Руско-турска војна (1877-1878)
| ||||||||||||||||||||||
|
Руско-турската војна (1877-1878) — десетта по ред војна меѓу Русија и Отоманското Царство. На страната на Русија делумно учествуваат Финска, Романија, како и доброволци од Македонија[1][2][3][4][5], Бугарија[6], Грузија и Ерменија. Кон крајот на војната се вклучува и Србија.
Причини за војната
[уреди | уреди извор]Во летото 1875 во Босна и Херцеговина започнува востание против Отоманското Царство предизвикано од преголемите даноци наложени од корумпираната администрација. Заради некои даночни оптоварувања, востанието продолжува до крајот на годината, а малку подоцна започнува и Априлското востание во Бугарија. Напредувањето на Босна и поттикот на Русија ги тера Србија и Црна Гора да и објават војна на Отоманското Царство.
Во август Отоманската армија им нанесува пораз на српските сили, што е најлошо сценаријо за русите и австроунгарците, кои не ќе можат да претеднираат за никакви отомански територии. Од друга пак страна крвавото задушување на Априлското востание предизвикува широк одзвук во цела Европа. Како резултат на тоа организирана е Цариградска конференција на која Големите сили и наложуваат на Отоманското Царство две автономни бугарски провинцији во нејзините рамки.
Конференцијата е прекината од отоманскиот министер за внатрешни работи, кој ги известува делегатите дека Отоманското Царство примила нов устав, кој им ги гарантира правата и слободите на сите етнички малцинства исти како и на сите други отомански граѓани. И покрај тоа Русија е непријателски настроена кон Отоманското Царство, објавувајќи дека уставот е решение само за краток рок.
За време на дипломатските преговори, во јануари 1877 Русите ја убедуваат Австроунгарија да учествува во идните воени дејствија во замена за австроунгарска окупација на Босна и Херцеговина по војната. Останатите Големи сили се блокирани од силната општествена поткрепа во цела Европа за независност на Бугарија, поради сомненијата во способностите на руската армија, како и од внатрешните проблеми. Во април е постигнат договор со Романија за преминување на руските војски низ нејзина територија. Во договорот е вклучено и присоединувањето на Јужна Бесарабија кон Русија (која беше во руска власт од 1812 до 1856) во замена за присоединување на Јужна Добруџа кон Романија по војната.
Текот на војната
[уреди | уреди извор]Почетна фаза: Преминот на Дунав и првите успеси (април - јули 1877)
[уреди | уреди извор]
Во јуни 1877 година, руските сили под команда на генералите Михаил Скобелев, Јосиф Гурко и Николај Криденер започнале со преминување на реката Дунав, главната природна бариера меѓу Романија и османлиските територии. Преминот бил извршен кај Свиштов на 27 јуни, каде што руските сили успеале да воспостават мостобран. Романија, иако номинално под османлиска власт, се приклучила на руската страна и обезбедила поддршка.
На 16 јули, руските сили го зазеле градот Никопол, важен османлиски гарнизон на Дунав. Ова им овозможило да воспостават контрола над северна Бугарија.
Руските сили биле поделени во три групи:
- Западен одред: Предводен од Криденер, имал задача да го заземе Плевен, клучна османлиска тврдина.
- Централен одред: Под команда на Гурко, напредувал кон Шипченскиот превој, важен планински премин во Стара Планина, кој го контролирал патот кон јужна Бугарија.
- Источен одред: Операции во Добруџа и околу Русе.
На 20 јули Османлиските сили под команда на Осман-паша, кој бил искусен воен стратег, успеале да го одбранат Плевен од првиот руски напад. Оваа битка покажала дека османлиската одбрана е посилна од очекуваното, а Плевен станал централна точка на војната.
Генерал Гурко успеал да го заземе Шипченскиот превој, што било клучно за руското напредување кон југ. Овој превој станал место на една од најепските битки во војната.
Опсадата на Плевен (јули - декември 1877)
[уреди | уреди извор]
Плевен, под команда на Осман-паша, станал главен фокус на војната. Османлиите го зајакнале градот со утврдувања, а руските сили се соочиле со тешкотии поради лошата координација и недостигот на артилерија. Руските напади биле неуспешни, со големи загуби. Османлиите, добро утврдени, успеале да ги одбијат нападите. Овие неуспеси го принудиле рускиот цар Александар II да побара засилувања од Романија. Романските сили под команда на принцот Карол I се вклучиле во опсадата. Руските и романските сили заедно започнале целосна блокада на Плевен, спречувајќи снабдување на османлиската армија.
Додека Плевен бил под опсада, Османлиите под команда на Сулејман-паша се обиделе да го вратат Шипченскиот превој. Од 21 до 26 август се водела жестока битка, во која руските и бугарските доброволци (ополченци) под команда на генералот Николај Столетов херојски го одбраниле превојот. Оваа битка била пресудна за задржување на руската позиција во Стара Планина.
На 10 декември 1877 Плевен паднал. По неколкумесечна опсада, Осман-паша се обидел да се пробие од блокадата, но бил поразен. На 10 декември, тој се предал со својата армија. Падот на Плевен бил пресвртница во војната, овозможувајќи им на Русите да продолжат со офанзива кон југ.
Зимската офанзива и напредување кон Цариград (декември 1877 - јануари 1878)
[уреди | уреди извор]
По падот на Плевен, руските сили под команда на Гурко започнале зимска офанзива преку Стара Планина, и покрај тешките временски услови. Во јануари 1878 година, тие ја поразиле османлиската армија во битката кај Шејново (9 јануари), каде била заробена голема османлиска армија под команда на Весел-паша.
Во овој период кон конфликтот се вклучила и Србија која имала сила од околу 55,000 војници и водела битки кај Ниш, Пирот, Софија и Видин. Црна Гора исто така водела успешни операции, заземајќи територии во Херцеговина и околу Подгорица.
На 4 јануари 1878 година, руските сили влегле во Софија, што било голем симболичен и стратешки успех. Од 15 до 17 јануари 1878 година, руските сили под команда на Гурко ја поразиле османлиската армија кај Пловдив. Ова им овозможило да напредуваат кон Одрин (Едрене).
До крајот на јануари 1878 година, руските сили стигнале до Сан Стефано (денешно предградие на Истанбул), на само неколку километри од Цариград. Османлиите биле во паника, а Цариград бил под закана.
Борбите на Кавказот
[уреди | уреди извор]
Превземањето на Ардахан на 17 мај 1877 довело до османско повлекување и прекин на врските меѓу Карс и Батум, давајќи им предност на Русите. Обсадата на Бајазит на 10 јули 1877 покажала руска отпорност, забавувајќи го османското напредување, а битката кај Игдир на 18 август дополнително ги ослабила Османлиите. Клучните битки кај Авлиар-Алаџак од 13 до 15 октомври 1877 биле пресвртни, каде руските сили, со 56.000 војници и 220 топови, ја поразиле османската армија на Мухтар-паша, нанесувајќи им загуби од околу 20.000 луѓе наспроти 1.500 руски. Втората опсада на Карс, предводена од генерал Иван Лазарев, го спречила османското напредување кон Ерзурум, ослабувајќи ја нивната одбрана. Кавказкиот фронт го врзал османскиот воен потенцијал, олеснувајќи го руското напредување на Балканот.
Крајот на војната
[уреди | уреди извор]
Во почетокот на 1878 година, руската армија се приближила на само 20 километри од османлиската престолнина Истанбул. Велика Британија ја испратила во Мраморно Море својата воена флота за да ги принуди руските сили да се повлечат. Така под притисок на Големите сили и по претрпување на големи загуби (66,000 убиени и 140,000 ранети), двете империи склучиле примирје во Едрене со кое биле прекратени воените дејствија. Пред да навлезат руските војски во Едрене, градот бил евакуиран за муслиманското население кое започнало во паника да бега, а императорската палата која била изградена во времето на Мурат II била целосно изгорена. Ова примирје било валидно до потпишувањето на Санстефанскиот договор. Според тоа, била определена демаркациска линија меѓу двете армии, а османлиските сили се повлекле од Видин, Белоградчик, Русе и Силистра додека руските војски влегле во Бургас.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ A short Bulgarian History by Hr. Gandev, (edited by the Bureau of Popular Culture, Sofia 1947, p 113
- ↑ Periodicesko Spisanie, XVIII 1885
- ↑ Јован Раич “Историја на разни словенски народи”,Санкт Петербург, 1795
- ↑ Известија на Санктпетерсбуршкото словенско благотворно друштво 1887 г. No 11-12 и 1888 г.
- ↑ Меѓу кои и Ѓорѓија Пулески со своја чета
- ↑ С. Кисьов. „Българското опълчение в Освободителната руско-турска война 1877–1878 г.“
|