Пикова дама (опера)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Пикова дама
Опера од Петар Илич Чајковски
Tchaikovsky and the Figners 1890.jpg
Чајковски со Николај и Медеја Фигнер, кои ги отпеаа улогите на Херман и Лиза на премиерата во 1890 година
ИзворноПиковая дама
ЛибретоМодест Чајковски
ЈазикРуски
СпоредНовелата Пикова Дама од Александар Пушкин
Премиерна изведба
Датум29 март 1890 (1890-03-29)
МестоМарински театар, Санкт Петерсбург

Пикова дама (руски: Пиковая дама, француски: La Dame de Pique) — опера во три чина (седум сцени) од Петар Илич Чајковски. Руското либрето е дело на братот на композиторот Модест Чајковски, а се заснова на истоимената новела од Александар Пушкин од 1834 година, но со драматично изменет заплет. Премиерно е изведена во 1890 година во театарот Марински во Санкт Петербург, Русија. [1]

Компонирање на операта[уреди | уреди извор]

Во 1887/88 година, Иван Всеволошки директорот на Царскиот театар му понудил надомест на Чајковски за да напише опера заснована на делото од Пушкин. Откако првично го одбил ова, Чајковски сепак во 1889 прифатил. Таа година, се состанал со менаџерите на театарот за да разговараат за материјалот и да скицираат некои сцени.

Целосната партитура е комплетирана во Фиренца за само 44 дена.[1] Подоцна, работејќи со тенорот кој требало да го толкува главниот лик, Чајковски креира две верзии на аријата на Херман во седмата сцена, користејќи различни скали. Додека ја компонирал музиката, Чајковски во голема мера го променил либретото, менувајќи дел од текстот и додавајќи свои текстови за две арии.

Изведба[уреди | уреди извор]

Херман, главниот лик, пее во сите седум сцени. За ова е потребна голема вештина и издржливост од страна на изведувачот. Делот бил напишан заедно со угледниот руски тенор Николај Фигнер, кој и го извел на премиерата. Неговата сопруга Медеја Меи-Фигнер ја играла улогата на Лиза.

Чајковски учествувал во подготовката на премиерата во Санкт Петербург. Критичарите дале позитивни оцени. Успехот на премиерата бил огромен. Успехот се повторил и на премиерата во Киев дванаесет дена подоцна. Премиерата во театарот Бољшој се одржал следната година.

Санкт Петербург и светска премиера

Премиера во Киев

  • Датум : 31 декември, 1890 година [1]
  • Место :
  • Диригент : Јосиф Прибик

Премиера во Москва

  • Датум : 4 ноември 1891 година [2]
  • Место : Бољшој театар
  • Диригент : Иполит Алтани
  • Сценски дизајнери : Карл Валц, Лебедев
  • Балетски мајстор : Мариус Петипа, Лев Иванов

Улоги[уреди | уреди извор]

Улога Вид глас
Херман Тенор
Лиза Сопран
Грофица Мецосопран
Томски Баритон
Јелецки Баритон
Сурин Бас
Полина алт

Синопсис[уреди | уреди извор]

Време : Крајот на 18 век

Место : Санкт Петербург, Русија

Чин 1[уреди | уреди извор]

Сцена 1

За време на владеењето на Катерина Велика (1762–96), додека деца си играат во летна градина во Санкт Петербург влегуваат двајца офицери - Цурин и Чекалински - и првиот се жали на неговиот баксуз во коцкањето. Забележуваат дека еден офицер, Херман, постојано доаѓал, но никогаш не се обложувал затоа што бил штедлив. Се појавува Херман заедно со Томски, и Херман признава дека е заљубен во една девојка, но не знае како се вика. Кога Јелецки (офицер), влегува во паркот, Чекалински му ја честита неодамнешната свршувачка. Јелецки ја покажува својата свршеница, Лиза, која тогаш се појавува заедно со баба ѝ, старата грофица. Гледајќи го Херман, двете жени сфаќаат дека го виделе порано, а тој зјапа во нив. Херман дознава дека неговата љубов се вика Лиза. Откако ќе заминат Јелецки и жените, Херман потонува во мисли додека другите офицери разговараат за грофицата: позната како пикова дама и поради нејзината убавина и како московска Венера. Во младоста успешно се коцкала користејќи ја добитната формула на грофот Сен Жермен. Томски вели дека само двајца мажи, нејзиниот сопруг, а подоцна и нејзиниот млад љубовник, ја научиле тајната на играње три посебни карти, бидејќи од привидение била предупредена да се чува од „третиот додворувач“ кој ќе ја убие обидувајќи се да ја дознае тајната. Мислејќи на добитната низа од три карти, другите тивко наведуваат дека така Херман може да победи без да ризикува пари. Исплашени од бурата што надоаѓа, сите заминуваат освен Херман, кој се заколнува дека ќе ја научи тајната на грофицата.

Сцена 2

Дома, Лиза свири на пијанино, и заедно со нејзината пријателка Полина пеат дует за вечерта на село. Во собата има и други пријатели кои по веселбата си заминуваат. Лиза ѝ вика на слугинката Маша да не ги затвора прозорците на балконот. Сама, Лиза ја искажува несреќа од свршувачката; дека ја возбудил романтичниот поглед на младиот човек во паркот. Ќе се запрепасти кога Херман ќе се појави на балконот. Тој вика дека ќе се убие затоа што таа е свршена за друг, и ја моли да се смилува. Кога грофицата ќе тропне на вратата, Лиза го крие Херман и ѝ ја отвора вратата. Таа ѝ вели на Лиза да ги затвори прозорците и да си легне. Откако старицата ќе излезе од собата, Лиза бара од Херман да си замине, но чувствата ја совладуваат и таа паѓа во неговата прегратка.

Чин 2[уреди | уреди извор]

Сцена 1

На маскенбал, другарите на Херман ја коментираат неговата опсесија со тајната на добитните карти. Поминуваат Јелецки и Лиза, ја забележува нејзината тага и ја уверува во неговата љубов (арија:"Те сакам"). Херман добива белешка од Лиза, за да се сретнат подоцна. Цурин и Чекалински се прикрадуваат зад него, мрморејќи дека тој е „третиот додворувач“ кој ќе ја дознае тајната на грофицата. Лиза на Херман му дава клуч од собата на баба ѝ, и му кажува дека таа нема да е таму утредента, но Херман инсистира да појде баш таа вечер и заминува.

Сцена 2

Херман се прикрадува во спалната на грофицата. Исплашено гледа во нејзиниот портрет од младоста и чувствува како некоја тајна сила го поврзува со неа: „еден од нив ќе умре заради другиот“. Потоа ја слуша грофицата како доаѓа, па се крие. Грофицата се сеќава на својата младост, кога пеела во ВерсајJe crains de lui parler la nuit " („Се плашам да разговарам со него навечер“), пред самата Помпадур; заспива на столчето. Додека спие, Херман стои пред неа. Таа се буди ужасната додека тој ја моли да му ја каже тајната. Но таа, занемена од страв, останува стаписана. Во очај, ѝ се заканува со пиштол, од што жената умира од страв. Пророштвото се исполни, но Херман не ја дозна тајната. Влегува Лиза, го наоѓа Херман во состојба на лудило; сфаќа дека љубовникот на кого му го подарила срцето е позаинтересиран за тајната на грофицата. Му наредува да излезе и паѓа липајќи.

Чин 3[уреди | уреди извор]

Сцена 1

Во својата соба во касарната, додека зимскиот ветер завива, Херман чита писмо од Лиза, која сака да се сретнат на полноќ покрај реката. Се навраќа во минатото на погребот на старата грофица. Се слуша тропање на прозорецот. Свеќата се гасне. Исплашениот Херман го гледа духот на старицата, и ги слуша нејзините зборови: „Дојдов против своја волја. Но наредено ми е да го исполнам твоето барање. Спаси ја Лиза, ожени се со неа, и три карти ќе победат во серија. Запомни! Тројка! Седум! Ас!„“ Зашеметен, Херман ги повторува трите карти што му ги кажа - „три, седум, ас“.

Сцена 2

Лиза го чека Херман кај зимскиот канал; се ближи полноќ. Чувствува како ја јаде сомнеж. Кога часовникот отчукува полноќ, Лиза губи секаква надеж. Се појавува Херман, на почеток повторувајќи ги зборовите на љубов кон Лиза, но е веќе запоседнат од друга идеја. Лиза е убедена дека Херман е виновникот за смртта на грофицата. Но Херман го зафаќа лудило, веќе не ја препознава Лиза, мислите му се само во коцкарницата. Излегува набрзина. Сфаќајќи дека сѐ е загубено, таа се самоубива.

Сцена 3

Во коцкарница, играчите се забавуваат на масата. Јелецки, кој не се коцкал претходно, се приклучува бидејќи неговата свршувачка пропаднала: (Арија „несреќен во љубовта, среќен во картите“). Томски ги забавува другите со песна. На сред игра сите се изненадени кога ќе се појави Херман, целиот здивен и расеан. Херман почнува да се коцка со огромен влог од 40.000 рубли. Се обложува на тројката и победува. Следно се обложува на седумката и повторно победува. После ова зема чаша за вино и изјавува дека животот е само игра. Јелецки го прифаќа предизвикот да се обложи на следната рунда. Херман се обложува во сѐ што има на асот, но кога ќе ја покаже својата карта се гледа дека во раката држи пикова дама. Херман на картата го здогледува духот на грофицата како му се смее во одмазда. Херман се застрелува. Сликата на убавата лиза му се јавува во главата: „Убавице! божице! ангелу!“ Со овие зборови Херман умира.

Главни арии и нумери[уреди | уреди извор]

Чин 1
Арија : "Не ѝ го знам името" «Я имени её не знаю» (Херман)
Арија : "Еднаш во Версај (Три карти)" «Однажды в Версале (Три Карты)» (Томски)
Романтика : „Мили другарки“ «Подруги милые» (Полина)
Ариозо : "Од каде се солзиве" «Откуда эти слёзы» (Лиза)
Арија : „Прости, небесно суштество“ «Прости, небесное созданье» (Херман)
Чин 2
Арија : „Ве сакам“ «Я вас люблю» (Јелецки)
Арија : "Се плашам да разговарам со него ноќе «Je crains de lui parler la nuit"» (на француски) (грофица)
Чин 3
Ариозо : „Исцрпена сум од тага“ „Ax, истомилась я горем » (Лиза)
Песна : "Ако убавите девојки" «Если б милые девицы» (Томски)
Арија : „Што е нашиот живот? Игра!" «Что наша жизнь? Игра! » (Херман)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Poznansky 1999
  2. Poznansky 1999.