
Арија: „Каде исчезнавте, о златни денови на мојата пролет? (Ленски)

Трет чин

Танц: Полонеза
Арија: „На моќта на љубовта сите луѓе ѝ се покоруваат“ „Любви все возрасты покорны“ (Гремин)
Сцена: Финале (Онегин, Татјана)

Структура[уреди | уреди извор]

Извор: Истражување за Чајковски

Вовед

Прв чин

No.1 – Дует и квартет
No.2 – Хор и танц на селаните
No.3 – Сцена и Олгината арија
No.4 – Сцена
No.5 – Сцена и квартет
No.6 – Сцена
No.6a – Аријата на Ленски
No.7 – Завршна сцена
No.8 – Вовед и сцена со дадилката
No.9 – Сцена со писмата
No.10 – Сцена и дует
No.11 – Хор на девојки
No.12 – Сцена
No.12a – Онегинова арија

Втор чин

No.13 – Меѓуигра и валцер
No.14 – Сцена и куплети на Трике
No.15 – Мазурка и сцена
No.16 – Финале
No.17 – Сцена
No.17a – Арија на Ленски
No.18 – Сцена на двобојот

Трет чин

No.19 – Полонеза
No.20 – Сцена и танц
No.20a – Арија на принцот Гремин
No.21 – Сцена
No.21a – Онегинова арија
No.22 – Завршна сцена

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Taruskin, Richard (1992). „Yevgeny Onegin“. The New Grove Dictionary of Opera. Oxford: Oxford University Press.
  2. Alexander Poznansky. Tchaikovsky: The Quest for the Inner Man (engleski). Schirmer Trade Books. стр. 570.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  3. John Allison. „5.“. Во Gary Kahn (уред.). Eugene Onegin: Pyotr Ilych Tchaikovsky, Overture Opera Guides (engleski). Richmond: Oneworld Classics. стр. 61.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  4. Mahler foundation archive (5. lipnja 2019.). „1897 Opera Vienna 19-11-1897“. mahlerfoundation.info (engleski). Посетено на 8. studenoga 2019.. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  5. Marija Barbieri (11. studenoga 2014.). „Zaljubljen sam u Tatjanu...“. klasika.hr. Архивирано од изворникот на 2020-08-09. Посетено на 8. studenoga 2019.. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)
  6. John Allison. „5.“. Во Gary Kahn (уред.). Eugene Onegin: Pyotr Ilych Tchaikovsky, Overture Opera Guides (engleski). Richmond: Oneworld Classics. стр. 61.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  7. „Yevgeny Onegin“. tchaikovsky-research.net (engleski). 15. veljače 2018. Посетено на 8. studenoga 2019.. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]