Сказна за златното петле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Царот Дадон

„Сказна за златното петле“ (руски: Сказка о золотом петушке) — бајка во стихови на Александар Пушкин од 1834 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во некоја земја живеел царот Дадон кој во младоста постојано војувал со соседите. Во староста, тој се смирил, но тогаш неговите непријатели почнале да го напаѓаат од сите страни така што тој бил принуден да одржува голема војска за да ја одбрани земјата. Бидејќи му здодеале постојаните војни, царот побарал совет од еден мудрец, а тој му подарил златен петел кој постојано стражарел и навреме го предупредувал царот за сите опасности. Царот Дадон му ветил на мудрецот дека ќе му даде богат подарок. Така, во царството се живеело мирно две години, но еднаш петелот прогласил узбуна. Тогаш, царот го испратил својот постар син на исток, а една недела по заминувањето на војската немало никаков глас од неа. петелот повторно повикал на узбуна и царот испратил втора војска, предводена од помалиот син, но ниту таа не се вратила. Кога петелот се огласил по третпат, царот тргнал со трета војска. По осум дена, тој пристигнал до еден свилен шатор во кој ги видел мртви неговите двајца сина. Царот почнал да ги оплакува, но тогаш во шаторот се појавила преубава девојка и тој веднаш се вљубил во неа и ги заборавил синовите. Откако поминал една недела во шаторот со девојката, царот Дадон се вратил дома, а таму го пречекал сиот народ, воодушевувајќи ѝ се на убавицата. Меѓу толпата се наоѓал и мудрецот, кој од царот го побарал ветениот подарок за златниот петел - да му ја даде девојката на еден ден. Царот се разлутил на таквата желба на мудрецот, го удрил по главата и го убил. Тогаш долетал петелот, со клунот го удрил царот по главата и тој умрел, а девојката веднаш исчезнала.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. А. С. Пушкин, Рибарот и рипката и други сказни, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 57-68.